!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

На странските инвеститори им недостигаат 500 квалификувани работници


Скопје, 10 април, 2017 - 15:12 (META) 

Странските компании бараат квалификувани физички работници кои ги нема на пазарот на труд во Македонија и тоа е сериозен проблем во нивното работење, истакна претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Питер.

Истражувањето на кое одговориле 40 компании, покажува дека лани тие имале потреба од 500 квалификувани физички работници и половина од нив имале проблем да ги најдат.

Имајќи предвид дека квалификуваните физички работници пополнуваат до 90 проценти од работните позиции клучни за функционирањето на овие компании, Питер истакна дека во следните три години, тие ќе имаат потреба од 4.000 до 6.000 вакви работници.

„Недоволно квалификаната работна сила станува сè поголем проблем и ситуацијата е алармантна. Веќе е предоцна да се реагира. Постои итна потреба за ефикасни мерки, во спротивно компаниите ќе имаат проблеми со оперативните и секојдневните работи. Повеќе од 60 проценти од компаниите не се задоволни од физичката работна сила на пазарот на трудот и вработуваат помалку квалификувани кадри. За реформите е потребно време, а бизнисот тоа време го мери во часови“, изјави Питер.

Според него, еден од најголемите проблеми е да се привлечат тинејџерите и да се промени свеста во државата дека ако си менаџер, другите ќе работат за тебе, што воопшто не е точно во практика.

Тој предложи во средното стручно образование еден ден во неделата наставата да се изведува практично и секоја образовна година тој број на часови да се зголемува.


ВМРО-ДПМНЕ: Бледи се манипулациите на СДСМ наспроти фактите


Скопје, 9 април, 2017 - 18:27 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ попладнево реагираше на денешната прес-конференција на Петар Атанасов, кој рече дека учениците од Македонија покажале меѓу најслабите резултати според светски релевантната организација ПИСА, на тестирањето по наука, математика и читање со разбирање, како и дека според ОЕЦД и Светската банка, повеќе од 2/3 од учениците на возраст од 15 години се функционално неписмени.

„СДС се обидува со апсурдни и манипулативни прес конференции да ја дефокусира јавноста од прашањето кое ја интересира јавноста, што се има СДС прифатено од Тиранската Платформа. Впрочем СДС сега говори за образование, а на големо подготвува редефинирање на државата од мултиетничка во бинационална. СДС и по три прес конференции на ден не може да го сокрие револтот кај народот кој станува се поголем и поголем. Во тоа нема да им помогнат ниту бледите манипулации кои ги кажуваат за образовниот систем во Македонија. Фактите говорат нешто сосема друго. Буџетот за образование е зголемен за повеќе од 86%. Изградени се 74 нови училишни објекти, а повеќе од 400 се реконструирани. СДС не изгради ниту едно ново училиште. Изградени се 99 спортски сали, наспроти 0 изградените на СДС. Отворени се 3 нови државни универзитети со кои им се даде можност на сите заинтересирани граѓани, независно од финансиските можности да се запишат на факултет и со личен труд и посветеност да стекнат факултетска диплома. Во времето на СДС факултетите беа достапни само за децата на оние кои се офајдија од криминалната приватизација“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


Петар Атанасов: Лошото образование се скрши врз грбот на децата


Скопје, 9 април, 2017 - 14:32 (META) 

Потребно е итно да се деблокира Собранието и да се формира новата реформска Влада, којашто ќе почне веднаш да работи на последиците од катастрофалните образовни политики на досегашната власт. Во прашање се нашите деца!, порача денеска Петар Атанасов, претседател на Комисијата за образование на СДСМ.

Тој нагласи дека две релевантни меѓународни институции, ОЕЦД и Светската банка пласирале многу загрижувачки податоци, дека повеќе од 2/3 од учениците на возраст од 15 години се функционално неписмени.

– Истовремено, учениците од Македонија покажале меѓу најслабите резултати според светски релевантната организација ПИСА, на тестирањето по наука, математика и читање со разбирање! Министерството за образование секоја година добива негативни оценки во извештаите на Европската унија дека нема капацитет за големи реформи. Образовните институции се неповрзани и неспособни. Недостигот на стабилен и сериозен образовен систем се скрши врз грбот на децата кои станаа жртви на неписмените образовни политики на досегшната власт. Затоа мнозинството граѓани избраа промени и тие мора да се случат! – порача Атанасов.

Тој рече дека целта на СДСМ е да воспостави современ образовен систем во соработка со сите засегнати страни, професорите, наставниците, родителите, учениците.

Нагласи дека мора да се случат сериозни реформи во образованието.

– Прво, мора веднаш да се отстранат погрешните проекти и штетните експерименти како екстерно тестирање, дисперзирани студии, катастрофални учебници, казните за наставниците и лошите закони.   Второ, мора да обезбеди квалитетна образовна структура што ќе може, ќе знае и ќе сака да го постави образовниот систем на здрави нозе. Програмата на новата Влада вклучува и нов Институтот за развој на образованието и Центар за обезедување на квалитет – рече Атанасов.


