!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Градоначалникот на Берово ја нарече Такева „новинарска проститутка“


Берово, 11 јануари, 2017 - 16:40 (META) 

Новинарката од Делчево, дописничка на повеќе медиуми, Даниела Такева, доживеа крајно невкусна дискредитација од градоначалникот на Берово, Драги Наџински, кој на „Фејсбук“ ја нарече „новинарска проститутка“.

Такева, пишувајќи репортажа за дрвото секвоја, што во Македонија расте единствено во Малешевијата, згрешила во редот на буквите и напишала „севкоја“.

„Оваа e неписмена. Не знам каква награда добила, но знам кој ѝ ја доделил. Таа е новинарска проститутка, ништо повеќе. Сега знам, за овој мој коментар ќе напише нешто лошо за мене или за Берово, но се навикнавме, не е страшно, ја прочита народот“, пишува на својот профил градоначалникот Наџински.

Такева, инаку, е овластен лектор, магистер по македонистика и комуникологија и веројатно направила печатна грешка, која подоцна ја поправила. Како еден од ретките дописници од овој крај на Македонија, често излегува со критички текстови за работата на општините. Меѓу нив, и за Општината Берово.

Такева денеска, крајно вознемирена, не сакаше да коментира, само рече дека нема да му остане должна на Наџински по бројните јавни навреди и дискредитација. Но, по оваа навреда, која ја оцени како „дно“, ќе бара судска разврска.

Колегите новинари од регионалниот разгранок на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), давајќи поддршка на Такева, велат дека новинарите од малите средини, кога ќе паднат во немилост на локалните моќници, кои неретко се однесуваат како шерифи, трпат секакви притисоци. Почнувајќи од јавни дискредитации, закани, па сè до потези кои значат останување без егзистенција.


Десет години затвор за иранската новинарка Наргес Мохамади


Техеран, 29 септември, 2016 - 12:49 (META) 

„Репортери без граници“ ја осудија пресудата по жалбата за десетгодишната затворска казна за реномираната иранска новинарска и активистка за човекови права, Наргес Мохамади.

Четириесет и четиригодишната Мохамади во мај годинава доби медал на градот Париз за својата работа за заштита на човековите права.

Мохамади, која е портпаролка на Центарот за одбрана на човековите права во Иран, се бори за укинување на смртната казна во таа земја.

„Новинарката, која е мајка на две деца, е уапсена во мај 2015 година, а во април годинава е осудена на казна од вкупно 16 години затвор и тоа во нерегуларен процес“, стои во соопштението на „Репортери без граници“.

Според законот, усвоен лани, таа ќе издржува казна затоа што „формирала и управувала со нелегална група“, која повикува на укинување на смртната казна.


Приведена новинарка поради критика за Ердоган на „Твитер“


Анкара, 24 април, 2016 - 13:02 (META) 

Новинарка со турско-холандско потекло е приведена на испитување поради коментар на „Твитер“ за претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Весникот „Метро“ наведува дека нивна колумнистка Ебру Умар била приведена во саботата.

Умар неодамна за „Метро“ напишала текст со критики кон Ердоган, чии исечоци подоцна ги објавила на „Твитер“, поради што е и приведена.

Новинарката на холандски јазик на социјалната мрежа „Твитер“ навела дека полицајци дошле на нејзина адреса и ја однеле во полициска станица во турското летувалиште Кушадаси.

Портпаролот на холандското министерство за надворешни работи, Херман ван Гелдерен, потврди дека новинарката е приведена.

Турските власти поднесоа околу 2.000 тужби поради навреди кон Ердоган откако тој ја презеде должноста претседател во 2014 година.

Умар е приведена додека германската канцеларка Ангела Меркел и високи официјални лица на Европската Унија престојуваат во Турција за да го зацврстат договорот кој е постигнат за да се запре приливот на мигранти во Европа.


Новинарка од „Сител“ отпуштена поради колумна за Јанкулоска


Скопје, 11 март, 2016 - 15:37 (META) 

Новинарката Кристина Атовска, која работеше во утринската програма на телевизијата „Сител“, на 8 март била отпуштена од работа поради критичка колумна за поранешната министерка Гордана Јанкулоска.

Колумната ја објавила на порталот „Позитив.мк“, a два дена по објавувањето била викната од уредникот, кој ѝ соопштил дека веќе нема да работи во телевизијата „Сител“.

– Ме викна уредникот и директно ми кажа дека колумната под наслов „Новинарскиот имунитет на Јанкулоска“ ми направила проблем и поради неа ќе мора да ми го прекинат ангажманот. Не можам да шпекулирам по чија наредба бев отпуштена – рече Атовска.

Таа вели дека секогаш професионално ги извршувала задачите и дека ја почитувала уредувачката политика на „Сител“.

Атовска се обратила до ССНМ, а претседателката Тамара Чаусидис рече дека веќе подолго време Синдикатот предупредува на вакви притисоци и закани кон новинарите и ретки се ситуациите кога зад своето мислење новинарот стои со име и со презиме.

– Би сакала да укажам и јавно ја повикувам телевизија „Сител“ да ја препознае вредноста во имањето во своите редови новинарски имиња со интегритет, што не се срамат да го искажат своето мислење, што знаат да ги артикулираат своите ставови. „Сител“ треба да ја врати Кристина на работа – рече Чаусидис.

Чаусидис информираше дека за случајот ќе бидат известени Меѓународната федерација на новинари, организацијата „Репортери без граници“и Европската федерација на новинари.


Азербејџанска новинарка осудена на седум години затвор


Баку, 1 септември, 2015 - 16:17 (META) 

Азербејџанската новинарка Кадија Исмајилова е осудена од властите во земјата на затворска казна од седум и пол години за проневера на пари и за затајување данок, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, реномираната истражувачка новинарка работела на сторија за бизнисите и за сметките во офшор-банки, наводно поврзани со семејството на претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев. Организациите за човекови права реагираат дека судскиот процес во кој е осудена Исмајилова бил политички мотивиран.

Инаку двајца азербејџански активисти минатиот месец биле осудени под слични обвинувања.

Реагирајќи на последната пресуда, генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, како што јавува британскиот национален сервис, ги поврзува двата случаи и додава дека последните настани имаат „застрашувачки ефект врз слободата на изразување во земјата“.