Адеми: Поголем буџет за културни активности и нови вработувања во 2019 година


Скопје, 27 ноември, 2018 - 14:46 (META) 

Министерот за култура Асаф Адеми денеска на прес-конференција во Владата го претстави предлог-буџетот на Министерството за култура за 2019 година, за кој порача дека ќе овозможи услови за квалитетни културни содржини од сите области на културата, кои ќе бидат дисперзирани низ целата земја. Истовремено, тој најави и 107 нови вработувања во институции кои работат на полето на албанската култура и покачување за пет отсто во однос на септември годинава на платите на вработените во Министерството за култура и за вработените во културните институции.

На почетокот Адеми подвлече дека основна заложба и визија на Министерството за култура е тоа да биде отворено за граѓаните и да им служи на културните институции и културните работници во земјава, со нула толеранција за злоупотреби во министерството, но и во сите институции од областа на културата.

Предлог-буџетот на култура за 2019 година изнесува малку повеќе од 3,14 милијарди денари (51 милиони евра), од кои за работата на Министерството се наменети 215 милиони денари (3,5 милиони евра), односно околу осум отсто од вкупниот буџет.

Според министерот, во однос на претходните години, сега за финансирање културни активности се предвидени 32 милиони денари повеќе отколку во претходните години.

За Агенцијата за филм се предвидени 170 милиони денари, што е зголемување од над 13 отсто во однос на минатата година, а за 13 отсто се зголемени и средствата за фолклорната и сценско-уметничката дејност.

Во делот Капитални инвестициски проект планирана е реконструкција на центрите за култура во Гостивар, на театарот во Куманово, на театарот во Прилеп или доградба на објектот на ЦК Прилеп за потребите на театарот, реконструкција на ЦК Кочани (втора фаза). Предвидена е реконструкција на покривот на стариот дел од објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, како и нова транша пари за реконструкцијата на објектот на Албанскиот театар, но и за изградбата на објектот на театарот и библиотеката во Тетово, за театарот во Струмица како и за реконструкција на други објекти.

Обезбедени се и пари за 80 нови вработувања во НУ Ансамбл на албански ора и песни и 27 за новоформираниот Гостиварски театар.


Нови 90 вработувања побарал вториот канал на МТВ од Владата


Скопје, 30 ноември, 2017 - 15:20 (META) 

Уредничката на вториот канал на МТВ, Мигена Горенца, вели дека веднаш по донесувањето на измените за емитување програма на албански јазик 24 часа, во јуни, испратила извештај  до Владата за состојбата со кадар и со техника, како и за сè што треба да им се обезбеди за да ја остварат програмата.

– Во тој извештај, правен пред да знаеме дека ќе има и четврти канал, напишавме дека ни се потребни барем уште 90 нови вработувања. Сега МТВ веројатно ќе треба да прави нова процена бидејќи од нас се бара многу повеќе – вели Горенца.

Таа објаснува дека телевизијата има само две големи студија за снимање, па буквално се борат  за термини.

– Сите сакаме ударни термини за дебатните емисии, за утринските програми, а што ќе биде кога ќе се отвори и четврти канал? Како ќе работиме ако не се вложи во дополнителна опрема, не само во кадар – прашува таа.

Во албанската редакција има 52 вработени, а ако утринската програма во МТВ1 се прави со шест новинари, тука се работи со двајца хонорарци.

– Тоа само по себе говори за состојбата со кадарот. Кога целосно ќе треба да покриеме еден канал, ќе ни треба многу повеќе од тоа што го имаме во моментов – вели Горенца.

Според извештаите за работата на телевизијата, на крајот на 2016 година таму работеле 624 Македонци, 156 Албанци, 32 Турци. За разлика од претходната година, има за четириесетина вработени помалку.

Според извештаите за работата на МТВ, заклучно со 2016 година, таму се вработени 864 луѓе, од кои 46,4 отсто се со средно образование.

Со измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, донесен од претходната влада, МРТ треба да обезбеди и еден телевизиски програмски сервис на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните кој е различен од македонскиот јазик, кои ќе емитуваат програма 24 часа секој ден во неделата, како и телевизиски програмски сервис кој ќе емитува програма на јазиците на другите немнозински заедници.

Во последниот извештај на Прибе, покрај забелешките за реформите во МТВ,  исто така, констатирано е дека медиумите претежно се делат по политички и по етнички линии.

– Какво ни е општеството, такви ни се и медиумите. Поделени сме комплетно како општество по етничка линија, така е и со медиумите. Не знаеме што ни се случува едни на други, одиме на исти настани, секој од свој агол ја тера приказната. Јавниот сервис има шанса да го промени тоа, но Владата треба да покаже волја, пред сè да ни се овозможат услови за работа – вели уредничката Горенца.


Од 1 септември градинките ќе работат во две смени и секоја прва сабота во месецот


Скопје, 18 август, 2017 - 11:06 (META) 

Од 1 септември градинките треба да почнат со двосменското работење, согласно владината одлука, донесена на 10 јули оваа година, соопшти денеска на прес-конференција министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Според одлуката, првата смена ќе биде од 7 до 14.30 часот, а втората од 14 до 21.30 часот, а ќе се работи и секоја прва сабота во месецот од 8 до 16 часот.

– Целта на двосменското работење е децата и родителите да ја добијат потребната грижа од јавите установи – рече Царовска на прес-конференцијата.

Таа најави нови инвестиции во градинките и руралните средини и истакна дека Министерството е подготвено за отворање нови работни места, што како потреба ќе ги наложи двосменското работење.