Пратеникот Сашо Василевски останува во притвор


Скопје, 22 февруари, 2018 - 16:00 (META) 

Пратеникот Сашо Василевски, шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, началникот во МВР, Душко Лазаров и началникот на посебните и специјалните единици на МВР, Митко Пешов остануваат во притвор, откако Апелацискиот суд им ги одби жалбите и ја потврди одлуката на Кривичниот суд.

Апелацискиот суд Скопје денеска треба да ги разгледува жалбите за притворот на пратеникот Крсто Мукоски и за домашниот притвор на пратеникот Љупчо Димовски, кои како и останатите се осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Вчера, Апелацискиот суд потврди дека ги прифатил жалбите на организаторите на протестите на „За заедничка Македонија, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и на пратеникот Љубен Арнаудов, и дека мерката притвор во истражен затвор им ја заменил со куќен притвор и одземање на пасошите. Покрај нив тројца, Апелација им одреди куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски и на Оливер Радулов.

Во истовреме, Апелацискиот суд одлучи поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.


Алаѓозовски: Музичките субвенции биле алатка за купување послушност на уметниците


Скопје, 12 јануари, 2018 - 15:30 (META) 

Министерството за култура испратило инспектори во Македонската радио-телевизија (МРТВ) во врска со одлуките за субвенции за поддршка на домашната музичка продукција, кои констатирале дека роковите за носење на овие одлуки биле „длабоко пробиени“ и поради тоа треба да бидат поништени, соопштија од Министерството од каде велат и дека не само што нема да одобрат исплата на парите за избраните композиции, туку дека ќе спроведат истрага и за претходните конкурси.

Како што изјави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски во Битола, инспекторите го предупредиле раководството дека се соочува со кривична одговорност поради незконски донесени одлуки, со кои се создава „штета по буџетот и кои претставуваат злоупотреба и несовесно работење во службата“.

Истоа така било констатирано дека во комисиите наместо музички уредници со работно искуство на таа позиција од најмалку пет години, дел од членовите воопшто не го исполнувале тој критериум, односно никогаш не работеле како музички уредници.

Алаѓозовски вели дека на некои автори им било овозможено да добиваат пари и преку категоријата „изведувачи“, а некои други за истата причина биле одбивани од конкурсот, а биле забележани и случаи на судир на интереси каде што сопружници биле членови на комисија, која доделила средства на група во која членувал нивниот син.

– Со оваа настаната ситуација уште еднаш се покажа колку бил штетен овој закон, кој постојано создавал долгови по буџетот на граѓаните, бил спроведуван на несоодветен начин и со неправилности, а воопшто не ги постигна декларираните ефекти, ниту пак придонесе за зголемување на квалитетот, развој на музичката индустрија и поголема присутност на домашните артисти на нашите медиуми, туку се претвори во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници – изјави Алаѓозовски.


Министерството за култура ќе ги преиспитува музичките субвенции на МРТВ


Скопје, 11 јануари, 2018 - 20:39 (META) 

Министерството за култура соопшти дека ќе ја преиспита законитоста на одлуките на Македонската радио-телевизија (МРТВ) од 5 јануари за доделените субвеници за поддршка на домашната музичка продукција.

Во врска со објавените резултати и одлуки на МРТВ по објавениот конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, од Министерството информираат дека минатата година биле извршени јавни консултации со повеќе засегнати страни од кои произлегол заклучок дека законот треба да се укине.

„Министерството за култура подготви предлог–закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој со допис го достави и побара мислење и од МРТВ. Во таа насока, на 27 декември Министерството за култура доби позитивен одговор од МРТВ, во кое се вели дека МРТВ ќе се ослободи од обврска која не влегува во нејзината основна дејност и работење утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, стои во соопштението на Министерството.

Со овие одлуки на МРТВ, додаваат оттаму, се создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура и посочуваат дека во моментов, Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот.

„Министерството за култура до Владата веќе го поднесе предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со клучни аргументи дека овој Закон не придонесе за зголемување на квалитетот, ниту пак донесе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија. За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии“, стои во соопштението.


Буџетот за 2018 година денеска на седница на Влада


Скопје, 9 ноември, 2017 - 13:19 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи 37. седница, на која ќе го разгледа и ќе донесе одлуки за предлог-буџетот на државата за 2018 година, соопшти владината прес-служба.

На седницата, како што информираат оттаму, Министерството за финансии ќе го достави на разгледување и предлог-законот за извршување на буџетот за 2018 година.

Покрај буџетот, на дневен ред на денешната седница се уште неколку точки од кои една се однесува на кадровски прашања.

Седницата е закажана за доцна попладне, односно во 18 часот.

