Грчките медиуми ја обвинија турската новинска агенција за пропаганда


Атина, 7 март, 2018 - 17:19 (META) 

Напис објавен од турската новинска агенција „Анадолија“ ги зовре денеска грчките медиуми, кои обвинуваат за „скопска невладина пропаганда за геноцид врз Македонците во Грција пласирана од турската агенција“.

„Анадолија“ денеска објави текст „Македонските невладини организации ја обвинуваат Грција за геноцид” потпишан од Бајрам Алтуг од Женева, Швајцарија, во кој пишува дека група макeдонски невладини организации, во знак на протест против преговорите околу спорот со името помеѓу Македонија и Грција, упатиле барање до грчката влада да се извини поради геноцид, военото злосторство и злосторството против човештвото извршени од 1913 година досега врз македонското малцинство во земјата.

Агенцијата вели дека тоа стои во заедничкото соопштение на женевските претставништа на Македонско меѓународно движење за човекови права, Обединета македонска диаспора, Светскиот македонски конгрес, како и Македонската координативна мрежа.

„Македонскиот народ веќе не може да ја поднесе неправдата пред се на Грција, Обединетите нации (ОН), Европската унија (ЕУ), и на НАТО“, се вели во заедничкото соопштение за „Анадолија“.

Грчките медиуми, го пренесуваат текстот со наслови, како „Скопска невладина пропаганда преку турска новинска агенција“ на „Катимерини“, „Неверојатна провокација: Скопските НВО ја обвинуваат Грција за геноцид врз „Македонците“ на „Елефтерос типос“ и „Неверојатно: Скопските НВО ја обвинуваат Грција за … геноцид врз „Македонците“ на „ИЕфимерида“.

На веб-страницата на Македонското меѓународно движење за човекови права не е објавено барањето од невладините, туку само врска до написот на „Анадолија“ на англиски јазик. Во Фејсбук-групата Светски македонски конгрес, чиј администратор е Тодор Петров, нема објавено такво соопштение. На веб-страницата на Обединета македонска дијаспора исто така не е објавен таков проглас.

Во текстот на „Анадолија“ се вели оти во соопштението се наведува дека „македонскиот народ е принуден да преговора за името, етничкиот идентитет, националниот идентитет, јазикот и историјата во замена за членство во ЕУ и НАТО, и се тврди дека за прв пат во историјата на човештвото се соочува со таков случај“.

„За запирање на овој културен геноцид, Македонците ширум светот кои ги застапуваат милиони лица во Македонија, се обединети во насока на иста цел. Тие бараат поддршка од сите народи во светот за спречување на овој криминал. Со спорот со името измислен од страна на грчката влада, постои цел да се продолжи и да стане интернационална стогодишната политика на одбивање на етничкиот идентитет на македонското малцинство во земјата. Соочувајќи се со минатото најмалку еднаш, грчката влада треба официјално да признае и да побара извинување за геноцидот, воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од 1913 година досега врз македонското малцинство во Грција “, се наведува во соопштението пренесено од „Анадолија“.


ОМД: Македонските власти да ги прекинат преговорите за името


Вашингтон, 20 јануари, 2018 - 10:55 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја поддржува кампањата „Нашето име е Македонија“ на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и се придружува кон барањето македонските власти да ги прекинат сите преговори и разговори за промена на името.

ОМД, како што соопштија од таму, ги повикува Обединетите нации, Европската унија, Северноатлантската алијанса и оние држави кои се уште тоа не го направиле, официјално да донесат одлука за целосно дипломатско признавање на Македонија под името „Република Македонија“.

„Вкупно 137 држави веќе го признаа вистинското име на Македонија, што е околу две третини од бројот на држави во Генералното собрание на ОН. Меѓу тие држави се и четири од петте постојани членки на Советот за безбедност. Според владеењето на меѓународното право, не постои случај некоја влада да поседува таква моќ или авторитет за да определува какво име ќе има една независна и суверена држава“, наведува ОМД.

Според ОМД, Македонија е единствената нација во светот која не може во Обединетите нации да го користи своето име.

„Како што е утврдено и од страна на Комитетот за човекови права на ОН, меѓународното дипломатско признавање на државата Македонија под името „Република Македонија“ е неопходно, законско и задолжително“, стои во соопштението од Обединетата македонска дијаспора.


ОМД: Заев вети дека во 2019 година ќе има попис во Македонија


Вашингтон, 22 септември, 2017 - 11:11 (META) 

Премиерот Зоран Заев на средбата со Обединетата македонска дијаспора (ОМД) рекол дека во 2019 година ќе биде спроведен попис на населението во Македонија, тврди ОМД во соопштението за средбата што се одржа оваа недела во Њујорк, каде премиерот со владина делегација присуствува на 72. Генерално собрание на Обединетите нации.

