БПЦ одби да учествува на 1.000-годишнината на Охридската архиепископија


Софија, 15 мај, 2018 - 10:05 (META) 

Бугарската православна црква (БПЦ) на вчерашната седница на Синодот категорично ја одби поканата од македонскиот архиепископ Стефан нејзини претставници да учествуваат во свеченоста за одбележување на 1.000-годишнината од создавањето на Охридската архиепископија, на 27 мај во Охрид.

Предлогот да се одбие поканата бил на Русенскиот митрополит, Наум.

За решението да не се испратат архиереи на одбележувањето на јубилејот во Македонија гласале митрополитот Ловчански Гаврил, митрополитот Доростолски Амвросиј, митрополитот Западно и средноевропски Антониј, митрополитот Варненски и Великопреславски Јоан, како и митрополитот Неврокопски Серафим, митрополитот Русенски Наум, митрополитот Врачански Григориј и митрополитот Видински Даниил.

Против таквиот став гласале митрополитот Сливенски Јоаникиј, митрополитот Великотрновски Григориј, митрополитот Плевенски Игнатија, митрополитот Пловдивски Николај и митрополитот Старозагорски Кипријан.

На вчерашната седница бил разгледуван и предлогот на Пловдивскиот митрополит Николај, Старозагорскиот митрополит Киприан придружуван од епископ на БПЦ да учествуваат во одбележувањето. Сливенскиот митрополит Јоаникиј предложил тој епископ да биде Мелнишкиот епископ Герасим, кој е Главен секретар на Светиот синод на БПЦ-БП.

Но и тој предлог е одбиен, односно за тоа гласале истите митрополити што биле за тоа БПЦ-БП да учествува во одбележувањето во Охрид на 1.000 годишнината на основањето на Охридската архиепископија, а против биле оние што и на претходното изјаснување биле против БПЦ да биде покрај МПЦ-ОА при ова одбележување.

Српската православна црква соопшти дека и таа ќе ја одбележи илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија.

„Во рамките на подготовките за прослава на 800 години од самостојноста на Српската православна црква во 2019-2020 година, Соборот на СПЦ одлучи во текот на оваа година молитвено и достоинствено да се одбележи и илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија“, се вели во соопштението потпишано од портпаролот на СПЦ, епископот бачки Иринеј.


Промовирана програмата за одбележување на 1.000 години Охридска архиепископија


Охрид, 14 мај, 2018 - 15:20 (META) 

Низа културни и спортски настани ќе се случуваат во периодот од мај до декември во чест на одбележувањето на милениумскиот јубилеј „1.000 години од формирањето на Охридската архиепископија“, беше истакнато на денешната презентација на програмата во Охрид.

„Во програмата има културни, научни, уметнички како и спортски настани, издавање на публикации кои ќе наидат на голем интерес кај граѓаните, настани кои сметаме дека ќе го приближат значењето на Охридската архиепископија до граѓаните. Ги покануваме граѓаните од целата држава да го посетат Охрид за време на централната свеченост и да бидат дел од одбележувањето на милениумскиот јубилеј“, велат од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

На 27 мај во Катедралниот храм на охридските архиепископи Св. Софија ќе се одржи свечена академија, под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов, а пригодни обраќања ќе има државниот и црковниот врв. Вечерта ќе се одржи и свечен концерт на камерниот оркестар на Македонската филхармонија.

На 28 мај во храмот Св. Софија со почеток во 9 часот ќе започне литургиското чествување, чиноначалствувано од архиепископот охридски и македонски г.г Стефан, во сослужение на членовите на САС на МПЦ-ОА, свештенството и монаштвото.

Градот Охрид програмата ја надополнува и со културни настани кои ќе се случуваат во периодот од 24 мај до 28 мај во центарот на Охрид.


МПЦ ја покани БПЦ на 1.000 годишнината на Охридската архиепископија, СПЦ ќе слави посебно


Скопје, 11 мај, 2018 - 10:09 (META) 

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ја поканила Бугарската православна црква (БПЦ) на одбележувањето на 1.000 годишнината на Охридската архиепископија.

Поглаварот г.г. Стефан за бугарската агенција БГНЕС потврдува дека поканата е испратена до бугарскиот патријарх Неофит и до државниот врв на Бугарија за заедничко одбележување на 1000-годишнината од основањето на Охридската архиепископија.

Според најавите од МПЦ-ОА, 1000-годишниот јубилеј ќе биде одбележан со црковно-државни свечености во Охрид на 27 и 28 мај.

Српската православна црква (СПЦ), исто така ќе ја одбележи илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија, се наведува во соопштението издадено по годишното заседание на Светиот архиерејски собор на СПЦ, што заврши вчера.

Во соопштението се вели дека одбележувањето ќе биде „во текот на оваа година, молитвено и достоинствено“.

Исто така, на соборот е поздравена правосилната одлука на Големиот совет на Европскиот суд за човекови права „со која се констатира дека власта на Поранешна југословенска Република Македонија ја прекршиле меѓународната конвенција за човечки права и за слободата на вероиспосвеста и совеста одбивајќи да ја регистрираат канонската Охридска архиепископија.