За Наумовски предлозите на Нимиц се далеку од достоинствено решение


Њујорк, 17 јануари, 2018 - 22:05 (META) 

Македонскиот преговарач во разговорите за името под покровителство на ОН, Васко Наумовски, по последната рунда разговори во Њујорк изјави дека предлозите изнесени од медијаторот Метју Нимиц се „далеку од достоинствено решение“.

Според него, рамката за разговорите е дадена во Резолуцијата 817 на Советот за безбедност, а тоа е да се надмине разликата околу името.

– Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за коишто сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение, но, сепак, овие предлози ќе бидат презентирани пред државно-политичкиот врв и тој ќе може да заземе став по ова прашање – рече Наумовски во изјава за известувачот на телевизија Сител.

Наспроти оптимизот на медијаторот Нимиц по средбата, Наумовски за себе рече дека не е голем оптимист.

– Оптимизмот е секогаш корисен, но за да се биде голем оптимист треба да има основа за тоа. Имајќи предвид што се слушнавме како изјава од грчките официјални лица, се она што што беше презентирано во рамките на овие разговори, вклучително и ова денес, не ни дава простор да бидеме големи оптимисти – вели Наумовски.


Новиот предлог на Нимиц е комбинација на старите идеи


Њујорк, 17 јануари, 2018 - 19:52 (META) 

Посредникот на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц, денеска во седиштето на ОН, по средбата со македонскиот и грчкиот преговарач, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, најави дека на повидок е решение за спорот за името, со што ќе се стави крај на 27 годишниот спор меѓу Грција и Македонија.

– Имам големи надежи дека овој процес се движи во позитивна насока – рече Нимиц по завршувањето на разговорите со Наумовски и Василакис.

Посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц изјави дека на преговарачите им дал нов предлог, кој е всушност нова комбинација од неговите стари идеи и дека очекува тие со нивните влади да го разгледаат.

– Ова е процес што се одвива 25 години и тешко е да измислите нешто ново – рече посредникот.

Тој одби да ја коментира содржината на предлогот и рече дека во следните седмици ќе ги посети Скопје и Атина. Изрази надеж дека лидерите на опозициските партии во Грција и Македонија ќе бидат конструктивни.


Трамп се закани дека ќе ја прекине помошта за Палестинците


Вашингтон, 3 јануари, 2018 - 13:01 (META) 

Соединетите Американски Држави би можеле да ја прекинат помошта за Палестинците, кои, „повеќе не сакаат да разговараат за мир“ порача американскиот претседател, Доналд Трамп, пренесува „Би-би-си“.

Трамп на „Твитер“ напиша дека, „САД не добиле ниту признание, ниту почит за помошта од стотици милиони долари што годишно им ја даваат на Палестинците.“

Заканите на Трамп следуваат по острите реакции на Палестинците на неговата одлука да го признае Ерусалим за главен град на Израел.

Кратко време по објавувањето на одлуката на Вашингтон во декември, минатата година, палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека нема да прифати никаков мировен план на САД за Блискиот исток.

Одлуката на Трамп, исто така, беше осудена и од Обединетите нации.

На 21 декември мнозинство од 128 земји-членки на Обединетите нации ја поддржаа резолуцијата со која се бара САД да ја повлечат одлуката за признавање на Ерусалим како главен град на Израел.


Генералот Величковски ќе говори во Конгресот на САД за безбедноста на регионот


Скопје, 6 декември, 2017 - 18:33 (META) 

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски од утре ќе оствари работна посета на Соединетите Американски Држави, информираат од Генералштабот на АРМ.

Во соопштението се вели дека Величковски ќе оствари повеќе средби на високо ниво во здружениот штаб на Вооружените сили (ВС) на САД во Пентагон и во одделот за мировни операции на Обединетите нации (ОН).

„Величковски пред претставници на Конгресот на САД ќе има свое обраќање за безбедносните предизвици во регионот и за напорите на Македонија за полноправно членство во евроатланските структури, што ќе биде прв ваков настап на еден претставник на АРМ во Конгресот на САД“, се додава во соопштението.

