!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Гинекологија има премалку кадар и лоши услови за ризичните новороденчиња


Скопје, 10 октомври, 2017 - 13:26 (META) 

Покрив што протекува и влага сè до подрумот, валкана постелнина, недостиг од медицински кадар на сите нивоа, преголем број згрижени бебиња, зграда во која вентилацијата и системот за регулирање на температурата во просториите не функционираат или одвај функционираат уште од нејзиното пуштање во употреба, немање протечна вода, како и стари инкубатори и голема смртност од 127 новороденчиња од почетокот на 2017 година сè до крајот на септември, се горливите проблеми на Клиниката за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, што пред новинарите денеска ги презентираа директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, и директорката на клиниката, Викторија Јовановска.

Вонредниот надзор што инспекторатот го спровел по информацијата за смртта на четири новороденчиња во една ноќ во втората половина на септември, но и по барање на директорката Јовановска, утврдил дека на одделот за интензивна и постинтензивна нега, каде што починале четирите новороденчиња, има премалку кадар, а наместо 25 бебиња, колку што е капацитетот, во моментот кога инспекторите влегле, имало дури 49 бебиња, односно по две бебиња во еден инкубатор.

– Клиниката има недостиг од медицински сестри – акушерки, инструментарки, има недостиг на кадар во цитолошката лабораторија, има недостиг на систем за добра вентилација, не функционира системот за терморегулација на просториите, почнувајќи од неонатологија, па во сите други простории – рече Бухова, презентирајќи дел од наодите на инспекторите.

Таа рече и дека била утврдена многу лоша состојба на постелнината и на креветите, немало протечна вода во натариумот, не функционирале стерилизаторите за топлење на пелените, а стерилизаторот за шишенца, според инспекторите, бил стар и дотрајан.

Директорката на клиниката, Викторија Јовановска, ги потврди овие наводи, нагласувајќи дека тоа се проблеми со кои клиниката се соочува години наназад. Јовановска, истакнувајќи дека на Клиниката за гинекологија и акушерство работи веќе 20 години, истакна дека состојбите, освен на одделението каде се згрижуваат ризичните новороденчиња, сепак не се премногу алармантни. На тоа одделение, пак, во секоја од двете смени, за ризичните бебиња се грижат по четири медицински сестри и двајца лекари.

Посочувајќи дека поради изборниот период Клиниката за гинекологија е ограничена во средувањето на состојбите, директорката на клиниката истакна дека по изборите ќе се преземат итни мерки за средување на состојбите, од кои како битна ја и истакна мерката за солидно плаќање на трудот на вработените.

– Замислете, сега сестри за дежурство добиваат по 150 денари, а секоја од нив треба да се грижи за педесетина бебиња. Тоа мора да престане – рече Јовановска.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција во Министерство за здравство, од 300 вработени на клиниката, 60 се сестри, а 86 лекари.

Таа посочи дека за проблемот со системот за вентилација ќе треба да се направи многу, бидејќи зградата е згрешена уште при изградбата, а за другите технички проблеми ќе се преземаат мерки во наредниот период. Јовановска истакна и дека по изборите ќе се почне со разговори за прием на нов кадар, пред сè специјалисти, па ако треба и од странство. Сепак, истакна дека екипирањето на клиниката не е брз процес, оти и ако земат еден специјалист – педијатар, треба најмалку една година да го оспособат за работа со бебиња со висок ризик. Директорката на Клиниката рече и дека итно ќе мора да вработуваат нови медицински сестри.

Таа посочи дека има и влошени односи меѓу лекарите во одделот за интензивна поради плаќањето по учинок, односно како што рече, некои биле фаворизирани од претходните раководни гарнитури.

Според Јовановска, по веста за умирањето на четири новороденчиња во една ноќ се јавиле многу заинтересирани да донираат, но и за тоа ќе треба да се почека да завршат локалните избори, за да може да пристигнуваат донациите.


За смртта на четирите новороденчиња, Комисијата не нашла вина кај медицинскиот персонал


Скопје, 30 септември, 2017 - 12:01 (META) 

Според Комисијата за стручен надзор на работата на Клиниката за гинекологија и акушерство во Клинички центар, која ја истражува смртта на четири новороденчиња во една ноќ минатата седмица, станувало збор за проблематични случаи, а сите предвидени постапки биле извршени од медицинскиот персонал. Во извештајот на Комисијата што го достави Министерството за здравство се вели и дека станувало збор за многу ризични случаи, за кои и смртноста обично е повисока.

