!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Во терористичкиот напад во Лондон има четворица загинати и 20 повредени


Лондон, 22 март, 2017 - 19:49 (META) 

Четири лица загинаа, а 20 се повредени во Лондон, при истрелите од огнено оружје пред британскиот парламент во Вестминстер, кои се случија денеска попладне.

Британската полиција овој напад го оквалификува како терористички.

Според пишувањата на британските медиуми, напаѓачот најпрво со автомобил се втурнал во група пешаци на мостот што води до парламентот, а потоа со нож прободел полицаец пред Вестминстер. Напаѓачот потоа бил застрелан од полицијата.

Поради инцидентот, парламентот беше затворен, а засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.


Основното јавно обвинителство – Гостивар трага по напаѓачите на британски државјанин


Скопје, 22 март, 2017 - 19:15 (META) 

Британски велосипедист бил пресретнат и нападнат од три непознати лица, вчера на патот од одморалиштето Бунец кон Маврово, соопштија од Јавно обвинителство.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар зел изјава од оштетениот и издал наредби за да се расветли настанот.

„Според исказот на оштетениот, лицата го врзале, го внеле во возилото и во исто време му ги одзеле платежните картички што ги поседувал. Искористувајќи момент кога бил сам со еден од напаѓачите, британскиот државјанин се ослободил и на напаѓачот му задал неколку удари со нож што го имал во себе. Откако избегал во блиската шума, преку социјалните мрежи ги алармирал родителите и пријателите. Тие се обратиле до британската полиција, која преку британската амбасада во Скопје ја известила полициската станица Гостивар, по што веднаш била иницирана потрага по велосипедистот. Оштетениот е пронајден во близина на каменоломот Пелагонија денеска, во раните утрински часови“, се вели во соопштението на Јавно обвинителство.

Како што велат оттаму, Oсновното јавно обвинителство – Гостивар координира интензивна потрага по напаѓачите.


Со нож нападнати двајца тетовци


Тетово, 20 март, 2017 - 12:39 (META) 

Двајца тетовци на возраст од 26 и од 30 години, ноќеска биле нападнати со нож, при што добиле повреди по вратот, грбот и на екстремитетите. Двајцата повредени, со возило на итна медицинска помош, биле пренесени во тетовската клиничка болница. Помладиот од нив, поради сериозноста на повредите, префрлен е во Клиничкиот центар во Скопје.

Осомничени за нападот се 34-годишен жител на Тетово и неговиот две години помлад брат. Двајцата се приведени и задржани во полициската станица во Тетово. Напаѓачите и повредените претходно физички се пресметале, а инцидентот се случил на улиците Браќа Миладинови и Благоја Тоска во Тетово.

Извршен е комплетен увид, пронајдени и подигнати се траги за вештачење, како и еден нож на расклопување.Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок.


Петнаесетгодишник повреден со нож од соученик


Скопје, 11 март, 2017 - 12:38 (META) 

Петнаесетгодишен ученик со нож е повреден во пределот на вратот од страна на соученик, во тепачка што се случила вчера изутрина, околу 9 часот во Основното училиште „Петар Здравковски – Пенко“, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Повредениот веднаш бил пренесен во Клиничкиот центар Скопје, од каде по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.

Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.


Притвор за осомничениот за убиство на сосетката во Охрид


Охрид, 23 февруари, 2017 - 13:19 (META) 

Поради основан сомнеж дека сторил разбојништво, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.К. (37) од Куманово, со привремен престој во стан на улицата Галичица во Охрид, информираат од СВР Охрид.

Нему, Основното јавно обвинителство му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, по што е пренесен во казнено-поправна установа во Скопје.

– На 20 овој месец, во 11.45 часот, пријавениот, заради стекнување противправна имотна корист, заsвонил кај неговата соседка, сега починатата Спаса Б. (67) од Охрид. Пријавениот, претходно се осигурал дека таа е сама во станот и подготвувајќи се да го изврши кривичното дело, зел една водоводна цевка и ставил бели хируршки нараквици на рацете. Објаснувајќи ѝ на сосетката дека сака да го погледне распоредот на станот, сега починатата му дозволила влез на Ј.К. и незабележувајќи дека има нараквици и водоводна цевка,  од ходникот на станот се упатила кон дневната соба. Тогаш, сега притворениот Ј.К., од зад грб, со водоводната цевка ѝ задал неколку силни удари во пределот на главата и вратот, по што таа паднала на подот. Веднаш потоа, Ј.К. почнал да пребарува низ собите, пронашол и одзел еден мобилен телефон и паричник со 3.200 денари во разни апоени – информираат од СВР Охрид.

