Екологистите до Владата: Решете го „рудникот на смртта“ или народот сам ќе го реши


Скопје, 8 октомври, 2018 - 23:03 (META) 

Активистите на еколошките здруженија кои се спротиставуваат на отворањето на рудникот на бакар и злато Иловица во струмичката котлина ѝ упатија ултиматум на Владата да ѝ ја одземе концесијата на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ најдоцна до вторник, 16 октомври, кога е предвидена да се одржи седница на Владата. Во спротивно, тие најавија дека „ќе го повикаат народот сам да се заштити и сам да го реши проблемот“.

„Повеќе не прифаќаме никакви одложувања или оправдувања. Не прифаќаат ниту граѓаните, кои од нас бараат акции за сопирање на рудникот“, велат еколошките здруженија кои го потпишаа обраќањето до Владата на Зоран Заев.

Тие наведуваат дека постојат бројни аргументи во полза на ваквото решение на проблемот со рудникот Иловица од кои најважниот е дека самиот премиер Зоран Заев дал предизборно ветување дека рудници нема да има. Тие, исто така, потсетуваат дека Заев не го исполнил ниту рокот што сам го даде (крајот на мај) за решавање на проблемот со рудниците во Југоисточна Македонија.

„Владата и Собранието не ја почитуваат јасно изразената волја на граѓаните на референдумите одржани во септември 2017 во општините Босилово и Ново Село, како и на протестниот марш одржан на 16 јуни 2018, под мотото ДА ГО СОПРЕМЕ ПРЕД ДА НЕ СОТРЕ! Владејачката коалиција,  и, што е уште полошо, во содејство со опозицијата, во август го попречи изгласувањето на предложените измени во Законот за металични и минерални суровини, кој веќе 11 месеци чека да биде усвоен од Собранието. Концесионерот на рудникот Иловица – Штука „Еуромакс Рисорсис“, веќе две години функционира надвор од законите, а нивните студии се полни со недоследности, се вели во соопштението на организациите „Здрава котлина“ – Струмица , „Еко Долина“ – Ново Село и граѓанската иницијатива „СПАС за Струмичка котлина – СТОП за рудникот на смртта“.

Еколозите потсетуваат дека самиот премиер истакнал дека постојат најмалку три-четири правни основи за одземање на концесијата. Според нив, „поединци од претходната и сегашната власт криминално го штитат „Еуромакс Рисорсис“ и притоа се прекршуваат сите меѓусебни договори, законите и Уставот на РМ“.

„Ова не е владеење на правото, туку пример за коруптивна зделка која ги става под сомнеж сите кои не сакаат да ја решат во полза на граѓаните. Наводните измени на технологијата за експлоатација воопшто не се во согласностсо законите на Република Македонија и како такви се целосно надвор од утврдена процедура која треба да биде иста за сите. Ваквите криминални дејности се потенцијална општа опасност и можат да предизвикаат масовна катастрофа“, се вели во соопштението.

Според екологистите, локалните самоуправи на општините Босилово, Ново Село и Струмица во овој случај не застанале во заштита на граѓаните што, заедно со сите претходно изнесени факти, влијаеле на националниот референдум одржан на 30 септември 2018, директно засегнатите општини Ново Село и Босилово да имаат рекордно ниска излезност, најмногу поради неисполнувањето на ветувањето за сопирање на рудникот.

„Ние сме свесни дека проблемот со рудниците е наследен од претходната власт, за што силно сме ја критикувале, но новата власт презеде обврска пред граѓаните дека ќе го реши проблемот. Проблемот се уште не е решен. Во меѓувреме, цело струмичко и Југоистокот се чувствуваат егзистенцијално загрозени од потенцијалниот рудник, кој доколку биде отворен од благородната Струмичка Котлина ќе направи економски, национално и културолошки деградирана и иселена пустелија“, се вели во соопштението.


Неисполнетите ветувања за рудниците – причина за слабата излезност во Босилово и Ново село?


Струмица, 1 октомври, 2018 - 15:34 (META) 

Општините Ново Село и Босилово се меѓу оние со најслаб процент на излезени гласачи – во Ново Село гласале само 16,97 отсто, а во Босилово – 24,80 проценти од гласачите, според првичните резултати од излезноста за вчерашниот референдум.

