Албанија почна со остварување на заканите против онлајн медиумите


Тирана, 15 октомври, 2018 - 17:01 (META) 

Агенцијата за електронски и поштенски комуникации на Албанија (АКЕП) вчера им даде рок од три дена на вработените во 44 онлајн медиуми да извадат даночен број и да го објават на веб-страницата, што предизвика нов бран остри реакции од новинарската фела за притисок на власта врз медиумите. Наведените онлајн-медиуми се во најголем дел критичари на власта.

Голем дел од замерките дека станува збор за политичка пресметка содржат и обвинување тврдат дека новиот потег на регулаторната агенција е незаконски, и покрај тврдењето во известувањето од АКЕП дека тоа е „во согласност со законските и регулаторните рамки“.

Заострувањето го најави албанскиот премиер Еди Рама во средата, кога преку својот Твитер-профил порача дека „порталите“ треба да се „легализираат“ преку регистрација кај даночните власти, како дел од акцијата против „клеветата“. Рама рече дека сака да постигне „урбанизација на онлајн-џунглата“. Во друг твит тој порача дека сите портали ќе добијат тужби ако објавуваат лажни вести и парите што ќе треба да ги платат ќе се наменуваат за детски градинки.

На списокот на „повиканите“ е и „Reporter.al“, албанскиот партнер на БИРН, кој редовно објавуваше истражувачки стории за владина корупција. Наведен е и „Exit.al“, еден од опозициските портали, кој често пишува не само против владата, туку и против меѓународните организации  присутни во Албанија.


Новинарските организации дефинираа критериуми за онлајн медиумите


Скопје, 10 октомври, 2018 - 13:42 (META) 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ), усогласија минимум критериуми што ќе помогнат во заштита и промоција на професионалното новинарство во онлајн медиумите.

„ЗНМ, ССНМ и СЕММ сметаат дека онлајн медиумите треба да ги почитуваат начелата и принципите на новинарската професија, како што се транспарентна сопственост; објавување на импресум, контакт и адреса на медиумот; прифаќање и почитување на Кодексот на новинарите, како и регистрација на правен субјект во Македонија“, порачаа организаците.

Тие бараат од Владата и јавните институции да ги почитуваат овие критериуми при издавање на акредитација на новинарите од онлајн медиумите.

„Ги повикуваме рекламерите на општествена одговорност и да се воздржат од објавување на реклами во онлајн медиумите кои не ги исполнуваат овие критериуми. Ако Владата и рекламерите не ги почитуваат овие критериуми директно ќе придонесат кон јакнење на дезинформациите во медиумите и нивно користење за пропагандни цели. Ова може да се искористи како алиби за да се донесе рестриктивна законска регулација на онлајн медиумите која може да ја ограничи слободата на изразување на интернет“, велат трите новинарски организации.


Поповски до Десир и Која: Опозицијата ги блокира медиумските реформи


Скопје, 18 септември, 2018 - 9:55 (META) 

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на вчерашната средба со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир и со новоименуваниот шеф на мисијата на ОБСЕ во нашата земја, амбасадорот Клеменс Која, се пожалил дека опозицијата со блокирањето на новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во собраниската процедура, ги блокира медиумските реформи.

На средбата се разговарало и за статусот на онлајн медиумите во медиумската регулатива и за мерките за заштита од лажните вести, како и за безбедноста на медиумските работници при извршувањето на нивните работни задачи.

Во однос на регулативата на онлајн медиумскиот простор Поповски нагласил дека Владата ги следи најдобрите европски практики во оваа сфера и дека ја поддржува саморегулацијата како извор за најдобри практики во овој дел и дека токму принципите на саморегулација се најдобрата алатка за борба против лажните вести.


Младите се централен фокус на напорите за ширење на медиумската писменост


Тетово, 14 септември, 2018 - 14:38 (META) 

Во проектите на Европската унија, кои се однесуваат на ширењето на критичкото мислење и медиумската писменост главните напори се насочени кон младите и начинот на кој тие ги восприемаат и користат вестите и информациите, пред сѐ, од интернет, како е доминантен дел од нивниот медиумски екосистем

– Демократијата треба да овозможи длабоките несогласувања да бидат дискутирани јавно на цивилизиран начин. Ова значи да се слушне различното мислење, да се дебатира со нечие различно мислење, да се препознаат дезинформациите, да се развие критичкото мислење и да се стане медиумски писмен – рече шефот на делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар, на денешната панел дискусија, која се одржа во просториите на Центарот за балканска соработка – ЛОЈА во Тетово и на која беа претставени проектите на ЕУ во земјава кои работат на развивањето на медиумската писменост.

