!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Илиоски: Со изборот на Џафери, СДСМ ги погази Уставот и волјата на народот


Скопје, 10 мај, 2017 - 15:17 (META) 

СДСМ и Горан Мисовски нелегално го избраа Талат Џафери на позицијата претседател на Собранието и покажаа дека се подготвени да ги погазат и Уставот и волјата на народот за да ги платат политичките фактури од албанските партии и да ја реализираат албанската платформа, обвини денеска на партиска прес-конференција Зоран Илиоски, пратеник и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– На оваа незаконска одлука, како потписник стои Горан Мисовски со функција заменик-претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Македонија. Ова е класичен фалсификат и прекршување на законот. Мисовски немал апсолутно никаква функција да претседава со срамниот собир на кој беше направен обид за избор на Талат Џафери, а уште помалку да се потпишува на нелегитимна одлука. СДС и неговите партнери во низа извршија неколку кршења на деловникот и на нормите – рече Илиоски.

Според него, првото прекршување било тоа што пратениците од СДСМ и нивните партнери продолжиле со работа „по затворање на седницата во 18 часот, од страна на единствениот легитимен претседавач, Трајко Велјаноски“.

– Потоа следуваше ново прекршување со нелегитимниот избор на Мухиќ, а потоа и Горан Мисовски за претседавачи, спротивно на нормите и на процедурите. СДС го оневозможи највисокото демократско парламентарно право, правото на дискусија на пратениците. СДС го прескокна формирањето на Комисија за избори и за именување со што спречи истата да предложи и други кандидати за претседател на Собранието. СДС го погази и правото на пратениците да соберат потписи и да предложат и други кандидати за претседател на Собранието. На крај, без никакво пребројување на гласовите и на присутните, без никаков стенограм и ангажман на стручните служби, СДС нелегално се обиде да си избере претседател на Собранието. Ова дело извршено од Мисовски, е дел од сценариото на СДС да изврши државен удар, да ги погази процедурите, законите, Уставот и деловникот на Собранието на Република Македонија – рече Илиоски.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев се претвори во маша на Рама и на Тачи и закана по безбедноста во регионот


Скопје, 5 мај, 2017 - 9:44 (META) 

Криминалецот Зоран Заев во еден ден ги направи Македонците и Бугари и Срби, и покажа како планира „да ја витка кичмата“ на Македонецот во иднина, порачува ВМРО-ДПМНЕ во денешното редовно утринско соопштение за јавноста. Партијата вели дека Заев е поттикнувач и поддржувач на пеењето на албанската химна во Собранието и дека со кршење на Уставот, законот и на деловникот за работа на Собранието се обиде да избере „тирански претседател на Собранието“.

„Криминалецот Зоран Заев направи правен и политички преседан со што отвори можност во иднина, на незаконски начин, да се гласа двојазичноста, албанските банкноти, двојазичните униформи, геноцидот и сите елементи од тиранската платформа, без да се почитува волјата на народот“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува дека Заев ги влошил билатералните односи на Република Македонија со Република Србија, за што уследија низа реакции на највисоките државни претставници од таа земја, и дека ја доведува во опасност репутацијата на Република Македонија.


Валстром: Новоизбраниот претседател на парламентот во Македонија мора да се почитува


Стокхолм, 1 мај, 2017 - 16:53 (META) 

Новоизбраниот претседател на Собранието во Македонија мора да се почитува, порача шведската министерка за надворешни работи, Маргот Валстром.

„Претседателот беше избран од страна на парламентарното мнозинство и јас со нетрпение очекувам да соработувам со него. Шведска силно ги осудува шокантните акти на насилство што следеа по неговиот избор во четвртокот. Ова е целосно неприфатливо за една демократија и одговорните лица треба да бидат изведени пред лицето на правдата. Следниот чекор сега е да се формира нова влада што е можно поскоро во Македонија, каде предвремени парламентарни избори се одржаа кон средината на декември. Вратата на ЕУ е отворена за сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија“, наведува  Валстром.

Потребни се итни реформи во земјата и не треба да има пречки за мнозинството во парламентот да формира нова влада, пишува во изјавата на шведската министерка за надворешни работи.


СДСМ: Иванов е должен да го почитува Уставот и да го даде мандатот за влада


Скопје, 1 мај, 2017 - 15:23 (META) 

СДСМ реагираше на денешното соопштение од претседателскиот кабинет, во кое претседателот на земјава порача дека се надминливи пречките за доделување мандат за влада, но само доколку постои вистинска определба на лидерите на парламентарните политички партии. СДСМ порача дека претседателот Иванов ќе добие известување за ново парламентарно мнозинство од новиот претседател на Собранието.

„Ѓорге Иванов мора да престане со неразумното однесување и да почне да ги почитува уставните задолженија. Наскоро Иванов ќе добие официјално известување од новиот собраниски претседател, преку кое ќе биде информиран дека има демократски формирано легитимно парламентарно мнозинство. Од тој момент, Иванов мора да постапи во согласност со Уставот и со волјата на граѓаните и да го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да ја формира новата влада. Јавно објавената програма на новата реформска влада ја гарантира целовитоста и унитарноста на Македонија, со што се исцрпуваат сите неразумни оправдувања за недоделување на мандатот на Иванов со кои ги штитеше криминалните интереси на Никола Груевски, а Македонија ја турна во насилство кое кулминираше во четвртокот, кога криминални структури се обидоа да убијат дел од пратениците на парламентарното мнозинство“, се вели во соопштението на СДСМ.