„Комисијата констатира дека се работи за високоризични бремености, завршени со предвремено породување во рана гестациска возраст и ниска родилна тежина на новородените, со присутност на медицински компликации во тек на бременоста“, се вели во извештајот.

Според комисијата, сите овие ризик-фактори го отежнуваат нивното преживување и ја зголемуваат стапката на морталитет и морбидитет.

„Предвреме родено машко дете во 25 гестациска недела, со екстремно мала родилна тежина ставено на палијативен третман. Починало во првите 24 часа од раѓањето. Второто е предвреме родено женско дете во 29 гестациска недела, поради ризична бременост, а мајката имла висок притисок и инфекција. Дадена е соодветна медицинска терапија, починало третиот ден од раѓањето. Третото бебе е предвреме родено машко дете во 29 гестациска недела. И тоа било од ризична бременост и веднаш е интубирано по раѓањето. Дадена соодветна терапија. Состојбата се влошила поради што повторно е реинтубирано и извршена е реанимација, но починува. Четвртото е женско бебе родено 27 гестациска недела. На одделот за интензивна нега престојувало 37 дена во исклучително тешка состојба и цело време било на апарати за дишење“, стои во извештајот на комисијата за стручен надзор, формирана од Министерство за здравство.

Потоа комисијата, врз основа на разгледаната медицинска документација и разговорите со здравствените работници од страна, констатира дека е постапено во согласност со предвидените медицински протоколи, соодветен третман пред породувањето, правила индикација за оперативно завршување на предвремено започнато породување, запазени анестезиолошки процедури, успешно спроведена примарна стабилизација на новородените како и соодветно спроведена постнатална интензивна нега и терапија.

Бебињата починале ноќта меѓу четвртокот и петокот минатата седмица, а дежурната лекарка таа вечер е суспендирана.


Четири бебиња во инкубатори починале за една ноќ на Гинекологија, докторка е суспендирана


Скопје, 29 септември, 2017 - 17:59 (META) 

Ноќта меѓу четвртокот и петокот минатата седмица, четири бебиња во инкубатори починале на Клиниката за гинекологија и акушерство во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, потврдија од Министерство за здравство, нагласувајќи дека дежурната докторка таа вечер е суспендирана, а била формирана и комисија за да го истражи случајот. Нејзиниот конечен заклучок се очекува денеска.

Според соопштението, четирите новороденчиња биле или предвремено родени или имале посериозни проблеми и застој во растот.

„Веднаш по добивање на информацијата, Министерството за здравство формираше комисија за стручен надзор и времено е суспендирана докторката, која била на дежурство таа вечер, се до донесување конечен заклучок на Комисијата за стручен надзор, кој се очекува да биде готов во текот на денешниот ден. Исто така, денеска инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат вршат вонреден надзор на Клиниката за гинекологија и акушерство, по што јавноста ќе биде информирана за донесените мерки за унапредување на работата во оваа јавна здравствена установа“, се вели во соопштението.

Како што појаснија, едното бебе било родено во 25-та гестациска недела, второто во 27-та недела и имало сериозни невролошки проблеми и проблеми со некои органи, додека другите две биле родени во 29-та недела, од кои едното со претходно утврден застој во растот во матката, а другото со предвремено прснат воденик и бактерија кај мајката.

Од Министерството за здравство велат дека се работи на изготвување стратегија за подобрување на состојбите на Клиникатата за гинекологија и акушерство во Скопје, како и во сите породилишта во државата.


Таравари: Ако гостиварци не ми веруваат, се враќам на лекарската професија


Скопје, 10 септември, 2017 - 10:59 (META) 

Министерот за здравство во заминување, Арбен Таравари, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“ зборува за проблемите во ресорот што ги затекна и со кои се справуваше, како и за својата кандидатура за градоначалник на Гостивар.

– Сега е моментот да видам колку тежам и вредам во мојот град. Ако тие ми веруваат и ми дадат гласови, ќе знам дека вредам во политиката. Ако не ми дадат гласови и мислат дека не треба да продолжам во политиката, јас си имам златен занает – вели министерот за здравство во заминување.

Арбен Таравари, кој важи за истакнат стручњак во својата професија, верува дека во Министерството за здравство ќе има континуитет по него.

