Владата на денешната седница ќе расправа за работата на ТИР-зоните


Скопје, 5 јуни, 2018 - 11:15 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи 71. седница и ќе разгледа повеќе информации и одлуки од доменот на работата на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

На предлог на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Владата ќе одлучува по предлог-договорот за доделување на државна помош на Друштво за производство, трговија и услуги „Баумер“ и за предлог-одлуката за давање согласност на договорот за доделување на државна помош на оваа компанија.

Ќе бидат разгледани и донесени соодветни одлуки и за нацрт-одлуките за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 за „Балканлар пластик производство“ и „Саген“.

Владата ќе се произнесе и за предлог-одлуката за прогласување на Споменичката целина „Археолошки локалитет Хераклеа Линкестис”, во Битола за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, на предлог на Управа за заштита на културното наследство.


Отворена седница на СЕММ за медиумите да се запознаат со работата на Комисијата за жалби


Скопје, 31 мај, 2018 - 15:14 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска организираше „Отворен ден“, на кој прв пат се одржа јавна седница на Комисијата за жалби. Членовите на Комисијата дискутираа три одлуки против медиуми, врз основа на последните примени жалби.

„Целта на отворената седница е јавноста и медиумите одблиску да се запознаат со работата на Комисијата за жалби при Советот на етика, која од своето формирање пред три и пол години има донесено 250 одлуки. Ваквиот тип на отворени седници ќе биде императив на Советот за етика и во понатамошното дејствување и промовирањето на саморегулацијата во државата“, информираат од таму.

Според извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева, важно е да се зборува за етиката во професијата, но и за правата на новинарите за слободно изразување и безбедна работа. Според Тунева, ако гласот на медиумите е замолкнат тогаш сите сме лишени од правото да ги чуеме.

Професорот Хуб Еверс, член на холандскиот Совет за етика, ги лоцираше најчестите грешки кај холандските новинари. Според праксата на тамошниот Совет, најчесто забележани проблеми во известувањето на новинарите се објавувањето неточни и тенденциозни информации, вести кои ја повредуваат приватноста, не се бара „втора страна“ и не се заштитува изворот на информацијата.

Притоа, воопшто не го спомена говорот на омраза, кој колку за споредба, зазема сериозни размери по бројот на случаи што ги нотира македонскиот Совет за етика. Еверс зборуваше и за потребата од новинарски омбудсмани, кои во моментов, се ангажирани во пет холандски медиуми.

Професорот Жан – Жак Жесперс, претседавач на Советот за Етика во Белгија, нагласи дека маркетинг индустријата континуирано се обидува комерцијалните содржини да ги направи да  изгледаат како новинарски извештаи.

Статистиката во Белгија покажала дека 71 процент од корисниците на интернет не ја забележуваат разликата меѓу онлајн уредувачката содржина и рекламирањето. Жесперс го нотира таканаречениот „измамнички пропуст“, според кој медиумите ја сигнализираат комерцијалната содржина, но начинот на кој се сигнализира не се конкретизира, односно намерно се користат нејасни терминологии.

Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, истакна дека расте бројот на медиуми поддржувачи на Советот за етика, кој станува се’ повидлив во јавноста. Според податоците, 75 проценти од вкупниот број примени жалби се однесувале на Интернет порталите.

Директорот на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски, смета дека законите најчесто ја загрозуваат слободата на изразувањето и лесно можат да доведат до самоцензура. Тој истакна дека регулацијата не може да ги направи медиумите повеќе етични и попрофесионални. Секуловски ја истакна значајната улога на Советот за етика во насока на намалувањето на тужбите за клевета и навреда.


Наставниците и професорите ќе може да се вработат на неопределено време


Скопје, 23 мај, 2018 - 9:37 (META) 

На вчерашната 69. седница на Владата формирана е работна група за изнаоѓање на можно решение за проблемот со линдан во ОХИС. Оваа работна група во рок од три месеци треба да ја информира Владата за можните решенија на овој долгогодишен проблем.

Владата ја прифати информацијата голем дел од наставниците и професорите во основното и средното образование да се вработат на неопределено работно време.

Министрите на предлог на Министерството за финансии ја прифатија фискалната стратегија на Македонија 2019-2021.

„Среднорочната фискална стратегија претставува клучен документ за утврдување на среднорочните фискални цели на Владата и нивно поврзување со стратешките приоритети на Владата, како и алатка за следење на динамиката на приходите и расходите во однос на фискалните цели“, информираат од Влада.

Mинистрите го прифатија и текстот на спогодбата помеѓу Министерството за образование и вработување на Република Малта и Министерството за образование и наука на Македонија за взаемно признавање на високообразовните степени, дипломи и сертификати.


