!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Обвинетиот за нападот во лондонското метро изведен пред суд


Лондон, 22 септември, 2017 - 16:47 (META) 

Осумнаесетгодишниот Ахмед Хасан денеска е изведен пред судот во Лондон под обвинение за обид за убиство во врска со бомбашкиот напад во метро-станицата Парсонс грин, јави „Би-би-си“.

Тој е обвинет и за предизвикување експлозија која може да го загрози животот или да предизвика сериозни повреди.

Хасан пред судот го потврдил својот идентитет, датумот на раѓање и адресата на која живее.

Во истрагата за терористичкиот напад во лондонското метро беа уапсени шест лица. Двајца од нив, како што пренесува „Би-би-си“, се ослободени од обвиненија и се пуштени на слобода, додека Хасан и уште две лица, на возраст од 25 и 30 години и понатаму остануваат во притвор.

Нападот во метро-станицата Парсонс грин во Лондон се случи на 15 септември, а во експлозијата на импровизираната бомба беа повредени 30 лица.


Тони Јакимовски обвинет во „Тврдина“ разрешен од позицијата директор на СЕЛЕК


Букурешт, 19 септември, 2017 - 12:05 (META) 

Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинет на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, и обвинет во случајот „Тврдина“ на СЈО, денеска бил разрешен од позицијата директор на СЕЛЕК – организација за борба против организираниот криминал во Југоисточна Европа, со седиште во Букурешт.

Јакимовски бил разрешен на барање на македонското министерство за внатрешни работи. На тајното гласање, како што јавува „Телевизија 24“, повикувајќи се на извори од МВР, за разрешување на директорот гласале сите 11 члена на Советот на СЕЛЕК.

Инаку, Јакимовски е обвинет во случајот на СЈО за уништување на опремата од нелегалното следење на комуникациите, заедно со поранешниот шеф на петтата управа, Горан Грујовски, кој месец и половина е во бегство. Во рамките на постапката, судот на Јакимовски му ги одзеде обичниот и дипломатскиот пасош.

Тој беше назначен за директор на СЕЛЕК минатата година, на предлог на тогашниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков.


Рамуш Харадинај на слобода, француски суд одби да го екстрадира во Србија


Колмар, 27 април, 2017 - 9:39 (META) 

Судот во францускиот град Колмар утрово го одби барањето на Србија за екстрадиција на Рамуш Харадинај, лидер на Алијансата за иднината на Косово и поранешен висок заповедник на ОВК.

Апелацискиот суд во Колмар ја донесе конечната одлука за отфрлање на барањето на  српското јавно обвинителство, кое го товари за воени злосторства извршени во Косово на крајот на 1990-тите години.

По ваквата одлука, Харадинај може да ја напушти Франција како слободен човек, а Србија нема право да се жали. Тој беше уапсен на 4 јануари по потерница од Интерпол, а по една седмица беше пуштен да ја чека одлуката на слобода, но му беше забрането да ја напушти Франција.

Истрагата против  Харадинај во Србија беше почната во 2004 година, а во јануари беше проширена со нови обвиненија и со нови докази, што беа доставени до судот во Колмар.

На Харадинај му се судеше во Хашкиот суд за воени злосторства во Косово, а во 2012 година беше ослободен од сите обвиненија.


ОЈО Куманово поднесе обвинение за убиството во кругот на црквата „Св. Мина“


Куманово, 27 декември, 2016 - 16:22 (META) 

Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинител акт против Д.Д., кој се товари за убиството што се случи на 26 јуни, во кругот на црквата „Света Мина“.

Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека надлежниот јавен обвинител во текот на истражаната постапка ги прибрал сите материјални и вербални докази за случајот и до Основниот суд во Куманово го доставил обвинението. Воедно до судот бил доставен и предлог за продолжување на притворот на обвинетиот, кој се товари за убиство со умисла.

