!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕУ бара од САД да не се откажуваат од нуклеарниот договор со Иран


Брисел, 11 јануари, 2018 - 20:59 (META) 

Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон ги повика Соединетите Американски Држави да докажат доколку постои подобра алтернатива од договорот со Иран, кој ја ограничува нуклеарната програма на оваа земја, јавуваат белгиските медиуми.

Џонсон по разговорите со колегите од Иран и од Европската Унија денеска во Брисел изјавил дека Заедничкиот сеопфатен план за работа со Иран е значајно постигнување, кое го спречува Иран да добие нуклеарно оружје.

Шефот на британската дипломатија нагласил дека Иран во целост ги исполнува своите обврски од нуклеарниот договор, потпишна во 2015 година, пренесува „Би-би-си“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп кој сака го измени или да излезе од договорот, во октомври, минатата година одби да го потпише документот со кој пред Конгресот на САД се потврдува дека Иран ги исполнува обврските од договорот.


Иран го почитува договорот за нуклеарната програма, тврди МАЕА


Техеран, 23 ноември, 2017 - 18:46 (META) 

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МАЕА), Јукијо Амано, денеска изјави дека Иран ја почитува спогодбата со светските сили за ограничување на своите нуклеарни активности.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатиот месец изјави дека САД нема да потврдат дека Иран се придржува до договорот за нуклеарната програма, но не ја поништи спогодбата како што ветуваше во предизборната кампања.

Трамп прашањето за договорот му го препушти на Конгресот на САД и на другите земји што го потпишаа договорот со Иран во 2015 година.

Иран и шест светски сили, САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, постигнаа спогодба на 14 јули 2015 година со која се ограничува иранската нуклеарна програма во замена за укинување на дел од меѓународните санкции кон оваа земја.


Меѓународната кампања за забрана на нуклеарно оружје бара од Трамп да не го напушти договорот со Иран


Њујорк, 10 октомври, 2017 - 10:42 (META) 

Меѓународната кампања за забрана на нуклеарно оружје, која е годинашен добитник на Нобеловата награда за мир, го повика претседателот на САД да го поддржи нуклеарниот договор со Иран.

– Ја повикуваме американската влада да остане во овој договор – изјави Беатрис Фин, директорка на кампањата, на конференција за новинари во седиштето на Обединети нации во Њујорк. Таа наведе дека нема докази дека Иран не го почитува договорот.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно соопшти дека САД немаат намера да го поддржат тој договор.

Тој на 15 октомври треба да го извести Конгресот за тоа дали Иран ги почитува своите обврски од договорот за нуклеарната програма, а конгресмените потоа имаат 60 дена да ја разгледаат можноста за повторно воведување санкции за Техеран.


Иран се закани со напуштање на нуклеарниот договор во случај на нови санкции


Техеран, 15 август, 2017 - 11:10 (META) 

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска се закани дека Иран би можел многу брзо да го напушти нуклеарниот договор со големите сили, доколку САД продолжат со својата политика на „санкции и присилба“, јавуваат агенциите.

Договорот постигнат во јули 2015 година предвидува Иран да ја ограничи својата нуклеарна програма само на цивилни цели во замена за постепено укинување на меѓународните санкции.

„Пропаднатиот експеримент на санкции и присилба ја доведе претходната (американска) администрација на преговарачка маса. Но, ако сакаат да се вратат на таквите методи, тогаш сигурно е дека без никакво одложување – не за недели и месеци, туку за денови или часови, ќе се вратиме на состојбите пред договорот“, изјавил Рохани.

Тој рекол дека американскиот претседател Доналд Трамп не се покажал пред светот како „добар партнер“.

Како одговор на новите американски санкции поради ракетната програма и обвинувањата дека го поддржува тероризмот, Техеран издвои дополнителни средства за ракетната програма и за елитната револуционерна гарда.


Иран смета дека со новите санкции САД го прекршиле договорот за нуклеарната програма


Техеран, 3 август, 2017 - 12:05 (META) 

Иранските власти сметаат дека со новите санкции што САД ги воведоа за Техеран е прекршен постигнатиот договор за нуклеарната програма на земјата.

Ова го наведе иранската државна телевизија, која се повикува на изјава на заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Абаси Арагачи, кој учествуваше во преговорите за договорот.