– Точно е дека нема да стигнам да ги видам првите резултати од тримесечното работење на директорите, меѓутоа јас мислам дека во Министерството ќе има континуитет и за тоа гарантирам, и во здравствените политики и во идеите што јас ги почнав во првите 100 дена, така што, кој било да е мој наследник, јас се надевам дека тој ќе продолжи по истиот пат, ќе се трасираат и ќе се очекуваат истите резултати што јас ги почнав во првите 100 дена, така што граѓаните нема да почувствуваат дека има некаква промена, само личноста ќе биде друга – вели Таравари.

Запрашан за смртните случаи во текот на неговото министерување, вклучително и за мртвороденчињата, Таравари вели дека комисијата формирана уште пред неговиот мандат, а потоа преоформена во нов состав, треба да даде решенија, односно препораки.

– Пред јас да дојдам за министер, имаше комисија која требаше да ги разгледува овие случаи и да направи одреден акциски план, меѓутоа, за жал, таа комисија не се имаше сретнато речиси две години. Сега направивме нова комисија која ќе се занимава само со смртта на доенчиња. Комисијата ќе даде одреден акциски план, кој Министерството ќе треба да го спроведе, сè со цел до 2021 година да имаме како предизвик да ја намалиме смртта на доенчињата до 20 отсто. Не само Министерството, туку и повеќе невладини организации во Македонија ни стојат на располагање за ова, бидејќи еден од индикаторите кој кажува колку е добра и стабилна здравствената политика во една држава е смртноста на доенчињата. Комисијата веќе е назначена, тие што поскоро треба да дадат одредени чекори и мерки што треба да ги преземеме ние како администрација за да ја достигнеме таа цел, да ја намалиме смртта на доенчињата за 20 отсто за четири години – вели министерот за здравство во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ направи цунами во здравството


Скопје, 9 септември, 2017 - 10:55 (META) 

„Ова што го прави СДС на сопствениот народ и држава е рамно на цунами. Изминативе 100 дена од доаѓањето на власт неспособната влада на СДС ветуваше разно-разни реформи и подобрување на услугите во здравството, а од сето тоа македонските граѓани не видоа ништо“, обвини денеска Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција пред Министерство за здравство.

Таа рече дека владата на СДСМ во првите недели направила реваншистичка смена на дирекорите во јавното здравство, а не набавила ниту еден нов медицински апарат или опрема.

– Ветувањето за зголемување на платата на докторите за 100.000 денари, СДС не го реализира ниту за 1 денар. Укинат е ургентниот интернистички центар при кампусот „Мајка Тереза“. Запрени се дури и проектите за едукацијата што врвните странски стручњаци и лекари ја правеа во Македонија, а тоа беше организирано од страна на владата – рече Стојаноска.

Таа порача и дека „неспособноста на владата на СДСМ“ се гледа и во тоа што „за една недела умреа 10-тина дечиња по разни болници, а за ова одговорност од СДС немаше“.


За смртта на трите бебиња, Комисијата утврдила дека биле запазени медицинските протоколи


Скопје, 31 август, 2017 - 14:56 (META) 

Министерството за здравство информира дека Комисијата за стручен надзор донела заклучоци во врска со трите починати новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство.

„Комисијата констатира дека се работи за високоризична, повеќеплодна бременост, проследена со гестациски дијабетес зависен од инсулин, хипертензија и инфект кај мајката, што довело до предвремено раѓање на новороденчиња со ниска гестациска возраст (помала од 28 гестациска недела) и мала родилна тежина под 1.000 грама. Сите овие ризик-фактори го отежнуваат преживувањето на новородените деца и ја зголемуваат стапката на морбидитет и на морталитет“, информираат од Министерство за здравство.

Од таму додадаваат дека врз основа на разгледаната медицинска документација и разговорите со здравствените работници, Комисијата констатирала дека е постапено во согласност со предвидените медицински протоколи за следење високоризична бременост.


Ако е здравството во хаос, тоа не е од времето на Таравари


Скопје, 31 август, 2017 - 11:53 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во врска со состојбите во здравството, земајќи ја како повод смртта на три новороденчиња од пред неколку дена во Клиниката за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ од Скопје, која ја оценуваме како недоследна, пишува „Вистиномер“.

