!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Поднесено обвинение за гинекологот кој лажеше пациентка дека е бремена


Скопје, 31 август, 2017 - 13:27 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против Н.Д., лекар специјалист по гинекологија и акушерство, кој од септември 2015 до април 2016 година презентирал лажна симулирана бременост на пациентка, врз која претходно извршил биолошки потпомогнато оплодување.

Лекарот, како што соопшти денеска Обвинителството, се товари за тешки дела против здравјето на луѓето и за фалисфикување исправа.

„Лекарот иако знаел дека оштетената не е бремена, врз неа вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо-апарат, презентирал лажни ехо-снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање“, стои во соопштението на Обвинителството.

Обвинетиот лекар признал дека лажел за бременоста непосредно пред денот за кога било закажано наводното пораѓање на пациентката. Тој првин му признал на сопругот на оштетената, а потоа и нејзе.


Лидија Петровска ќе го суди Талески за „Транспортер“


Скопје, 20 јуни, 2017 - 14:10 (META) 

Судскиот процес за случајот „Транспортер“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство, а во кој првообвинет е битолскиот градоначалник Владимир Талески, ќе го води судијката Лидија Петровска, соопшти денеска Кривичниот суд во Скопје.

Како што информираат оттаму, Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 го одобрил обвинението што го поднесе Специјалното јавно обвинителство за случајот „Транспортер“, во кој Талески и уште 20 лица се обвинети за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки околу 300.000 евра.

Предметот кај Петровска бил распореден според автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС), а терминот кога ќе почне судењето ќе биде дополнително одреден.

„Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 кој постапуваше по обвинителниот акт поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) против 21 лице за предметот во јавноста познат како „Транспортер“, по добивање и разгледување на приговорите на странките во постапката во однос на обвинението, како и ценејќи ги фактите врз кои е заснован актот, донесе одлука со која го одобри обвинителниот акт. Откако обвинителниот акт, согласно АКМИС – електронскиот систем, е распореден на судија Лидија Петровска за понатамошно постапување во судечки совет, ќе биде закажан термин за одржување на главна расправа за што странките ќе бидат известени, а јавноста ќе биде благовремено информирана“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Специјалното јавно обвинителство обвинителниот акт за случајот „Транспортер“ го поднесе во судот на почетокот на април оваа година.

Инаку, судијката Петровска веќе го суди предметот на СЈО за случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски.

СЈО во февруари оваа година до Советот за утврдување на факти поднесе претставка против Петровска заради нестручно и несовесно вршење на судската функција, а во септември минатата година бараше и нејзино изземање од случајот „Тврдина 2“.

Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што во текот на 2015 година ги објави СДСМ. Во разговор воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за тогашната претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.


СЈО пред Велигден поднело обвинение против Талески за „Транспортер“


Скопје, 19 април, 2017 - 15:39 (META) 

Специјалното јавно обвинителство го поднело обвинителниот акт за случајот „Транспортер“, во кој првоосомничен, односно сега првообвинет, е актуелниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кого СЈО го товари за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра, потврдија за „Мета“ од СЈО.

Оттаму додаваат дека обвинителниот акт до Кривичниот суд – Скопје бил поднесен пред велигденските празници.

Како што информираат од СЈО, за него сега треба да одлучува Совет за оценка на обвинителниот акт, по што, доколку биде одобрен, треба да биде закажано судење.

Специјалното јавно обвинителство случајот „Транспортер“ го отвори на 14 април минатата година, и во него, покрај Талески, за злоупотребите со превозот на ученици во Битола, се осомничени уште 22 лица.

Инаку, ова е трето обвинение што го поднесува СЈО, по оние за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година и за случајот „Тврдина“.

Ова е прво обвининие на СЈО по редовна постапка, бидејќи претходните две беа поднесени како обвинителни предлози, односно по скратена постапка.