„Настанот се случил кога по посета на ноќен клуб, обвинетиот и жртвата се упатиле кон кумановската населба Вера Которка, во кругот на црквата „Св. Мина“. Додека разговарале, обвинетиот му пришол од зад грб на сега починатиот кој седел на клупа во близина на бунар, извадил огнено оружје – пиштол марка „црвена застава“ и од непосредна близина на растојание од 2 сантиметри, испукал еден куршум во левиот тилен дел на главата на сега покојниот. Нанесената прострелна рана предизвикала фатални повреди поради што настапила смртта. Обвинетиот потоа го фрлил телото на починатиот во блискиот бунар и го напуштил местото на настанот“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.


Продолжува судењето на Заев за случајот „Поткуп“


Скопје, 22 ноември, 2016 - 8:24 (META) 

Денеска во Кривичниот суд во Скопје треба да продолжи рочиштето од судскиот процес за случајот „Поткуп“, во кој обвинет е лидерот на опозицискиот СДСМ и градоначалник на Општина Струмица, Зоран Заев.

Заев, според Обвинителството, се товари дека како градоначалник на Општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев барал поткуп од 163.924 евра, односно по две евра за еден квадратен метар за градежно земјиште во Струмица, кое бизнисменот Николов бил заинтересиран да го приватизира.

Лидерот на СДСМ, пак, тврди дека цело време бил свесен дека бизнисменот се обидува да го намести поради што поднесе кривична пријава против него.

Судењето за случајот „Поткуп“ почна да 25 јануари годинава, но рочиштата досега повеќепати беа одложувани од различни причини.

Претходното рочиште за случајот требаше да се одржи на 22 септември, но се одложи и беше презакажано за денеска бидејќи Заев беше на службено патување во Тирана, Албанија, на седница на Парламентарниот совет на Европската Унија.

Судија во предметот е Дијана Груевска-Илиевска, која на почетокот на октомври беше назначена за заминик на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, на местото на дотогашниот заменик-претседател Ивица Стефановски.


Прилепчанец осуден на шест години затвор за силување, по спогодба со обвинителството


Прилеп, 14 октомври, 2016 - 11:45 (META) 

Основното јавно обвинителство Прилеп склучило спогодба со А.Ќ., обвинет за сексуална злоупотреба на немоќно лице, да му биде изречена затворска казна од шест години, соопштија денеска од јавното обвинителство.

Оттаму информираат дека судија на претходна постапка ја прифатил спогодбата и донел пресуда со која на обвинетиот му ја изрекол предложената затворска казна. Според пресудата, осудениот прилепчанец останува во притвор до почетокот на издржување на казната.

„Настанот за кој е изречена пресудата врз основа на спогодба се случи во јули годинава, кога осудениот, злоупотребувајќи го заостанатиот душевен развој на оштетената, извршил обљуба. Тој со неговото возило ја следел оштетената, која се движела пеш, и ѝ понудил да влезе во неговото возило. Откако бил одбиен, обвинетиот насилно ја внел во возилото, ја однел надвор од градот и го сторил кривичното дело. По настанот на сега осуденото лице му беше определена мерка притвор“, стои во соопштението од обвинителството.


Денеска судење за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет Заев


Скопје, 22 септември, 2016 - 9:40 (META) 

Градоначалникот на Струмица и лидер на СДСМ, Зоран Заев, денеска во 10 часот треба да се појави во Основниот суд Скопје 1 на рочиште за случајот „Поткуп“, во кој е обвинет за барање поткуп.

На последното рочиште во судницата беше присутен струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, од кој Заев, наводно, барал поткуп. Заев за овој случај тврди дека е наместен и обвини дека неовластено бил прислушуван пет години.

Според обвинителството, Заев, во својство на службено лице, како градоначалник на Струмица, од Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за квадратен метар градежно земјиште во Струмица, кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.

Според обвинението, една половина од парите требало да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица. Заев тврдеше дека цело време бил свесен дека лицето се обидува да го намести и поднесе кривична пријава против бизнисменот.


