СЈО со нови докази за блиндираниот „мерцедес“


Скопје, 14 мај, 2018 - 13:55 (META) 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска поднесе нови докази за случајот „Тенк“. Одбраната се спротивстави на разгледување на  доставените нови докази. По дебатата во судницата и инсистирањето на СЈО дека станува збор за битни докази кои треба да бидат прифатени од судот, беше дадена пауза за да се произнесе судечкиот совет, а по неа приговорот на одбраната беше отфрлен.

СЈО како нов доказ ја предложи електронската комуникација меѓу „Мак Аутостар“ од каде е набавен спорниот „мерцедес“ и компанијата „Дајмлер“ од Германија.

– Од меил комуникацијата произлегуваат многу битни елементи и од нив може да се разјаснат прашањата кои беа спорни за одбраната. Не се работи за вообичаена, туку за прецизна и специфична комуникација за набавката што е предмет на обвинение – истакна обвинителот Стевчо Донев.

Со ова, комуникацијата меѓу „Мак Аутостар“ и „Дајмлер“ ќе биде еден од доказите со кои СЈО ќе го докажува обвинението со кое се спори набавката на „мерцедесот“ од 600 000 евра.

Судскиот совет, инаку, го прифати барањето на обвинетиот Никола Груевски да побара информација од „Ауто Македонија“ АД Скопје дали може секој да увезе возило од секаква марка. Груевски преку своите адвокати побара и Судот да обезбеди известување од Општина Новаци во врска со јавна набавка на патничко моторно возило, но судијката Кацарска нагласи дека во овој предмет тоа е сосема ирелевантно, бидејќи набавката на возило од страна на Општина Новаци не е поврзана со предметот на обвинението.

Меѓу поднесоците на одбраната, имаше барање Судот да обезбеди информации за тоа колку пати од јули 2006 до февруари 2016 имало потреба од сервисирање на возилото што се користело пред луксузниот мерцедес, но и ова барање не беше прифатено.


Недоследности и популизам околу „Мерцедесот“


Скопје, 9 март, 2018 - 9:13 (META) 

Одлуката која што ја донесе Владата на својата 57 седница во врска со стопирањето на продажбата на „Мерцедесот на Груевски“, е недоследна и е последна епизода во сторијата која се повеќе се користат и популистички манири, пишува „Вистиномер.мк“.

Приказната за „Мерцедесот“ започна уште со емитувањето на снимките од прислушуваните телефонски разговори до кои дојде СДСМ во 2015 година. Потоа, на сите митинзи актуелниот премиер Зоран Заев, како лидер на најголемата опозициска партија ветуваше дека ќе го продаде „Мерцедесот“ и за тие пари ќе купи амбулантни возила. Тоа беше ветувано и во изборните кампањи за предвремените избори, а можеби и во кампањите за локлните избори, во општиот дел на говорите.

Повеќе на оваа тема прочитајте на „Вистиномер.мк“.


Бошњаковски: Ја стопиравме продажбата на „мерцедесот“, иако за СЈО не е спорна


Скопје, 7 март, 2018 - 12:34 (META) 

Продажбата на блиндираниот „мерцедес“, кој во дел од „бомбите“ беше споменуван како „она на М“, е стопирана за да се избегне каква било опасност тоа да попречи на судскиот процес што се води за неговата набавка, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на денешната редовна конференција за медиумите.

– Иако Специјалното јавно обвинителство рече дека нема никакви пречки тој да се продава, сепак Владата сака да ја исклучи секоја можна опасност да се појават проблеми во судскиот процес и така ќе биде сè додека судскиот процес не заврши – рече Бошњаковски.

„Мерцедесот“ сега е конзервиран и се наоѓа во депото на Службата за општи и заеднички работи на Владата, појасни тој.

Бошњаковски дополни дека иако нема правна пречка за продажбата, одлуката на Владата е постапката да се стопира за да се оневозможи какво било попречување на судската постапка.

– Идејата е да се оневозможи каква било форма на изговор на обвинетите за непостоење на докази – рече владиниот портпарол, кој одговарајќи на дополнително новинарско прашање рече дека актуелната влада никогаш не го користела за своите потреби, туку само за превоз на високи странски гости.