И Скопје и Атина демантираат дека во ООН се подготвува анекс на Договорот од Преспа


Скопје, 6 декември, 2018 - 20:03 (META) 

И во Скопје и во Атина и официјално се демнатира дека, како што шпекулираа грчките медиуми, „грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе побара ООН да одобри дополнителен протокол кој ќе го допрецизира Преспанскиот договор во смисла дека ќе дава многу ограничен простор за наведувањата на јазикот и нацијата“.

Според портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, станува збор за „лажна вест на грчките медиуми“, која во меѓувреме ја демантирала и владата во Атина.

Бошњаковски вели дека во тоа што го тврдат грчките медиуми нема вистина, односно дека не е точно дека сега „Грција се обидува да ги „минимизира штетите“, наводно со дополнителен протокол кој би се усвоил во ООН“.

Пишувањата на грчките медиуми доаѓаат по изјавите на премиерот Зоран Заев во Собранието за учењето на македонскиот јазик во Грција, за неговата употреба, и за „Егејска Македонија“.

Како што пишуваше атинска „ИЕфимерида“ сега, кога веќе владата во Атина станала свесна дека терминот „македонски јазик“ останува во употреба кај северниот сосед, се обидува да најде начин како да одговори и да ги „минимизира штетите“, наводно со дополнителен протокол кој би се усвоил во ООН.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос веќе побара од Генералниот секретар на НАТО да се спротивстави на интерпретациите на Преспанскиот договор во Македонија за да се оневозможи признавање „македонски народ“ и да се потенцира дека јазикот во грчката северна сосетка е словенски.

Според медиумите, Грција ги информирала и САД дека Преспанскиот договор нема да биде ратификуван во грчкиот парламент без такви гаранции.


Грција ќе бара од ООН дополнителен анекс на Преспанскиот договор за македонскиот јазик


Атина, 6 декември, 2018 - 12:00 (META) 

По големата бура што во Грција ја предизвикаа изјавите во Собранието на премиерот Зоран Заев за учењето на македонскиот јазик во Грција, за неговата употреба, за „Егејска Македонија“, според грчките медиуми, Атина ќе ја префрли битката на меѓународно тло.

Како што пишува атинска „Ифимерида“  сега кога веќе владата во Атина станала свесна дека терминот „македонски јазик“ останува во употреба кај северниот сосед, се обидува да најде начин како да одговори и да ги „минимизира штетите“, наводно со дополнителен протокол кој би се усвоил во ООН.

Како што објаснува весникот „Естиа“, грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе побара ООН да одобри дополнителен протокол кој ќе го допрецизира Преспанскиот договор во смисла дека ќе дава многу ограничен простор за наведувањата на јазикот и нацијата.

Според весникот, протоколот ќе биде амандман на Договорот од Преспа, односно ќе стане негов интегрален дел.

Според пишувањата на грчките весници, за подготовката на овој амандман бил ангажиран Евангелос Калпадакис, советник на грчкиот премиер.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос веќе побара од Генералниот секретар на НАТО да се спротивстави на интерпретациите на Преспанскиот договор во Македонија за да се оневозможи признавање „македонски народ“ и да се потенцира дека јазикот во грчката северна сосетка е словенски.

Според медиумите, Грција ги информирала и САД дека Преспанскиот договор нема да биде ратификуван во грчкиот парламент без такви гаранции.


Нимиц: Уште нема решение за името, но проблемите се дефинирани и стеснети


Њујорк, 25 мај, 2018 - 20:22 (META) 

Се уште немаме конечно решение, но двете страни се решени да направат доволно за да постигнат договор и работат напорно, рече медијаторот Метју Нимиц по дводневните средби во Њујорк со преговарачите Димитров и Коѕијас.

– Со министерот Димитров и со министерот Коѕијас имавме многу сериозни разговори за името. Проблемите се јасно дефинирани и стеснети. Се уште немаме конечно решение, но двете страни се решени да направат доволно за да постигнат договор и работат напорно. Двајцата министри ќе одат во Брисел и ќе го продолжат дијалогот таму. Разговорите се значајно интензивирани и двете страни имаат цврсти позиции и национални интереси, но се свесни за важноста на постигнувањето на договор и одлучни се да го направат тоа – рече Нимиц.