Тој наведе дека Иран ќе смисли „паметен одговор“ на санкциите, односно дека официјален Техеран подготвил листа од 16 мерки што ќе бидат преземени против одлуката на САД, не наведувајќи детали, освен дека поединечни мерки ќе ги „унапредат“ ирачките воени сили.

Американскиот конгрес со големо мнозинство го усвои законот со кој им се воведуваат нови санкции на Иран, Русија и на Северна Кореја, а Трамп го потпиша законот наведувајќи дека има „сериозни недостатоци“.

На Иран санкциите му се воведени поради програмата за развој на производството на балистички ракети, прекршување на човековите права и поради поддршката што Техеран им ја дава на групите како Хезболах или на палестинските групи кои САД ги сметаат за терористички.


Директорот на ЦИА до Трамп: Не чепкај го договорот со Иран и внимателно со Русија


Вашингтон, 30 ноември, 2016 - 10:44 (META) 

Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Бренан, го предупреди новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, дека ставањето крај на договорот меѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран би било „катастрофално“ и „врв на глупоста“. Ваквиот став, Бренан го истакнува во интервју за „Би-би-си“, во кое исто така го советува Трамп да биде претпазлив во односите со Русија.

Во текот на својата кампања, Трамп се закани дека ќе го укине договорот со Иран и најави поблиска соработка со Русија.

Бренан, кој треба да замине од функцијата шеф на ЦИА во јануари следната година, во врска со ситуацијата во Сирија ги обвинува сирискиот режим и Русија дека се одговорни за масакрот врз цивилното население, кој го опишува како „недозволив“.

Тој истакна дека администрацијата на САД треба да продолжи со поддршката на силите на умеренетите бунтовници во нивната борба против војската лојална на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Русија продолжува да ја игра клучната улога околу иднината на Сирија, вели Бренан во интервјуто, но изразува скепса за волјата на Москва да се дојде до некаков договор за прекинување на непријателствата.

Во врска со наводите за обидите на Русија да влијае на претседателските избори преку хакирање и пуштање на информации во јавноста, директорот на ЦИА во интервјуто потврдува дека имало такви активности од Москва, но за нивното евентулано влијание остава да се произнесат службите задолжени за тоа.

Тој потврдува дека околу ова прашање имал разговори со руските тајни служби од кои барал одговор за овие активности и ги предупредил дека тие можат да завршат лошо.

САД не би требало да „се задржат на нивното ниво“ или да ризикуваат ескалација во односите со Русија одговарајќи на идентичен начин, вели Бренан, и додава дека постојат други начини за да се осигури дека Москва ја разбира пораката дека ваквите активности се неприфатливи.

Тероризмот, вели Бренан, и понатаму останува главна грижа на безбедносната политика на САД. Директорот на ЦИА, посочува дека Исламска држава и понатаму е „многу активна“ и дека бара начин тоа да го покаже, без разлика на случувањата на бојното поле.

„ИД е сè уште способна да изведува терористички напади против Западот“, вели Бренан, кој четири години е на чело на ЦИА.


Иран: Со нови договори за експлоатација на нафта до инвестиции од 30 милијарди долари


Техеран, 29 ноември, 2015 - 17:43 (META) 

Иран ги менува условите и начинот на склучување договори со странските енергетски компании, заинтересирани за иранските нафта и гас, во обид да привлече нови инвестиции во висина од околу 30 милијарди американски долари, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, условите во новите договори за експлоатација на нафта ќе бидат многу поповолни за странските инвеститори на кои ќе им биде овозможен поголем удел во профитите на долг рок.

Иран е една од земјите со најголеми резерви на нафта и на природен гас во светот.

Новите договори, пишуваат медиумите, се резултат на укинувањето на долгогодишните санкции што му беа наметнати на Иран, што дојде по постигнувањето на договорот за нуклеарната програма меѓу земјата и шесте светски сили – САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина.

Новите договори биле објавени на конференција во Техеран, на која присуствувале претставници на водечките светски енергетски компании, вклучувајќи ги „Бритиш петролеум“, „Шел“, „Тотал“, „Статоил“ и „Синопек“.

На конференцијата не биле присутни компаниите од САД.