!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Обвинителството со анализа на видеоснимки ќе го бара убиецот од Чаир


Скопје, 27 ноември, 2017 - 15:04 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје ги зело и ќе ги анализира видеоснимките од камерите што се наоѓаат во околината на местото каде во петокот минатата недела, беше убиен 35-годишниот И.А. од селото Блаце.

Од Обвинителството денеска соопштија дека надлежниот јавен обвинител ги презема сите неопходни мерки за откривање на сторителот и на мотивот за убиството.

„Обезбедени се видеозаписите од камерите што се наоѓаат во околината на местото каде се случи убиството и тие ќе бидат предмет на анализа. По наредба на јавниот обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција. Во исто време, издадени се повеќе наредби за вештачење на чаурите, на облеката, на трагите од крв и на други предмети пронајдени и подигнати од местото на настанот“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.


Човечко тело во распаѓање пронајдено во канализациска шахта во Сопиште


Скопје, 7 ноември, 2017 - 13:08 (META) 

Вчера, околу пладне, во полициската станица во Кисела Вода, било пријавено дека при изведување градежни работи на локацијата „Сончев град“ во селото Сопиште, во канализациска шахта било откриено човечко тело во напредна фаза на распраѓање, информираат денеска од МВР.

Екипа на СВР Скопје извршила увид на местото, а по наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.

Од МВР велат дека се работи на идентификација на телото и на целосно расчистување на случајот.


Полицијата трага по скопјанец осомничен за убиство на поранешната партнерка


Гостивар, 17 септември, 2017 - 17:54 (META) 

Полицијата и гостиварското јавно обвинителство трагаат по скопјанец, осомничен дека ја убил својата поранешна партнерка, чие тело денеска било пронајдено на улица во Гостивар, соопшти Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, првично било пријавено дека жената настрадала во сообраќајна несреќа, откако жители на Гостивар забележале возило како го напушта месотото на кое веднаш потоа бил пронајден трупот. Но, при увидот, јавниот обвинител од ОЈО Гостивар утврдил дека починатата има убодни рани по телото и дека станува збор за насилна смрт.

Екипите од крим-техника констатирале дека „пред ударот од возилото, жената била неколкупати прободена со остар предмет“. Јавниот обвинител издал наредби за обдукција на телото и за вештачење на трагите од местото.

Истрагата утврдила дека починатата жена во последните пет месеци живеела во Гостивар, каде се преселила од Скопје поради нарушени односи со партнерот со кого била во вонбрачна врска.

„По насока на јавното обвинителство, истражено е местото на живеење на поранешниот партнер на сега починатата, при што е пронајдено возилото и истото е дадено на понатамошно вештачење. Осомничениот, жител на Скопје, во моментов е недостапен на органите на прогонот. Основното јавно обвинителство Гостивар издаде наредби за посебни проверки на граничните премини и на патарините за пронаоѓање и за утврдување на идентитетот на осомничениот“, стои во соопштението на обвинителството.


Штипјанец пронајден мртов во својот стан


Штип, 26 јуни, 2017 - 13:24 (META) 

Педесет и петгодишниот К.Г. вчера околу 20.15 часот бил пронајден мртов во неговиот стан на улицата Стојан Гологанов во Штип, информираше денеска полицијата.

Засега нема информации за причините за смртта на штипјанецот, која била констатирана од страна на лекар.

Јавен обвинител, лекар патолог и екипа на СВР Штип извршиле увид на местото, а по наредба на јавниот обвинител телото на починатиот е дадено за обдукција.


Обдукцијата на бебето пронајдено во Кленоец не утврдила траги од насилство


Гостивар, 10 мај, 2017 - 14:02 (META) 

Основното јавно обвинителство – Гостивар соопшти дека е извршен увид во кичевското село Кленоец, каде синоќа било пронајдено починато шестмесечно бебе, и дека е извршена обдукција, која не покажала знаци на насилство.