Поднесено обвинение против криминална група за шверц на 100 килограми марихуана


Скопје, 8 март, 2017 - 16:03 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднело обвинителен акт против три лица – членови на криминална група, кои се товарат за шверц на 100 килограми марихуана.

Како што соопштуваат од обвинителството, станува збор за четиричлена група, која организирала шверц на 100 килограми марихуана од Албанија во земјава. Дрогата, според обвнителството, била наменета за нарко-пазарот во Турција, до каде требало да биде илегално пренесена.

Во текот на постапката еден од обвинетите постигнал спогодба со надлежниот јавен обвинител и е осуден на затворска казна од четири години и два месеци, стои во соопштението на обвинителството.


ОЈО Куманово поднесе обвинение за убиството во кругот на црквата „Св. Мина“


Куманово, 27 декември, 2016 - 16:22 (META) 

Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинител акт против Д.Д., кој се товари за убиството што се случи на 26 јуни, во кругот на црквата „Света Мина“.

Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека надлежниот јавен обвинител во текот на истражаната постапка ги прибрал сите материјални и вербални докази за случајот и до Основниот суд во Куманово го доставил обвинението. Воедно до судот бил доставен и предлог за продолжување на притворот на обвинетиот, кој се товари за убиство со умисла.

„Настанот се случил кога по посета на ноќен клуб, обвинетиот и жртвата се упатиле кон кумановската населба Вера Которка, во кругот на црквата „Св. Мина“. Додека разговарале, обвинетиот му пришол од зад грб на сега починатиот кој седел на клупа во близина на бунар, извадил огнено оружје – пиштол марка „црвена застава“ и од непосредна близина на растојание од 2 сантиметри, испукал еден куршум во левиот тилен дел на главата на сега покојниот. Нанесената прострелна рана предизвикала фатални повреди поради што настапила смртта. Обвинетиот потоа го фрлил телото на починатиот во блискиот бунар и го напуштил местото на настанот“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.


Поднесено обвинение за убиството на четиригодишното дете во Куманово


Скопје, 23 декември, 2016 - 16:09 (META) 

Основното јавно обвинителство Куманово поднело обвинителен акт против Б.И., осомничен за прегазувањето на четиригодишно дете, кое се случи на 25 јуни годинава кај кумановската болница. Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, осомничениот се товари за убиство, според член 123 од Кривичниот законик.

Во врска со случајот, поднесено е обвинение против уште три други лица за насилство.

„На 25 јуни годинава, додека Б.И. заедно со неговата девојка чекале ред во здравствениот дом во Куманово, тој се скарал со родителот на четиригодишното момче за непочитување ред за прием во установата. Расправијата продолжила надвор од Здравствениот дом, кога членови на семејството на момчето ги нападнале Б.И. и неговиот брат. Обвинетиот со својот автомобил марка „мерцедес“ се обидел да ги прегази мајката, таткото и четиригодишното дете, кое од здобиените повреди почина“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.


Угреновиќ се изјасни за виновен за убиството на охриѓанецот Матилоски, лани во новогодишната ноќ


Охрид, 15 декември, 2016 - 14:46 (META) 

Во Основниот суд во Охрид денеска почна судскиот процес за убиството на 27-годишниот Димитар Матилоски од Охрид. Обвинетиот Бојан Угреновиќ се изјасна дека се чувствува виновен и дека ќе се брани со молчење.

Угреновиќ (29) од Краљево, лани на новогодишната ноќ на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид.

Угреновиќ ќе одговара за убиство и покрај тоа што семејството и охриѓани преку мирен протест бараа промена на обвинителниот акт во убиство на свиреп и подмолен начин.

На 6 јуни годинава, Цветанка Матилоска-Пешиќ, сестра на починатиот 26-годишен Димитар Матилоски, рече дека судот не ги зел предвид доказите од вештачењето што тие го направиле за убиството на Димитар.

