Осум жртви на екстремниот студ во САД, „Полaрниот вител“ продолжува


Чикаго, 31 јануари, 2019 - 11:46 (META) 

Арктичките температури што зафатија неколку сојузни држави од Средниот запад на САД беа причина за смртта на најмалку осум лица, јавуваат американските медиуми.

Студениот бран наречен „Поларниот вител“, кој донесе рекордно ниски температури, карактеристични за поларните региони, блокираше голем дел од градовите. Прогласена е вонредна состојба во огромен дел од средниот појас на САД, дури и во Алабама и Мисисипи, кои се на крајниот југ.

Температурите паднаа до -30 Целзиусови степени во Чикаго, третиот најголем град в САД, а до -37 степени во Северна Дакота, што е пониско од најниските температури во некои делови на Антарктикот. Рекордот ноќеска е постигнат во градот Понсфорд, Минесота, каде беа измерени -66 Целзиусови степени.

Студот однесе најмалку осум животи – двајца луѓе во државата Мичиген смрзнале до смрт блиску до своите домови од кои излегле недобро облечени. Еден 55-годишен маж починал во Милвоки, откако колабирал поради студот по долгото чистење снег пред гаражата. Во Пекин, Илиноис, бил пронајден 82-годишник кој исто така станал жртва на студот.

Во Чикаго 75-годишен маж загинал откако бил удрен од камион што ринел снег, а во северниот дел на државата Индијана двајца млади луѓе загинале во сообраќајка поради голомразица. Крај една од зградите на Универзитетот на Ајова бил пронајден починат од студ и еден студент.

Таканаречениот „Поларен вител“ ќе го почувствуваат околу 250 милиони Американци, од кои 90 милиони се соочени со температури од најмалку -17 Целзиусови степени и надолу.

Во Чикаго беа откажани 1.500 од двата аеродрома, а железничката компанија „Амтрак“ исто така ги откажа сите возови што тргнуваат од Чикаго или требало да пристигнат во него.

Снегот продолжи да паѓа и вчера на потегот од Големите Езера до Нова Англија. Во државата Висконсин наврнаа 60 сантиметри снег. И денеска се очекува да продолжи поларното невреме со ниски температури и смрзнувачки ветер, а според некои прогнози така ќе биде се до крајот на викендот.

Како што пренесуваат американските медиуми, според полициски извори, стапката на криминал во Чикаго пораснала, а криминалците дури со пиштоли напаѓаат луѓе за да им ги одземат нивните јакни.

Метеоролозите предупредуваат дека е опасно на таков студ да се стои непрописно облечен и заштитен повеќе од 10 минути, бидејќи се појавуваат смрзнатини. Многу Американци купуваат скијачки очила за да си ги штитат очите.


Снег и минусни температури денеска, има забрани за камиони на некои патишта


Скопје, 9 јануари, 2019 - 9:18 (META) 

Минусни температури и врнежи од снег ќе има денеска низ целата земја. Ќе дува умерен ветер од јужен правец.

Времето ќе биде облачно со снег, со пообилни врнежи во западните делови. Насекаде ќе се формира нова снежна покривка од 10 до 30 см, а на планините позначителна, над 50 см. Заради ниските температури ќе има појава на голомразица, вели прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Врнежите од снег ќе продолжат и во текот на утрешниот ден.

Најниска температура од -15 Целзиусови степени изутринава е измерена во Битола. Минус 12 беше во Берово и Прилеп, -11 во Струмица, а -9 степени во Скопје.

Најмногу снег има во Маврово, 55 сантиметри и во Крушево 26 см.

Од 8.45 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка се воведува забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси, а за останатите возила задолжително употреба на зимска опрема (синџири), сооопштуваат од АМСМ.

Иста забрана, за тешки товарни возила е прогласена од 7.15 чаасот на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан, соопштија АМСМ и ЈП Македонија пат.

Од 4.10 часот, забрана за сообраќај на камиони има и на патниот правец крак Маврово – Дебар.

Сообраќајот на државните патишта изутринава се одвива по наместа влажни  коловози, со остатоци од кашест снег на коловозот.

Поради ниските температури можна е појава на голомразица.

Надлежните апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот.


Сончево со мала oблачност, попладне дожд и грмежи


Скопје, 22 јуни, 2018 - 8:55 (META) 

Времето во Македонија денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со умерен северозападен ветер. Во попладневните часови ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе има и услови за појава на ситен град, особено во северните и источните делови.

Утринската температура се движеше од 13 до 19 Целзиусови степени, а  дневната ќе изнесува од 21 до 34 степени.

