!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Франција ќе ја одликува директорката на Академијата за судии и јавни обвинители


Скопје, 19 мај, 2017 - 17:54 (META) 

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, во име на претседателот на Република Франција, в понеделник ќе ја одликува директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска со орден Витез на Националниот ред за заслуги, соопштија денеска од француската амбасада.

„Како директор на Академијата за судии и јавни обвинители, г-ѓата Арнаудовска постојано се залагаше во последните десет години за развој на соработката помеѓу Франција и Македонија во областа на обуката на судиите и на јавните обвинители, како клучна за зајакнување на владеењето на правото преку примена на европски стандарди од доменот на кривичното, на граѓанското право и на индивидуалните слободи. Со својата компетентност и непристрасност, г-ѓа Арнаудовска, поддржувајќи ја обуката на судиите и јавните обвинители преку постојана соработка со Националната школа за судии и јавни обвинители на Бордо, даде свој придонес за развојот на односите со Франција, како и за иднината на европската интеграција на земјата“, стои во соопштението.

Инаку, орденот за Национални заслуги на Франција, воспоставен во 1963 година од страна на генералот Жарл Де Гол, е едно од најпрестижните француски одликувања. Со него се наградуваат воени или цивилни лица, Французи или странци, коишто имаат особени заслуги за Република Франција. Одликувањето се доделува со указ на претседателот на Франција.


Иванов на Дурловски му го врачи орденот за заслуги на МОБ


Скопје, 9 мај, 2017 - 13:34 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска, по повод 9 Мај – Денот на Европа и на победата над фашизмот, со одрен за заслуги ја одликуваше Македонската опера и балет.

Доделувањето на орденот се одржа во резиденцијата на претседателот на Водно, а одликувањето го прими директорот на МОБ, Игор Дурловски.

– Овој орден е признание за улогата што Македонската опера и балет ја има во победата на креативноста над деструктивноста и на музиката над тишината – истакна Иванов во своето обраќање по повод доделувањето на одликувањето.

Правејќи ретроспектива на развојот на Македонската опера и балет, од формирањето на оперскиот ансамбл во 1947 година и премиерата на „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи, Иванов истакна дека сето тоа зборува за младите, добронамерната помош и за самодовербата како столбови на кои беа изградени Македонската опера и балет, но и македонската државност.

– И денес, кога повторно сме сведоци на разни сомнежи во нашата државотворност, ние не треба да се обесхрабруваме. Сè додека идејата за слободата и за независноста на Македонија е во нашите срца, нема да потклекнеме и да се откажеме. Водени од овие три нешта, нашите уметници самоуверено ги почнаа и „Мајските оперски вечери“, кои годинава се одржуваат по 45. пат. Нашите уметници дебитираа на светските оперски и балетски сцени. Некои од нив станаа наши амбасадори на културата низ сите меридијани. Затоа, на овој свечен ден, 9 Мај, како претседател на Република Македонија имам чест на Македонската опера и балет да ѝ доделам Орден за заслуги за Македонија – рече Иванов, посакувајќи ѝ на МОБ сè повеќе распродадени концерти и во Македонија и во светот.

Инаку, директорот на МОБ, Игор Дурловски, беше еден од основачите и водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и на протестите што се одржуваат во Скопје и во други градови во земјата, против платформата на албанските партии и на кои се бара одржување на нови предвремени парламентарни избори. Протестите ескалираа на 27 април годинава, по изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, кога толпа демонстранти, меѓу кои и Дурловски, упаднаа во законодавниот дом. Во насилствата беа повредени пратеници и новинари и беше демолиран ентериерот на Собранието.


Иванов ќе добие руска награда за придонес во православието


Скопје, 25 април, 2017 - 11:29 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, е одликуван со наградата „Неговата светост патријарх московски и на цела Русија, Алексеј Втори“ за 2016 година, што во мај, на свечена церемонија во Москва, ќе му биде врачена од патријархот на Руската православна црква, г.г. Кирил, соопшти кабинетот на претседателот Иванов.