Саеми на книгата, на образованието и на туристичката понуда од 4 април во Скопје


Скопје, 28 март, 2017 - 11:17 (META) 

Во Скопски саем од 4 до 10 април ќе се одржат 29. Меѓународен саем на книгата, 20. Меѓународен саем за образование и за кариера и „Скопје травел маркет“. Влезниците ќе чинат 30 денари, а халите ќе бидат отворени секој ден од 10 до 20 часот.

Саемот на книгата е една од најзначајните културни манифестации во Македонија, а и годинава, како и претходно, ќе бидат понудени современи и класични литературни дела од домашни и од странски автори, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и на уметноста.

На „Денови на образование и на кариера“ ќе се презентираат државните и приватните високообразовни институции, но ќе бидат присутни и странски образовни институции, како и компании кои имаат програми за студирање со стипендии и со кредити, компании кои нудат професионална пракса за студентите, како и компании кои нудат вработување.

На третата саемска манифестација, „Скопје травел маркет“, ќе бидат презентирани понудите на туристичките агенции.


Само 49 лица со хендикеп завршиле високо образование во 2015 година


Скопје, 24 март, 2017 - 10:59 (META) 

Во 2015 година, само 49 лица со хендикеп завршиле високо образование, петмина станале магистри, а не е забележан ниту еден случај на успешно завршени докторски студии. И покрај фактот дека школувањето во Македонија за лицата со прв и со втор степен на инвалидност е бесплатно и истото е покриено од буџетот, бројот на лица кои завршуваат соодветно образование е исклучително низок.

Ова истражување го спровело Фондацијата за одржлив економски развој „Преда плус“, во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп, во рамките на проектот „Градење капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија“, кој е поддржан од ЕУ.

„Законот за високо-образовниот процес на студентите со посебни потреби им овозможува низа поволности и олеснувања за студирање, како што се бесплатна партиципација, право на редовно студирање, користење на сите услуги утврдени според студентскиот стандард и многу други, но и покрај овие позитивни страни, сепак бројот на лица кои се образуваат е доста низок. Доказ дека можеме подобро се и позитивните практики што ги следат земјите членки на ЕУ кои подразбираат 100 отсто генерална обврска од земјите членки на ЕУ за прилагодување на училиштата и на образовните установи според потребите на лицата со посебни потреби. 94,7 отсто од земјите членки на Европска Унија имаат прилагодувања во согласност со специфичните барања на лицата со посебни потреби“, велат од „Преда плус“.


Во образованието има премногу теорија, а практичната настава ја има само на хартија


Тетово, 23 март, 2017 - 16:12 (META) 

Последните анализи бележат голем расчекор меѓу кадрите што произлегуваат од образованието и побарувачката на пазарот на трудот. За тоа кои се причините за ваквата состојба и како да се надмине овој проблем, денеска во Тетово се дебатираше на тркалезна маса под наслов „Образованието за вработување“. Учесниците нагласија дека разликата меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот е резултат на погрешниот избор на студии од страна на студентите, но и образовните политики, кои ги креираат државните институции.

– Од вкупно 8.315 дипломирани студенти, само 4,4 отсто имаме во математички науки, во техничко-технолошки науки имаме 12 отсто, во медицински и во биотехничките науки имаме 13 отсто, а најмногу кадри имаме произведено во социјалните и во хуманистичките науки, односно 72 отсто. Но, ако се анализира што бара пазарот на трудот, ќе видиме дека тој бара повеќе кадри кои произлегуваат од техничко-технолошките струки – изјави Изет Зеќири, универзитетски професор.

Учесниците на трибината додадоа дека ниту кадрите кои се произведуваат во образованието, а не се барани на пазарот на трудот, не се образуваат по законските нормативи. Академик Абдулменаф Беџети вели дека во образованието има премногу теорија, а практичната настава ја има само на хартија.

– Законски, 30 отсто од целиот образовен процес треба да биде практична настава. Но, тоа се спроведува само на хартија или, пак, воопшто не се спроведува. Ваквата состојба мора да се контролира од државните институции, кои треба да преземат соодветни мерки – вели универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.

Денешната тркалезна маса ја организираше Факултетот за бизнис и администрација при Универзитетот на Југоистична Европа. Целта на дебатата е да се насочат и да се натераат младите да ги изберат вистинските студии, со кои полесно ќе најдат работа.


Вклученоста на Ромите во образовниот процес е значително подобрена, велат невладините организации


Тетово, 16 март, 2017 - 13:55 (META) 

Состојбата на Ромите и нивното вклучување во образованието етапно се подобрува, како резултат на проектите што ги спроведуваат невладините организации, сметат учесниците на тркалесната маса „Подобрување на состојбата на Ромите во образовните процеси“.