Инаку, според податоците што министерот за финансии, Драган Тевдовски ги презентираше пред јавноста, граѓанските организации и пред претставниците на стопанските комори, буџетот за 2018 година тежи 3,4 милијарди евра, а буџетскиот дефицит е планиран на 2,7 проценти од домашниот бруто-производ.

Најголеми реакции во јавноста и кај стручната фела предизвика планираното зголемување на акцизата за нафтата за три денари. Тевдовски го бранеше ваквото решение тврдејќи дека зголемувањето на акцизата нема да ја зголеми инфлацијата.


Заев: Очекувам жестока реакција на Москва околу приемот во НАТО, но подготвен сум


Подгорица, 6 ноември, 2017 - 10:49 (META) 

Македонскиот премиер, Зоран Заев, во интервју за црногорското радио „Антена М“ вели дека очекува жестока реакција од Русија кога ќе дојде време за прием на Македонија во НАТО, но нагласува дека Северноатлантската алијанса и Европската Унија се единствена алтернатива за земјава.

Заев, кој бил гостин во емисијата „Жива вистина“ на црногорското радио, изјавил дека е уверен оти Македонија ќе биде 30. членка на НАТО и дека е подготвен за жестоката реакција на Москва, како што беше случајот и со приемот на Црна Гора во НАТО.

– Реагираа за Црна Гора. Ние сме подготвени, бидејќи мојата земја нема алтернатива. Ние сакаме да ја унапредиме соработката со Русија, сакаме, на пример, таму што повеќе да продаваме домати, зелка и други земјоделски производи. Сепак, ние немаме алтернатива, нашиот избор се ЕУ и НАТО – рекол Заев, чија изјава ја пренесуваат голем број црногорски и српски медиуми и агенции.

Македонскиот пример вели дека е подготвен на сè за остварување на овие цели и за носење одлуки какви што очекуваат македонските граѓани, бидејќи, како што подвлекува, тоа е единствената опција.

– Знам дека имаше обиди за ликвидации и добро е што навреме се реагираше и тоа беше спречено. Некои аналитичари ми велат „Сега си ти на ред“. Ако нешто треба да се случи, нека се случи. Јас ја прифатив работата на премиер, на мојата земја ѝ треба лидер и подготвен сум да носам одлуки какви што очекуваат нашите граѓани, по секоја цена, па нека биде што биде – изјави премиерот Зоран Заев.


ВМРО-ДПМНЕ: Управниот суд подлегна на притисоците од СДС и од СЈО


Скопје, 24 октомври, 2017 - 12:44 (META) 

Управниот суд подлегна под систематскиот притисок од СДС и од Специјалното јавно обвинителство и не дозволи прегласување во ниту едно избирачко место, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на Управниот суд за тужбите што партијата ги поднесе во врска со одбиените приговори од ДИК за првиот круг од локалните избори.

– ВМРО-ДПМНЕ до Управниот суд поднесе 24 тужби за 45 избирачки места за изборни нерегуларности, а судот не дозволи прегласување во ниту едно избирачко место. Ваквото дејствување на Управниот суд е поради оркестрираниот притисок од страна на двоецот СДС – СЈО. Имено, СЈО во предизборниот период поведе монтирана постапка против пет судии во Управниот суд поради нивно слободно судско уверување, додека Судскиот совет под влијание на СДС, надвор од секаква правна логика, им го одзеде судскиот имунитет – изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Тој рече дека Државната изборна комисија (ДИК) и Управниот суд биле под страшен притисок, како и целата администрација.

– ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува и ги потсетува сите што за потребите на СДС вршат изборен криминал и ги изигруваат законите, дека со враќањето на демократијата во Македонија, ќе се врати и правната држава, а сите прекршители на законите ќе одговараат во согласност со законите – рече Данев.


ДИК на маратонската седница ги одби сите приговори за изборите


Скопје, 20 октомври, 2017 - 10:09 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) ги одби сите приговори поднесени за гласањето и сумирањето на резултатите од првиот круг на локланите избори кои што се одржаа во неделата, на 15 октомври.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска за „Мета“ изјави дека маратонската седница, која почна вчера околу 10 часот претпладне, завршила утрово и дека сите приговори се одбиени.

ДИК одлучуваше по вкупно 43 приговори, од кои 40 беа поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, и по еден од ТМРО, Алијанса за Албанците и Левица.

Против одлуките на ДИК, партиите во рок од 24 од приемот на решенијата можат да поднесат жалба до Управниот суд, кој, пак, е должен по приемот на жалбата да донесе одлука во рок од 48 часа.

Вториот круг на локалните избори ќе се одржи на 29 октомври.

Инаку, седницата на ДИК за разгледување на приговорите до најголем дел помина во жестоки расправии меѓу членовите на Комисијата од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

Комисијата за дел од приговорите на ВМРО-ДПМНЕ констатираше дека се полни со технички грешки, кои се повторуваат, односно наместо имињата на општините во кои се наоѓаат избирачките места за кои се однесува приговорот, беше наведено името на друга општина. Претставниците на подносителот ВМРО-ДПМНЕ, беа согласни дека има грешки во приговорите, но, бараат ДИК и покрај тоа да одлучува по нив по службена должност бидејќи имало неправилности.


