!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Повеќе од милион луѓе во Истанбул на годишнината од обидот за пуч


Истанбул, 16 јули, 2017 - 13:18 (META) 

Повеќе од еден милион Турци во Истанбул синоќа беа на гигантскиот собир наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули лани.

Мостот над Босфор, наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километар, беше исполнет со луѓе, а според некои проценки, имало повеќе од еден еден милион лица. Пред една година мостот беше заземен со тенкови. Притоа  беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да минат на другиот брег, што беше одлучувачки момент за неуспехот на пучот.

Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети.

Синоќешниот собир почна со огромна поворка, на чие чело беа претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот.

– Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ, тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера – рече Ердоган.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2.32 минути по локално време, кога парламентот беше подложен на напад од турски „Ф-16“ за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара, Ердоган изјави дека ќе го потпише законот за враќање на смртната казна доколку му биде доставен.


Во Турција се одбележува годишнина од неуспешниот пуч


Анкара, 15 јули, 2017 - 11:29 (META) 

Во Турција денеска се одбележува првата годишнина од неуспешниот обид за државен преврат. Според турските власти, организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, прогласена од безбедносните структури за терористичка, е одговорна за пучот извршен ноќта на 15 спроти 16 јули минатата година.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган објави вчера дека во државата ќе почне „национално демократско бдеење“ и ќе трае до полноќ на 16 јули. Закажана е седница на парламентот со специјална програма. Попладне во Истанбул ќе почне поход на национално единство на Ердоган, ветерани од превратот и роднини на загинатите. Претседателот ќе има говор и ќе биде прикажан документарен филм за 15 јули. Ќе биде отворен и споменик на жртвите од неуспешниот пуч.

Турските власти, инаку, вчера отпуштија повеќе од 7.000 полицајци, војници и јавни службеници. Декретот за отпуштање претставува дел од мерките по обидот за пуч. Турција досега суспендира повеќе од 150.000 официјални лица и уапси околу 50.000 припадници на армијата, полицијата, вработени во судството, академици и луѓе од други сектори. Во најновиот декрет меѓу отпуштените од работа се 2.303 полицајци, како и 302 вработени на универзитети во државата.


ОЈО ги гони двајцата напаѓачи на Села за обид за убиство и побара притвор


Скопје, 10 мај, 2017 - 20:14 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје информираше дека до овој момент биле идентификувани двајца напаѓачи на пратеникот З.С. за време на настаните во Собранието на 27 април.

Оттаму додаваат дека од досега прибавените докази, обвинителството оценило дека постои основано сомневање дека овие две лица, заедно со други, кои во овој момент не се идентификувани, го извршиле кривичното дело, обид за убиство.

„Надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против двете лица за наведеното кривично дело. Истовремено, по оценка на Јавното обвинителство, против осомничените неопходно е да биде изречена мерка за нивно обезбедување, поради што јавниот обвинител до судија на претходна постапка поднесе предлог за одредување притвор, бидејќи постојат сите законски основи за тоа“, информираат од обвинителството.

Полицијата рано утринава извршила претрес во домот на К.Ѓ. (39), а потоа го привела заедно со неговиот татко Ц.Ѓ. (68), под сомневање дека се едни од напаѓачите на пратеникот Зијадин Села во Собранието за време на насилното влегување на група граѓани во законодавниот дом.


Спречен шверц на 12 килограми марихуана


Охрид, 14 февруари, 2017 - 14:50 (META) 

Екипи на Секторот за внатрешни работи Охрид и на Царинската управа во два одделни случаи спречиле шверц на 12 килограми марихуана и привеле две лица, државјани на Албанија.

Синоќа, полициски екипа, кај населбата Рача, на меѓународниот пат Охрид-Поградец, при преглед на автомобил, марка „мерцедес“ со албански регистарски ознаки, што го управувало 44-годишно лице од Поградец, пронашла околу 10 килограми марихуана. Лицето било приведено во СВР Охрид за понатамошна постапка.

Претходно, царинските службеници од граничниот премин Ќафасан спречиле обид за криумчарење на околу два килограми марихуана, која била сокриена во женска јанка, соопственост на 44-годишна патничка од Тирана, која патувала со минибус на албанска компанија на релација Тирана – Скопје.

Таа, според Царината, дрогата требало да ја пренесе во Германија. Царинската управа против осомничената поднела кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори, а судија на претходна постапка и одредил притвор од 30 дена.


Царината спречила шверц на 18 килограми марихуана, сокриена во плинска боца


Куманово, 26 јануари, 2017 - 13:49 (META) 

Царинските екипи на граничниот премин Табановце вчера спречиле обид за шверц на 18 килограми марихуана, што била сокриена во плинска боца.

Како што информираат од Царинската управа, вчера, околу 6 часот, на граничниот премин за излез од Македонија било пријавено возило, со албански регистарски таблички, а управувано од И.Ш., државјанин на Албанија. Возилото било селектирано за детална контрола и при прегледот на багажникот била пронајдена плинска боца, во која биле сокриени 15 вакумирани пакетчиња облепени со проѕирна леплива лента, наполети со марихуана со вкупна тежина од околу 18 килограми.

Во предистражната постапка, што ја спровеле инспекторите на одделението за истраги на Царинската управа, било утврдено дека осомничениот ја набавил марихуаната во Албанија и требало да ја прошверцува до Германија.

„Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори до надлежното јавно обвинителство, а судијата на претходна постапка му изрече мерка притвор во траење од 30 дена“, стои во соопштението на Царината.

Оттаму додаваат дека во текот на декември, царинските екипи во соработка со Министерството за внатрешни работи заплениле 70 килограми марихуана, сокриена во ПВЦ-прозорци.


Русија негира дека е вмешана во обидот за атентат на Ѓукановиќ


Москва, 7 ноември, 2016 - 18:19 (META) 

Кремљ категорично отфрла каква била вмешаност на Русија во обидот за атентат на лидерот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, изјави денеска прес-секретарот на рускиот претседател, Димитриј Песков.

– За случајот не располагаме со какви било информации и, секако, категорично ја отфрламе можноста за официјална вмешаност во какви било обиди на организации што дејствуваат противправно – изјави Песков.

Песков ова го изјави на прашањето дали имало барање од Црна Гора по повод истрагата за атентат на премиерот Ѓукановиќ и кои се, според изјавите на црногорскиот обвинител, вмешаните руски националисти.


Македонец уапсен во Грција за обид за шверц на дрога


Лерин, 29 октомври, 2016 - 13:51 (META) 

Грчката полиција уапси 22-годишен Македонец за обид за шверц и за поседување дрога во Грција. Македонскиот државјанин имал во своја сопственост три торби со повеќе од 40 килограми канабис спакувани во 38 помали пакетчиња.

Уапсениот бил испитан во полицијата, а ќе биде изведен пред обвинителството во Лерин со кривично обвинение за обид за пренос и за поседување дрога во Грција и за пружање отпор при обидот за негово апсење.

Полицијата која била вклучена во акција за борба и спречување шверц на дрога го забележала момчето заедно со уште еден соработник како пеш се движат со три торби низ рурална област во близина на Лерин. Полициските служби од Лерин и полициски претставници на граничната служба од Преспа веднаш штом ги забележале презеле акција за нивно апсење. Во полициската акција било уапсено само 22-годишното момче и покрај неговото противење и обид да избега, додека неговиот соработник успеал да се скрие и да ѝ избега на полиција.

Грчката полиција сè уште трага по него, а доколку биде најден, исто како и неговиот соработник, ќе треба да одговара пред обвинител за пренос и за поседување дрога и за давање отпор при апсење.


Турските власти спречиле 137 илегални мигранти да влезат во Грција


Анкара, 18 септември, 2016 - 16:42 (META) 

Турските власти денеска спречиле 137 илегални мигранти од Турција да преминат на грчките острови на Егејско Море, јавува турската агенција „Анадолија“.

Како што изјавија од турската полиција, се работи за два одделни случаи. Во првиот случај 95 мигранти по потекло од Сирија, Авганистан и од Ирак се обиделе со три чамци да заминат од турскиот брег кон островите Лезбос и Хиос. Во вториот случај, 42 лица, меѓу кои и повеќе жени и деца, биле приведени додека се обидувале да стигнат до островот Кос.

Според податоците на турската крајбрежна стража, во текот на август вкупно 1.603 мигранти биле спречени во обидот да заминат од Турција кон Грција, што е двојно повеќе во споредба со претходниот месец.

Европската агенција за контрола на надворешните граници (Фронтекс), од своја страна, соопшти дека минатиот месец значително се зголемил бројот на мигранти кои од Турција пристигнале на грчките острови во Егејското Море.


Турција испратила официјално барање до САД за апсење на имамот Ѓулен


Анкара, 13 септември, 2016 - 12:44 (META) 

Турското министерство за правда испратило официјално барање до САД за апсење на имамот Фетулах Ѓулен, за кој се тврди дека стои зад обидот за воен удар во јули, јави државната агенција „Анадолија“.

Официјални лица од министерството изјавиле дека писмено барање било испратено до нивните американски колеги и во него било наведено дека Ѓулен „наредил и командувал“ со насилниот пуч во кој настрадале повеќе од 270 лица.

Ѓулен, кој веќе 17 години живее во САД, ги отфрла сите обвинувања дека е вмешан во пучот.

По обидот за државен удар, турските официјални власти неформално побараа апсење и испорачување на Ѓулен, но Вашингтон од Анкара побара докази за негова вмешаност во пучот.

Тускиот претседател Реџеп Таип Ердоган на состанокот со американскиот потпретседател Џозеф Бајден му кажал дека „кога е во прашање договорот меѓу двете земји за екстрадиција, ваквите луѓе во најмала рака треба да бидат притворени, уапсени или држени под контрола“.


Двајца Сиријци уапсени во Грција поради обид за силување на волонтерка од САД


Солун, 6 август, 2016 - 15:00 (META) 

Грчката полиција уапси двајца бегалци од Сирија под обвинение дека се обиделе да силуваат волонтерка од Соединетите Американски Држави.

Дваесетгодишната Американка, волонтер во бегалскиот камп кај Синдос во Солун пријавила дека тројца бегалци од Сирија се обиделе да ја силуваат за време на екскурзијата организирана за бегалците во Пиерија.

Уапсените бегалци се на возраст од 23 и 24 години, а полицијата трага по третиот кој е осомничен за напад и обид за силување на девојката. Според информациите во грчките медиуми, девојката била во придружба на бегалците на екскурзијата и веќе следниот ден го пријавила случајот во полиција.

Бегалците дале исказ пред обвинител во Kатерини, а во понеделник треба да бидат изведени пред суд.