Меј го преживеа гласањето недоверба во парламентот


Лондон, 17 јануари, 2019 - 10:06 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј синоќа доби доверба за продолжување на мандатот од пратениците  во британскиот парламент, еден ден откако нејзиниот договор за Брегзит претрпи тежок пораз.

Владата на Меј доби 325 гласови, наспроти 306 кои беа против.

По овој крупен чекор, Меј ќе разговара со сите парламентарни партии во обид да се изнајде решение за проблемот.

Излегувањето на Велика Британија од ЕУ, односно Брексит, треба да се случи на 29 мај, а со оглед дека договорот за регулирање на меѓусебните обврски што Меј го постигна со ЕУ не беше прифатен во парламентот, излегувањето би било „брутално раскинување“ и Велика Британија ќе се третира како секоја друга земја надвор од ЕУ. Тоа го потврдија високи претставници на Европската Унија, кои вчера порачаа дека нема да се прифати друг договор освен оној што беше постигнат со Меј.


По пропаѓањето на договорот со ЕУ за Брексит, денеска се гласа доверба на владата на Меј


Лондон, 16 јануари, 2019 - 10:47 (META) 

Владата на британската премиерка Тереза Меј денеска се соочува со гласање доверба во Парламентот по синоќешниот пораз на нејзиниот предлог за Брексит, односно договорот со ЕУ за регулирање на меѓусебните однос по излегувањето на Велика Британија од европската заедница.

Долниот дом на британскиот Парламент синоќа со 432 гласа „против“ и 202 „за“, го отфрли Договорот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ, што минатата година во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел.

По одбивањето на договорот, лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин ги повика пратениците да ја урнат владата на Меј. Сепак, според аналитичари, се очекува владата на Меј да добие доверба, откако Унионистите од Северна Ирска и одметничкото крило од конзервативците се изјаснија дека ќе ја поддржат.

Меј по гласањето синоќа, изјави дека го слушнала мислењето на Парламентот, но дека е битно да се слуша и волјата на британскиот народ, што зборува дека таа веројатно ќе го почека гласање доверба пред да соопшти ново решение, односно План Б.


Британската премиерка Тереза Меј денеска во Скопје


Скопје, 17 мај, 2018 - 10:28 (META) 

Премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј, попладнево е во официјална посета на Македонија, заедно со владина делегација.

Таа првин ќе биде пречекана во Владата, по што ќе се одржи прес-конференција на гостинката и премиерот Зоран Заев, а потоа во 17 часот претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе приреди свечен прием во Кристалната сала на Собранието.


Иницијатива во британскиот парламент Македонија да влезе во НАТО со старото име


Лондон, 7 февруари, 2018 - 9:41 (META) 

Извештај подготвен за Домот на лордовите, односно Горниот дом на парламентот на Обединетото Кралство повикува британската влада да се заложи за влез на Македонија во НАТО без решение на спорот за името и идентитетот.

„Владата треба да поддржи мерки за помагање Македонија да се приклучи на НАТО со или без решение за проблемот со името“, се наведува во извештајот, подготвен од Посебниот комитет за меѓународни односи, кого Домот на лордовите го избира за секоја седница „заради преиспитување на меѓународните односи на Обединетото Кралство“.

„Членството во НАТО и соработката би можеле да ги потпомогнат мирот и стабилноста во регионот. Се согласуваме со постојаната поддршка на Владата за амбициите за членство на Босна и Херцеговина и Македонија. Под услов тие да ги задоволуваат условите за членство, нивното приклучување би бил добредојден чекор кон поголема стабилност во регионот“, се вели во текстот.

Извештајот дава преглед на ставот на Македонија кон членство во НАТО, кој, како што се вели, ги надминува амбициите за членство во ЕУ.

„Во Македонија членството во НАТО има популарност (и е поитен приоритет од членството во ЕУ). Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека над 70 отсто од населението дава поддршка за зачленување. Димитров рече дека членството ќе докаже „дека Македонија е тука за постојано и во овие граници“. Но напредокот кон зачленување е блокиран од грчките забелешки за името на земјата“, се вели во извештаот, во кој се напоменува дека пристапувањето ќе биде тешко без решение на спорот.