Џафери по средбата со Хојт Ји: Од утре ќе се обидам да го ставам Собранието во функција


Скопје, 1 мај, 2017 - 14:49 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по средбата со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија на Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, рече дека од утре ќе се обиде да го стави Собранието во функција и дека присуството на Ји уште еднаш ја потврдило поддршката на САД за изборот на претседател на Собранието. Џафери денеска влезе во Собранието првпат по изборот и по упадот на некои луѓе од протестот на т.н. иницијатива „За заедничка Македонија“, при што беа брутално тепани пратеници и новинари.

– Првпат по трагичните настани од 27 април, во Собранието ја имам можноста во својство на претседател на Собранието да ви се обратам и да кажам дека имав можност да ја остварам првата официјална средба со високиот претставник од САД. Со него разменивме мислења за потребата за стабилноста и што побргу да ги заборавиме последиците од 27 април. Неговото присуство уште еднаш ја потврди поддршката на САД за иборот на претседател на Собранието – рече Џафери.

Тој вели дека присуството на Хојт Ји ја потврдува поддршката на САД за изборот на Џафери за претседател на Собранието.

– Присуството на американскиот дипломат ја потврдува поддршката од САД за новоизбраниот претседател на законодавниот дом. Од моја страна јас кажав дека ќе се потрудам да бидам претседател на сите пратеници на Собранието, без оглед како се изјасниле за изборот на претседателот на Собранието. Од утре ќе се обидам да го ставам Собранието во функција и посакувам повредените при инцидентот на 27 април наскоро да закрепнат и да им се вратат на секојдневните обврски – додаде Џафери.


ВМРО-ДПМНЕ: СДС се обидува да ја прошверцува тиранската платформа


Скопје, 1 мај, 2017 - 10:29 (META) 

„СДС уште еднаш докажа дека не го интересира ниту народот, ниту државата. За да дојде до власт, СДС не само што ја прифати тиранската платформа туку грубо ги прекрши Уставот, законот и деловникот за работа на Собранието на Република Македонија“, порача ВМРО-ДПМНЕ во редовното претпладневно соопштение за јавноста денеска.

„На 27 април СДС ја силуваше волјата на граѓаните и го оневозможи правото на дискусија на нивните демократски избраници и надвор од сите процедури се обиде да си избере спикер на тиранската платформа. Криминалецот Зоран Заев издаваше наредби за да се пука во Собранието на Република Македонија. Издаваше наредби да се пука во македонскиот народ, народ кој си ги брани државните и националните интереси. СДС ја погази демократијата со обидот нелегално да го прогласи Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија. СДС мора да одговара, бидејќи политичко насилство што го изврши резултираше и со физичко насилство“, порачува ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека „тиранската платформа“ нема да помине.


Мартин Шулц е избран за нов претседател на германските социјалдемократи


Берлин, 19 март, 2017 - 17:53 (META) 

Германската социјалдемократска партија (СПД) денеска одржа конвенција на која за нов претседател на партијата едногласно е избран поранешниот претседател на Европскиот парламент и актуелен кандидат за германски канцелар, Мартин Шулц, пренесува ХРТ.

Новиот претседател на СПД е сè поголема закана за Ангела Меркел, која сè до неодамна имаше отворен пат до нов мандат, но последните анкети покажуваат дека таа и Шулц се изедначени.

Шулц не ги крие своите амбиции да стане канцелар и да ја направи СПД најголема политичка сила во земјата.

Парламентарните избори во Германија се закажани наесен.


Наместо денеска, Уставниот суд ќе одржи седница в понеделник да се прости со Гошева


Скопје, 26 октомври, 2016 - 10:45 (META) 

Наместо во вообичаениот термин (секоја среда во 9 часот), Уставниот суд ја закажа следната седница за разгледување на иницијативи за понеделник, 31 октомври.

Официјално не е познато зошто е оваа рокада во термините, но извесно е дека седницата е закажана за понеделник, на последниот ден од мандатот на актуелната претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева.

Веќе од 1 ноември, на претседателското столче ќе седне нејзиниот наследник, судијата Никола Ивановски, кој на оваа позиција беше избран во понеделникот минатата недела.

Ивановски од својата претходничка, која останува судија во Уставниот суд, ќе го наследи жешкиот костен со иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на Законот за Специјално јавно обвинителство (СЈО), која веќе една година е во фиоките на судот и досега сè уште не се нашла на дневен ред, и покрај бројните повици од опозицијата и од невладиниот сектор.

Уставните судии, на чело со Ивановски, исто така ќе треба да одлучуваат и по иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на решението на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, за распишување на предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, што вчера ја поднесе партијата на Гзим Острени, Унитети.

Ниту една од овие две иницијативи, според интернет-страницата на судот, не е на дневен ред на седницата в понеделник.

На агендата се седум иницијативи, едно барање за заштита на права и еден предлог за одлучување.


ВМРО-ДПМНЕ назначи нов претседател на ОК во Охрид


Охрид, 22 октомври, 2016 - 13:56 (META) 

Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ донел одлука со која за нов претседател на општинскиот комитет на партијата во Охрид е назначен д-р Љубен Арнаудов, актуелен директор на Општата болница во градот.

Досега оваа функција ја вршеше Атанаско Михаилов, исто така лекар, чиј мандат формално завршил уште во 2014 година. Назначувањето на новиот претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид се толкува како престројување на партијата на терен, во пресрет на изборите закажани за 11 декември.

Владејачката партија веќе распишала и интерен конкурс за кандидати за градоначалник на Охрид, иако локалните избори се догодина.

На огласот се јавиле десетина кандидати, кои поднеле свои видувања за идниот развој на градот. Најголемиот број од пријавените се членови на Советот на Општината или се функционери во локалната самоуправа.