ВМРО-ДПМНЕ го осуди обидот за замолкнување на медиумите


Скопје, 2 февруари, 2018 - 17:04 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение „најостро го осуди однесувањето на МНР“ и „обидот за замолкнување на медиумите професионално да си ја вршат својата новинарска работа“ во врска со вчерашниот настан кога службеник од МНР се обидел да го спречи новинарот на „ТВ 21“ да постави прашање на прес-конференцијата со Метју Нимиц.

„Упатените закани за одземање на акредитација се несфатливи и недозволиви за една државна институција. Денешното извинување не е доволно. Одговорност мора да има, а ваквите постапки соодветно да се санкционираат за да не се повторуваат во иднина. Новинарите мораат да бидат ослободени од секакви закани и притисоци кои ќе влијаат врз нивната работа. Темите кои се од прашање од интерес на јавноста не смеат да бидат вака грубо замолчувани од страна на власта“, велат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат во иднина да им биде дозволено на новинарите непречено да си ја извршуваат својата работа, а институциите да се стават во заштита на слободата на изразувањето.


МНР се извини за „несоодветниот однос“ кон новинарот на „ТВ 21“


Скопје, 2 февруари, 2018 - 15:01 (META) 

На прес-конференциите во МНР, особено кога има меѓународни претставници каде нивната агенда го ограничува времето на настанот, објективно немаме можност да обезбедиме простор сите прашања да се постават на лице место, велат од Министерството за надворешни работи за вчерашниот настан кога службеник од МНР се обидел да го спречи новинарот на „ТВ 21“ да постави прашање на прес-конференцијата со Метју Нимиц.

„Вработените во службата за односи со јавност се задолжени за водење на прес-конференциите, што понекогаш подразбира адекватно одредување приоритет на редоследот на прашањата согласно праксата на МНР. Жалиме доколку тоа понекогаш предизвикува непријатности за домашните редакции, а особено се извинуваме што за време на последната прес-конференција, некој од вработените во службата за односи со јавност постапил несоодветно и предизвикал новинар да се чувствува непријатно при вршењето на своите задачи. Тоа не е наша намера, напротив, сакаме новинарите да го чувствуваат МНР како институција – партнер, која ги обезбедува најсоодветните услови за нивна работа. Во конкретниот случај, новинарот од редакцијата постави прашање на кое што му беше одговорено, при тоа, земајќи збор на новинар од странски медиум кој што веќе поставуваше прашање, што во секој случај не е оправдување за нашата грешка“, велат од Министерството.

Во соопштението се вели дека од МНР се обратиле до главниот и одговорен уредник на редакцијата за да се извинат за ситуацијата.

Од таму додаваат дека ја разгледуваат можноста да го ревидираат системот на давање збор на прес-конфренции, за како што велат, поефикасно искористување на времето поставено за прашања.

„Во комуникација сме со редакциите како и со релевантните новинарски здруженија, со кои работиме на тоа да овозможиме уште подобра работна атмосфера. Тоа е процес во кој сите предлози се добредојдени и бараат професионализам и посветеност од сите засегнати страни“, додаваат од МНР.


СЕММ ги осуди заканите на службеник на МНР кон новинар на „ТВ 21“


Скопје, 2 февруари, 2018 - 11:22 (META) 

Советот за етика во медиумите на Макединија (СЕММ) го осуди однесувањето на претставник на Министерството за надворешни работи, кој на вчерашната прес-конфернеција на медијаторот, Метју Нимиц се обидел да го спречи новинарот на „ТВ 21“, Фуркан Салиу да постави прашање, како и заканите за одземање на неговата акредитација.

„За СЕММ е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било закани и притисоци. Советот за етика го повикува МНР да ги преземе неопходните мерки за да го расчисти случајот и да спречи повторување на ваквите инциденти. Упатувањето какви било закани кон новинарите од страна на институциите не смее да биде метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и прашања од интерес на јавноста“, стои во соопштението.

Од СЕММ потсетуваат на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, според кој новинарите мора да биде ослободени од какви било закани и притисоци, а државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување.


Убиен новинар во Мексико додека гледал училишна претстава на своето дете


Халапа, 20 декември, 2017 - 9:43 (META) 

Мексикански новинар е убиен за време на божикна приредба во основно училиште во градот Халапа, во сојузната мексиканска држава Веракруз.

Како што соопштија безбедносните сили, неидентификувани напаѓачи го убиле 34-годишниот новинар Гумаро Перез Агиландо, додека ја следел приредбата на своето дете и тоа пред очите на десетици родители и деца.

Гувернерот на Веракруз, Мигел Анхел Јунес, го осуди нападот и рече и нареди на државната полиција да обезбеди заштита на семејството на новинарот.

Перез Агиландо известувал за криминал за повеќе локални медиуми, а работел и за локалната влада. Најмалку 10 новинари годинава се убиени во Мексико.


СЕММ: Државата да не се меша во саморегулацијата на медиумите


Скопје, 21 ноември, 2017 - 15:49 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска порача дека ниту една влада или политичка партија не треба да одлучува во име на медиумите, реагирајќи на најавените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Според СЕММ, мора да се елиминира какво било влијание на државата врз процесот на саморегулација во медиумите, кој сè повеќе се прифаќа.

„Поставувањето какви било пречки од страна на Владата на тој пат и маргинализирањето на работата на Советот ќе резултира со намалување на одговорноста кај самите медиуми и поддршка на практиката на цензура и на самоцензура“, се вели во соопштението.