Жбогар додаде и дека овој настан се одржува само неколку дена пред манифестацијата Медиумски денови, инаку годишна медиумска конференција меѓу Европската комисија и Западниот Балкан која на почетокот на идната недела за првпат ќе се одржи во Скопје во присуство на европскиот комесар за проширување Јоханес Хан.

На панел дискусијата присутен беше и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, кој обрна особено внимание на младите и медиумската писменост:

– Критичкото размислување е особено важно да се развива кај учениците уште од најрана возраст, затоа што само така тие ќе прераснат во индивидуи и цели генерации, кои ќе можат да бидат коректори на актуелните состојби во сите сфери во општеството, односно само така ќе можат да учествуваат или да бидат непосредни креатори на промените за подобро утре“, рече министерот Адеми.

И останатите говорници во своите дискусии обратија особено внимание на младите и медиумската писменост со оглед на фактот што преовладува мислењето дека таа треба да биде вклучена во образовниот процес. Цитирајќи истражувања на јавното мислење, Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум рече дека 46% од испитаниците сметаат оти младите ги нема на телевизија, а нема ни содржини за нив.

– Половина од публиката мисли дека за младите не се зборува и дека тие не се дел од ТВ  програмите. 14 отсто од младите никогаш не прочитале весник, а една третина никогаш не биле во кино“, истакна таа, додавајќи дека нивниот терен е интернетот што ги прави да не бидат зависни од традиционалните медиуми.

Александра Теменугова од Центарот за комуникациски студии, пак, премиерно претстави резултати од најново истражување на оваа панел дискусија, спроведено неодамна на национално ниво на примерок од 1.015 граѓани на Македонија според кое, 59,3 отсто од граѓаните велат дека се информираат од телевизија, а 27,3 од Интернет. Кога станува збор за тоа какви новости читаат, 48,7 велат политика, 39,1% забава, 34,1 отсто економија, а 23,6 отсто спорт. Фејсбук е очекувано најпопуларна социјална мрежа на која свои профили имаат 51% од испитаниците. Инаку, сите бројки се понаклонети кон интернетот кога одговорите на овие прашања се добиваат од младите, а најдобар показател за тоа колку интернетот е интегрален дел од нивниот живот е и фактот што дури 83,1 отсто од испитаниците велат дека на Интернет најчесто пристапуваат преку мобилен телефон.

Филип Стојановски, пак, од Фондацијата „Метаморфозис“ рече дека во напорите за ширење на медиумската писменост и критичкото мислење треба секогаш да се има на ум инклузивноста, односно етничкиот и јазичниот диверзитет на граѓаните, истакнувајќи дека припадниците на сите етнички групи се заинтересирани за ова прашање. Тој, исто така, цитираше истражување на јавното мислење од лани, изработено од Фондацијата, според кое само 7-8 отсто од граѓаните читаат весници, а само 9-10 отсто слушаат радио, додавајќи дека навиката за читање е многу важна за стекнување вештини со кои се развива критичкото мислење.

Кога станува збор, пак, за младите и интернетот, Стојановски истакна дека ние мораме да го запознаеме он-лајн светот во кој егзистираат младите за да осознаеме што е она што ги интересира, па дури потоа можеме да видиме како да влијаеме врз нив во насока на засилување на нивните капацитети за критичко мислење.


СЕММ, ЗНМ и ССНМ бараат медиумите да работат професионално


Скопје, 24 јули, 2018 - 15:33 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), бараат медиумите да ги задоволат основните правила за професионална работа, вклучувајќи почитување на Кодексот на новинарите, транспарентност во сопственичката и уредувачка структура, како и прифаќање на саморегулацијата како единствен заштитник на медиумските слободи и независност.

„Ова вклучува и наведување на авторството, како и на изворите на информации кога се преземаат содржини од други медиуми“, се вели во соопштението мотивирано од, како што се наведува, „злоупотребата на медиумите кои служат на деструктивни агенди на поединци и групи“.

