Премиерот на Исланд си поднесе оставка


Рејкјавик, 16 септември, 2017 - 18:21 (META) 

Претседателот на Исланд, Гудни Јохансон, денеска ја прифатил оставката на премиерот Бјарни Бенедиктсон, кој изјавил дека новите парламентани избори во земјата најверојатно ќе се одржат на 4 ноември, јавуваат светските медиуми.

Исландската влада на десниот центар, која беше формирана пред девет месеци, се распадна вчера по повлекувањето на малцинскиот коалиционен партнер – Центристичката партија за светла иднина, откако било откриено дека таткото на премиерот му помогнал на лице осудено за педофилија да го „исчисти“ досието за да може повторно да бара работа.

Претседателот Јохансон, по средбата со Бенедиктсон, се очекува денеска да разговара и со лидерите на другите партии.

Владата на Бенедиктсон имаше тенко мнозинство во исландскиот парламент – 32 од вкупно 63 пратеници, по изборите во октомври минатата година, кои беа распишани откако претходниот премиер Сигмундур Давид Гунлаугсон беше принуден да поднесе оставка по обелоденувањето на скандалот „Панама пејперс“. Во документите беше откриено дека Гунлаугсон и неговата сопруга имале офшор-компанија на британските Девствени Острови.


ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните бараат нови избори за да го казнат СДСМ


Скопје, 26 април, 2017 - 10:12 (META) 

Граѓаните на Република Македонија бараат предвремени парламентарни избори за СДСМ да си ја добие својата казна, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение.

Од партијата велат дека „СДС е однародена партија која секој миг е подготвена да ја продаде земјата, националните и државните интереси само за да дојде на власт“.

„На Заев и на СДС никогаш не им беше битен народот. Да им беше битен, немаше да дозволат да го навредуваат творците на тиранската платформа, Еди Рама и Дитмир Бушати. Затоа народот е на улица. Затоа народот секој ден излегува и порачува на лажговците од СДС дека нивните лаги ги прочитале. Лагите на СДС веќе не поминуваат кај македонскиот народ. Македонското знаме, македонската химна и името се богатство на народот. Со нив не може да се тргува, за нив одлучува само народот“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Груевски: Нови избори се решение – ако СДСМ победи, нека направи влада


Скопје, 25 април, 2017 - 15:22 (META) 

Најдобар излез од оваа ситуација е да се оди веднаш на брзи предвремени избори, заедно со редовните планирани локални избори, кои, патем, заради чекорите на СДСМ се одложија, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање за време на неговата посета на Општината Ѓорче Петров.

Тој го повика СДСМ да прифати нови избори и, како што рече, „ако го добије мнозинството, да направи влада“.

– Нека излезат тие со она што го нудат, со она што го прифатиле, со тиранската палтформа, со сè што сакаат. Ако граѓаните тоа им го одобрат, ако добијат мнозинство гласови, нека направат влада и нека го исполнат тоа што го наумиле и тоа што некаде го ветиле – рече Груевски.

Тој истакна дека и граѓаните кои секој ден протестираат на улиците ги преформулирале своите барања и сега бараат одржување на нови предвремени парламентарни избори.

– Како што видовме пред некој ден, граѓаните веќе ги преформулираа своите барања. Тие сфаќаат дека Заев не може да се откаже од тиранската платформа, дека ја има преземено, дека има дадено цврсти ветувања, практично дека можеби е уценет или на некој начин нема излез. И затоа, претпоставувам, се преформулира нивното барање во барање за предвремени избори… Меѓу 100.000 и 200.000 граѓани секој ден маршираат низ улиците во околу 30 градови во Македонија. Тоа е нешто за што опозицијата, односно СДСМ и партиите со неа треба да се замислат и треба да излезат во пресрет на народот, во пресрет на граѓаните, бидејќи, на крајот на краиштата, тие се тие што не само во декември, туку и во иднина треба да гласаат во Македонија и да даваат поддршка на една или на друга партија – изјави Груевски.


Денеска нов собраниски обид за деблокада и за трансфер на власта


Скопје, 25 април, 2017 - 9:48 (META) 

Пред почетокот на денешното 18. продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во своите редовни утрински соопштенија ги повторуваат своите позиции за излез од политичката криза.