– Судско-медицинското вештачење што беше направено во Битола, имаше многу нелогичности, многу докази воопшто не беа третирани и затоа ние како семејство направивме приватни судско-медицински вештачења – рече Матилоска-Пешиќ.


Поради нова адвокатка, судењето на Зоран Божиновски одложено за 10 ноември


Скопје, 19 октомври, 2016 - 13:59 (META) 

Денеска во Кривичниот суд во Скопје почна судскиот процес против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, но по читањето на обвинителниот акт, рочиштето беше прекинато и одложено, на барање на новата адвокатка на обвинетиот.

Таа, како што пренесува „СДК“, побарала дополнително време за да може да направи увид во предметот и да ја подготви одбраната.

Следното рочиште е закажано за 10 ноември.

Божиновски денеска бурно реагирал на квалификацијата од обвинителниот акт за злосторничко здружување. Тој посочил дека не прифаќа такво обвиниение и оти „судијката која го води случајот и судот каде таа работи се злосторнички здружени“.

На ова реагирала судијката, која побарала од одбраната да му укаже на Божиновски дека треба пристојно да се однесува во судницата.

Судењето на Божиновски првично требаше да почне на 1 септември, но беше одложено бидејќи Апелацискиот суд ги немаше доставено доказните материјали поврзани со предметот.

Божиновски, според обвинението се товари за злостроничко здружување, шпионажа и за уцена.

Тој во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти врз основа на меѓународната потерница.


Истражната на Кежаровски и „сваровски-судијката“ ги добија обвиненијата од СЈО


Скопје, 20 септември, 2016 - 13:24 (META) 

Татјана Михајловска и Лидија Петровска од Кривичниот суд се двете судијки што ќе треба да ги работат обвинителните акти кои минатата недела ги поднесе СЈО.

Неофицијално, судијката Михајловска ќе го работи случајот со насилството во Општината Центар („Шамарите за Жерновски“), а Петровска го доби случајот со уништувањето на документите поврзани со опремата за прислушување.

Распределбата е направена во согласност со електронскиот систем за распределба.

Инаку, Михајловска беше истражна судијка во случајот „Ликвидација“, во кој осуден беше новинарот Томислав Кежаровски, а Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што лани ги објави СДСМ, во разговор воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Сè уште не се одредени датуми за судење, односно за одржување на главната расправа, за што не е предвиден рок, туку ќе се чека слободен термин.

Двете обвиненија се поднесени по скратена постапка, бидејќи СЈО имало доволно докази за да подготви обвинителни предлози и да ги достави до Кривичниот суд.

Првиот предмет се однесува на уништувањето документи за да се прикрие незаконското прислушување, а вториот предмет се однесува за насилството пред Општина Центар од 2013 година. Во првиот предмет опфатени се седум лица, вработени во УБК, кои се осомничени за кривичното дело фалсификување службена исправа, а во вториот предмет опфатени се 14 лица осомничени за кривичното дело насилство.


За случајот „Јагула“, поднесено обвинение против поранешниот градоначалник на Охрид


Скопје, 5 август, 2016 - 11:50 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе обвинителен акт против поранешниот градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ, Александар Петрески, за предметот познат како „Јагула“, за едно продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување и за кривично дело примање поткуп. Обвинение е поднесено и за Г.С., како помагач за едно продолжено кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување.

„Имено, во ноември 2014 година, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против 16 лица, меѓу кои и пет државни службеници вработени во Општина Охрид и пет управители на трговски друштва. Осомничените се товареа дека во периодот од 2006 до 2013 година при вршење јавни набавки за потребите на Општина Охрид, сториле злоупотреба на службена положба и овластување и други кривични дела, со што за други правни лица прибавиле имотна корист од околу 112 милиони денари, а на штета на Општината“, пишува во соопштението на обвнинителството.

Од обвинителството информираа и дека со пет лица е склучена предлог-спогодба, додека за другите лица донесена е наредба за запирање на постапката.