Заев не размислува за предвремени избори, туку за реформите и за спорот за името


Скопје, 17 октомври, 2017 - 13:06 (META) 

Не размислувам за предвремени парламентарни избори бидејќи сè уште се во тек локалните, а наш приоритет е тие да завршат комплетно регуларно и веродостојно, како и во првиот круг оти само тогаш Македонија победува, изјави премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Заев рече дека на резултатите од изборите гледа како на поддршка за работа, а не за повторни избори.

– Резултатите од локалните избори ми даваат дополнителна храброст за носење одлуки, вклучувајќи го и решавањето на спорот за името. Македонија има сериозни одлуки пред себе и треба да ги носи на еден транспарентен и инклузивен начин, меѓу другото и одлуките за проблемот што Грција ги има со нашето уставно име – рече Заев.

Во врска со спорот за името, тој потсети дека го повикал посредникот во разговорите, Метју Нимиц, уште во ноември, по изборите, да излезе со нови предлози, идеи и со можни решенија.

– Би ја повикал опозицијата да учествува во ова прашање, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување, затоа што навистина сакаме Македонија да стане 30. членка на НАТО и затоа што е значајно за одлуките што ЕУ ќе ги носи напролет. Сите знаеме дека мораме да направиме нешто со овој сензитивен проблем наметнат од грчка страна – рече Заев.

Тој, во овој контекст, додаде дека е охрабрен од подобрувањето на односите со Атина во периодот по формирањето на Владата.

– Градењето на пријателството со Грција што го имавме сите овие месеци наназад дополнително мене лично и другите министри во Владата нè охрабрува за решавање на овој проблем, притоа внимавајќи на нашата поставеност во поглед на наоѓањето решение. Сигурен сум дека по изборите ќе има попрецизни и поконкретни стратегии и правци, но сигурен сум и дека ќе се разговара за решавање на овој проблем – подвлече Заев.


Врховен суд денеска ќе ги разгледува жалбите за притворите од „бомбите“


Скопје, 26 јули, 2017 - 9:46 (META) 

Иако требаше да почне вчера, седницата на Врховен суд на која треба да се решава за жалбите на одлуките на Апелациски суд Скопје за притвор за обвинетите Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски, ќе биде одржана денеска.

Одбраната на обвинетите се жалеше до Врховниот суд на одлуките на Апелцискиот суд со кои беше прифатено барањето за притвори што го поднесе Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Рокот од 48 часа за одлука по жалбите истекува денеска во 13 часот.

Поранешните функционери на УБК, Грујовски, Јакимовски и Бошковски, се обвинети во предметите „Тврдина“ и „Таргет“ и се товарат за прислушување и за уништување на доказите за прислушувањето.

Претходно Кривичниот суд само им ги одзеде пасошите и им одреди да се јавуваат во суд еднаш неделно, но Апелација ја прифати жалбата на СЈО и ја преиначи одлуката. СЈО побара притвори, образложуваќи дека Грујовски не се појавил на распит, влијаел на сведоци, а во неговиот тефтер имало инструкции за изјавите на сведоците пред СЈО.


Попладне ќе се одржи 16. седница на Владата


Скопје, 25 јули, 2017 - 13:32 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи шеснаесетта седница, со почеток во 17 часот, информираат оттаму.

„Во согласност со предложениот дневен ред, на седницата ќе бидат разгледани информации за активнoстите на министерствата поврзани со санирање на последиците од поројни дождови, електрични празнења, силен ветер и град, како и за причинетите штети на земјоделските култури во Ресенскиот и во Тетовскиот Регион“, се вели во соопштението на Владата.

Владата ќе донела неопходни одлуки во пресрет на активностите предвидени со воената вежба и вежбовните активности на „Змеј заштитник“ (Dragoon Guardian) околу влегување и престојување на војска на САД на територијата на Македонија заради учество во заедничката вежба.

На денешниот дневен ред е и информацијата во врска со учество на Македонија на „Експо 2020“ во Дубаи.

На седницата ќе се разговара и за извештајот за извршени преговори, со усогласен текст на договорот помеѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина и Владата на Република Македонија, за заемно признавање возачки дозволи во двете земји.

„На денешната седница Владата ќе разгледа предлози и одлуки за кои Владата дава мислење по барање на Собранието, а кои се однесуваат на годишните извештаи и планови на повеќе агенции, регулаторни тела и јавни претпријатија. На 16. седница превидено е и разгледување на предлог-одлука за утврдување на стратешките приоритети на Владата за 2018 година“, се додава во соопштението на Влада.