Наградата ја доделува Меѓународната општествена фондација за единство на православните народи, за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и за промовирање на христијанските вредности во животот и во општеството.

Носители на наградата за 2016 година, покрај претседателот Иванов, се и поглаварот на Коптската црква, патријархот Тавардос Втори, и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

Предвидено е свечената церемонија за доделување на наградата да се одржи на 23 мај 2017 година во храмот „Христос Спасител“ во Москва.

„Наградата на Иванов претставува признание за неговите заложби во зајакнување на меѓу-православните односи, улогата на религијата во општеството и воспоставување, односно зајакнување на принципите на верска толеранција. Носители на наградата се претседатели на држави, влади, парламенти, поглавари на православни цркви, лидери на меѓународни организации, проминентни политички и духовни лидери, јавни личности, претставници на бизнис-заедницата“, соопштуваат од кабинетот на Иванов.


Писателот Луан Старова одликуван со францускиот орден „Офицер на Легијата на честа“


Скопје, 12 април, 2017 - 10:24 (META) 

Амбасадорот на Република Франција, Кристијан Tимоние, во име на претседателот на Франција, го одликува писателот Луан Старова со орден „Офицер од редот на Легијата на честа“.

Академик и писател, универзитетски професор по француска и компаративна книжевност и прв амбасадор на Република Македонија во Париз, Луан Старова го добива ова значајно француско одликување за неговиот голем придонес во развојот на односите помеѓу двете земји.

Амбасадорот Старова одржува блиски контакти со многу писатели, поети и француски мислители на нашето време, како Едгар Морен, Морис Дрион, Робер Мале, Анри Мешоник, Андре Френо и други, придонесувајќи на тој начин за подобро да се разбере регионот на Балканот во клучните години од последната деценија на 20 век.

Националниот ред на Легијата на честа го воспоставил Наполеон Бонапарта во 1802 година. Ова одликување се доделува за заслуга на личности кои имале исклучителен придонес за промоцијата на Франција и на вредностите што таа ги застапува и ги претставува во светот.


Франција ќе ја одликува Илинка Митрева


Скопје, 3 април, 2017 - 13:56 (META) 

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Tимоние, во име на претседателот на Република Франција, Франсоа Оланд, ќе ја одликува професорката по француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешна министерка за надворешни работи на земјава, Илинка Митрева, со орден „Офицер на Националниот ред за заслуги“.

„Госпоѓата Илинка Митрева, професор по француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер за надворешни работи, го добива ова значајно француско одликување за нејзините особени заслуги во развојот на односите меѓу Македонија и Франција, во приближувањето на францускиот јазик и книжевност кон младите генерации. Високо се вреднува и нејзиниот ангажман во промовирањето на франкофонијата и на европските вредности во Македонија“, стои во соопштението од Амбасадата на Франција во Македонија.

„Орденот за Национални заслуги на Франција“, воспоставен во 1963 година од страна на генералот Шарл де Гол, е едно од најпрестижните француски одликувања. Со него се наградуваат воени или цивилни лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција. Одликувањето се доделува со указ на претседателот на државата.

Инаку, Илинка Митрева во периодот од 1994 до 2001 година беше пратеник во Собранието на Република Македонија. Беше министер за надворешни работи во широката владина коалиција за време на воениот конфликт во 2001 година. По победата на СДСМ на парламентарните избори во 2002 година, Митрева повторно беше назначена на функцијата шеф на македонската дипломатија, која ја извршуваше до август 2006 година.


Теута Арифи ќе го добие францускиот орден „Офицер на Националниот ред за заслуги“


Скопје, 28 март, 2017 - 16:26 (META) 

Теута Арифи, актуелна градоначалничка на Тетово и поранешна вицепремиерка за евроинтеграции, ќе биде одликувана со орден „Офицер на Националниот ред за заслуги“, кој во име на францускиот претседател  ќе ѝ го додели амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние.

