!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Турција издала налог за апсење на 35 новинари


Анкара, 10 август, 2017 - 10:36 (META) 

Турските власти денеска издадоа налог за апсење на 35 новинари и други медиумски работници поради сомневање дека се поврзани со имамот Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во САД.

Осомничените, наводно, користеле апликации за праќање кодирани пораки кои власта ги смета за средство за комуникација на приврзаниците на Ѓулен. Полицијата во моментов спроведува акции за апсење во Истанбул.

Анкара го обвинува Ѓулен дека стои зад неуспешниот воен пуч во Турција, извршен во јули минатата година. Повеќе од 50.000 луѓе се уапсени поради наводна вмешаност во пучот, а 110.000 лица се отпуштени од државните служби.

Ѓулен живее во прогон во САД, а Турција бара негова екстрадиција поради наводната вмешаност во пучот. Ѓулен ги отфрли ваквите обвинувања.


Полски новинари ја промовираат Македонија како туристичка дестинација


Скопје, 31 јули, 2017 - 11:37 (META) 

Петмина новинари од Полска ја посетија Македонија за да ги откријат убавините на земјата и да ја промовираат како туристичка дестинација помеѓу полските туристи.

Новинарите, кои во Македонија престојуваа од 17 до 22 јули на покана и во органазија на „ТАВ Македонија“, ги посетиле Скопскиот и Битолскиот Регион, како и Охрид.

– Имплементирајќи ја неодамнешната успешна маркетинг-активност со турските блогери за промоција на Македонија помеѓу турските граѓани, презедовме многу слична маркетинг-иницијатива, за да ја промовираме Македонија како интересна туристичка дестинација меѓу туристичките агенции и тур-оператори од Полска, како и самите патници од оваа земја – изјави генералениот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.


Во Турција почна судењето на новинарите и на уредниците на „Џумхуријет“


Анкара, 24 јули, 2017 - 12:32 (META) 

Во Турција почна судењето на седумнаесетте уредници и новинари на опозицискиот весник „Џумхуријет“.

Осомничените беа уапсени во октомври минатата година, кога на сила беше вонредната состојба, воведена по обидот за државен удар, извршен на 15 јули 2016 година.

Новинарите кои денеска се појавија пред судот би можеле да бидат осудени на затворска казна во траење од седум до 43 години.

Во обвинението, претставено во април, новинарите се товарат за поддршка на терористички организации, односно за поддршка на движењето на Фетулах Ѓулен и на забранетата Работничка партија, но нема конкретни детали за обвиненијата, пренесува „Дојче веле“.

Според податоците на групата за слобода на медиумите П24, во Турција зад решетки се наоѓаат 166 новинари, а повеќето се уапсени за време на вонредната состојба.


Спасовски: Полицијата некогаш не презела мерки во врска со нападите врз новинарите


Скопје, 21 јули, 2017 - 15:02 (META) 

Министерството за внатрешни работи изработило посебна анализа на истрагите за 53 напади на новинари евидентирани од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и утврдило дека во одредени предмети не се остварени дејства и постапки кои требало да бидат преземени во кратки временски интервали за да се добијат валидни резултати. Тоа го нагласил министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната средба со првите луѓе на ЗНМ, информираше МВР.

Спасовски на средбата обелоденил дека имало разлика од истрага до истрага, во зависност од тоа за кој новинар станувало збор. Сепак, Спасовски нагласил дека сега оперативните истражни дејства во МВР се интензивирани и во наредниот период ќе бидат презентирани конкретните резултати.

На средбата, на која една од главните точки било зголемувањето на безбедноста на новинарите, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, порачал дека институциите имаат обврска да обезбедат услови за непречена работа на новинарите и дека Владата треба да воспостави ефикасен систем за казнување на насилниците, со што ќе испрати јасна порака во јавноста дека насилството против новинарите и медиумските работници е неприфатливо, извести ЗНМ.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, потсетил дека меѓу напаѓачите на новинари има и припадници на полицијата, кои во изминатиот период напаѓаа новинари на протести. Освен тоа, полицајци беа инволвирани и на инцидентите во Собрание од 24 декември 2012 година и упадот на 27 април годинава, кога полицајци физички напаѓале и им се заканувале на новинари.