Шест и пол години затвор за возачот што ја усмрти студентката кај Универзална сала


Скопје, 15 јули, 2016 - 16:04 (META) 

Кривичниот суд денеска го прогласи за виновен и го осуди на казна затвор од шест години и шест месеци возачот кој во април минатата година ја прегази студентката Фросина Цековска на булеварот Партизански одреди во близина на Универзалната сала.

Во несреќата, од ударот, Цековска почина на самото место.

„Ценејќи ги сите материјални и вербални докази кои беа изведени во текот на постапката, вештиот наод и мислење, како и олеснителните и отежителните околности, обвинетиот Љ.В. го огласи за виновен за кривичните дека тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300, став 2, во врска со член 297, став 1 од Кривичниот законик и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301, став 1 од Кривичниот законик, и го осуди на единствена казна затвор во траење од шест години и шест месеци затвор“, стои во соопштението од судот.

Кривичниот суд, покрај затворската казна, на обвинетиот му изрекол и забрана за управување моторно возило во траење од една година по правосилноста на пресудата, без да биде сметано времето минато во издржување на затворската казна.


Поради болест на еден од обвинетите, одложено денешното рочиште за „Диво Насеље“


Скопје, 6 јули, 2016 - 14:22 (META) 

Рочиштето од судскиот процес за настаните во Диво Насеље во Куманово од 9 и од 10 мај минатата година, кое беше закажано за денеска, е одложено бидејќи еден од обвинетите не бил спроведен од прилепскиот затвор во судот.

Како што информираат од Кривичниот суд, обвинетиот не бил спроведен поради медицинската терапија што ја примал.

„Главната расправа за предметот со КОК бр. 127/15, поврзан со настаните од кумановско Диво Насеље, која беше закажана за денеска во 10 часот, со одлука на судечкиот совет се одложува бидејќи од затворот во Прилеп пристигнато е известување дека еден од обвинетите кој е опфатен во конкретниот предмет, од 3 јули 2016 година, по направени испитувања на здравствената состојба, препишана му е терапија и дадено е мислење од доктор дека лицето во следните седум дена, заради примање на конкретната терапија, нема да биде во можност да присуствува на судењето“, стои во соопштението на судот.

Оттаму додаваат дека главната расправа ќе продолжи на 14 јули.

Изминатите неколку рочишта од судењето за „Диво Насеље“ се одвиваат зад затворени врати, односно јавноста е исклучена од следењето на процесот бидејќи се сослушуваат заштитени сведоци, предложени од Обвинителството.


Од Косово екстрадиран уште еден од обвинетите за настаните во Диво Насеље


Скопје, 23 јуни, 2016 - 19:26 (META) 

Вчера од Косово во земјава бил екстрадиран Сулејман Османи, познат како командант Сула, кој е еден од обвинетите за настаните во Диво Насеље во Куманово од 9 и од 10 мај минатата година, потврдиле од Министерството за внатрешни работи, пренесуваат медиумите.

Педесет и петгодишниот Османи, жител на селото Брест, беше уапсен веднаш по настаните во Диво Насеље, но под сомнителни околности, со лисици на рацете, успеа да побегне додека на полициските службеници им го покажувал местото каде било сокриено оружјето украдено при нападот на караулата Гошинце.

Лани во јули тој беше уапсен од косовската полиција во селото Летниче кај Витина, откако македонските власти распишаа меѓународна потерница по него.

Во настаните во Куманово животите ги загубија осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа ранети, додека во борбите со полицијата беа убиени 10 членови на вооружената група.

Судскиот процес против 29 обвинети во случајот „Диво Насеље“ почна на почетокот на февруари оваа година. На почетокот на овој месец, целиот процес почна одново откако обвинителството со овој случај го спои и предметот „Молња“, во кој осум лица се обвинети дека обезбедувале логистичка поддршка за кумановската група.