Како што соопшти француската амбасада, Арифи го добива ова важно француско одликување „за своите особени заслуги за развојот на односите помеѓу двете земји и за евроинтеграциските процеси на Македонија“.

Орденот за национални заслуги на Франција, воспоставен во 1963 година од страна на генералот Де Гол, е едно од најпрестижните француски одликувања. Со него се наградуваат воени или цивилни лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција.


Иванов со орден ќе ја одликува Агенцијата за разузнавање


Скопје, 24 март, 2017 - 11:46 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, со орден ќе ја одликува Агенцијата за разузнавање (АР), соопштуваат во кабинетот на Иванов.

Свеченоста по повод одликувањето е закажана за вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ).­

Од кабинетот на претседателот соопштуваат дека Агенцијата за разузнавање се одликува по повод 20 години од основањето, а особено за нејзината дејност, како еден од основните сегменти на разузнавачко-безбедносниот систем на државата, во зачувувањето и во зајакнувањето на суверениетот, независноста и на територијалниот интегритет на Република Македонија.


Денеска се одбележува Денот на АРМ


Скопје, 18 август, 2016 - 9:54 (META) 

Денеска на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија ќе се одржи централната свеченост за одбележување на Денот на АРМ. На свеченоста свои обраќања ќе имаат претседателот на државата и врховен командант Ѓорге Иванов и Министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Иванов, како што соопштија од неговиот кабинет, по повод Денот на АРМ, со Орден за воени заслуги ќе ги одликува Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон при АРМ.

Вчера по повод 18 Август на градските гробишта „Бутел“, армиски и државни делегации положија венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите и врховни команданти Борис Трајковски и Киро Глигоров, на гробот на генерал Михаило Апостолски и на партизанските гробишта.

Синоќа, со почесна артилериска стрелба, со 10 плотуни од артилериски орудија во касарната „Илинден“, беше најавено одбележувањето на 18 Август, Денот на АРМ.

Инаку, оваа година Денот на Армијата се одбележува симболично поради поплавите кои на 6 август го погодија Скопје и околината.

На 18 август 1943 на Славеј Планина, Дебарца, беше формиран Баталјонот „Мирче Ацев“, што се смета за прва организирана воена формација на Народноослободителната борба (НОБ) на Македонија. Овој ден се смета за роденден на Армијата на Република Македонија.


Иванов ќе ги одликува Инженерискиот и Баталјонот на воената полиција на АРМ


Скопје, 17 август, 2016 - 16:27 (META) 

Претседателот на државата Ѓорге Иванов утре, по повод Денот на Армијата на Република Македонија, со „Орден за воени заслуги“ ќе ги одликува Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон при АРМ, соопштија денеска од кабинетот на Иванов.

„’Орденот за воени заслуги’ на двата баталјони на Армијата на Република Македонија им се доделува за исклучителен придонес и поддршка во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурност на македонските граѓани, особено во справувањето со бегалската криза како глобален безбедносен предизвик“, стои во соопштението.

Иванов утре ќе има обраќање на централната свеченост по повод Денот на АРМ, која ќе се одржи на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, со почеток во 10 часот.


Ванхауте вечерва ќе добие одликување „Офицер во кралскиот ред“


Скопје, 22 март, 2016 - 16:03 (META) 

Белгискиот олеснувач Питер Ванхауте денеска од амбасадорката на Кралството Белгија, Аник ван Калстер, ќе добие одликување „Офицер во кралскиот ред“.

Церемонијата ќе се одржи вечерва, во 18.30 часот, во хотелот „Арка“.

Олеснувачот Ванхауте во Македонија учествуваше во преговорите по црниот понеделник и кризата по 24 декември 2012 година, а ги предводеше и работните групи за спроведување на Договорот од Пржино.

Во последно време тој предизвика контроверзни реакции поради неговите твитови со мачки, преку кои изнесуваше лични коментари за актуелни состојби во земјава.

Од овие причини и поради неговите ставови, владејачката ВМРО-ДПМНЕ реши да не учествува на преговори и на средби на кои би присуствувал и Ванхауте.