„Претставничка на ВМРО-ДПМНЕ, по повод смртта на три новороденчиња од пред неколку дена во универзитетската клиника во Скопје, даде изјава во име на партијата, во која се тврди дека тоа било резултат на неспособноста на новиот министер за здравство, Арбен Таравари, и на новата в.д. директорка на Клиниката. Во таа изјава има генерална оценка дека здравството било во хаос и оти ако има кај одговрните грам морал, ќе си поднеле оставка.

Оваа изјава ја оценуваме во најмала рака како недоследна, особено за тврдењето дека здравството било во хаос (откако дошол Таравари на негово чело – имплицитно наведување на читателот – з.а.).

Прво, станува збор за уште еден од бројните случаи на смрт на новороденчиња во Македонија и во оваа клиника, која е со најголем број породувања во државата од преку 8.000 годишно. Проблемот на новороденечката смртност е генерален проблем на здравствениот систем во Македонија кој трае повеќе од една деценија. На тоа алармираат и светските и домашните извештаи за овој проблем, а лани повторно се искачи на високо ниво. И тој негативен број варира од повеќе од 8 до 14 промили во период од над 13 години“, се вели во написот на „Вистиномер“.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Таравари: Смртноста на новороденчињата ме погодува, но упорен сум да го решам проблемот


Скопје, 30 август, 2017 - 14:38 (META) 

„Загрижувачката бројка на смртност кај новороденчињата и мене ме погодува, не само како министер туку и како човек и како родител. Не, јас немам магично стапче. Но имам волја“, напиша министерот за здравство, Арбен Таравари, на својот фејсбук-профил.

„Чувствувам должност, но и одговорност да ви се обратам во врска со најважната битка во нашето здравство. Битка која, за жал, многу медиуми ја користат за собирање поени за одредени политички партии, но и најпоразително од сè, битка која, за жал, неуспешно била водена во изминативе 25 години – битката за нашите новороденчиња. Јас, како и никој друг, немам магично стапче. Но, имам волја. Имам упорност. Имам одлучност и најважно од сè, сигурност дека Македонија треба, мора и ќе има подобро здравство“, пишува Таравари.

Министерот за здравство вети дека негов приоритет сè додека седи на министерското столче ќе бидат децата бидејќи, како што напиша, „тие се наша иднина, наша светлина и наша гордост и оваа битка ќе ја водиме за нив“.


Таравари: Ако има неправилности во третманот на починатите бебиња, ќе има законски мерки


Скопје, 24 август, 2017 - 13:03 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари утрово се сретнал со директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Викторија Јовановска која го информирала за протоколот за лекување на трите бебиња кои починаа вчера.

Од ГАК исто така информирале дека, претходно пациентката трипати била хоспитализирана во Клиничка болница во Тетово, поради гинеколошко крварење.

Од Клиниката „одговорно тврдат дека неколку пати разговарале со родителите и им била објаснета состојбата на новороденчињата, третманот како и можните шанси за преживување.“

Таравари во текот на денот ќе се сретне и со родителите на починатите бебиња, како и со целокупниот персонал кој бил задолжен за нивна грижа и нега.

„Напоменуваме дека доколку извештајот од комисиите констатира неправилности во третманот на новороденчињата, веднаш ќе бидат преземени соодветни, законски мерки“, велат од Министерство за здравство.

ГАК демантира дека смртта на трите новороденчиња е поврзана со недостиг од соодветна опрема, односно инкубатори.


Тројка бебиња починале на Клиниката за гинекологија и акушерство


Скопје, 23 август, 2017 - 14:50 (META) 

Три новороденчиња починале вчера на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, соопшти Министерството за здравство.

Како што инфромираат оттаму, завчера на Клииката била хоспитализирана пациентката И.М., поради болки во стомакот, која истиот ден била породена со царски рез во 27-та недела од бременоста со тројка.

Новороденчињата биле прифатени од педијатар и акушерка во операционата сала, по што била извршена примарна реанимација и термостабилизација. Трите новороденчињата во инкубатор биле транспортирани на Одделението за интензивна неонатална нега и терапија. Следниот ден била констатирана смрт на сите три новороденчиња.

Министерството за здравство, стои во соопштението, веднаш по добивање на информациите формирало комисија за стручен надзор која детално ќе го испита случајот, со цел да утврди дали во целокупниот третман на родилката и новороденчињата е постапено согласно протоколите и медицината базирана на докази.

Истовремено е формирана комисиа и од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.