Од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на одржување нови предвремени парламентатни избори, додека СДСМ порачува дека мора да има деблокада на демократските процеси и мирен трансфер на власта.

„ВМРО-ДПМНЕ апелира криминогената врхушка во врвот на СДС веднаш да ја отфрли тиранската платформа и да прифати нови парламентарни избори, на кои граѓаните ќе кажат што мислат за тиранската платформа“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, велат дека „фунционирањето на државниот систем, егзистенцијата на граѓаните и стабилноста на државата никој не смее да ги доведе во прашање“.

„Бидејќи блокадата од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и поттикнувањето етнички провокации од страна на Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ оди во прилог на хаос во државата, порачуваме дека институциите, политички партии и секој поединец се должни да се спротивстават и да дадат придонес кон нормализација на состојбите“, стои во соопштението на СДСМ, во кое се додава дека секоја активност спротивна на државните интереси е „тешко неуставно и незаконско дело за што следува сериозна одговорност“.

Вчера, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, од собраниската говорница рече дека излезот од кризата е во лидерска средба. На ова, пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов, во изјава за медиумите, реторички одговори: „За што би разговарале ние на лидерска средба и со кого би разговарале?“, додавајќи: „Ние имавме лидерски средби и врз основа на тие лидерски средби беше постигнат Договорот од Пржино“.

Павле Богоевски, независниот пратеник од коалицијата предводена од СДСМ, на собраниската говорница рече дека „нема да има нови предвремени избори кои ќе бидат организирани од оваа влада затоа што таа повеќе не го претставува легитимитетот на граѓаните“.


ВМРО-ДПМНЕ: Народот бара избори, кризата наметната од СДСМ мора да заврши


Скопје, 19 април, 2017 - 9:58 (META) 

Оваа криза наметната од СДС мора да заврши, народот бара избори, на кои ќе се изјасни и ќе знае за што гласа, стои во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Алудирајќи на премиерот на Албанија, Еди Рама, од партијата велат дека човекот што стои зад тиранската платформа продолжува да ја промовира соросовата политика на предизвикување на конфликти, со уште поопасни ставови како што е прекројување на границите на Балканот, а СДСМ подолжува упорно да молчи.

„СДС уште еднаш на македонскиот народ му докажа дека е партија која работи за џебовите на своите водачи и не мисли на иднината на граѓаните. Народот го прочита и му се спротивстави на СДС, излезе на улица и повеќе од 50 дена без престан му кажува дека националните и државни интереси не се на продажба. Граѓаните секој ден на СДС му порачуваат дека не им се потребни платформи од туѓи земји, народот бара инвестиции, нови работни места, мерки“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Нови парламентарни избори заедно со локалните се решение за кризата


Скопје, 18 април, 2017 - 9:44 (META) 

Македонија е заглавена во криза затоа што СДС сака да ја измами изборната волја на граѓаните и да го занемари гласот на мнозинството граѓани кои гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, стои во утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека „криминогеното раководство на СДС“, за да се спаси од затворски казни, подготвено е да дојде на власт по секоја цена, независно што тоа значи „целосно реализирање на тиранската платформа“.

„Криминалецот Заев за да ги покрие своите криминали од „Поткуп“, „Пуч“, „Цареви кули“, па сè до изборните измами, тргуваше со највисоките државни и национални интереси. Тиранската платформа, која му е скроена на Заев, значи целосна двојазичност, промена на државните симболи, промена на името по грчки терк, федерализација на државата и нејзина дисолуција во последна фаза“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму го повторуваат ставот дека нови парламентарни избори заедно со локалните се најефективното решение за излез од кризата.

„На тие избори граѓаните ќе имаат реална можност да кажат што мислат за тиранската платформа и планот на Заев да ја редефинира државата. Граѓаните гледаат што ѝ прави криминалното здружение СДС на државата и поради тоа се во толкав голем број на улиците во градовите низ Македонија“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Народот храбро реши да се спротивстави на СДСМ


Скопје, 10 април, 2017 - 10:14 (META) 

Граѓаните не се должни да се дел од валканите игри на „криминогеното раководство на СДС“, кое е нервозно бидејќи не може да ги реализира ветувањата и да ги исполни уцените, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нивната нервоза е сè поголема и поочигледна. Сè почна да излегува на површина, предавството, пазарењето со националните и со државните интереси. Сè што сакаа да сокријат од народот се дозна. Затоа народот на Република Македонија храбро реши да се спротивстави на мафијашите од СДС и јасно им порача дека со Македонија не можат да тргуваат. Македонија не може од мултиетничка да стане бинационална држава“, стои во соопштението.

