!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонски компании во Германија учеа за енергетски ефикасно градење објекти


Хамбург, 19 мај, 2017 - 14:42 (META) 

Делегацијата на германското стопанство во Македонија во соработка со Министерството за економија и енергетика на Сојузна Република Германија, организираше тридневно делегациско патување во Хамбург, на тема „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во објекти“, информираат оттаму.

Делегацијата ја сочинувале 15 претставници на компании од градежната индустрија и од енергетскиот сектор од земјава.

– Ова беше исклучително важна посета за компаниите од Македонија, бидејќи стекнаа нови сознанија за енергетски ефикасно градење објекти. Хамбург е одличен пример на град кој поради пристаништето кое се наоѓа во центарот на градот е виското индустријализиран, но сепак е град со огромнни зелени површини, детски иргалишта од природни материјали, модерни и енергетски ефикасни објекти, град кој не дозволил и при санација на старите градби во енергетско ефикасни згради да изгубат најмал дел од својата автентичност – соопшти Марија Радевска од делегација на германското стопанство во Македонија, која ја предводеше делагацијата.


МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки за време на празниците поради заканите од ИД


Скопје, 13 април, 2017 - 18:30 (META) 

Министерството за внатрешни работи наредните денови, за време на велигденските празници, ќе ги зајакне безбедносните мерки на целата територија на државата, поради глобалните терористички закани од страна на Исламска држава (ИД), чија цел се и земјите од Балканот, меѓу кои и Македонија, соопштија попладнево од МВР.

– Со оглед на глобалните терористички закани, во кои цели се и верски објекти (како што беа неодамнешните напади во Египет), потоа таргетирањето на земјите од Балканот, меѓу кои и Република Македонија, а вклучително и масовните собирања на граѓани, од страна на терористичката ИД, МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки и активности во наредните денови на целата територија на државата – стои во соопштението на МВР.

Оттаму информираат дека заради непречено одвивање на претстојните велигденски празници, МВР ќе преземе „низа безбедносни мерки и активности, во согласност со оперативните планови за работа, во насока на заштита на јавниот ред и мир и за безбедноста на објектите и на граѓаните“.


„Завод и музеј“ ќе реставрира уште 10 објекти во Охрид и во Струга


Охрид, 24 февруари, 2017 - 9:55 (META) 

Националната установа „Завод за заштита на спомениците и музеј“ од Охрид работи на елаборати за ревалоризација на 10 објекти од профана архитектура на територијата на општините Охрид и Струга.

Станува збор за конзерваторско-реставраторски зафат на ѕидовите од подградието на Самоиловата тврдина, во секторот 4, кој е во втора фаза, потоа конзервација и реставрација на камбанарија од манастирскиот комплекс „Св. Богородица Перивлепта“ и конзервација и санација на sидните платна од летната сцена Долни Сарај во Охрид, во втора фаза.

Меѓу позначајните активности за годинава е изработка на проект за конзервација и за ревитализација на стара воденица во селото Велмеј, што ќе внесе нови содржини во руралниот туризам.

Превентивни заштитни интервенции ќе се извршат на апсидата и на источниот ѕид од пештерната црква „Св. Архангел Михаил“ во село Радожда, кај Струга.

„Завод и музеј“, годинава, ќе реализира конзерваторско-реставраторски работи на живописот од црквата „Св. Богородица Захумска“ во селото Трпејца. Потоа ќе се врши теренско истражување на археолошкиот локалитет Раица – Манастириште, во селото Љубаништа, како и реставрирање на фасадите на куќите од неколку познати стари охридски фамилии.

Ќе се подготвуваат елаборати за ревалоризација на збирка од археолошки предмети од праисторија и осовременување на просторот во Куќата на Робевци во Охрид.


Град Скопје апелира граѓаните да го расчистуваат снегот пред објектите


Скопје, 5 јануари, 2017 - 12:33 (META) 

Поради најавениот екстремно студен бран со ниска температура во текот на наредните денови, Градот Скопје апелира до граѓаните, куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска и да го исчистат снегот од приодите до нивните објекти.

– Доколку навреме не се исчисти снегот од приодите до објеките, постои можност од појава на голомразица што ќе го отежни движењето на граѓаните и извршувањето на секојдневните обврски – се вели во соопштението на Град Скопје.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот.

– Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување – додаваат од Град Скопје.


Опожарени три објекти во центарот на Скопје


Скопје, 31 декември, 2016 - 14:12 (META) 

На 30 декември, околу 9.45 часот, во Скопје, на улица Мирче Мацан настанал пожар во барака, при што биле зафатени и целосно опожарени три објекти, од кои еден сопственост на ЈП „Улици и патишта“, сервис за плински уреди сопственост на С.Ѓ. и адвокатска канцеларија сопственост  на Р.Р.

Пожарот е изгаснат, а повредени лица нема.

Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје.


Се санираат фасади од староградската архитектура во Струга


Охрид, 15 декември, 2016 - 14:51 (META) 

По обновата на неколку објекти од староградската архитектура во Охрид, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид со истата активност продолжи во Струга, каде веќе ја заврши обновата на фасадата на еден објект лоциран во старото градско јадро.

Целосно е обновена надворешноста и покривната конструкција на објектот на улицата Гоце Делчев бр. 84, попознат како куќата на Роза Несторова-Ристова.

Станува збор за објект од 19 век со типична староградска архитектура, кој со овие конзерваторски активности ја сочува својата впечатлива надворешност.