На крајот од посетата, Величковски ќе учествува на конференцијата на НАТО-командата за трансформации во Норфолк.


Заев: Предлози за името очекувам догодина, сега не разговараме за суштински прашања


Скопје, 24 септември, 2017 - 14:07 (META) 

Во моментов градиме пријателски односи со Грција и ја зајакнуваме довербата помеѓу двете страни за да бидеме пријателски настроени за моментот кога ќе треба да се решава сериозниот проблем за името, одговори на новинарско прашање премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, на која ги сподели впечатоците од учеството на 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

За спорот во врска со името, премиерот исто така рече дека нема да навлегува во тоа што шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас ги брифирал грчките новинари, само додаде дека со него разговарале дека двете земји се настроени пријателски.

– Во моментов двете држави ги градат мерките на доверба кои можат да бидат од помош кога ќе дојде моментот да се разговара. Не се разговара за суштински прашања, сега не сум подготвен да разговарам за прашања поврзани со идентитетот. Грција ја посетиле еден милион наши државјани, навистина е вредно да се дадат напори за Македонија да исчекори кон евроатлантските интеграции – додаде Заев.

Во однос на промената на името на аеродромот „Александар Велики“, Заев рече дека „коментарите се отидени предалеку“ и дека во овој момент нема да се дозволат провокации од македонска страна.

– Треба да бидеме подготвени за решавање на проблемот, бидејќи тоа ќе значи автоматска покана за членство во НАТО и почеток на преговорите со Европска Унија – рече Заев.

Тој информираше дека идната пролет ЕУ ќе дискутира за давање шанси на земјите од Западен Балкан да ги почнат преговорите.

– Сакам идната пролет Македонија да биде една од земјите што ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Дотогаш или до средината на 2018 година логично е да се очекуваат нови идеи за името од посредникот Метју Нимиц – рече Заев.

Прашан за законот за употреба на јазиците, тој уште еднаш повтори дека тој е во согласност со Уставот и дека треба да се донесе поради практична потреба на граѓаните, без да се поаѓа од нечија суета или каприц.

На новинарско прашање дали СДСМ ќе поддржи кандидати за градоначалници од ДУИ кои можеби имаат криминално досие, Заев рече дека ќе го поддржат секој добар кандидат кој работи во интерес на граѓаните.

За посетата на Њујорк рече дека евроатлантските интеграции биле во фокусот на сите 30 средби кои ги остварил со светски и лидери на делегации, високи претставници на меѓународни организации, бизнисмени и со претставници на дијаспората.

Заев најави вклучување на дијаспората во подобрување на животот во државата преку финансиска поддршка и човечки ресурси.

– Генералното собрание на Обединетите нации беше одлична шанса за државата да учествува во глобалните дискусии за заеднички теми кои нè засегаат сите. Ги искажавме позициите на државата дека сме против употребата на нуклеарно оружје, дека сме за мирно решавање на конфликти и за заштита на животната средина – рече Заев и додаде дека пораката што ја носи оттаму е „остварливи евроатлантски перспективи и можен подобар живот за граѓаните“.


Заев се обрати пред студентите на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк


Њујорк, 23 септември, 2017 - 16:04 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот на надворешни работи, Никола Димитров, и од министерот за дијаспора, Едмонд Адеми, беше почесен говорник на Универзитетот „Колумбија“, каде што во организација на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка, имаше обраќање на тема „Свеж старт на Балканот: Демократско обновување и еколошко обновување на линија на одржливи развојни цели.“

„Новата Влада ја отвори Македонија во земја на можности за сите, за граѓаните, цивилното општество и граѓанскиот сектор, политичките партии, за заедно да ги постигнеме стратешките цели, економски развој и евроатлантски перспективи“, изјавил Заев.

На настанот присуствувале и говореле директори од Универзитетот „Колумбија“ и од УНДП во САД.

Со присуството на Универзитетот „Колумбија“ премиерот Зоран Заев и владината делегација ја заокружија официјалната посета во Њујорк и учеството на 72. Генерално собрание на Обединетите нации.


