!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Избеган затвореник избодел човек, ограбувал со пиштол и запалил две возила


Скопје, 5 октомври, 2017 - 14:55 (META) 

Затвореник кој избегал од „Идризово“ во март, бил уапсен завчера во парк во Капиштец, откако во изминатиот период избодел човек со нож, со закана со пиштол ограбил жена и со соучесници запалил две возила, соопшти МВР. Полицијата го уапсила откако добила дојава каде се движи.

Д.Т.(29) од Скопје, на 13 мај, околу 3.30 часот, пред аптека во непосредна близина на трговскиот центар „Три бисери“, со нож нанел четири убодни рани во нозете на едно лице, а два дена потоа на булеварот АСНОМ, заедно со двајца соучесници, предизвикал пожар на две паркирани возила. На 14 август, пак, околу 19.35 часот, со пиштол се заканил на вработената во тобако „Корнер“ и одзел 8.500 денари.

При апсењето, кај избеганиот затвореник биле најдени пиштол со рамки со муниција, како и фантомка и ракавици.


Кражбата на околу 3 милиони евра од НЛБ, најголем грабеж во историјата на Македонија


Скопје, 11 април, 2017 - 16:12 (META) 

Случајот од вчера, кога вработен во НЛБ украл речиси 3 милиони евра во франци и во евра од трезорот на банката, е најверојатно најголемиот грабеж во историјата на суверена Македонија.

Вечерта едно лице било приведено за овој грабеж, со што случајот влегува во друга интересна статистика – еден од најбргу расчистените грабежи во поновата македонска историја. Во МВР не сакаат да потврдат дали парите се пронајдени.

Со речиси три милиони евра, барем според сегашните информации, сумата украдена од трезорот на НЛБ е 15 пати поголема од другата слична кражба од трезор на банка, во 2014 година. Тогаш беше осомничен главниот трезорист со ортаци од „Охридска банка“. Во вчерашниот случај, пак, директорот на трезорот на НЛБ е тој што ја пријавил кражбата. Имено, во септември 2014 година, тројцата вработени во „Охридска банка“ добија кривични пријави оти во период од три месеци, манипулирајќи со парите со кои требало да се полнат банкоматите, од банката украле вкупно 200.000 евра.

Тоа се најголемите кражби на пари во Македонија направени без закана со оружје.grabezi tabela

Досега најголемиот грабеж на пари од банка е тој од 9 јануари 2010 година, кога од „голф“ на „Стопанска банка Битола“, на патот Прилеп-Битола, под закана за оружје беа однесени 450.000 евра.

Најголемиот поединечен вооружен грабеж на возило со пари, пак, е тој од декември 2005 година, кога на уличката во скопска Топана, под касарната „Илинден“, од комби на „Македонска пошта“ беа украдени 670.000 евра.

Сличен грабеж како тој на патот Прилеп-Битола се случи во февруари лани во Велес, кога беше пресретнато возило на фирма за обезбедување и под закана со оружје ѝ беа украдени околу 65.000 евра. Разбојниците беа наскоро пронајдени.

Најголемата сума вкупно одземена од некоја институтција е, секако, таа од вкупно 2,5 милиони евра, но во различни грабежи извршени во експозитури на АД „Македонска пошта“, најчесто на поштенските комбиња со кои се вршеше трансферот на парите. Грабежите се случуваа интензивно до пред седум-осум години, а во вкупната сума влегува и погоре споменатиот грабеж на 670.000 евра.

Оваа серија грабежи влезе и во листата на најголеми светски грабежи што во 2013 година ја направи деловниот магазин „Бизнис инсајдер“.


Ја ограбил сосетката и ѝ се заканувал


Куманово, 10 март, 2017 - 14:51 (META) 

Брутално разбојништво извршил вчера 49-годишен маж, кој првин ја искршил влезната врата на куќата на неговата сосетка, а потоа ѝ се заканил и ѝ побарал пари.

Како што соопшти СВР Куманово, инцидентот се случил вчера, околу 15 часот, на улицата Ѓуро Пуцар – Стари. А.И., кој живеел под кирија во објект во истиот двор со куќата на Ш.А. (49), откако ја искршил влезната врата и влегол во домот на својата сосетка, ѝ се заканил и ѝ побарал пари. Преплашената жена избегала, а разбојникот почнал да пребарува и од нејзината чанта зел пет банкноти од 100 евра.

Полицијата вели дека се работи на расчистување на случајот.


Ја ограбил со пластичен пиштол


Велес, 2 декември, 2014 - 12:37 (META) 

Вчера, околу 20.45 часот, во Велес ,на улицата Тодор Јанев, во колонијалната продавница „Афродита“, сопственост на Г.Б.(51), непознат сторител со закана со пластичен пиштол и со употреба на физичка сила извршил разбојништво над вработената, при што од касата одзел 2.500 денари.

Се преземаат мерки за откривање на сторителот.