!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кина бара од Вашингтон и од Пјонгјанг да се воздржат од запалива реторика и акции


Пекинг, 12 август, 2017 - 15:19 (META) 

Кинескиот претседател Кси Џинпинг денеска ги повика Вашингтон и Пјонгјанг да се воздржат од „запаливата реторика и акции“ кои можат да ги зголемат тензиите на Корејскиот полуостров, јавуваат светските медиумите.

Кси Џинпинг во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп рекол дека Пекинг и Вашингтон се заинтересирани за запирање на нуклеарната програма на Северна Кореја.

„Релеватните страни мора да се воздржат и да избегнуваат зборови и дела кои водат кон засилување на тензиите на Корејскиот полуостров“, навел кинескиот претседател.

Трамп, како што јавуваат агенциите, барал од Кина да изврши притисок на Пјонјанг поради нуклеарната програма која би можела да биде насочена кон САД.

Кина е најголемиот трговски партнер и извор на помош на Северна Кореја, но кинеските официјални претставници тврдат дека не можат да ги натераат властите во Пјонгјанг да прекинат со нуклеарните и ракетни програми.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа најавил дека ќе го прекине својот одмор во Њу Џерси и дека в понеделник ќе одржи прес-конференција во Вашингтон во врска со тензиите со Северна Кореја.


Русија: Амбициите на Северна Кореја се директна закана за Москва


Сингапур, 4 јуни, 2017 - 13:12 (META) 

Заменик-министерот за одбрана на Русија, Александар Фомин, денеска изјави дека амбициите на Северна Кореја во поглед на нуклеарните оружја се „директна закана“ за Русија, јавуваат светските агенции.

„Тоа не е само систем за противракетна одбрана, туку има конкретна цел. Затоа претставува вознемирувачка и директна закана за Русија. Наш принципиелен став е дека на тој начин се зголемува напнатоста во регионот“, рекол Фомин, зборувајќи на меѓународната конференција за безбедност што се одржува во Сингапур, на која учествуваат министри за одбрана и експерти од 39 земји.

Русија се граничи со Северна Кореја и еден од проектилите што ги тестира Северна Кореја падна во близина на руските територијални води. Сепак, ставот на Русија околу решевањето на проблемот со севернокорејската нуклеарна и ракетна програма се разликува од ставот на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници.

Фомин истакнал дека „економските ограничувања треба да бидат средство за враќање на Пјонгјанг кон мирно решавање на спорот“.

На конференцијата учествува и министерот за одбрана на САД, Џејмс Матис.


Северна Кореја е непосредна воена закана, смета министерот за одбрана на САД


Сингапур, 3 јуни, 2017 - 12:01 (META) 

Северна Кореја забрзано развива ракета со нуклеарна боева глава која може да претставува закана за Соединетите Американски Држави и за други земји, изјави денеска американскиот министер за одбрана, Џејмс Матис, говорејќи на меѓународна конференција во Сингапур.

Министерот за одбрана на САД ја нарекол Северна Кореја „непосредна воена закана“, јавуваат светските агенции. Матис истакнал дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е охрабрена од тоа што Кина повторно покажала посветеност на соработката со САД и со другите земји што би влијаело на тоа Пјонгјанг да ја напушти програмата за нуклеарно оружје.

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) вчера усвои резолуција со која се воведуваат санкции против четири институции и 14 севернокорејски функционери, вклучувајќи го и функционерот за кого се верува дека е на чело на разузнавачките служби на земјата.

Текстот на документот што го предложија САД е усвоен едногласно, а резолуцијата ја поддржа и Кина.


Советот за безбедност на ОН се закани со нови санкции кон Пјонгјанг


Њујорк, 20 април, 2017 - 21:12 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите нации вечерва ја усвои резолуцијата со која остро се осудуваат последните тестирања на ракети од страна на Северена Кореја и се закани со нови санкции кон Пјонгјанг, јавуваат светските агенции.

Со резолуцијата, која е усвоена едногласно, се осудува однесувањето и „илегалните активности“ на властите во Пјонгјанг, кои се повикуваат повеќе да не изведуваат нуклеарни проби и тестирањата на ракети, забранети со претходните резолуции на Советот за безбедност на ОН.