СЕММ нагласува дека саморегулацијата исклучува секакво сместување на професионалните новинарски стандарди во законската рамка и воведување санкции кон медиумите за нивното непочитување.

„Кога станува збор за етичкото и професионално известување, ниту една влада и политичка партија не треба да одлучуваат во име на медиумите. Во таа насока, СЕММ се спротивставува на предлог-измените на членот 61 во нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој се однесува на начелата и на стандардите во работата на радиодифузерите, како и на измените во член 145 со кои се предлага изрекување казни доколку професионалните стандарди не се почитуваат“, порачува СЕММ.

Вчера Министерството за информатичко општество и администрација ја одржа последната јавна дебата за законските измени што ги подготвува.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Истепан главниот и одговорен уредник на косовскиот портал „Инсајдери“


Приштина, 13 октомври, 2017 - 19:03 (META) 

Главниот и одговорен уредник на косовскиот портал „Инсајдери“, Вехби Кајтази, бил нападнат денеска во центарот на Приштина. Тој добил тупаници в лице и по нападот побарал лекарска помош.

Кајтази вели дека знае кој го нападнал и дека мотивот е тоа што го пишувал, но поради полициската истрага не смее да го открива идентитетот.

– Знам кој ме нападна и овој случај е поврзан со мојата работа, односно со моите текстови. Очекувам Обвинителството и полицијата да го расчистат случајот – вели Кајтази.

Според косовската полиција, нападот на Кајтази го извршиле повеќе лица денеска во 14.30 часот, на улицата Укшин Хоти во Приштина.

Порталот „Инсајдер“ е познат по истражувачките текстови и по откривање многубројни афери во косовските институции.

Пред два месеца во Приштина бил нападнат и директорот на „Инсајдери“, Парим Олури.


Во Шпанија уапсен турски новинар и писател


Барселона, 8 август, 2017 - 16:58 (META) 

Шпанската полиција во Барселона го уапсила турскиот новинар и писател Хамза Јалчин, кој има шведско државјанство.

Јалчин е уапсен врз основа на меѓународна потерница која за него ја распиша Турција за наводен тероризам.

Портпаролот на полицијата, Хозе Антонио Нин, изјави дека Јалчин е уапсен на 3 август на аеродромот во Барселона и оти е во притвор до рочиштето на кое треба да се одлучи за неговата екстрадиција.

Шефот на шведскиот разгранок на „Репортери без граници“, Џонатан Лундквист смета дека апсењето претставува обид на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да „ги замолчи гласовите што го критикуваат, а не се во Турција“.

Лундквист наведе дела Јалчин побегнал во Шведска во 1984 година.


На барање на обвинителството, судот му го укина притворот на Зоран Божиновски


Скопје, 14 јули, 2017 - 11:58 (META) 

На барање на јавното обвинителство, Кривичниот суд Скопје му го укина притворот на новинарот Зоран Божиновски, обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и за уцена.

Како што соопшти денеска Основниот суд Скопје 1, судијката Ленка Давитковска, која го суди предметот против Божиновски, на денешната главна расправа го прифатила предлогот на јавниот обвинител за укинување на притворот.

На Божиновски, додаваат од судот, наместо притвор му се одредени мерки за обезбедување присуство во текот на постапката, како што побарал обвинителот.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изминативе неколку месеци повеќепати апелираше да се укине притворот и на Божиновски да му се овозможи да се брани од слобода.

Сопственикот на „Буревесник“ во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април минатата година, тој беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти врз основа на меѓународната потерница и оттогаш се наоѓа во притвор.


ЗНМ повика да биде ослободен Зоран Божиновски


Скопје, 23 јуни, 2017 - 12:13 (META) 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) инсистира новинарот Зоран Божиновски да се пушти од притвор и да му се овозможи да се брани од слобода. Од здружението порачуваат дека долгиот притвор веќе не е во функција на судскиот процес, туку се претворил во своевидна казна за новинарот.

„Го повикуваме обвинителот Златко Биковски да го повлече барањето за притвор, а судијата Ленка Давиткова веднаш да го укине притворот. Долгиот притвор на Божиновски повеќе не служи за ефикасно одвивање на судскиот процес, туку прераснува во казна. Да се држи во притвор новинар речиси три години, во екстрадиционен притвор во Србија и во притвор во Македонија, е апсолутно незабележана практика во слободни и демократски земји“, се вели во барањето од ЗНМ.

Новинарското здружение порачува дека ослободувањето на Божиновски ќе ја одвои Македонија од групата на авторитарните земји во Европа, како што е Турција, Русија и Азербејџан, и ја повика новата влада да се заложи за ослободување на новинарот.


Новинар од „Порталб“ доби закани по објава на текст за Блерим Беџети


Скопје, 7 јуни, 2017 - 20:38 (META) 

Новинар што работи во порталот на албански јазик „Порталб“ (portalb.mk) денеска доби закани, откако на овој медиум беше објавен текст за можни злоупотреби на службената положба од страна на поранешниот министер за правда и поранешен градоначалник на општина Сарај, Блерим Беџети.

Случајот бил пријавен во полиција, а биле известени и Здружението на новинари, Делегацијата на Европската Унија, како и други надлежни органи.

Во текстот на „Порталб“, за Блерим Беџети пишува дека тој, како градоначалник на Сарај, овозможил неговиот шеф на кабинет, Бекир Муамеди, да добие тендер во вредност од 810.000 евра.