!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Талески осомничен во случајот „Транспортер 2“, што го отвори ОЈО Битола


Битола, 22 септември, 2017 - 12:56 (META) 

Основното јавно обвинителство Битола отворило случај под името „Транспортер 2“, во врска со тендер за превоз на ученици за учебната 2015/2106 година, во кој еден од осомничените е градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека СВР Битола,  постапувајќи по наредба на Обвинителството, поднел посебен извештај против битолскиот градоначалник и уште пет лица вработени во Општината кои се товарат за несовесно работење во службата и злоупотреба на службена положба и овластување.

Талески и останатите петмина се сомничат дека со склучување на штетни договори со две фирми за превоз на ученици, го оштетиле буџетот на Општина Битола за 4.321.388 денари, односно за околу 70.300 евра.

Според МВР, четворица од осомничените – членови на комисијата за јавни набавки во општината, го прекршиле Законот за јавни набавки, бидејќи не ја поништиле постапката за избор на најповолен понудувач, иако констатирале дека понудените цени за превоз на ученици за учебната 2015/16 се многу повисоки од реалните на пазарот, односно дека цената изнесува 3.168 денари по ученик.

Секретарот на Општината, кој, иако немал ингеренции во работата на комисијата, потпишал согласност за склучување на договори за превоз на ученици по овие цени.

Конечната одлука за избор на понудите, според МВР, ја донел градоначалникот Талески, кој ги потпишал штетните договори со двете фирми-превозници од Битола.

Инаку, Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот „Транспортер“ и поднесе обвиненија против градоначалникот на Битола, Владимир Талески и уште 20 други лица, за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.


Сопругот осомничен за убиството на битолчанката


Битола, 14 март, 2017 - 12:58 (META) 

Полицијата поднесе кривична пријава за вчерашното убиство на битолчанката Е.М.Д., за кое е осомничен нејзиниот сопруг. Според Јавното обвинителство, осомничениот ја убил сопругата удирајќи ја со дрвено сукало по главата.

Основното јавно обвинителство Битола до надлежниот суд доставило предлог на осомничниот да му биде одредена мерка притвор.

„Предлог е доставен поради основан сомнеж дека осомничениот на 13 март 2017 година, поради претходно нарушени меѓусебни односи, во дневната соба од заедничкиот дом, вршејќи семејно насилство, ја лишил од живот оштетената – неговата сопруга Е.М.Д. од Битола. Осомничениот со дрвено сукало ја удирал по главата оштетената, нанесувајќи ѝ повеќе повреди, од што таа починала“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека постапката по кривичната пријава е во тек.


Фармерот Душко Илиевски обвинет за напад на полицаец на протестите за оставка на Талески


Битола, 26 август, 2016 - 11:52 (META) 

Битолското Основно јавно обвинителство поднело обвинителен предлог со кој го товари фармерот Душко Илиевски за физички напад на полицаец за време на протестите на „Шарената револуција“ пред зградата на Општина Битола, на кои демонстрантите бараа оставка од градоначалникот Владимир Талески.

Илиевски го добил обвинението денеска, а во него е наведено дека тој треба да се јави на распит во oбвинителството на 5 октомври годинава.

Илиевски е обвинет за физички напад на полицаец кој бил дел од кордонот полицајци пред зградата на Општината за време на протестите на 17 април.

Во обвинителниот предлог стои дека фармерот го нападнал полицаецот додека „вршел работи на безбедоста“, удирајќи го со раце и сo нозе по телото и по главата и нанасувајќи му „телесна повреда изразена како нагмечување со површински повреди во пределот на градниот кош, колкот и на бедрото“.

Фармерот Илиевски не е изненаден од обвинението и вели дека за него ова е уште еден доказ дека полицијата е во служба на партијата на власт и помага во хајката против неистомислениците.

– Оваа пријава е глупост, како може толку да сум го тепал и да сум му нанел такви повреди кога и во кривичната стои дека полицацеот бил во кордон од полицајци. Значи, додека јас сум тепал, неговите колеги спиеле? Не знам како е ова возможно, самите се побиваат уште во кривичната – вели Илиевски.

Според фармерот, неколку дена по протестите во неговиот дом, во 5 часот утрината, дошол братот на полицаецот и пред неговото семејство му се заканувал со нож. Илиевски вели дека и за овој инцидент веќе се води постапка во Обвинителството.

Битолскиот фармер Душко Илиевски, заедно со неговите татко и брат, во 2010 година беше уапсен и обвинет дека наводно одгледувал марихуана во нивната нива. Тројцата поминаа и 12 дена во притвор, а подоцна, со правосилна пресуда, беа ослободени од обвинение.

Тие добија отштета од 6.000 евра, но Илиевски и неговото семејство бараат 80.000 евра поради што покренаа тужба против државата.


Обвинителството почна истрага за убиството на старецот во село Маково


Битола, 22 февруари, 2016 - 14:37 (META) 

Основното јавно обвинителство Битола покренало истражна постапка против осомничениот за вчерашното убиство на 80-годишниот жител на мариовското село Маково, соопшти денеска јавното обвинителство.

Тој се товари дека по расправија со овчарски стап до смрт го претепал старецот.

„Осомничениот се товари дека пред селската продавница – кооперација во село Маково, општина Новаци, по вербална расправија, лишил од живот едно лице од истото село, така што со овчарски стап го удрил неколкупати во пределот на главата. Од ударот оштетениот добил повеќе повреди на главата, а по два-три часа починал во одделението за хирургија при Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола“, стои во соопштението на обвинителството.

Надлежниот обвинител до судија на претходна постапка на основниот суд во Битола поднел барање за определување мерка притвор за осомничениот.

Според неофицијални полициски информации, старецот бил претапан до смрт од осомничениот, по бизарна расправија, по неколку чаши ракија, откако тој ја пофалил работата на специјалната обвинителка, Катица Јанева, и се порадувал на кривичното гонење на поранешните министри на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.