!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ричард Талер е добитник на Нобеловата награда за економија


Осло, 9 октомври, 2017 - 13:46 (META) 

Нобеловата награда за економија денеска му е доделена на Ричард Талер од Универзитетот во Чикаго за неговиот придонес за подобро разбирање на психолошките и на општествените механизми што влијаат врз инвеститорите и потрошувачите при носење одлуки, соопшти шведската Кралска академија за науки.

Во образложението се наведува дека Талер во своите трудови „објаснил одредени човечки карактеристики, како што се националната и општествена припадност кои можат да влијаат на одлуките на поединците и на тековите на пазарот“.

Со денешнaта наградата за економија заврши сезоната на Нобелови награди, кои се доделуваат во областа на медицината, физиката, економијата, книжевноста и мирот.


Нобеловата награда за физика за тројцата откривачи на гравитациските бранови


Стокхолм, 3 октомври, 2017 - 13:48 (META) 

Годинашната Нобелова награда за физика ја добија Рајнер Вајс, Бери Бериш и Кип Торн, тројцата автори на експериментот ЛИГО, со кој ги открија гравитациските бранови, односно наборите во простор-времето, чие постоење прв го предвиде Алберт Ајнштајн пред еден век.

Една половина од наградата од речиси 1,1 милион долари ја освои Рајнер Вајс, а втората половина ја делат Кип Торн и Бери Бариш, објави Шведската кралска академија на науки во Стокхолм.

Сите тројца научници играа водечка улога во експериментот ЛИГО (Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory – LIGO), со кој во септември 2015 година првпат се детектирани гравитациските бранови.

Вајс е професор по физика во пензија на Технолошкиот институт во Масачусетс и најмногу придонесе за концептот, дизајнот и изградбата на ЛИГО.

Ким Торн, професор по теоретска физика на Калифорнискиот технолошки институт, објави теориски дел од работата и изведе клучни претпоставки за тоа како гравитациските бранови изгледаат и како да се препознаат нивните сигнали во податоци, кои ги собрал со телескоп.

Бери Бариш, поранешен физичар за честички на Технолошкиот институт во Калифорнија, многу придонел за почнување на експериментот. Тој го спречи гасењето на ЛИГО во 1994 година, кое се закануваше поради недостиг од средства и ја следеше неговата изградба, како и мерењата во текот на три години.


Колумбискиот претседател ја доби Нобеловата награда за мир


Осло, 7 октомври, 2016 - 12:05 (META) 

Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос е годинешниот добитник на Нобеловата награда за мир поради неговите непоколебливи напори за ставање крај на 50-годишната граѓанска војна во Колумбија, соопшти Норвешкиот нобелов комитет.

Сантос имаше клучна улога во носењето на мировниот договор со бунтовниците од Колумбиските револуционерни вооружени сили (ФАРК). Со спогодбата, која беше потпишана на 26 септември годинава во колумбискиот град Картагена, се стави крај на судирите меѓу колумбиските власти и бунтовниците.
Сепак, на 2 октомври, граѓаните на Колумбија, на референдум, со мала разлика, го отфрлија договорот.

„Претседателот Сантос ги почна преговорите кои завршија со мировен договор меѓу колумбиската влада и ФАРК и постојано се стремеше да го придвижува напред мировниот процес. Фактот дека мнозинство граѓани на референдумот рекоа „не“, не значи дека мировниот процес е мртов. Наградата е за колумбискиот народ, кој придонесе за мировниот процес и за оние безбројни жртви од граѓанската војна во Колумбија“, стои во објаснувањето на Нобеловиот комитет.


И Трамп меѓу 376 номинирани за Нобелова награда за мир


Осло, 2 март, 2016 - 14:05 (META) 

Одборот за доделување на Нобеловата награда за мир оваа година примил рекордни 376 номинации за престижната награда.

– Убаво е да се види дека толку многу луѓе и организации го искористија правото на номинација – рече претседателот на норвешкиот одбор Олав Њолстад.

Оваа година номинирани се 228 поединци и 148 организации. Помеѓу номинираните се и Едвард Сноуден, жителите на грчкиот остров Лезбос и на италијанскиот Лампедуза кои им помагаат на бегалците, папата Франциск, германската канцеларка Ангела Меркел и американскот милијардер и кандидат за претседател, Доналд Трамп.

Право да предложат кандидати за Нобеловата награда имаат претставници на влади и на парламенти, некогашни добитници на наградата, членовите на Меѓународниот суд на правдата, светска академска заедница, како и актуелните и некогашните членови на одборoт за доделување.