На средбата се разговарало и за можноста МВР да води посебен регистар за нападите врз новинари, а била истакната и потребата за подобрување на комуникацијата на полицијата со новинарите во секојдневната работа.

Министерот Спасовски и Селмани, исто така, се договориле да се воспостави поинтензивна комуникација меѓу МВР и ЗНМ, за да може полесно да се решаваат евентуалните проблеми во иднина.


Советот за етика го осуди попречувањето на екипата на ТВ „Шења“


Скопје, 20 јули, 2017 - 11:10 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудува последниот случај кога екипа на ТВ „Шења“ била попречена во известување за комунални проблеми во општина Чаир од симпатизери на ДУИ и повикува да се преземат неопходните мерки за расчистување на ваквите случувања.

„Новинарите мора да бидат ослободени од какви било закани и притисоци, а државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки за да се создаде и да се одржува поволна клима за слобода на изразување. Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери“, порачува СЕММ.


ЗНМ бара повеќе пари за финансирање на МРТ, ССНМ – подобри услови за новинарите


Скопје, 14 јули, 2017 - 19:00 (META) 

На јавната консултација со новинарските и со медиумските организации посветена на реформите во медиумите, која ја организираше Министерството за информатичко општество и администрација, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, ја критикуваше одлуката на Владата во ребалансот на буџетот да обезбеди само 3,2 милиони евра за финансирање на „Македонската радио-телевизија“ во последните три месеци од 2017 година, соопшти ЗНМ.

Селмани смета дека Владата е неконзистентна во врска со реформата во МРТ затоа што лани пратениците на СДСМ го поддржале предлогот на новинарските организации еден процент од државниот буџет да се одвои за финансирање на МРТ, додека сега, како власт, со ребалансот на буџетот се предвидени многу помалку средства од тоа што куќата има како приходи.

– Ветувате зајакнување на капацитетите на МРТ, а од друга страна предвидувате помалку пари за финансирање на куќата и се заканувате дека ќе го смените директорот на јавниот сервис. Јас сум прв што се залагам за смена на директорот, но има други начини како се прави тоа, а не со закани. Така не се обезбедува независноста на МРТ – рекол Селмани.

Тој ги одбил како неосновани објаснувањата на Владата дека нема пари во буџетот за повеќе средства за МРТ и ја повикал Владата да ги зголеми средствата за МРТ со ребалансот, напоменувајќи дека во спротивно ЗНМ ќе ги искористи сите можности да ја алармира домашната и меѓународната јавност. Првиот човек на ЗНМ како позитивна ја оценил одлуката за укинување на владините реклами, како и подготвувањето извештај од полицијата за насилството против новинари и зголемувањето на транспарентноста на Владата.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумиски работници, Тамара Чаусидис, искажала загриженост што во приоритетните реформи во медиумите не е опфатен и Законот за работни односи, со кој може да се обезбеди подобра положба на медиумските работници.

– Самоцензурата е проткаена во редакциите. За да се променат работите, треба да се промени и пристапот и менталитетот. Не смее да се дозволи спроведување пропаганда – порачала Чаусидис.


Пристапот до јавните податоци кај нас е најскап во регионот, велат новинарите


Скопје, 6 јули, 2017 - 9:43 (META) 

Институциите гледаат на новинарите како на непријатели, а не како на сојузници. Пристапот до јавните дата-бази е скап. За податоците се плаќаат највисоки цени во регионот. Ако, пак, станува збор за некој политички моќник, тогаш институциите дополнително се плашат да ги споделат информациите, велат истражувачките новинари Жанета Хаџи-Зафирова, Сашка Цветковска и Џелал Незири.

