!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анѓушев: Заинтересирани инвеститори за „Фени“ нудат 30 милиони евра


Скопје, 24 ноември, 2017 - 16:48 (META) 

Ако првото барање за продажба на „Фени индустри“ беше за сума од околу 15 милиони евра, сега веќе имаме заинтересирани кои нудат и триесетина милиони евра, рече вицепремиeрот Кочо Анѓушев во Собранието, одговарајќи на пратеничкото прашање на Панчо Минов, за тоа што Владата прави за спас на „Фени“.

Објаснувајќи како би се исплатила плата на вработените, Анѓушев рече дека вработените треба да бидат трпеливи, оти откако ќе се прогласи стечај на металуршкиот комбинат, „веќе утредента вработените ќе бидат обесштетени“.

– Нема да кријам, заинтересирани за „Фени“ се швајцарски фонд, француско-израелска корпорација и англиски фонд. И, ако првото барање беше околу 15 милиони евра, сега веќе има заинтересирани инвеститори што нудат триесетина милиони евра. Значи, има интерес – рече Анѓушев.


За семејствата на осудените во „Диво насеље“, косовската влада ќе даде по 10.000 евра


Приштина, 10 ноември, 2017 - 15:19 (META) 

Владата на Косово денеска додели вкупно 219.000 евра за семејствата на осудените за случајот „Диво насеље“ и на загинатите во инцидентот на 9 и 10 мај мај 2015 година, јави „Порталб“.

Мерката ја објави премиерот на Косово, Рамуш Харадинај.

– Доделени се 219.000 евра за покривање на трошоците на семејствата на осудените и на загинатите во кумановскиот случај – рече Харадинај, објаснувајќи дека тие пари ќе бидат распределени по 10.000 евра за семејство.

– Парите за обештетувањата ќе се земат од државните резерви на Косово, а ќе ги префрли министерството за финансии – објасни Харадинај.

Министерот за финансии на Косово, Бедри Хамза, побара семејствата да му достават банкарски сметки, појаснувајќи дека ќе нема никакви проблеми поради префрлањето на парите.

Првостепената пресуда за „Диво насеље“ беше изречена на 2 и 3 ноември, при што беа изречени осум доживотни затворски казни, 13 казни по 40 години затвор, шест по 20 години и уште седум казни од по 18, 14, 13 и 12 години затвор.


Одблокиран процесот на обесштетување на земјоделците за непогодите во 2016 година


Скопје, 26 септември, 2017 - 17:43 (META) 

Владата на Република Македонија денеска го усвоила Акцискиот план за постапување по предметите за настанатите штети од временските непогоди што се случија во 2016 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посочувајќи дека тоа значи дека е одблокиран процесот за исплата на обесштетувањата на земјоделците кои во 2016 година претрпеа штети во земјоделското производство од пролетниот мраз, град и поплави.

Формирана е комисија која ќе ги прегледува барањата за штети и елаборатите, а нејзините членови ќе ги посетуваат општините и заедно со општинските комисии ќе ги обезбедат податоците кои се потребни за довршување на процесот за исплата на обештетувањата на земјоделците.

„Ќе бидат посетени 14 општини,  во кои штети врз земјоделските култури имаат пријавно околу 5.500 земјоделци. Исплатата на обештетувањата ќе се врши согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Најмногу барања за исплата на обештетувања има во во општината Ресен, каде што повеќе од 2.300 земјоделци поднеле барања“, соопшти Министерството за земјоделство.


Конгресот одобри 15 милијарди долари за штетите од ураганот Харви


Вашингтон, 9 септември, 2017 - 12:44 (META) 

Претставничкиот дом на САД, а потоа и горниот дом – Сенатот, вчера усвоија закон за доделување 15 милијарди долари за помош на настраданите и за обновување на оштетените објекти од ураганот Харви.

Пратениците го усвоија законот со 316 гласа „за“ и 90 „против“.


Ќе се тргне тајноста од договорите со странските инвеститори


Скопје, 26 јули, 2017 - 11:23 (META) 

На вчерашната 16. седница, Владата усвоила барање за декласификација, односно симнување на тајноста, на сите договори склучени како државна тајна помеѓу поранешната влада и странските инвеститори во економските зони. Сите податоци по декласификацијата, ќе бидат целосно и транспарентно достапни на јавноста, порача Владата.

Истовремено, на седницата е усвоена информација за пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и град и причинети штети на земјоделски култури на 20 јули 2017 година во Ресенскиот и во Тетовскиот Регион. Задолжено е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира комисии што ќе предложат решенија по поднесените барања за утврдување на настаната штета од земјоделците или организациите на производители.

За да овозможи продолжување на работите за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, Владата усвоила одлука да се помогне на МЕПСО да обезбеди имотен лист за далеководите што се наоѓаат на трасата и коишто има потреба да бидат поместени. Владата истовремено ги задолжила надлежните државни претпријатија, заедно со ЕВН, да предложат системско решение за овој и другите проблеми што ја следат изградбата.


Царовска на нова рунда разговори со стечајците од Куманово


Куманово, 4 јули, 2017 - 15:54 (META) 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска одржала средба во Куманово со стечајните работници, на која се дискутирало за решенијата за нивниот статус. Тие би требало да станат дел од pредлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, познат како Закон за стечајци.

Како што информираше министерството, се разговарало за што поголем опфат на стечајците во мерките за решавање на нивниот статус. Притоа, остануваат основните позиции договорени на претходната средба со нивните претставници: 15 години стаж, 52 години возраст за жени, а 55 за мажи.