СЕММ: Порталите се најчеста мета за жалби за неетичко известување


Скопје, 29 март, 2018 - 14:24 (META) 

Статистиката, од Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите (СЕММ) покажува дека, во периодот од 2014 до 2017 година, најголем дел од жалбите за неетичко известување на медиумите – 79 проценти – се однесувале на интернет порталите. Потоа следуваат телевизиите со 12,6 отсто, весниците и неделниците 8 отсто и новинските агенции 0,5 отсто.

Најмногу жалби, 59, поднеле организации и здруженија од граѓанскиот сектор, 51 се дело на јавни функционери, јавни институции и партии, 55 дошле од медиуми и новинари и 49 се водат во категоријата „други“.

Вкупниот број на донесени одлуки од страна на СЕММ е 214, од кои, во 175 е прекршен Кодексот на новинарите и изречена е морална санкција.

Во 28 одлуки жалбите биле неосновани, а 11 жалби се решени по пат на медијација, односно помирување на страните.

Овие бројки официјално ќе бидат презентирани на утре на Годишното собрание на СЕММ.


Пратеникот Сашо Василевски останува во притвор


Скопје, 22 февруари, 2018 - 16:00 (META) 

Пратеникот Сашо Василевски, шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, началникот во МВР, Душко Лазаров и началникот на посебните и специјалните единици на МВР, Митко Пешов остануваат во притвор, откако Апелацискиот суд им ги одби жалбите и ја потврди одлуката на Кривичниот суд.

Апелацискиот суд Скопје денеска треба да ги разгледува жалбите за притворот на пратеникот Крсто Мукоски и за домашниот притвор на пратеникот Љупчо Димовски, кои како и останатите се осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Вчера, Апелацискиот суд потврди дека ги прифатил жалбите на организаторите на протестите на „За заедничка Македонија, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и на пратеникот Љубен Арнаудов, и дека мерката притвор во истражен затвор им ја заменил со куќен притвор и одземање на пасошите. Покрај нив тројца, Апелација им одреди куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски и на Оливер Радулов.

Во истовреме, Апелацискиот суд одлучи поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.


Алаѓозовски: Музичките субвенции биле алатка за купување послушност на уметниците


Скопје, 12 јануари, 2018 - 15:30 (META) 

Министерството за култура испратило инспектори во Македонската радио-телевизија (МРТВ) во врска со одлуките за субвенции за поддршка на домашната музичка продукција, кои констатирале дека роковите за носење на овие одлуки биле „длабоко пробиени“ и поради тоа треба да бидат поништени, соопштија од Министерството од каде велат и дека не само што нема да одобрат исплата на парите за избраните композиции, туку дека ќе спроведат истрага и за претходните конкурси.

Како што изјави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски во Битола, инспекторите го предупредиле раководството дека се соочува со кривична одговорност поради незконски донесени одлуки, со кои се создава „штета по буџетот и кои претставуваат злоупотреба и несовесно работење во службата“.

Истоа така било констатирано дека во комисиите наместо музички уредници со работно искуство на таа позиција од најмалку пет години, дел од членовите воопшто не го исполнувале тој критериум, односно никогаш не работеле како музички уредници.

Алаѓозовски вели дека на некои автори им било овозможено да добиваат пари и преку категоријата „изведувачи“, а некои други за истата причина биле одбивани од конкурсот, а биле забележани и случаи на судир на интереси каде што сопружници биле членови на комисија, која доделила средства на група во која членувал нивниот син.

– Со оваа настаната ситуација уште еднаш се покажа колку бил штетен овој закон, кој постојано создавал долгови по буџетот на граѓаните, бил спроведуван на несоодветен начин и со неправилности, а воопшто не ги постигна декларираните ефекти, ниту пак придонесе за зголемување на квалитетот, развој на музичката индустрија и поголема присутност на домашните артисти на нашите медиуми, туку се претвори во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници – изјави Алаѓозовски.


Министерството за култура ќе ги преиспитува музичките субвенции на МРТВ


Скопје, 11 јануари, 2018 - 20:39 (META) 

Министерството за култура соопшти дека ќе ја преиспита законитоста на одлуките на Македонската радио-телевизија (МРТВ) од 5 јануари за доделените субвеници за поддршка на домашната музичка продукција.

Во врска со објавените резултати и одлуки на МРТВ по објавениот конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, од Министерството информираат дека минатата година биле извршени јавни консултации со повеќе засегнати страни од кои произлегол заклучок дека законот треба да се укине.

„Министерството за култура подготви предлог–закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој со допис го достави и побара мислење и од МРТВ. Во таа насока, на 27 декември Министерството за култура доби позитивен одговор од МРТВ, во кое се вели дека МРТВ ќе се ослободи од обврска која не влегува во нејзината основна дејност и работење утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, стои во соопштението на Министерството.