Обдукцијата е извршена по наредба на јавен обвинител, а првичните резултати укажуваат дека бебето имало вродени срцеви аномалии, а пред смртта дошло до застој на работата на срцето, што предизвикало белодробен едем и задушување.

На телото не се пронајдени знаци што укажуваат на насилна смрт, се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Македонија.


Резултатите од обдукцијата покажуваат дека во Идлиб е користено хемиско оружје


Анкара, 6 април, 2017 - 12:55 (META) 

Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, денеска изјави дека резултатите од обдукцијта на тројцата Сиријци, донесени во Турција по нападот во Северна Сирија, покажуваат дека биле изложени на напад со хемиско оружје.

– Со обдукција е утврдено дека е користено хемиско оружје – изјави Боздаг.

Повеќе од 80 лица, меѓу кои 30 деца загинаа во вторникот во напад во градот Кан Шеикун во провинцијата Идлиб.

Турските власти соопштија дека речиси 60 повредени во нападот се донесени во Турција на лекување и оти три лица починале.


Битолчанец, кој бил пријавен за исчезнат, пронајден мртов


Битола, 19 март, 2017 - 12:36 (META) 

Вчера во 12.35 часот во Секторот за внатрешни работи Битола било пријавено дека на улицата Партизанска бил пронајден починат 68-годишниот М.Ј. од Битола, соопшти МВР.

Како што информираат од полицијата, М.Ј. на 12 март оваа година бил пријавен за исчезнат.

По наредба на надлежен јавен обвинител, телото на починатиот било предадено за обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта.


Притвореник починал на пат кон болница


Скопје, 25 февруари, 2017 - 14:17 (META) 

На Р.А. (1951) од Струмица, притвореник во истражниот затвор „Скопје“, вчера му се слошило по што од страна на доктор од затворот му била укажана прва помош.

Потоа било повикано возило на итна медицинска помош и бил пренесен во ГОБ „8 Септември“, но по пат починал.

Доктор од итна медицинска помош констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото ќе биде предадено на обдукција.


26-годишен кочанец пронајден мртов со траги од насилство


Кочани, 15 февруари, 2017 - 16:35 (META) 

Дваесет и шестгодишно момче утринава било пронајдено мртво во подрумот од зградата во која живеело во Кочани, а на телото имало видливи траги од насилство, соопшти Јавното обвинителство.

„Веднаш по добивањето на информацијата, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани изврши увид заедно со увидна екипа од МВР. Со оглед на тоа што на телото беа најдени видливи траги на насилство, обвинителството за вршењето на увидот повика форензичка екипа од Министерството за внатрешни работи од Скопје“, стои во соопштението од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека во насока на утврдување на причините за смртта на момчето, ОЈО Кочани издало наредба за обдукција на телото, како и наредби за прибирање на траги од местото и вршење на потребните вештачења.


Обвинителството го истражува вчерашното убиство во Велес


Велес, 6 декември, 2016 - 10:33 (META) 

Основното јавно обвинителство Велес го истражува убиство што вчера околу 14 часот се случило во местото Којник, кај Велес, кога вооружен маж дошол во куќата на сега починатото лице и веднаш почнал да пука во него.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, жртвата, во обид да му избега на сторителот, излегла од куќата и дошла до улицата, каде осомничениот уште еднаш го вперил пиштолот кон неа, со намера повторно да пука.

„Во тој момент, по пријава на соседите, дошла полицијата која го лишила од слобода осомничениот, а на сега починатиот му е дадена медицинска помош, но, поради сериозноста на повредите, настапила смрт“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Надлежен јавен обвинител заедно со екипи на МВР извршил увид на местото, по кој издал наредба за обдукција на телото на жртвата, за вештачење траги од местото, на брисеви од крвта и на оружјето со кое било извршено убиството.

На предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Велес на осомничениот му одредил притвор од 30 дена.

„Основното јавно обвинителство Велес продолжува со дејствата во насока на расветлување на настанот“, додаваат од обвинителството, кое треба да ги утврди причините и мотивите за убиството.