!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Скопје се потсетува на жртвите на катастрофалниот земјотрес пред 54 години


Скопје, 26 јули, 2017 - 10:39 (META) 

Со низа настани, денеска Скопје се потсетува на една од најголемите трагедии во неговата историја – катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година. На денешен ден пред 54 години Скопје беше разурнато од земјотрес со сила од 9 степени според Меркалиевата скала (магнитуда од 6,1 степени), во кој загинаа 1.070 луѓе, а околу 4.000 беа повредени. Потресот уништи 15.800 живеалишта, а оштети 28.000.

Во рамките на денешното одбележување, од 9 до 17 часот во Домот на хумантирани организации „Даре Џамбаз“ ќе се одржи традиционалната  крводарителска акција на  Црвениот крст на град Скопје.

Во 10 часот на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во катастрофалниот земјотрес, цвеќе ќе положат официјални делегации и претставници на институции.

Со настани организирани од Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје, Музејот на Град Скопје и од Град Скопје исто така се потсетува на земјотресот.

Мултимедијалниот културен настан што под мотото „МКЦ за Скопје“ го организира Младинскиот културен центар, кој традиционално се одржува на 26 јули, годинава се одржува два дена, односно почна вчера, а завршува денеска.

Во 20 часот во галеријата на МКЦ ќе биде отворена изложба на Димитар Аврамовски-Пандилов, а во 22.30 ќе почне концерт на повеќе музички изведувачи од САД. Истовремено, ќе се одржи и фотографска изложба на Вацлав Шваб, како и готографски инсталации „Јас, ти и градината, фотографии на отворено“ од Ан Д’Гела, Максим Делво, Герт Д’Теје, Алан Брејер.

Во Музеј на Град Скопје во 20 часот ќе биде отворена изложба на фотографии од Матијас Шуман од Дрезден, Германија, а со почеток во 21 часот на плоштад Македонија ќе настапи ревискиот оркестар на „Македонска радио-телевизија“. Скопјани, како и сите добронамерници ќе имаат можност да слушнат голем број македонски композиции кои низ децениите се пееле и се свиреле во Скопје или кои асоцираат на Скопје.


Со „Скопје го слави животот“ ќе се одбележат 54 години од катастрофалниот земјотрес


Скопје, 25 јули, 2017 - 11:18 (META) 

Со настани организирани од Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје, Музејот на Град Скопје и од Град Скопје, утре ќе се одбележат 54 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.

Мултимедијалниот културен настан што под мотото „МКЦ за Скопје“ го организира Младинскиот културен центар, кој традиционално се одржува на 26 јули, годинава се одржува два дена, односно почнува денеска, 25 јули, а ќе заврши утре.

Вечерва во 20 часот почнува книжевна вечер посветена на поетесата Даница Ручигај, а ќе има и проекција на документарните филмови „Поетот живее по смртта“ и „Соновите не заспиваат“.

Утре во 20 часот во галеријата на МКЦ ќе биде отворена изложба на Димитар Аврамовски-Пандилов, а во 22.30 ќе почне концерт на повеќе музички изведувачи од САД. Истовремено, ќе се одржи и фотографска изложба на Вацлав Шваб, како и готографски инсталации „Јас, ти и градината, фотографии на отворено“ од Ан Д’Гела, Максим Делво, Герт Д’Теје, Алан Брејер.

Во Музеј на Град Скопје утре во 20 часот ќе биде отворена изложба на фотографии од Матијас Шуман од Дрезден, Германија, а со почеток во 21 часот ќе настапи ревискиот оркестар на „Македонска радио-телевизија“.

 


Повеќе од милион луѓе во Истанбул на годишнината од обидот за пуч


Истанбул, 16 јули, 2017 - 13:18 (META) 

Повеќе од еден милион Турци во Истанбул синоќа беа на гигантскиот собир наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули лани.

Мостот над Босфор, наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километар, беше исполнет со луѓе, а според некои проценки, имало повеќе од еден еден милион лица. Пред една година мостот беше заземен со тенкови. Притоа  беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да минат на другиот брег, што беше одлучувачки момент за неуспехот на пучот.

Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети.

Синоќешниот собир почна со огромна поворка, на чие чело беа претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот.

– Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ, тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера – рече Ердоган.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2.32 минути по локално време, кога парламентот беше подложен на напад од турски „Ф-16“ за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара, Ердоган изјави дека ќе го потпише законот за враќање на смртната казна доколку му биде доставен.


Во Турција се одбележува годишнина од неуспешниот пуч


Анкара, 15 јули, 2017 - 11:29 (META) 

Во Турција денеска се одбележува првата годишнина од неуспешниот обид за државен преврат. Според турските власти, организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, прогласена од безбедносните структури за терористичка, е одговорна за пучот извршен ноќта на 15 спроти 16 јули минатата година.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган објави вчера дека во државата ќе почне „национално демократско бдеење“ и ќе трае до полноќ на 16 јули. Закажана е седница на парламентот со специјална програма. Попладне во Истанбул ќе почне поход на национално единство на Ердоган, ветерани од превратот и роднини на загинатите. Претседателот ќе има говор и ќе биде прикажан документарен филм за 15 јули. Ќе биде отворен и споменик на жртвите од неуспешниот пуч.