„Илегалните активности на Северна Кореја со нуклеарни и со балистички ракети во голема мера доведуваат до зголемување на тензиите во регионот и пошироко“, било наведено во резолуцијата.

Резолуцијата е усвоена по договор со Русија, која денеска демантираше дека го блокирала текстот, туку дека сакала во него да се вметне формулацијата „низ дијалог“, која претходно била исфрлена од документот на барање на САД.

Резолуцијата ја поддржала и Кина, која е сојузник на Северна Кореја.

Инаку, Пјонгјанг е под санкции на ОН од 2006 година.


Северна Кореја тестираше нов ракетен мотор


Пјонгјанг, 19 март, 2017 - 12:15 (META) 

Северна Кореја изврши тестирање на нов ракетен мотор во станицата за лансирање Тонгчанг-ри, јавиле севернокорејските државни медиуми, пренесуваат светските агенции.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун по повод тестирањето изјавил дека тоа претставува „ново раѓање на ракетната индустрија на Северна Кореја“.

Државната новинска агенција на Северна Кореја, КЦНА, јавила дека со помош на моторот земјата ќе ги достигне капацитетите за лансирање сателити од светска класа. Агенцијата, во својот извештај, навела дека најверојатно е тестиран нов тип на мотор за ракета со долг домет.

Инаку, тестирањето на новиот ракетен мотор од страна на Пјонгјанг доаѓа за време на посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на Кина, која е главен сојузник на Северна Кореја.

Вчера Тилерсон и неговиот домаќин, шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, разговараа за севернокорејската нуклеарна и ракетна програма и како што изјавија на прес-конференцијата по средбата, се согласиле на заедничка соработка за да ја убедат Северна Кореја да го напушти сегашниот пат.

Тилерсон, во петокот, за време на посетата на Јужна Кореја, изјави дека на маса е можно да се најде и воен одговор од страна на САД, доколку Северна Кореја продолжи со заканите кон Сеул и кон Вашингтон.


САД: Честото воведување на економски санкиции го слабее доларот


Вашингтон, 31 март, 2016 - 13:26 (META) 

Американскиот секретар за финансии Џек Лу предупреди дека честото воведување на економски санкции може да доведе до слабеење на доларот на светскиот пазар и намалување на американското влијание во светот.

– Мора да бидеме свесни за фактот дека злоупотребата на санкциите може да ја ослаби нашата позиција на лидери на светската економија и да ја доведе во прашање ефикасноста на самите санкции – изјави Лу.

Техеран и шест светски сили САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија на 14 јули 2015 година постигнаа историски договор со кој на Иран му е ветено укинување на економски санкции во замена за ограничување на нуклеарната програма.


ОН ја затвораат истрагата за Иран


Њујорк, 15 декември, 2015 - 20:40 (META) 

Одборот за нуклеарни прашања на Обединетите нации, составен од 35 земји-членки, денеска одлучи да ја затвори истрагата за тоа дали Иран се обидел да дојде до атомско оружје и одлучи да го поддржи меѓународниот договор со Техеран, соопштија неименувани дипломатски извори.

Речиси две недели откако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) го поднесе извештајот во кој се наведува дека Иран има тајна програма за нуклеарно вооружување, одборот на ОН за нуклеарни прашања едногласно ја усвои резолуцијата со која официјално се затвора истрагата.

МААЕ, сепак, ќе продолжи да ја надгледува активноста на Иран, се наведува во текстот на резолуцијата.


Амано: Иран почна да ја редуцира нуклеарната активност


Женева, 26 ноември, 2015 - 14:09 (META) 

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Јукио Амано, денеска изјави дека Иран почнал да ја редуцира својата нуклеарна активност, во согласност со договорот со шесте светски сили, но дека не може да гарантира дека земјата прави сè според договорот.

Говорејќи пред одборот на МААЕ, кој го сочинуваат претставници на 35 земји, Амано додаде дека не може да се утврди дека „целиот материјал во Иран е во согласност со мировните активности“.

Амано најави дека Техеран наскоро ќе им овозможи на пошироките власти на МААЕ да го надгледуваат спроведувањето на договорот.

Иран и шесте светски сили (САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија) на 14 јули во Виена постигнаа историски договор, со кој се ограничува иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.