Заев се консултирал со Бејли за ОН, амбасадорот ги поздравил реформските напори


Скопје, 15 септември, 2017 - 19:22 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со амбасадорот на САД, Џес Бејли, заради консултации во врска со претстојното 72. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), кое ќе се одржува во Њујорк од 17 до 23 септември. Притоа, како што соопшти Владата, амбасадорот на САД ги поздрави напорите на новиот кабинет и неговите постигнувања во сферата на надворешната политика.

„На средбата амбасадорот Бејли уште еднаш ги поздрави заложбите и напорите на новата реформска влада, како и успесите постигнати во првите 100 дена, особено на полето на надворешна политика. Тој ги изнесе позициите на Соединетите Aмерикански Држави во однос на Генералното собрание на ОН и нивните ставови за актуелните глобални прашања на безбедноста и за мирот во светот. Дополнително, амбасадорот Бејли ги посочи заедничките предизвици во поглед на борбата против радикализација на насилен ектремизам и тероризам, пролиферација на оружје за масовно уништување како закана за светската безбедност, потребата за заедничка акција за подобрување на човековите права и промоција на дијалогот како средство за разбирање и за соработка помеѓу нациите“, се вели во соопштението од македонската влада.

Заев се заблагодарил на честитките и на поддршката на САД и потврдил дека македонската влада „е цврсто посветена на стратешката цел за членство во ЕУ и во НАТО“, нагласувајќи дека позициите на меѓународната сцена ќе ги гради во блиска соработка со своите стратешки партнери и пријатели, стои во владиното соопштение.


Иран не може да го држи светот како заложник, оцени Хејли


Њујорк, 16 август, 2017 - 10:42 (META) 

Амбасадорката на САД при Обединетите нации, Ники Хејли изјави дека Иран мора да одговара за лансирањето ракети, поддршката на тероризмот, за занемарување на човековите права и за кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН.

Хејли, во одговорот на иранскиот претседател Хасан Рохани, кој вчера предупреди дека Техеран би можел да го напушти нуклеарниот договор со светските сили, ако САД продолжат со политиката на „санкции и принуда“, истакна дека Иран не смее да дозволи ја користи нуклеарната спогодба за да го држи целиот свет како заложник.

Таа истакна дека новите санкции на САД немаат врска со иранскиот нуклеарен договор.

 


Нимиц и Коѕиас задутре ќе се сретнат во Брисел


Њујорк, 15 јули, 2017 - 18:19 (META) 

Посредникот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на ОН за преговорите за спорот за името меѓу Македонија и Грција, и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, ќе се сретнат утре во Брисел.

Како што извести канцеларијата на Нимиц, средбата е на барање на Грција. Според соопштението од ОН, целта на средбата, која следи по посетата на Нимиц на Македонија, е да се дискутира за пронаоѓање можност за напредок во преговорите за спорот за името.

Коѕиас во Брисел ќе учествува во Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој треба да се дискутира за примената на стратегијата на ЕУ за надворешната и безбедносната политика и миграциите, како и на други теми.


Нимиц денеска ќе се сретне со Иванов во Вила Водно


Скопје, 2 јули, 2017 - 14:16 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска ќе го прими специјалниот пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција за спорот за името, Метју Нимиц, кој од денеска до 4 јули ќе престојува во Скопје.

Средбата на Иванов и на Нимиц е закажана по 17 часот во претседателската резиденција на Водно.

Инаку, Нимиц е во посета на земјава на покана на македонската Влада, на разговори за начините за постигнување напредок во разговорите за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името.

Специјалниот пратеник на ОН во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизијата „Алсат М“ пред неговото доаѓање, изјави дека овојпат не носи ново предлог-решение за името и дека во земјава доаѓа да ја тестира подготвеноста за сериозен напредок во разговорите меѓу Скопје и Атина за спорот за името.

На покана на Владата на Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина, веднаш по посетата на Скопје.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција последен пат ги посети двете земји кон крајот на јули 2014 година.