Турските власти, инаку, вчера отпуштија повеќе од 7.000 полицајци, војници и јавни службеници. Декретот за отпуштање претставува дел од мерките по обидот за пуч. Турција досега суспендира повеќе од 150.000 официјални лица и уапси околу 50.000 припадници на армијата, полицијата, вработени во судството, академици и луѓе од други сектори. Во најновиот декрет меѓу отпуштените од работа се 2.303 полицајци, како и 302 вработени на универзитети во државата.


ВМРО-ДПМНЕ денеска слави 27 години од основањето на партијата


Скопје, 17 јуни, 2017 - 13:12 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска прославува 27 години од формирањето на политичката партија, како и 124 години од основањето на Внатрешно-македонската револуционерна организација.

Церемонијата ќе се одржи вечерва, со почеток во 19 часот, во Музејот на македонската револуционерна борба, под мотото „Единствени“.

Во рамки на манифестацијата на одбележување на роденденот, вчера и завчера партијата одржа две панел-дискусии: „Единствени кои носат инвестиции и отвoраат работни места“ и  „Единствени кои реализираат проекти во инфраструктурата“.


Националистот Каракачанов го славеше Денот на Македонија како министер


Софија, 6 јуни, 2017 - 12:51 (META) 

Бугарскиот вицепремиер за јавен ред и безбедност и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, вчера во Софија пред споменикот на револуционерите од Македонија и Тракија, првпат го одбележа Денот на Македонија како владин министер, јави „Балкан инсајт“. Претходно Каракачанов, според бугарските медиуми, бил редовен учесник на одбележувањата, но првпат годинава го зеде под свое патронство ова празнување на бугарските националисти.

Прославата организирана од т.н. Македонскиот научен институт (МНИ) почна пред споменикот во Софија, оддавајќи им признание на паднатите борци, по што се одржаа панихида и научна конференција.

Во официјалното обраќање на конференцијата одржана во МНИ, Каракачанов, кој исто така е член на институтот, ги повика Бугарите „да не ги заборават вистината и идеалите на хероите што паднале за Македонија“.

Каракачанов е долгогодишен лидер на бугарската ВМРО-БНД, која е позната по екстремниот национализам во поглед на Македонија и ја пропагира тезата за национален идентитет на етничките Македонци во Република Македонија.

На сметка на Каракачанов од истакнати научници беа пласирани критики дека го злоупотребува „македонското дело“, како што се нарекува борбата за бугарската кауза на територијата на денешна Република Македонија и на териториите на Грција и на Албанија.


Македонија го одбележува 9 Мај – Денот на Европа и на победата над фашизмот


Скопје, 9 мај, 2017 - 11:42 (META) 

Со повеќе од 30 настани, организирани и поддржани од Делегацијата на Европската Унија во Македонија, во соработка со повеќе амбасади, општини и организации, денеска во земјава се одбележува 9 Мај – Денот на Европа.

По тој повод, во 12 часот членовите на ЕУ Инфомрежата ќе организираат настани во Дебар, Охрид, Кавадарци, Гевгелија, Кочани, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Крива Паланка, Велес и во Куманово. Како што информираат од Делегацијата на ЕУ, станува збор за најразлични настани од спортот, културата, бројни дебати, предавања, натпревари и локални фестивали, чија цел е доближување на процесот на евроинтеграциите до граѓаните.

Централното одбележување ќе се одржи во Клубот на пратениците во Скопје, каде што ќе говорат евроамбасадорот Самуел Жбогар и вицепремиерот за евроинтеграции, Арбер Адеми.

На 9 мај 1950 година, Роберт Шуман го презентира предлогот за создавање на организирана Европа, како опција за одржување на мирот на европскиот континент. Предлогот познат како „Шуманова декларација“ се смета за почеток на формирањето на тоа што денес претставува Европската Унија. Првично, активностите се однесуваа на создавање заеднички пазар за јаглен и за железо на земјите основачи – Германија, Франција, Белгија, Италија, Луксембург и Холандија. Денес Европската Унија ја сочинуваат 28 земји членки, но со референдумот во Велика Британија и одлуката за излегување на земјата од ЕУ, бројот на членки ќе биде 27. Со Брексит, мигрантската криза, терористичките напади и со подемот на популизам, ЕУ се соочува со еден од најголемите предизвици од своето постоење. Македонија од 2005 година е земја кандидат за членство во Европската Унија.

Денеска со повеќе активности се одбележува и 9 Мај – Денот на победата над фашизмот. По тој повод, Амбасадата на Руската Федерација во земјава викендов организираше повеќе настани во Битола и во Скопје.