Од партијата го повторуваат ставот дека единствен излез од кризата се нови парламентарни избори.

„Во Македонија нема да се реализираат туѓи платформи само за да се спасат криминалците од СДС. Затоа единствен излез од оваа криза во која СДС ја доведе државата се нови парламентарни избори. Преку нови избори, граѓаните јасно ќе се изјаснат дали се за реализирање на тиранска платформа или не“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Народот се чувствува навреден и изигран од СДСМ


Скопје, 27 март, 2017 - 9:54 (META) 

Народот се чувствува навреден и изигран од страна на СДСМ, кој пред изборите најавуваше план за живот, а по изборите започна да реализира план за разнебитување на Македонија, базиран на неуставната тиранска платформа, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата уште еднаш го повторуваат ставот дека единствено решение за излез од политичката криза, за која го обвинуваат СДСМ, се нови предвремени парламентарни избори.

„Аболицираниот криминалец Зоран Заев не може и не смее да тргува со националните и државни интереси само за да си ја спаси кожата и да не одговара за криминалите што ги сторил. Аболицираниот криминалец Зоран Заев ја прифати неуставната тиранска платформа во која се пропишува целосна двојазичност и промена на името по грчки терк. Граѓаните се чувствуваат излажани и изиграни, бидејќи СДСМ под превезот „За живот“ им донесе двојазичност и федерализација на државата. Заради тоа народот е на нозе! Заради тоа Македонија се буди!“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Потребни се нови избори, во спротивно револтот ќе се зголемува


Скопје, 24 март, 2017 - 10:03 (META) 

Изборите се најдобрата дебата што Зоран Заев може да ја направи за тиранската платформа и за елементите содржани во неа, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата додаваат дека во спротивно револтот ќе се зголемува и секој ден стотици илјади граѓани ќе го изразуваат својот гнев од „сервилниот однос на криминалецот Заев“.

„Тиранската платформа е противуставна и нејзиното прифаќање ја втурнува Македонија во процес на федерализација. Оваа тиранска платформа има цел да ја разнебити Македонија и да ја претвори од мултиетничка во бинационална држава. СДСМ очигледно оваа тиранска платформа ја има прифатено штом молчи и не ја одбива во целост. Граѓаните ја прочитаа оваа политика на СДСМ и затоа се загрижени и оправдано манифестираат силен револт“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму го повторуваат ставот дека се потребни нови парламентарни избори „за граѓаните да не бидат постизборно измамени од Заев“.

„Доколку смета дека треба да се прифати и да се реализира ваква платформа, која задира во унитарниот карактер на државата, нека ја престави како своја изборна програма, па граѓаните јасно нека се произнесат што мислат за неа и за политичарите што ја предлагаат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев се лаже ако мисли дека нови избори нема да сменат ништо


Скопје, 22 март, 2017 - 15:17 (META) 

Доколку Зоран Заев смета дека со прифаќањето на „тиранската платформа“ се подобрува рејтингот на СДСМ, нека излезе на избори и нека го провери тоа, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната изјава на лидерот на СДСМ.

„Ако навистина тој освои поголем број пратеници, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати волјата на народот. Доколку Заев смета дека теоретски нема ништо да се смени дури и ВМРО-ДПМНЕ да освои 62 пратеници, сакаме да му укажеме дека се лаже. Ќе се сменат многу работи. Тиранската платформа нема да биде предмет врз основа на кој би се формирала каква било коалиција. Впрочем, и во преговорите со ДУИ, прв чекор на ВМРО-ДПМНЕ беше укажувањето дека разговори врз база на тиранската платформа се целосно неприфатливи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на СДСМ денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ знае дека ако оди на нови избори, „ќе изгуби“ затоа што и под претпоставка да освои 62 пратеници, нема да најде коалициски партнер кај партиите на Албанците.