Тие сметаат дека истражувачките новинари во Македонија живат под секое ниво на човековото достоинство.

Видеосторијата е дел од проектот „Кој им ги врзува рацете на новинарите и како тие да се одврзат“.

 


Новинарските здруженија ги изнесоа барањата за итни медиумски реформи


Скопје, 3 јули, 2017 - 13:41 (META) 

Група новинарски и медиумски организации до Владата поднесоа барање за спроведување системски медиумски реформи, во кое се нагласени приоритетните законски измени и мерки што треба да се спроведат. Од Владата е побарано да почне инклузивен и транспарентен процес на јавна расправа, како за приоритетните така и за другите проблеми чие решавање може да доведе до подобрување на слободата на изразување и на состојбата во медиумскиот сектор.

Барањето на Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонски институт за медиуми (МИМ) и на Институт за комуникациски студии (ИКС), содржи неколку приоритети.

Се бара зголемување на безбедноста и на сигурноста на новинарите и искоренување на практиката на неказнивост на нападите врз новинари, почитување на работните и професионалните права на новинарите и на другите медиумски работници, како и транспарентност на јавните институции и подобрување на условите за истражувачко новинарство. Во барањата се наведуваат независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и институционална автономија и уредувачка независност на МРТ.

Во приоритетите се наведени и спречување говор на омраза и поттикнување насилство во аудиовизуелните содржини, како и раскинување на клиентелистичките врски меѓу медиумските сопственици и власта и подобрување на условите за работа на приватните медиуми.


Штрајк на грчките морепловци и новинари


Атина, 16 мај, 2017 - 13:49 (META) 

Грчките морепловци и новинари денеска стапија во штрајк, еден ден пред големиот штрајк свикан во знак на протест поради новите мерки за штедење што Грција планира да ги воведе за кредиторите да ѝ ослободат нова транша од заемот.

За време на 48-часовниот штрајк, ќе бидат запрени траектите што возат до островите, а новинарите одржуваат еднодневен штрајк, во кој утринава прекинаа да емитуваат телевизиска и радио-програма. За утре синдикатите свикаа генерален штрајк, кој ќе ги погоди услугите во земјата, од школите и од болниците до јавниот сообраќај. Контролорите за летање најавија дека ќе се приклучат со четиричасовен прекин на работата.

Работниците во Грција протестираат поради новиот договор со грчките меѓународни доверители, според кој се воведуваат нови даноци и намалување на потрошувачката и по истекот на програмата за помош во 2018 година.
Без новите мерки, Грција би можела да не ги добие новите пари, кои ѝ се потребни да избегне банкрот во текот на летото, кога на ред доаѓаат големите рати од долгот.


Џафери денеска на средби со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и со новинари


Скопје, 12 мај, 2017 - 11:02 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ќе се сретне со амбасадорите од земјите членки на Европската Унија во земјава, како и со претставници на медиумите.

Во сала 5 во Собранието, Џафери во 11 часот ќе се сретне со амбасадорката на Австрија, Ренате Коблер, амбасадорот на Бугарија, Иван Петков, на Хрватска, Данијела Баришиќ, на Чешка, Мирослав Рамеш, претставниците на француската и на германската амбасада, Доминик Готиер и Марко Акватичи, претставникот од грчката амбасада, Ефтимиос Царлафтис, амбасадорот на Италија, Карло Ромео, на Словачка, Мартин Безак, на Холандија, Воаутер Пломп, на Полска, Јацек Мултановски, на Романија, Виорел Станила, на Словенија, Милан Јазбец, на Обединетото Кралство, Чарлс Гарет, претставникот на шпанската амбасада, Фернандо Лопез де Кастро, и со претставникот на шведската амбасада, Антон Иреквист.

Во 13 часот, пак, новоизбраниот претседател на Собранието ќе има средба со претставниците на медиумите во Македонија, со кои, како што најавија од неговиот кабинет, ќе размени мислења за актуелната состојба во државата.