На средбата претседателот на ОМД, Методија Колоски, стои во соопштението, побарал од Заев објаснување за Законот употреба на јазиците и го повторил ставот дека за ОМД е неприфатливо се што „задира во македонскиот устав, унитарноста, националните интереси, територијалниот интегритет на Република Македонија, како и можно креирање на бинационална држава наместо држава за македонците и сите малцинства со подеднакви права“

„(Коловски) доби објаснување од премиерот Заев дека овој предлог закон претставува само последниот легален дел од Законот за јазици донесен во 2008 и во 2011 година и не задира во Уставот на Република Македонија. Во тој контекст, Колоски го постави прашањето за попис на населението во Република Македонија, на што премиерот Заев даде ветување дека ќе биде спроведен во 2019 година“, стои во соопштението од ОМД.

На состанокот станало збор и за спорот за името со Грција. Членот на ОМД, Владимир Котевски потенцирал дека ОМД инсистира да се прекинат сите преговори за името, а го критикувал и договорот со Бугарија, истакнувајќи дека „било какви други договори не смеат да бидат на штета на интегритетот на државата и заштитата на правата на македонските малцинства во тие држави.

„Претседателот Колоски се надоврза со потенцирање на ставот на ОМД за НАТО и европската интеграција на Македонија, со посебен нагласок дека Владата на Република Македонија не треба да дозволи влезот во НАТО и во ЕУ да биде проследен со услов за промена на име“, стои во соопштението.

Претставниците на Обединетата македонска дијаспора се пожалиле за проблемите на македонската заедница во Њујорк и во Њу Џерси поради немањето на активен конзул, а искажале и незадоволство од одлуката на министерот за надворешни работи, Никола Димитров за повлекување на македонскиот генерален конзул Јовица Палашевски од Торонто.


ОМД: Договорот со Бугарија негативно би се одразил врз македонските национални интереси


Вашингтон, 28 јули, 2017 - 11:00 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) содржината на договорот со Бугарија ја опиша како нецелосна, нејасна и контрадикторна и смета дека со потпишувањето, како и со евентуална ратификација во Собранието, негативно би се одразил врз македонските национални интереси, но и на унапредување на долгорочните односи помеѓу Македонија и Бугарија.

„Наместо да се договара зад затворени врати, договорот требаше да биде објавен многу порано, за да ѝ се овозможи на јавноста дебата, со што би се составил во корист на заштита на македонските национални интереси, а не само на Бугарија, која го користи како уцена да ја поддржи Македонија за членство во евроатлантските институции. ОМД е со цврст став дека овој договор е контрадикторен во својата содржина. Без да навлегуваме во историски факти, кои би требало да бидат оставени на историчарите, треба да се прецизира точно кој дел од историјата ни е заеднички, за да може да се затвори можноста што моментално ја нуди содржината на договорот, Бугарија да изврши преписка на целосната македонската историја како своја, а не како посебна историја на македонскиот народ и држава“, велат од ОМД.

Од ОМД препорачуваат да не се избрзува со потпишување, како што велат, на ваков неуставен и нејасен нацрт-договор и додаваат дека ќе ги употребат сите свои ресурси и мрежа за заштита на македонското малцинство во Бугарија.

„Бугарија повеќе од две децении издава бугарско државјанство на секој заинтересиран Македонец за да го докаже добро познатиот бугарски став дека во Македонија живее голема бугарска заедница, но без притоа да нагласи дека реалната причина за стекнување бугарското државјанство на Македонците е единствено од економски карактер и ништо повеќе од тоа. Вистинската причина за овој тренд е тоа што Бугарија е земја членка на ЕУ и поради тоа границите и можностите за подобар економски живот низ Европа е отворен за Македонците кои имаат бугарско државјанство, а не поради тоа што овие Македонци се Бугари или се чувствуваат како Бугари“, додаваат од ОМД.

Од Обединетата македонска дијаспора како спорно го посочуваат тоа што во договорот никаде не се споменува признавање на македонскиот јазик и дека содржината на договорот, каква што е сега, може да ѝ дозволи на Бугарија да направи приговор кон употребата на официјалниот македонски јазик во ЕУ.