Според грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој денеска беше во Солун, одредница пред името Македонија ќе биде голема победа за Грција.


Нимиц денеска на средби во Атина, ОН сметаат на можно решение на проблемот со името


Атина, 30 јануари, 2018 - 9:53 (META) 

Обединетите нации (ОН) сметаат дека може да биде постигнат напредок во решавањето на 25-годишниот спор помеѓу Грција и Македонија за името, ако има компромис кај раководствaта и народите на двете земји, изјави заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак.

Хак додал дека ОН целосно ја дели оценката на медијаторот дека е создаден позитивен импулс во релациите меѓу двете земји и оти е можно решение на проблемот со името.

Инаку, специјалниот претставник на ОН во разговорите помеѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц денеска во Атина ќе има средби со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас и со одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.

По посетата на Атина, Нимиц утре и задутре доаѓа во Македонија на средби со државниот врв.


Во септември странците ќе завршат со процената за штетата од поплавите


Скопје, 23 август, 2016 - 13:53 (META) 

Процената што треба да ја направи тимот на Европска Унија, Обединети нации и на Светска банка за штетите од катастрофалните поплави што се случија на почетокот на месецов, ќе биде завршена на крајот на септември, се вели во заедничката изјава на ЕУ, ООН и на Светска банка.

Стратегијата за обнова треба да ги идентификува приоритетите и да даде детална процена на трошоците, обезбедувајќи рамка за донаторска поддршка.

„Анализата на тимот ќе се заснова врз принципите на одржливиот развој. Тоа вклучува обнова и подобрување на оштетената инфраструктура заради зајакнување на нејзината отпорност и зголемување на нејзината улога во спречувањето на вакви слични катастрофи во иднина“, пишува во изјавата.

Постојаниот координатор на ООН во земјата, Луиза Винтон, вели дека помошта треба да се осврне на недостатоците во инфраструктурата за заштита, како што се одводните канали и системи.

„Треба да се смени однесувањето на населението, да се спречи депонирањето отпаден материјал во одводните канали и коритата и да не се градат објекти во делови каде постои висок ризик од поплави. Ова значи и воспоставување системи за рано предупредување кои можат да алармираат брзо за опасност од поплави од пороен дожд“, смета Винтон.

Според директорот на Светска банка, Марко Мантованели, итното преземање на активности за намалување на постојниот ризик од природни непогоди, избегнувањето креирање на нови фактори на ризик и поефикасната реакција на катастрофи се неопходни за да се минимизираат последиците од овие настани врз населението и врз економијата во иднина.

Мартин Клауке, раководител за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, смета дека во ваква ситуација треба да се согледа и коренот на причините за поплавите.


Прифатена кандидатурата на Керим за генерален секретар на ООН


Скопје, 17 јануари, 2016 - 16:51 (META) 

Кандидатурата на Срѓан Керим за генерален секретар на ООН е официјално прифатена.

Со заедничко писмо, претседателот на 70. заседание со генералното собрание, Могенс Лукетофт, и постојаниот претставник на Соединетите Американски Држави во ООН, амбасадорката Саманта Пауер, претседател на Советот за безбедност за декември 2015 година, ги известиле сите земји-членки на ООН за поднесената кандидатура на Керим.

Во периодот за избор на генерален секретар на ООН од јануари до јули 2016 година д-р Керим ќе оствари средби со постојаните членки Русија, Кина, САД, Велика Британија и Франција и со 10 непостојани членки на Советот за безбедност, како и со голем број други членки на ООН.


Груевски имаше обраќање на Самитот за одржлив развој на Обединетите нации


Њујорк, 28 септември, 2015 - 12:23 (META) 

Премиерот Никола Груевски, вчера, во Њујорк, САД, се обрати на Самитот за одржлив развој на Обединетите нации.