Претставниците на еколошките иницијативи сметаат дека ова е очекуван исход откако Владата со месеци го одложува решавањето на, за нив, исклучително сериозниот проблем со најавеното отворање на рудникот Иловица.

– Граѓаните испратија жешка порака до Владата дека не прифаќаат да бидат злоупотребувани со ветувања кои не се исполнуваат или да се манипулира со нив. Југоистокот ја казни и претходната влада за проблемот со рудниците, а Ново Село и Босилово јасно ставија до знаење дека по ниедна цена не сакаат рудник и му порачуваат на премиерот дека мора да си го исполни ветувањето за запирање на рудниците – вели Крум Велков, еколошки активист, во име на еко-иницијативата Зелена Котлина.

Според него нетрпението на граѓаните расте и, доколку пораката не биде примена на разумен начин, казната може да биде уште поголема.

Ново Село и Босилово, заедно со поширокиот струмички регион се сметаат за најзагрозени од отворањето на големиот рудник за бакар и злато Иловица. Граѓаните, кои изминатите години и преку локални референдуми против „рудниците на смртта“ им порачуваа на властите дека не сакаат потенцијални загадувачи во својата животна средина, му дадоа масовна поддршка на Социјалдемократскиот сојуз на локалните избори 2017 година, откако лидерот на СДСМ Зоран Заев во предизборието вети дека во југоисточна Македонија ќе „нема рудници“.

Иако беше најавено, Владата на премиерот Заев се уште не се изјаснила околу конечната судбина на рудникот Иловица.


Во пожар во Старо Коњарево изгореле 40 крави и 10 телиња


Струмица, 17 август, 2018 - 9:49 (META) 

Вкупно 40 крави и 10 телиња, потоа трактор огревно дрво и друга земјоделска механизација изгореле во голем пожар во три објекти синоќа во селото Старо Коњарево, општина Ново Село.

Пожарот избувнал доцна попладнето и е локализиран на полноќ, а пожарникарите не дозволиле да се прошири кон соседните куќи и објекти. Во гаснењето учествувале пет противпожарни возила од Струмица и Ново Село со десетина пожарникари.

Се врши истрага за причините за пожарот.


Ѓорчев до Заев: Зошто вашиот личен адвокат го спасуваше градоначалникот на Ново Село?


Скопје, 26 јули, 2018 - 12:28 (META) 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев на седницата за пратенички прашања го праша премиерот Зоран Заев зошто неговиот личен адвокат го спасувал градоначалникот на Ново Село кој беше обвинет за шверцување цигари.

-Сите декларации и ветувања паѓаат во вода кога вчера вашиот личен адвокат ќе отиде да го вади градоначалникот од Ново Село. Брука е тоа што се случи. Ќе го исклучите ли од СДСМ – праша Ѓорчев.

На ова премиерот Заев одговори дека адвокатот Ване Андреев кој му бил адвокатите во некои судски процеси е приватен адвокат и тој може кој сака да го ангажира бидејќи не е на функција. Тој додаде дека градоначалникот на Ново Село е негов личен пријател, но секој кој што згрешил треба да одговара.

На прашањето зошто било дозволено пари од Фондот за иновации да завршат кај функционери, Заев рече дека правно тоа е дозволено но не е етички.

-Го поздравувам етичкиот момент кога фирмите во кои што имаат дел политичари се повлекуваат. Легално тоа е возможно но етички не е па затоа носителите на јавни функции ги преземаа соодветните дејствија. Фондот располага со огромни пари преку Буџетот, најголем дел од тие пари се наменети за домашни фирми за отворање на нови работни места. Јас не можам да правам увид во моите фирми и фирмите на Заеви затоа што немам време. Сакам да ги следиме етичките кодекси и да бидеме транспарентни, повторувам се е според законот, но ете ги исполнуваме и етичките дилеми – рече Заев.

Ѓорчев праша зошто било прикривано убиството на Никола Саздовски, на што Заев му одговори дека никој после Мартин Нешкоски не може да прикрива убиство во државата.