ОМД: Писмено барање од 32 конгресмени за Тилерсон да ја посети Македонија


Вашингтон, 24 јули, 2017 - 10:44 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), глобална организација на Mакедонците во дијаспората, изрази благодарност кон Конгресната група на пријатели на Македонија и на македонската дијаспора во САД за испратеното писмо до државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, да ја посети Македонија, што би го зајакнало стратешкото партнерство помеѓу САД и Македонија.

Посетата на државниот секретар Тилерсон би била прва негова посета на Македонија и прва посета од страна на државен секретар на САД од 2001 година, кога земјава ја посети тогашниот државен секретар Колин Пауел, појаснува ОМД.
Писмото до државниот секретар Тилерсон собра 32 потписи од членови на Конгресот од 16 различни сојузни држави во САД, односно од четири члена на Комисијата за воени услуги и од девет члена на Комисијата за надворешни работи при Претставничкиот дом. Потписници се и претседавачот и членови на поткомисијата за Европа, односно вкупно 14 републиканци и 18 демократи.

„Ваквиот двопартиски карактер на писмото ја потврди униформната важност да се одржи врската помеѓу САД и Македонија. Ова писмо претставува кулминација на речиси двомесечната кампања која почна за време на четвртата македонско-американска конференција за лидерство организирана од ОМД, кога учесниците на конференцијата ја истакнаа важноста од евентуална посета на Тилерсон пред некои од горенаведените конгресмени. Заедно со претставници на подмладокот на ОМД, беа одржани повеќе од 250 едукативни средби во американскиот Конгрес“, појаснува ОМД и изразува оптимизам дека ова е вистински момент да се реафирмира силата и одржливоста на односите помеѓу САД и Република Македонија.

„Во рамките на развивањето на политиката на вашата администрација кон Европа, се надеваме дека ќе го сфатите унапредувањето на односите на САД со Македонија како потег што е во целосен склад со интересите на САД, знаејќи дека обете земји се стремат кон побезбеден и послободен свет. Воедно, остануваме подготвени да ви помогнеме во вашите напори за активно промовирање на билатералните односи“, се вели, меѓу другото, во писмото од 32-та конгресмени.


ОМД: Мора да се заштитат името и идентитетот


Вашингтон, 20 јуни, 2017 - 11:01 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) порача дека континуирано ги поддржува напорите на Република Македонија за влез во ЕУ и во НАТО, но не по цена на промена на името. Проблемот за спорот оваа организација на иселениците го гледа во Грција.

„Со децении, Грција е главната пречка во барањата на Македонија за поголема регионална стабилност и безбедност. Низ годините, Македонија докажа дека е подготвена да се справи со грчкиот проблем, особено со менување на своето знаме и со реафирмирање на мировната намера во нејзиниот Устав, а во обид за помирување. Сите овие чекори на добра волја не дадоа резултат, бидејќи Грција покажа неразбирлива нефлексибилност во поглед на аспирациите на Македонија во насока на обезбедување заслужено членство во НАТО и во ЕУ, но особено кон напорите за меѓународно признавање на нашето уставно име“, стои во соопштението за јавноста.

Како што велат од ОМД, македонските водачи мора да го почитуваат уставното име и да го заштитат, а организацијата на дијаспората нема да поддржи референдум за промена на името.

„Македонските лидери имаат апсолутна должност да го почитуваат уставното и вистинското име на нашата татковина, Република Македонија. ОМД нема да го признае, ниту да го поддржи „заемното прифатливо решение“ – еуфемизам за промена на името – ниту напорите на кој било политички субјект во Македонија за спроведување референдум за прифаќање компромисно име договорено со преговори. Името на Македонија е длабоко врежано во сржта на нашиот идентитет и тоа е составен дел од нашата вековна борба за самоопределување и за суверена независност. Тоа не е нешто за што смее да се преговара преку практична политика и дипломатија“, порачува организацијата.


ОМД го поздрави формирањето на новата влада и побара одговорно владеење


Вашингтон, 2 јуни, 2017 - 10:07 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја поздравува мирната транзиција на власта што се случи вчера во Македонија и на новата влада ѝ посака многу успех во извршувањето на должностите.

„Следејќи ја 13-годишната практика, ОМД ќе продолжи да соработува и да работи со секоја влада на власт за афирмација на Македонија како уникатен портал во Југоисточна Европа и регионален лидер по својата стабилна социо-економска политика. ОМД е сигурна дека стекнувањето на овој епитет е возможно и ќе се достигне само со напорна работа и реформи преку одговорно владеење на новата македонска влада со исклучително владеење на правото и силна слободно пазарна економија. Исто така, ОМД ќе работи активно новата влада да го почитува суверенитетот, унитарниот карактер и територијалниот интегритет на македонската држава“, се вели во соопштението на организацијата на македонската дијаспора, формирана во 2004 година.