„Право е на секој медиум е да одлучи дали ќе учествува во работата на саморегулативното тело – Советот за етика во медиумите на Македонија, но тоа не ги ослободува од обврската да ги почитуваат професионалните стандарди во медиумската сфера. Ова се минималните стандарди кои се очекува да бидат исполнети од страна на медиумите, во спротивно тие единствено ќе се сметаат за парамедиуми, кои работат на штета на јавниот интерес. Загрижени сме што довербата на јавноста во медиумите е честопати изневерувана од поединци и медиумски платформи кои работат неодговорно и на штета на јавниот интерес, доведувајќи го со тоа во прашање интегритетот на професијата“, велат трите организации.

Тие посочуваат дека наведените негативни појави се најчести во онлајн медиумите, „каде што се наоѓаат содржини со многу низок квалитет, лажни вести, дезинформации, пропаганда и сензационализам“.


ЗНМ: Неодговорното однесување на некои судии е заобиколен обид за лиценцирање на медиуми и новинари


Скопје, 8 мај, 2018 - 12:57 (META) 

Здружението на новинари на Македонија е незадоволно од начинот како Граѓанскиот суд во Скопје и Апелацискиот суд во Скопје го применуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, рече денеска на прес-конференција претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Тој додаде дека „и покрај јасната одредба во законот, кој ја регулира одговорноста на електронските публикации, овие судови продолжуваат да ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн медиумите со крајно несериозно и тенденциозно објаснување дека тие не биле медиуми, а луѓето што работат таму не биле новинари.“

– Ваквото паушално, неодговорно и непрофесионално однесување на одредени судии претставува заобиколен обид за лиценцирање на медиуми и новинари, која е крајно недемократска практика присутна во авторитарни земји. Потенцираме дека работа на судовите не е да ги толкуваат законите, туку доследно и неселективно да ги применуваат. Се сомневаме дека зад ваквата судска пракса на Граѓанскиот суд во Скопје и на Апелацискиот суд, има политичка позадина, која треба да ги дискредитира онлајн медиумите и да обезбеди лажно алиби на владата за да воведе нивна построга регулација, спротивно на европските стандарди за слобода на интернет – изјави Селмани.

Тој предупреди дека „обидите на одредени партиски кругови, кои бараат наводна законска регистрација на овие медиуми, е опасна политичка игра, која има за цел државата да ја контролира нивната медиумска содржина.“

– Освен тоа, намерата на судот е да ги спречи онлајн медиумите и новинарите кои работат таму да ги користат поволностите што ги нуди законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како што е ограничувањето на надоместоците за нематеријална штета и основите за нивно исклучување од одговорност. Убедени сме дека ваквата чудна судска пракса, која за среќа ја нема и во другите апелациски судови во земјата, ја загрозува слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија и улогата на медиумите во едно демократско општество – додаде Селмани.

ЗНМ, од Врховниот суд бара во најкраток рок да постапи по барањето за усогласување на судската пракса, и во иднина, Граѓанскиот суд и Скопска Апелација да ги процесуираат предметите.

– Неделава ќе доставиме претставка и до Судскиот совет за сите судии што несоодветно и селективно го применуваат Законот, со цел, да утврди одговорност за таквото незаконско однесување. Ја повикуваме и меѓународната заедница, Европската Унија,  САД, ОБСЕ и Советот на Европа да ја споделат со овие судови нашата загриженост со цел да се спречи ваквиот атак против слободата на говорот, професионалните онлajн медиуми и обидот за нивно лиценцирање – рече Селмани.

На прашањето на „Мета“ од кога е забележана ваквата пракса од страна на судовите врз новинарите, Селмани појасни дека оваа појава ја имало и порано, но сметале дека во комуникација со нив преку состаноци, ќе ги убедат да ја променат или да ја усогласат судската пракса со останатите апелациски подрачја.