Од невладината „Сонце“ велат дека бројката на Роми што се запишуваат во основно и во средно образование е многу зголемена. Ваквиот став го делат и други невладини организации што учествуваа на денешната тркалезна маса.

– Децата подолго престојуваат во училиште и мошне е подобрена состојбата со завршување и на основно и на средно образование. Со големи напори на невладиниот сектор и на државните институции, сметаме дека од сите сектори каде може да се дејствува во образованието е најмногу постигнато и ние работиме да се зајакнат капацитетите на семејствата и да го поддржуваат образованието кај своите деца – рече Елена Мишиќ, од фондацијата „Чекор по чекор – Македонија“.

На тркалезната маса учествуваа и претставници на невладини организации од Косово, кои нагласија дека Ромите не се прифатени во нивното општество. Најчесто, како што посочија, тие се дискриминирани во процесите на вработување и на образование.

Оттаму се надеваат дека со нивните активности и преку националната стратегија за подобрување на статусот на Ромите, дискриминацијата кон оваа заедница ќе се намали.


Македонските факултети продуцираат кадри кои не можат да најдат работа


Штип, 8 февруари, 2017 - 17:59 (META) 

Македонските факултети продуцираат кадри кои не можат да најдат работа или по завршувањето на студиите мораат да се преквалификуваат.

Ова меѓудругото се вели во анализата на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, каде што последните години 500 студенти станале стипендисти на неколку поголеми компании со кои соработува универзитетот.

– Дипломираните студенти ретко завршуват во струката за која студирале и најчесто работат нешто друго, за што им треба дополнително остручување. Тоа значи дека или наставните програми не се прилагодени на потребите на стопанството или при креирањето на образовната политика се нема предвид потребата на стопанството – се вели во анализата.

Студентите и професорите на штипскиот универзитет денеска слушнаа за искуствата на една од најбрзорастечките европски економии, Северна Ирска.

Една од заслугите на тој брз економски пораст е блиската соработка на универзитетите со компаниите и редовното прилагодување на образованието кон потребите на стопанството.

– Кај нас од одамна доста успешно работат т.н. секторски мешовити групи, составени од претставници на универзитетите, компаниите и претставници од локалните, регионални или државни владини институции, со единствена цел – она што се учи на универзитетот да се примени во практика. Најмногу интерес за ваква меѓусебна соработка на стопанството и на високообразовните институции, засега има во ИТ-секторот, прехранбената индустрија и производството на здрава природна храна – објасни заменик-министерката за вработување и за образование на Северна Ирска, Хедер Казанс.

Денеска во Штип беше промовиран проект, кој има цел да овозможи поблиска соработка меѓу универзитетите, училиштата, компаниите и другите институции.

Крајната цел е да се создадат наставни програми што ќе им помогнат на дипломците бргу да бидат апсорбирани од компаниите.


Доналд Трамп и официјално стана 45. претседател на САД


Вашингтон, 20 јануари, 2017 - 18:43 (META) 

Доналд Трамп положи заклетва и официјално стана 45. претседател на САД. Неговата инаугурација во Капитол хил ја следеа 900.000 луѓе.

Откако положи заклетва над Библијата, Трамп се поздрави со семејството и го почна својот говор, во кој, меѓу другото, зборуваше и за проблемите со кои се соочуваат Соединетите Американски Држави.

– Проблемите со сиромаштијата, здравството, образованието, криминалот и дрогата сега ќе завршат. Заклетвата што денеска ја положувам е за Американците. Секоја одлука за даноците, надворешната политика, имиграцијата ќе биде во согласност со интересите на Американците. Никогаш нема да ве изневерам. Ќе ги вратиме нашите работни места, граници, богатство. Аеродроми и патишта ќе изградиме со наши раце – истакна меѓу другото Трамп на инаугурацијата.


Тевдовски: Нема да ги намалиме платите, тие се најниски од цел регион


Скопје, 21 декември, 2016 - 14:25 (META) 

„Нема да ги намалиме платите, излезот за економската криза во Македонија е во нивно зголемување. Тоа ќе креира дополнителна потрошувачка и ќе биде стимул за зголемување на продуктивноста во македонската економија“, одговори на новинарско прашање претседателот на комисијата за економија на СДСМ, Драган Тевдовски, откако вчера членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Миноски, ги обвини СДСМ дека пропагирааат отпуштања во јавниот сектор, намалување на платите и на пензиите.

– Како што се обврзавме во „Планот за живот“, до април 2017 година ќе ја зголемиме минималната плата на 12.000 денари. До крајот на мандатот, таа ќе изнесува до 16.000 денари. Ќе ги зголемиме платите во здравството и во образованието. За две години, ќе ја изедначиме почетничката наставничка плата со просечната плата во државата, а двојно ќе ги зголемиме платите на лекарите и на здравствените работници – изјави Тевдовски.

Тој додаде дека ако се гледа само јавниот сектор, платите на администрацијата во Македонија и во Албанија се на дното во регионов.