-Влијае нашата дебата, влијае и ние како се однесуваме и дали само сакаме да добиеме политички поени или навистина ни е грижа. Будното око на јавноста е најголем коректив. Мора да бидеме внимателни, се преземаат дејствија законот да мора да важи за сите – додаде Заев.

Во последното прашање, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ му порача на министерот за култура, Асаф Адеми да не го чепка музејот на ВМРО зошто тој е нешто свето, а во спротивно ќе одговара за тоа.


Поднесено обвинението против градоначалникот на Ново Село и соучесниците


Струмица, 18 јули, 2018 - 14:16 (META) 

Основното јавно обвинителство Струмица денеска до судот доставило Обвинителен предлог против градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев, неговата сопруга, синот и двајца соучесници и ги гони за криумчарење.

Притоа, за четиримина од обвинетите е поднесен предлог за продолжување на притворот.

Обвинетите се товарат дека на 10 јули 2018 година, избегнувајќи ја царинската контрола, пренесувале цигари во голема вредност.

Првин двајца од обвинетите во селото Ново Коњарево во две теренски возила натовариле 66 картонски кутии во кои имало 32.980 кутии цигари од марката „Калипсо“. Како што соопшти полицијата на 11 јули, тоа биле градоначалникот и неговиот син. Потоа тие  заедно со уште двајца обвинети со возилата се упатиле по полскиот пат кон селото Бадилен, продолжиле кон граничниот појас помеѓу Македонија и Бугарија каде петтиот обвинет кој ги чекал, имал задача да го надгледува теренот за да извести за евентуално присуство на полицијата.

При пристигнување во местото Попина Чука, на два километри од границата, биле откриени и фатени од полициски службеници.​


ВМРО-ДПМНЕ: Боро Стојчев не е единствениот од власта вмешан во криминал


Скопје, 12 јули, 2018 - 10:53 (META) 

Градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, не е единствениот функционер на власта за кој што постојат сериозни индиции за криминал. Наместо обиди за дефокусирање од големите криминали, јавноста очекува истраги за сомнителните милионски тендери на Заеви, Анѓушев и Спасовски. Заради нив Македонија е на дното на листите за корупција и срам за цела Европа, порача ВМРО-ДПМНЕ денеска.

„Доколку властите не поткренат истраги за милионските тендери во РЕК Битола и вмешаноста на камионите на Заеви, милионските тендери на Анѓушев, како и милионскиот тендер за набавка на возила за МВР распишан од Спасовски, ќе се потврдат сомнежите дека ова е само дефокус од милионскиот криминал. Овој случај само ја покажува криминогеноста на власта, дури и на нејзините најмали пипци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека Зоран Заев и оваа власт не работат за Македонија, туку „на штета на државата и нејзините интереси и само за профитот на своите фирми“.


Приведен градоначалникот на Ново Село поради шверц со цигари


Струмица, 11 јули, 2018 - 11:30 (META) 

Приведен е градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев, кој се сомничи за шверц со цигари. Стојчев бил приведен синоќа додека бил заедно со неговата сопруга, синот и уште еден соучесник. За време на полициската акција имало и вооружена престрелка.

Приведувањето го потврдија од СВР Струмица со соопштение во кое се наведува дека синоќа во близина на село Бадилен, од страна на полициски службеници, се запрени две моторни возила натоварени со картонски кутии со цигари.

„Во едното возило имало 29 кутии со по 50 штеки и една кутија со 49 штеки цигари, а било управувано од страна на Б.С. (54), со сопатник Ј.С. од село Ново Коњарево. Во другото возило управувано од Г.С. (24) со совозач С.В (26) од село Ново Коњарево,биле натоварени 35 штеки цигари и една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии. При преземање на потребните мерки и дејствија лишено од слобода е и лицето М.Т (52) од село Самоилово, кој управувал моторцикл „Хамачи“ без регистарски таблици“ информираат од СВР Струмица.

Во соопштението се додава дека при обид за бегство на второто возило, од страна на полициски службеници биле испукани два предупредувачки куршуми.