ОМД вели дека и понатаму нејзиниот став е поддршка на Македонија и нејзиното полноправно членство во НАТО и во ЕУ, без промена на името, идентитетот, јазикот и културата на Македонија.


ОМД сугерира во новата влада да има и министерство за дијаспора


Вашингтон, 18 мај, 2017 - 15:14 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), една од најголемите и најактивните организации на македонската емиграција, му сугерираше на мандатарот за составување на новата влада да формира министерство за дијаспора, како начин да се продлабочат врските меѓу иселениците и Македонија.

Ова не е првпат ОМД да бара министерство за дијаспора, тоа го повторува безмалку секоја година во последниве четири-пет години, но сега тоа барање добива особено значење поради фактот што власта преминува во рацете на СДСМ – партија која на 12 октомври 2015 година вети дека СДСМ веднаш по доаѓањето на власт, ќе формира и министерство за дијаспора.

Во владата на Љубчо Георгиевски во 1998 година имаше министерство за иселеници, кое по извесен период беше згаснато, а неговите ингеренции ги презедоа Агенцијата за иселеништво и Министерството за надворешни работи.

Во соопштението, ОМД порачува оти од Заев очекува „подобрување на имиџот на Македонија во странство и нејзино враќање на вистинскиот пат за целосна евро-атлантска интеграција, без никакви условувања за името и за идентитетот на Македонија“.

ОМД се обрати и до ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека треба да биде силна и конструктивна опозиција, „со што би имале директно влијание врз македонската влада, да биде одговорна, транспарентна и прогресивна“.


ОМД ги повика пратениците да ја продолжат конститутивната седница на Собранието


Вашингтон, 2 март, 2017 - 9:54 (META) 

Обединета македонска дијаспора (ОМД) ги повика македонските граѓани на разум и на одговорност, а пратениците да ја продолжат конститутивната седница во Собранието и таму да се дискутираат програмите за влада.

„Нетранспарентните, тајните, многупати и со посредство на странски фактори изнудени политички решенија, само ѝ наштетија на младата македонска држава. Секое решение кое не е базирано на народното јавно мислење и на здрава дебата, води кон нестабилност и кон неизвесност“, велат од ОМД.

ОМД ги повика пратениците од Собранието на Република Македонија веднаш да ја продолжат конститутивната седница, да ги повикаат политичките партии целосно транспарентно да им ги презентираат предлог-програмите за влада и низ јавна собраниска дебата да се дискутираат и да се одлучат ставовите и опциите за иднината на земјата.

Недоделувањето мандат за формирање влада од претседателот Иванов, според ОМД, треба да служи како поттик за партиските лидери на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ да одговорат на моменталната состојба во која се наоѓа државата, покажувајќи државотворност и патриотизам преку директни разговори во Собранието и издавање на заедничка декларација за целосна заштита на унитарноста и на уставноста на Република Македонија.

„Во спротивно, конспиративноста, тајноста на преговорите и договорите на политички партии и притисоците на странски фактор во внатрешните прашања на државата можат да доведат до несогледливи последици не само за Македонија туку и за Балканот како регион воопшто“, велат од ОМД.


Почина Мајк Илич, еден од најголемите донатори на ОМД


Детроит, 11 февруари, 2017 - 13:16 (META) 

Вчера на 87-годишна возраст почина Мајк Илич, еден од најбогатите Македонци во светот и еден од најголемите поддржувачи и долгогодишен донатор на Обединета македонска дијаспора (ОМД).

Веста ја соопштија локалните медиуми од Детроит, каде тој важеше за исклучително почитуван и влијателен граѓанин.

Мајк Илич (односно Мајк Илиевски, по татково презиме), е роден во САД, а по потекло е од Македонија. Тој е роден во 1929 година како прва генерација од децата родени во САД на македонските иселеници Сотир и Султана Илиевски.

Списанието „Форбс“ во листата на најбогати лица во светот за 2016 година, процени дека тој се наоѓа на 86. место меѓу 400 најбогати Американци. Неговото богатство беше проценето на шест милијарди долари.

Семејството Илич го поседува ланецот од пицерии „Малиот Цезар“ (Little Caesar’s Pizza) кој е распространет во САД и во Канада, и кој се смета дека е на трето место по „Пица хат“ и „Доминос“.

Илич беше сопственик и на хокеарскиот тим „Ред рок вингс“, како и на бејзбол тимот „Детроит тајгерс“.