– Меѓутоа деновиве добивме една нова одлука на Апелацискиот суд, каде што не само што до сега правеа обид да ги дискредитираат онлајн медиумите, во оваа нова пресуда има полоша тенденција, луѓето кои работат во тие медиуми, ги третираат како не-новинари. Законот за граѓанска одговорност е многу јасен и тие треба тој закон да го применуваат. Затоа што, очигледно нивната намера е да создадат перцепција во јавноста дека овие медиуми работат надвор од законот, што не е точно – појасни Селмани.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


УСАИД ќе подели седум милиони долари за медиумите на Балканот


Сараево, 30 јануари, 2018 - 20:27 (META) 

Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) во Сараево претстави програма за помош на медиумите на Балканот. Според српската „Б92“  фокусот на програмата ќе биде ставен на развој на онлајн медиумите во Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија и Косово, а програмата во вредност од седум милиони долари ќе трае три години.

Амбасадорката на САД во Босна и Херцеговина, Морин Кормак, при презентација на програмата порача дека слободните медиуми се темелат на демократија, а во регионот, како што наведе, медиумите се под притисок на разни извори. Од тие причини програмата била осмислена како регионална, а насочена кон поддршка на независните медиуми и истражувачкото новинарство.

Со програмата ќе им се помогне да почнат да користат нови технологии, да склучат партнерства за рекламирање и огласување и да работат на развој на содржините што ги емитуваат.


Трајчевски: Порталите нема потреба да се регулираат, туку само да се регистрираат


Скопје, 22 декември, 2017 - 16:15 (META) 

Невозможно е регулирање на интернет порталите, порача Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на денешниот јавен состанок на кој ги презентираше активностите за четвртото тромесечје со фокус на медиумскиот мониторинг за локалните избори.

– Не станува збор за регулирање, туку најмногу за регистрирање и нотификација. Сметаме дека е невозможно да се спроведе регулирање на овој вид медиуми. Ние како Агенција имаме нарачано истражување во однос на овие нови медиуми за тоа каква е состојбата споредено со другите држави. Требаше да го плати Агенцијата преку јавна набавка меѓутоа добивме одобрение од Советот на Европа и тие ќе го спроведат во еден краток разумен период, можеби до крајот на првото тромесечје од идната година и тогаш ќе имаме објективно, непристрасно мислење од експерти коишто ќе ни понудат не решение, туку ќе ни дадат слика каква е состојбата на ова поле во другите држави – рече Трајчевски на четвртиот и последен јавен состанок за 2017 година на Aгенцијата.

Toј потсети дека и досега наведувале дека ААВМУ не може да спроведе изборен мониторинг на известувањето што го вршат порталите.

Темата за интернет порталите се актуелизираше вчера на дебатата „Утврдување на потребата за можни измени во Законот за медиуми“, која ја организираа Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.
foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Погрешна е перцепцијата дека интернет-медиумите се надвор од законот


Скопје, 1 ноември, 2017 - 16:17 (META) 

Непочитувањето на новинарските стандарди и на етичкиот кодекс на новинарите, ширењето на говорот на омраза и непостапувањето на Основното јавно обвинителство по вакви случаи се случува во интернет-медиумите, покажува анализата „Препораки за одговорни онлајн медиуми“, која денеска беше презентирана од Здружението на новинари на Македонија.

Во неа се вели дека кај нас има огромен број на интернет-медиуми во кои не е вработен ниту еден професионален новинар.

„Една од трите универзални улоги на медиумите – да едуцираат – е сериозно намалена. Капацитетите на медиумите во однос на внатрешната медиумска писменост се намалени, а следствено на тоа и нивната улога во едуцирање на публиката“, се вели во анализата.

Зоран Ричлиев објасни дека во јавноста е создадена погрешна перцепција дека интернет-медиумите се надвор од законот.

– Сите закони што се однесуваат на одговорноста на традиционалните, важат и за интернет-медиумите. Интернет-медиумите не смеат да користат говор на омраза, да клеветат, да не го почитуваат право на приватност или да крадат текстови затоа што одговараат исто како и традиционалните медиуми во согласност со Кривичниот законик, Законот за клевета, Законот за заштита на приватноста или Законот за авторско право – рече Ричлиев.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, рече дека барањето за законска регулација на интернет-медиумите се коси со препораката на Советот на Европа за слободата на интернет донесена во 2016 година.

Претседателот при Комисијата за жалби во Советот за етика во медиумите на Македонија, Мирче Адамчевски, соопшти дека Советот на етика има донесено нов правилник за членство на интернет-медиумите.

Двете анализи можете да ги погледнете на следните линкови:

Препораки за зголемување на интегритетот и професионалноста на онлајн медиумите:

Препораки за одговорни онлајн медиуми.