Пред да го напушти станот, забележувајќи знаци на живот кај соседката и плашејќи се дека ќе биде кажан и откриен, сега притворениот Ј.К. се вратил во кујната и пронашол нож со должина од околу 30 сантиметри, со кој ѝ задал неколку удари во пределот на вратот и ја усмртил.

Потоа го напуштил станот, заклучувајќи го со клучот од влезната врата и се упатил во казино.

Заради расчистување на казнено-правниот настан, СВР Охрид во координација со јавниот обвинител, презеде низа мерки за обезбедување траги и доказен материјал, извршен е криминалистичко-технички увид на местото на настанот, извршени се претреси, анкети со граѓани, како и други оперативно-тактички мерки.


Полицијата се сомнева дека нападот во Охајо е терористички


Охајо, 29 ноември, 2016 - 10:14 (META) 

Кон истрагата околу нападот на Универзитетот во Охајо се придружија и тимови на ФБИ и други разузнавачки агенции поради сомневање дека се работи за терористички напад.

Мажот кој е осомничен дека повредил девет лица на Универзитетот „Охајо“, со автомобил влетал помеѓу пешаците, а потоа излегол со месарки нож и почнал да ги боде луѓето, пред да биде убиен од огнено оружје.

Се верува дека лицето што го извршило нападот е бегалец од Сомалија и дека легално живеел во САД.

Официјални лица претходно соопштија дека најмалку девет лица се повредени, од кои едно во критична состојба.

Во изминатите месеци, ФБИ ги зајакна мерките за претпазливост поради пропагандата на екстремистите на интернет во која препорачуваат во нападите да се користат автомобили и ножеви бидејќи полесно е да се носат отколку бомби.


Маж со нож нападнал четири лица во метро-станица во Франкфурт


Франкфурт, 30 октомври, 2016 - 1:19 (META) 

Непознат маж со нож нападнал четири лица на метро-страница во Франкфурт, Германија.

Повредените се префрлени во болница и не се во животна опасност.

Полицијата го блокирала тој дел на градот, а напаѓачот се бара, пренесуваат германските медиуми.

Мотивот за нападот засега не е познат.


Напаѓач со нож рани осум лица во Минесота


Минеаполис, 18 септември, 2016 - 15:04 (META) 

Осум лица се ранети при напад со нож во трговски центар во Сент Луис, Минесота.

Шефот на локалната полиција, Блер Андерсон, изјави дека напаѓачот бил убиен од полицаец кој не бил на должност во тој момент и дека се сомневаат дека станува збор за напаѓач кој бил радикализиран муслиман.

Напаѓачот бил вооружен со нож и облечен во униформа од приватна компанија за обезбедување, а во полицијата имал досие само за сообраќајни прекршоци.

Од полицијата велат дека истрагата е во тек и најавуваат повеќе детали за подоцна.


Викал „Алаху акбар“ и со нож нападнал брачен пар во Германија


Берлин, 28 август, 2016 - 17:29 (META) 

Полицијата уапси маж кој со нож нападнал и тешко повредил брачен пар во градот Оберхаузен во Западна Германија.

Германскиот државјанин (26) во саботата попладне тешко ранил постари маж и жена додека биле на пикник, соопшти полицијата.

Мажот добил тешки повреди, а жената се наоѓа во критична состојба.

– Една од жртвите пред полицијата изјави дека напаѓачот за време на нападот извикувал „Алаху акбар“, но нема сведоци што  можат да го потврдат тоа – соопшти портпаролот на полицијата, Андреас Вилминг Вебер.

Осомничениот, кој бил под дејство на дрога, по полициското испрашување е одведен во психијатриска клиника.


Во Индонезија нападнат христијански свештеник за време на венчавка


Џакарта, 28 август, 2016 - 11:55 (META) 

Индонезиската полиција го истражува, како што се сомнева, терористичкиот напад со нож на свештеник за време на венчавка, а присутни се припадници на антитерористичките единици затоа што постои сомневање дека во ранецот на напаѓачот се наоѓал експлозив.

Во инцидентот нема посериозно повредени, а свештеникот и напаѓачот добиле полесни повреди, соопшти полицијата од Медана, на југот на Суматра.

– Терористичкиот напад се случи рано утрово во црквата „Свети Јозеф“ – соопшти портпаролката на полицијата, Рина Сари Гинтинг.

Таа додаде дека полицијата го пребарува домот на напаѓачот за да провери дали поседува материјали од кои се прават бомби.

Сведок на случувањето во црквата соопшти дека напаѓачот седел помеѓу другите верници, а потоа се слушнала мала експлозија по што напаѓачот тргнал со нож накај свештеникот.

Во црквата се наоѓаат специјални одреди на полицијата за да истражат дали нападот е неуспешен обид на бомбаш самоубиец.