На местото на настанот е извршен увид од страна на СВР Струмица во присуство на јавен обвинител. Лицата се лишени од слобода и се задржани во полицијата, а пронајдените кутии со цигари се одземени.


Во пожар целосно изгоре училиштето во тетовско Ново Село


Тетово, 22 октомври, 2017 - 19:06 (META) 

Во пожар што избувна денеска попладне, целосно изгоре Основното училиште „11 Октомври“ во Ново Село, Тетовско, информира СВР Тетово.

Во пожарот нема повредени, а опожарено е едно возило што било паркирано во близина на училиштето.

Според полицијата, директорот на училиштето, околу 13.45 часот, во полициската станица Камењане пријавил дека гори покривната конструкција од училиштето.

Тетовската територијална противпожарна единица интервенирала со три противпожарни возила кои успеале да го локализираат пожарот, но не и да го спасат објектот, кој целосно изгорел.

Училиштето, во кое учат вкупно 217 ученици во 13 паралелки, било целосно реконструирано пред две години.


Спасовски: МВР веќе не прислушува нелегално, отворени сме за контрола


Скопје, 1 октомври, 2017 - 13:29 (META) 

„Одговорно тврдам дека веќе не се прислушува нелегално и за тоа може да имаме експертски контроли, собраниски контроли во секое време. Ние стоиме на располагање и сме отворени, врз основа на законските прописи, да се направат такви контроли“, вели вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

Тој, исто така, ги отфрла обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека МВР е вклучено и злоупотребено во кампањата на СДСМ, со тоа што се извршени полициски интервенции врз активисти на ВМРО-ДПМНЕ и врз кандидатот за градоначалник во Ново Село.

– Таквите обвинувања ги отфрлам во целост. Луѓето што МВР си го нарекуваа МВРО немаат никаков кредибилитет да зборуваат за тоа дека некој партизира институција на системот или поточно го партизира МВР. За нас врвен приоритет е да имаме фер и демократски избори, затоа се подготвуваме, правиме обука на сите полициски службеници што ќе учествуваат во спроведувањето на изборите, заедно со ОБСЕ – вели министерот за внатрешни работи.

Тој вели и дека МВР не можело да чека да поминат изборите за да се поднесат кривични пријави против градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, од кои дел се повторно кандидати на партијата за тие функции.

– Ако го видите извештајот на Прибе, јасно укажува дека не се преземаат доволно мерки кои би ја задоволиле правдата во Македонија. Од тој аспект, навистина временски детерминиран систем или модел, кога и на кој начин ќе реагира МВР е ирелевантно. Ние мора да ги утврдиме фактите и доказите и без разлика дали е некој на одредена позиција или е обичен граѓанин, доколку постојат аргументи и факти што треба да бидат процесуирани со закон, тоа треба да се направи. Се поставува прашањето зошто тие аргументи и факти биле чувани некаде во фиоки или не биле процесуирани досега и навистина не може и не се согласувам дека Министерството за внатрешни работи не треба да биде активно и дека не треба да ги спроведува своите овластувања кога било, кога се работи за криминал – вели Спасовски.


ВМРО-ДПМНЕ: Кривичната пријава за градоначалникот Блажо Велков е монтирана


Скопје, 26 септември, 2017 - 16:24 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ порача дека кривичната пријава што СВР Струмица ја поднесе за градоначалникот на општина Ново Село, Блажо Велков, е монтирана, но дека тоа нема да го спаси владејачкиот СДСМ од пораз на локалните избори на 15 октомври.

„Монтираните кривични пријави на хунтата СДС против нашите градоначалници нема да ги спасат од изборниот пораз кој ќе им го испорачаат граѓаните. Кривичната пријава против градоначалникот на Ново Село, Блажо Велков, е уште еден притисок на СДС и излезно сценарио од скандалот во кој полицијата на Спасоски малтретираше активисти на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што јавноста очекува се пријави за злоупотребата и за мешањето на државата и на партијата СДС и очигледото користење на службени возила на Зоран Заев на партискиот митинг во Битола. Обвинителството и партиското судство на СДС молчат“, порача ВМРО-ДПМНЕ.