Со овие одлуки на МРТВ, додаваат оттаму, се создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура и посочуваат дека во моментов, Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот.

„Министерството за култура до Владата веќе го поднесе предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со клучни аргументи дека овој Закон не придонесе за зголемување на квалитетот, ниту пак донесе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија. За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии“, стои во соопштението.


Буџетот за 2018 година денеска на седница на Влада


Скопје, 9 ноември, 2017 - 13:19 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи 37. седница, на која ќе го разгледа и ќе донесе одлуки за предлог-буџетот на државата за 2018 година, соопшти владината прес-служба.

На седницата, како што информираат оттаму, Министерството за финансии ќе го достави на разгледување и предлог-законот за извршување на буџетот за 2018 година.

Покрај буџетот, на дневен ред на денешната седница се уште неколку точки од кои една се однесува на кадровски прашања.

Седницата е закажана за доцна попладне, односно во 18 часот.

Инаку, според податоците што министерот за финансии, Драган Тевдовски ги презентираше пред јавноста, граѓанските организации и пред претставниците на стопанските комори, буџетот за 2018 година тежи 3,4 милијарди евра, а буџетскиот дефицит е планиран на 2,7 проценти од домашниот бруто-производ.

Најголеми реакции во јавноста и кај стручната фела предизвика планираното зголемување на акцизата за нафтата за три денари. Тевдовски го бранеше ваквото решение тврдејќи дека зголемувањето на акцизата нема да ја зголеми инфлацијата.


Заев: Очекувам жестока реакција на Москва околу приемот во НАТО, но подготвен сум


Подгорица, 6 ноември, 2017 - 10:49 (META) 

Македонскиот премиер, Зоран Заев, во интервју за црногорското радио „Антена М“ вели дека очекува жестока реакција од Русија кога ќе дојде време за прием на Македонија во НАТО, но нагласува дека Северноатлантската алијанса и Европската Унија се единствена алтернатива за земјава.

Заев, кој бил гостин во емисијата „Жива вистина“ на црногорското радио, изјавил дека е уверен оти Македонија ќе биде 30. членка на НАТО и дека е подготвен за жестоката реакција на Москва, како што беше случајот и со приемот на Црна Гора во НАТО.

– Реагираа за Црна Гора. Ние сме подготвени, бидејќи мојата земја нема алтернатива. Ние сакаме да ја унапредиме соработката со Русија, сакаме, на пример, таму што повеќе да продаваме домати, зелка и други земјоделски производи. Сепак, ние немаме алтернатива, нашиот избор се ЕУ и НАТО – рекол Заев, чија изјава ја пренесуваат голем број црногорски и српски медиуми и агенции.

Македонскиот пример вели дека е подготвен на сè за остварување на овие цели и за носење одлуки какви што очекуваат македонските граѓани, бидејќи, како што подвлекува, тоа е единствената опција.

– Знам дека имаше обиди за ликвидации и добро е што навреме се реагираше и тоа беше спречено. Некои аналитичари ми велат „Сега си ти на ред“. Ако нешто треба да се случи, нека се случи. Јас ја прифатив работата на премиер, на мојата земја ѝ треба лидер и подготвен сум да носам одлуки какви што очекуваат нашите граѓани, по секоја цена, па нека биде што биде – изјави премиерот Зоран Заев.


ВМРО-ДПМНЕ: Управниот суд подлегна на притисоците од СДС и од СЈО


Скопје, 24 октомври, 2017 - 12:44 (META) 

Управниот суд подлегна под систематскиот притисок од СДС и од Специјалното јавно обвинителство и не дозволи прегласување во ниту едно избирачко место, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на Управниот суд за тужбите што партијата ги поднесе во врска со одбиените приговори од ДИК за првиот круг од локалните избори.

– ВМРО-ДПМНЕ до Управниот суд поднесе 24 тужби за 45 избирачки места за изборни нерегуларности, а судот не дозволи прегласување во ниту едно избирачко место. Ваквото дејствување на Управниот суд е поради оркестрираниот притисок од страна на двоецот СДС – СЈО. Имено, СЈО во предизборниот период поведе монтирана постапка против пет судии во Управниот суд поради нивно слободно судско уверување, додека Судскиот совет под влијание на СДС, надвор од секаква правна логика, им го одзеде судскиот имунитет – изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Тој рече дека Државната изборна комисија (ДИК) и Управниот суд биле под страшен притисок, како и целата администрација.

– ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува и ги потсетува сите што за потребите на СДС вршат изборен криминал и ги изигруваат законите, дека со враќањето на демократијата во Македонија, ќе се врати и правната држава, а сите прекршители на законите ќе одговараат во согласност со законите – рече Данев.