Грчкото министерство за финансии издаде хартии од вредност првпат по 2014 година


Атина, 25 јули, 2017 - 11:13 (META) 

Министерството за финансии на Грција објави емисија на нови хартии од вредност деноминирани во евра, со фиксна каматна стапка и рок на достасување во 2022 година, јавуваат грчките медиуми.

Ова е прво издавање грчки хартии од вредност од 2014 година, бидејќи Грција загуби пристап до пазарот на обврзници поради високите каматни стапки.

Владата во Атина ангажирала шест банки да управуваат со нејзиното враќање на меѓународниот пазар на обврзници.


ЕЦБ нема да ја зголеми каматната стапка


Брисел, 7 април, 2017 - 14:09 (META) 

Каматните стапки нема да се зголемат сè додека не заврши програмата за откуп на обврзници, која ќе продолжи до декември, изјави претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги.

Тој додаде дека откупот на обврзници ќе биде со темпо како и досега, во износ од 60 милијарди евра месечно.

Според првиот човек на ЕЦБ, закрепнувањето на економијата во еврозоната е резултат на зголемувањето на потрошувачката, вработеноста и на платите, како и на намалувањето на задолженоста.

Европската централна банка (ЕЦБ) лани ја намали својата референтна каматна стапка на нула од 0,05 отсто, во рамките на пакетот мерки чијашто цел беше да ја поттикне ослабената економија на еврозоната.


Франција собра седум милијарди евра со издавањето на зелени обврзници


Париз, 27 јануари, 2017 - 11:38 (META) 

Франција собра рекордни седум милијарди евра со издавањето на обврзници за финансирање на проекти во секторот на обновливи извори на енергија или т.н. зелени обврзници.

Обврзниците им се продадени на банки, осигурителни куќи и други инвеститори со каматна стапка од 1,75 проценти и со рок на доспевање од 22 години.

Полска беше првата земја што излезе на пазарот со зелени обврзници во декември минатата година, издавајќи обврзници во износ од 750 милиони евра.


Државата се задолжи со 25 милиони евра на домашниот пазар


Скопје, 17 август, 2016 - 9:47 (META) 

Државата се задолжи со нови 25,3 милиони евра преку издавање на хартии од вредност на домашниот финансиски пазар.

Министерството за финансии издаде едногодишни записи од 17,5 милиони евра и 7,8 милиони евра преку 10 и 15 годишни обврзници.

Од опозициската партија СДСМ реагираат дека „и покрај тоа што минатиот месец граѓаните беа задолжени со еврообврзница од 450 милиони евра, државата повторно ги задолжи гараѓаните на домашниот пазар.“

-Јавниот долг е на историски износ од пет милијарди евра, односно над 50 проценти од бруто-домашниот производ – се вели во реакцијата на СДСМ.


Фирмите обврзници да достават годишни сметки до крајот на месецов


Скопје, 22 февруари, 2016 - 13:24 (META) 

До крајот на овој месец сите фирми обврзници треба да достават годишни сметки за 2015 година до Централниот регистар.

За трговските друштва што поднесуваат годишни сметки во електронска форма и за трговците-поединци и самостојните вршители на дејност рокот е до 15 март 2016 година.

Од Централниот регистар на Република Македонија информираат дека в петок, сабота и в понеделник приемот на годишните сметки во хартиени форми ќе се врши во сите регистрациски канцеларии на Централниот регистар во периодот од 8 до 20 часот. Годишни сметки ќе се примаат и в недела, од 8 до 16 часот.

Во согласност со Законот за трговските друштва, средните и големите субјекти се должни до Централниот регистар на Република Македонија да ги поднесат годишните сметки и финансиските извештаи исклучиво во електронска форма, а ревидираните и одобрени годишни сметки и финансиски извештаи за 2015 година да ги достават најдоцна до 30 јуни 2016 година.


Издадена 14. емисија обврзници за денационализација


Скопје, 1 јуни, 2015 - 16:49 (META) 

Државата денеска ја емитуваше 14. емисија обврзници за денационализација во износ од 9.500.000 евра.

Министерството за финансии информира дека со 14. емисија се опфатени сите правосилни решенија за денационализација од 1 февруари 2014 година до 31 јануари 2015 година, за кои како надомест се доделени обврзници.

Централниот депозитар за хартии од вредност ќе им достави на сопствениците на обврзниците известување за личниот износ на емитувани обврзници, на домашна адреса.

Тргувањето со обврзниците за денационализација се врши на Македонска берза АД Скопје, со посредство на брокерските куќи и на банките-членки на Македонската берза.

Пред рокот за нивното достасување, граѓаните може да ги користат обврзниците за денационализација за отплата на становите во општествена сопственост.

Досега се издадени 14 емисии обврзници за денационализација, со вкупна вредност од 333,5 милиони евра.


Јапонија е најголем сопственик на американски хартии од вредност


Токио, 18 април, 2015 - 12:14 (META) 

Јапонија ја замени Кина на позицијата најголем сопственик на американски хартии од вредност, соопшти американското Министерство за финансии.

Обемот на американски обврзници во сопственост на Јапонија во февруари е намален на 1,2244 билиони долари, додека нивото на американски обврзници во Кина е намален на 1,2237 билиони долари, јавува кинеската агенција „Синхуа“.

Кина во 2008 година, кога американската влада го зголеми задолжувањето заради финансирање на рекордниот дефицит, стана најголем сопственик на американски хартии од вредност.


План од 1.000 милијарди евра за заживување на економијата во еврозоната


Франкфурт, 22 јануари, 2015 - 19:33 (META) 

Европската централна банка (ЕЦБ) претстави план со кој се предвидува во наредните 19 месеци да бидат откупени државни и приватни обврзници во вредност поголема од 1.000 милијарди евра, што треба да помогне во заживувањето на економијата во еврозоната, соопшти денеска на прес-конференција во Франкфурт, претседателот на ЕЦБ, Марио Драги.

Како што соопштил претседателот на ЕЦБ, проширената програма предвидува комбинирано месечно купување обврзници од јавниот и од приватниот сектор во износ од 60 милијарди евра, кое почнува во март оваа година и ќе трае до септември 2016 година.

Големината на програмата ги надминала очекувањата на инвеститорите, а веднаш дојде и до пад на вредноста на еврото, пренесуваат медиумите.

Од Европската централна банка соопштиле и дека каматната стапка ќе остане непромената, односно на рекордно ниското ниво од 0,05 отсто.

Како што пренесуваат медиумите, реакцијата на ЕЦБ следи по повеќемесечната ниска инфлација во еврозоната, која ги обесхрабри кредитирањето и протрошувачката и го зголеми ризикот од рецесија.

Планот на ЕЦБ е преку внесување пари во банкарскиот систем на еврозоната да поевтинат кредитите и да станат подостапни за компаниите, што би имало позитивен ефект на нивните инвестиции, ширењето, нови вработувања и стимулирање на економскиот развој.