Во своето обраќање, тој ја поздрави и ја поддржа универзалната агенда за намалување на сиромаштијата и за подобрување на благосостојбата на граѓаните, преточена во документот Трансформирање на нашиот свет: Агенда за одржлив развој 2030. Посочи дека целите за одржлив развој треба да се постигнат со здружени сили, во партнерство на глобално, регионално, национално и на локално ниво.

– Централно-европската иницијатива со која претседава Република Македонија сака да биде активно вклучена во спроведувањето на постразвојната агенда 2015, а земјите-членки ја искажуваат својата подготвеност за конкретен регионален придонес, за преносот на знаења и за размена на најдобрите практики во различни иницијативи за одржлив развој, градење капацитети на јавните институции и подигнувањето на свеста – истакна Груевски.

Груевски посочи дека Република Македонија активно придонесува кон заедничките цели и дека по Конференцијата за одржлив развој во Рио де Женеиро се интегрираат принципите за одржлив развој во нашите национални политики.

– Основавме Национален совет и ја усвоивме Националната стратегија за одржлив развој. Во јули подготвивме преглед за напредокот во спроведувањето на Стратегијата, што беше претставена пред Одделот за економски и социјални работи и пред Одделот за одржлив развој на ОН. Следен чекор е да се вклучат целите за одржлив развој во нашите стратегиски документи, вклучително и во Акцискиот план за одржлив развој. Очекуваме да добиеме поддршка преку новата УНДАФ – Рамка за развој на помош при ОН 2016-2020, што се подготвува во консултации со сите релевантни страни – рече Груевски.

Премиерот се задржа и на активните политики и мерки што се спроведуваат за поддршка на младите и за достигнување родова еднаквост.

– За младите, буџетот за образование изнесува пет-шест проценти од БДП, на ниво на земјите од ОЕЦД. Воведени се наставни програми „Кембриџ“ за математика и за природни науки, изучувањето англиски јазик се применува од прво одделение, а втор странски јазик – од шесто одделение. Обезбеден е компјутер за секое дете во основните и во средните училишта. Се бориме за елиминирање на сите форми на насилство против жените и девојките, особено за запирање на трговијата со бели робје за што добиваме највисоки оцени од релевантни меѓународни институции, економскиот статус на жените го унапредуваме преку посебните програми и финансирања, поволности за вработувања на самохраните мајки, продолжување на породилното отсуство и посебните заштити на вработените мајки, како и промовирањето на зголемено учество на жените во политичкиот живот – заклучи Груевски.


Владата го номинираше д-р Срѓан Керим за Генерален секретар на ООН


Скопје, 17 септември, 2015 - 14:05 (META) 

Д-р Срѓан Керим, поранешен министер за надворешни работи на Република Македонија, Владата на Република Македонија одлучи да го номинира за генерален секретар на Организацијата на обединетите нации, информираат од Владата.

Источноевропската група во ООН, на која припаѓа ѝ Република Македонија, во ноември 2014 година зазeде заеднички став дека следниот генерален секретар на ООН, врз основа на системот на ротација, би требало да биде избран од нејзините редови.

„Како резултат на дипломатски консултации и високите оцени за неговото меѓународно искуство, познавање на глобалните светски процеси и на квалификациите, а особено широкото признание меѓу земјите-членки за претседавањето со Генералното собрание на ООН, Владата на Република Македонија оцени дека д-р Срѓан Керим е личност што ги исполнува неопходните услови и критериуми да биде кандидат за функцијата генерален секретар на ООН“, се вели во соопштението.


Денеска е Светски ден на детето


Скопје, 20 ноември, 2014 - 12:55 (META) 

Денот на детето се слави секој 20 ноември , а Светската организација за подобро детство ги потсетува државите, невладините организации и институциите дека сè уште постојат деца кои живеат во лоши услови кои имаат влијание врз нивниот раст и развој во животот.

Целта на одбележувањето на Светскиот ден на детето е да се сврти вниманието на широката јавност на сите обврски кои општеството ги има кон децата, како и најважните проблеми со кои децата се соочуваат.

На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето и на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето.

Од 1990 година, како универзален ден на детето се одбележува денот кога Генералното собрание на ОН ги усвои Конвенцијата за правата на децата и Декларацијата за правата на детето.