Сега се во тек активностите за конзервација и за реставрација на фасадата на објект лоциран на улица Браќа Миладиновци, број 32, попознат како Куќата на Љуба Блажеска, а ќе се работи и на други објекти.

– Со проектот за конзервација на фасади на повеќе објекти од староградска и градска архитектура низ градовите во Македонија, тие се заштитуваат од понатамошно пропаѓање и од целосно губење на автентичноста. Исто така, се подобруваат и визурите на карактеристични делови од старото градско јадро, како и амбиентот и ликот на амбиенталните целини на цели улички – велат во Завод и музеј во Охрид.


Речиси две третини од општинскиот буџет на Аеродром за плати и за дотации


Скопје, 7 декември, 2016 - 13:30 (META) 

На вчерашната 59. седница на Советот на Општина Аеродром, беше донесен буџетот за 2017 година, кој изнесува околу 18 милиони евра и е сличен на годинешниот, се вели во соопштението на Општината.

Од него, 11 милиони евра се предвидени за дотации и за плати во основните училишта и во градинките и за општинската администрација. Остатокот, односно седум милиони евра, се планира за реализација на проекти и тоа едната половина за довршување на почнатите проекти во 2016 година, а другата половина на средствата за нови проекти предвидени за 2017 година.

„Буџетот за 2017 година се базира врз реалните приходи што ги очекува Општината. Ние сме една од ретките општини во Република Македонија што не се задолжени ниту денар и што ги сервисира редовно своите обврски врз основа на своите приходи, а не на кредити за реализација на проекти“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

Меѓу покрупните проекти опфатени во буџетот за реализација во 2017 година се изградба на нова детска градинка во Ново Лисиче, како и реализација на инфраструктурни објекти како изградба на комунална инфраструктура и асфалтирање на улици.


Kвалитетната градба e услов за стабилни објекти при силен земјотрес


Скопје, 16 ноември, 2016 - 14:07 (META) 

Во Македонија постои традиција и техничка регулатива за проектирање, изведба и за контрола на градби отпорни на силни земјотреси. Но, регулативата треба да се почитува во целост за да може објектите што се проектираат и се градат да се сметаат за сеизмички отпорни.

Ова е еден од заклучоците на домашните експерти кои учествуваа во дискусијата на стручниот форум посветен на сеизмичката отпорност на градбите во организација на Градежниот факултет од Скопје, Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии (ЗИМ), Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и Цементарница УСЈЕ.

Според професорите од Градежниот факултет во Скопје, неопходно е да се посвети внимание на делот од регулативата што го третира испитувањето на сеизмичката повредливост на постојните објекти, бидејќи за нив е неопходна специфична експертиза.

Дополнително, еден од основните услови за успешно асеизмичко проектирање на конструкциите, исто така, е и познавањето на геолошките карактеристики на почвата каде се гради.

„Особено внимание треба да се посвети на сигурноста на градбите за кои постојат недоречености во важечките прописи, како што се: доградбите, надградбите, објектите кои се реконструираат и другите специфични комплексни објекти“, истакна директорот на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Михаил Гаревски.


Обвинети во „Диво Насеље“ префрлени во Охрид, градот под силно обезбедување


Охрид, 4 ноември, 2016 - 10:32 (META) 

Од синоќа, центарот на Охрид, околу објектите на Секторот за внатрешни работи, е под силно полициско обезбедување, што предизвика коментари и вознемиреност кај граѓаните.

Веќе втор ден улицата и паркиралиштата пред СВР Охрид, затворот и пред објектот на охридската противпожарна бригада се блокирани и забрането е паркирање и задржување на возила.

Објектите ги обезбедуваат вооружани полицијаци под полна опрема.

Надлежните сè уште не излегле со официјално соопштение, меѓутоа, како што дознава „Мета“ од извори во полицијата, засилените мерки на безбедност се поради неколку лица, обвинети во случајот „Диво Насеље“, кои се префрлени од Скопје во Охрид.


Тетовските гимназијалци ќе следат настава во старото медицинско училиште


Тетово, 7 октомври, 2016 - 15:31 (META) 

Наставата на македонски наставен јазик за тетовските гимназијалци ќе продолжи привремено да се одвива во двете згради на старото медицинско училиште. Децата во овие објекти ќе почнат да учат откако, најверојатно месецов, ќе заврши нивната реконструкција. Засега средношколците следат предавања во големата сала на Општина Тетово.

– Па, тука е лошо за следење настава. Ги нема потребните услови. Нема табла, има само една сала, па поради тоа цела настава ни трае час и половина, што е недоволно – изјави ученичка од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово.

Од секторот за образование на Општина Тетово велат дека интензивно се работи на реконструкција на зградите, кои подолг период беа во рунирана состојба. Се работи и на трајно решение за просторниот проблем на тетовските гимназијалци.

– Работиме на добивање дозвола за изградба на објект во рамките на централниот објект на гимназијата, што би било трајно решение за просторниот проблем на гимназијалците што следат настава на македонски јазик. По добивањето дозвола, се надеваме дека централната власт ќе одвои пари за изградба на овој објект, изјави Ахмед Ќазими, раководител на секторот за образование при Општина Тетово.

Инаку, предлогот тетовските гимназијалци привремено да следат настава во двата објекти на старото медицинско училиште, го понуди градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Но, тој беше одбиен од советот на родители и професори при тетовската гимназија. По десетина дена, советот се премисли и го прифати предлогот, со образложение дека најважно е учениците да не губат настава.