Во рамките на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот, Амбасадата на Русија организира полагање венци цвеќе пред Споменикот на загинатите партизани кај хидроцентралата „Матка“, а ќе бидат одржани и повеќе други културни настани.

На 9 мај 1945 година, Германија ја потпиша својата капитулација во Втората светска војна, во која животите ги загубија повеќе од 50 милиони луѓе.


Во Штип одбележани 100 години од раѓањето на првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров


Штип, 3 мај, 2017 - 16:00 (META) 

Одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, денеска во Штип, на едно место собра пратеници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, советниците во Општината од двете партии, борци од НОВ, граѓани и пријатели, кои заеднички му оддадоа почит на поранешниот претседател на државата.

Родниот град на Глигоров денеска првпат одбележува датум поврзан со неговиот живот. Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, говорот на свеченоста го почна со констатацијата дека ваков настан треба да се одржува на државно ниво, бидејќи Глигоров беше една од најзначајните личности од македонската историја.

– Неспорни се заслугите на Глигоров за македонската државност. Заедно со Јосип Броз Тито е потписник на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) од 1974 година, со кој Македонија ги утврди денешните граници. Штип треба да го одбележува и денот на неговата смрт. Скромен, каков што беше, и последното испраќање по негова желба беше скромно, без државни и црковни почести. Некој нов Совет (на Општината, н.з.) треба да даде иницијатива за одбележување на сите значајни штипјани, како Михајло Апостолски, Глигоров… Дали ќе биде тоа спомен-куќа, споменик или спомен-обележје, независно, важно е да има нешто по што ќе ги паметат и ќе се сеќаваат идните генерации – рече Захариев.

Соња Николова, доктор по историски науки, потсети дека Глигоров, заедно со Емануел Чучков и со Михајло Апостолски, е еден од од шесттемина иницијатори за организирање на АСНОМ.

Инаку, Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Како политичар, во рамките на поранешната југословенска федерација ги вршел сите значајни функции, вклучително и претседател на Сојузното собрание на СФРЈ, од 1974 до 1978 година. На 27 јануари 1991 година е избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија. На 3 октомври 1995 година преживеа атентат, еден ден по потпишувањето на договорот со Слободан Милошевиќ за меѓусебно признавање на Македонија со тогашна СР Југославија. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации, кога Република Македонија под привремена референца БЈРМ стана 181. членка на Обединетите нации.

Глигоров почина на 1 јануари 2012 година, во својот дом во Скопје, во 94. година од животот.


Србија го одбележува Денот на сеќавање на жртвите во бомбардирањето на НАТО на СРЈ


Белград, 24 март, 2017 - 10:29 (META) 

Денеска во Србија со комеморативни собори, со полагање венци и цвеќе на спомениците на воените и на цивилните жртви, се одбележува 18-годишнината од почетокот на бомбардирањето на НАТО на тогашна Сојузна Република Југославија (СРЈ).

Државната делегација на церемонијата ќе ја предводи премиерот на Србија, Александар Вучиќ. Церемонијата ќе биде одржана кај железничкиот мост во Грделичката клисура, на кој во април 1999 година беше погоден патнички воз.

Воздушните напади на НАТО почнаа на 24 март 1999 година, пред 20 часот, и траеја 11 недели. Во нив, според проценките на различни извори, загинаа помеѓу 1.200 и 2.500 луѓе. Во бомбардирањата, кои без прекин траеја 78 дена, тешко беше оштетена инфраструктурата, фабрики, училишта, здравствени установи, медиумски куќи и споменици на културата.

Акцијата на НАТО, која тогашната влада на СРЈ ја оцени како агресија, уследи по неуспешните преговори за решение на кризата на Косово, кои се одржаа во Рамбуе, кај Париз, во февруари и во март 1999 година.


На Меѓународниот ден на водите, „Арсена“ потсети на загадената вода во Гевгелија


Гевгелија, 22 март, 2017 - 18:09 (META) 

Граѓанската иницијатива „Арсена“ подели пакувања чиста вода на штанд поставен на градското шеталиште во центарот на Гевгелија, по повод Меѓународниот ден на водите.

Мотото на оваа акција беше „Здрава вода за здрав живот“, а целта беше да се актуелизира долгогодишниот проблем на гевгеличани со потребата од чиста вода за пиење, поради присуството на енормно високи концентрации на отровниот металоид арсен во водите од градскиот водовод.

„Ова што се случува со водата во Гевгелија е трагично и неодговорно. Сите сакаме чиста вода и сите заслужуваме да ја имаме дома како корисници на јавниот водоводен систем. Но, работите се надвор од секаква контрола на локалните власти. Изгледа, сиве овие години, поважан им беше мирниот мандат и бенефициите од мандатот, наместо задоволување на потребите на граѓаните за чиста вода“, изјавија од „Арсена“.

Од оваа иницијатива најавуваат формирање на правен тим кој ќе се занимава со правните консеквенци на одговорните за долгогодишното труење на гевгеличани со арсенот во гевгелиската вода.