„Единствено се јавува проблем кај опфатот на тие лица што во одреден период од нивниот живот имале работа во приватни компании. Треба да се утврди дали и колкав период од стажот поминат кај приватни фирми би бил вклучен во овој закон. Министерката Царовска изјави дека заедно со Министерството за финансии ќе направат проценки, ќе се информира Владата и ќе се донесе конечен став за ова прашање“, се вели во соопштението.

На средбата присуствувал и Бранимир Јовановиќ од Министерството за финансии, кој информирал дека во ребалансот на буџетот се предвидува да почне исплата на средства за стечајците во текот на 2017 година.


Покрај Чавков и Атанасовски, Владата разреши и други директори


Скопје, 17 јуни, 2017 - 11:46 (META) 

На седницата вчеравечер, покрај донесувањето одлука до Собранието да се достави предлог за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски и за избор на новите директори на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владата направи уште неколку смени на директори и на управни одбори и донесе мерки за одредени ситуации.

Владата на вчерашната седница постави нови директори и на УЈП и на Агенцијата за храна и ветеринарство. За директорка на УЈП е именувана Сања Лукаревска, а за директор на Агенцијата за храна и ветеринарство е именуван Зоран Атанасов.

Владата, исто така, ги разреши членовите на управниот одбор на шумскиот резерват „Јасен“, а за нови членови ги именуваше Марјан Даскаловски, Зоран Наков, Ирена Станкоска, Ристо Спасовски и Илми Селмани.

За в.д. директор на Државниот просветен инспекторат е именуван Томе Спировски. Разрешена е в.д. директорката Надица Николоска, поради тоа што е констатирано дека ѝ е истечен мандатот од 9 мај 2017 година.

Од вршител на должноста директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, на негово барање, е разрешен Ванчо Шехтански.

Покрај тоа, донесена е одлука да се овозможи бесплатна услуга, одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и на деца корисници на посебен додаток за ова лето.

Владата ја разгледала и ја усвоила информацијата за штетите врз земјоделски култури од невремето на 14 јуни во Скопскиот, Тетовскиот, Велешко-светиниколскиот, Кумановскиот, Штипскиот и во Гевгелискиот Регион. Задолжено е ресорното Министерство за земјоделство да формира комисии кои по поднесените барања од земјоделците ќе ја утврдат настаната штета. Рокот за поднесување на барањата е од 19 до 30 јули, а треба да се достауваат до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Владата, исто така, го усвоила предлогот на Министерството за образование за објавување конкурс за запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, во учебната 2017/2018 година. Донесена е и одлука за дополнителни квоти за запишување студенти, припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија во прва година – прв циклус на студии, на јавните високообразовни установи на универзитетите „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, „Свети Климент Охридски“ во Битола, Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во учебната 2017/2018 година.


СДСМ ветува фонд од 6 милиони евра за помош на земјоделците од временски непогоди


Скопје, 12 февруари, 2017 - 10:42 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ветува дека во првите шест месеци од мандатот на новата влада ќе формира интервентен фонд од 6 милиони евра за помош на земјоделците при временски непогоди.

Овие средства велат оттаму, ќе се користата кога пазарната цена на земјоделските производи ќе биде пониска од нивната производствена цена.

„Во овој фонд се планирани средства и за обештетување на земјоделците од временски непогоди. Оваа зима, екстремно ниските температури целосно уништија раноградинарски посеви на повеќе земјоделски површини. Очајните земјоделци повеќе пати досега алармираа и бараа помош. Доколку денес постоеше ваков фонд тие немаше да стравуваат за тоа како ќе ги прехранат своите деца или како ќе ги школуваат, затоа што преку овој фонд ќе се обесштетеа сите земјоделци подеднакво и тие мирно ќе го планираа идното производство“, стои во соопштението на СДСМ.

Интервентниот фонд, велат од партијата, ќе се користи и во кризни состојби, при пласман на земјоделските производи, кога откупната цена е пониска од производствената.

„Во тој случај финансиските средства ќе се доделуваат во вид на дополнителна поддршка на основните плаќања во висина до производствената цена на производот“, се додава во соопштението.


Владата целосно ќе ги обесштети граѓаните од поплавените подрачја


Скопје, 5 октомври, 2016 - 17:03 (META) 

Владата денеска донела одлука 100 отсто да ги обесштети граѓаните чии домови беа уништени во поплавите што се случија во август, соопшти портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев.

– Процесот на исплата ќе се одвива во четири транши, а во првата се опфатени 947 премети за кои се одвоени 118 милиони денари. Според апроксимативната вкупна бројка на предмети, ова значи дека со првата исплата ќе бидат опфатени околу 25 отсто од предметите – истакна Ѓорѓиев, кој додаде дека траншите ќе се исплаќаат во октомври и во ноември.

Како што објасни Ѓорѓиев, на оние граѓани на кои им бил исплатен аванс во износ од 30.000 денари, истиот ќе биде одземен од целосното обесштетување, а оние кои не добиле аванс, ќе бидат одеднаш обесштетени.


Земјоделците од Тетовско поднесуваат документи за обесштетување


Тетово, 12 август, 2015 - 16:00 (META) 

Од денеска па сè до 26 август, во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Тетово, земјоделците од Тетовско имаат можност да ги пријават штетите направени во големото невреме.

За да се обесштетат земјоделците, при пријавувањето потребно е да приложат копија од лична карта или пасош, број на трансакциска сметка, катастарска општина и број на оштетената катастарска парцела, површина на едната или повеќе парцели, површина на оштетениот дел, како и степен на оштетеност и вид култура.

Невремето и обилните врнежи најголеми штети направија на земјоделските површини во атарот на Голема Речица. Во овој предел уништени се повеќе од 250 хектари обработлива површина. Поплавени беа ниви и посеви со целата реколта на компир, грав и на пченка.