УВ-индексот ќе изнесува 8.

Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а ќе дува и умерен северозападен ветер. Попладне и кон крајот на денот ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утринската температура се спушти до 17 Целзиусови степени, а дневната ќе се искачи до 30 степени.

Утре ќе дува засилен северен ветер кој ќе предизвика значителен пад на температурата за околу 10 степени. За време на викендот ќе има слаб локален дожд, но без грмежи.

Од понеделник и во наредните два дена времето ќе биде облачно и посвежо со пообилни врнежи од дожд (наместа се очекува над 50 л/м2 воден талог). Дневните температури ќе бидат под просекот и ќе се движат во интервал од 16 до 24 степени.


МЗШВ: Не се очекуваат позначителни штети од снегот и студот врз овошките


Скопје, 23 март, 2018 - 13:05 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека не се очекуваат значителни штети на родот на овошките од снегот и студот.

Од министерството велат дека во соработка со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), состојбата се следи внимателно и дека според метеоролозите снежниот бран ги затекнал овошките во фаза на полно цветање, во која нивната издржливост кон ниски минимални температури е околу -2 до -3 Целзиусови степени.

„Бидејќи остварените температури беа во тие граници, не се очекуваат значителни оштетувања на родот“, се вели во соопштението од МЗШВ.

Сличните временски услови и облачноста во текот на викендот нема да дозволат драстично опаѓање на утринските температури, а најниските температури се очекуваат в недела наутро, кога ќе се спуштат до -4 степени. Но и тоа нема да предизвика позначителни штети.

„Бидејќи овие температури се блиску до границите на издржливост, може да предизвикаат само проретчување на родот, но не и негово оштетување“, стои во соопштението од министерството.

Според податоците од Подрачните единици на МЗШВ, досега земјоделците немаат пријавено штети од ниските температури и врнежите од снег, но состојбата на терен континуирано ќе се следи, со цел навреме да се преземаат доколку е потребно соодветни мерки.

На почетокот на наредната седмица се очекува променливо време со повремени врнежи од дожд, кои ќе одржуваат позитивни утрински температури, но и покачување на дневните температури до 15 степени. Во втората половина од следната седмица се очекува стабилизирање на времето и пораст на дневните температури и до 20 степени.


Поларни температури од денеска, Македонија во вонредна состојба


Скопје, 1 март, 2018 - 9:07 (META) 

Студен бран од портокалова фаза денеска ја зафати целата држава. Утринските температури се движеа од -18 до -9 Целзиусови степени, а дневните ќе изнесуваат од -4 до 2 степена.

Во Скопје ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Утринската температура се симне до -15 Целзиусови степени, а дневната ќе се искачи до -2 степена.

Во текот на ноќта, почнувајќи од запад, ќе има врнежи од снег, кои до петок претпладне на некои пониски места ќе поминат во дожд, а локално ќе има и појава на замрзнат дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер.

За време на викендот се уште ќе има слаб локален дожд, но ќе настапи значително затоплување што ќе услови нагло топење на снежната покривка.

Поради студениот бран, Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство препорача да се ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години.

За оние работници кои работат на отворено се препорачува реорганизација на работното време од 10 до 16 часот, со повремени паузи по половина час во топли простории на секои два часа.

Комисијата апелира да се избегнува физичка активност на отворено, а при движење да се внимава на лизгави површини и да се носи топла повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз, како и почесто да се консумираат топли напитоци. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија. Во случај на настинка и потешкотии на дишењето, се препорачува граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

Утрово најниската температура е измерена во Берово, –18 степени, во Скопје-Петровец и Крива Паланка -15, а во Куманово, Маврово и Крушево -14 степени. Во Ѓуриште се измерени -13, во Лазарополе и Пожаране -12 а во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Виница -11 степени. Во Гевгелија се измерени -5 степени,  минус седум во Битола,  минус осум во Прилеп, Дебар, Претор, Охрид, Струмица, Демир Капија, и -10 во Штип.

Најмногу снег, пак, има во Маврово, каде висината на снежната покривка изнесува 87 сантиметри, во Лазарополе 79, во Крушево 58 и во Пожаране се измерени 50 сантиметри.


До четврток променливо облачно време, потоа температурите ќе се намалат


Скопје, 27 февруари, 2018 - 16:20 (META) 

До четврток ќе преовладува променливо облачно и студено време со кратки сончеви периоди. Утре ќе дува умерен, на повисоките места и планините засилен северен ветер, а претпладне во западните и северните делови ќе има повремен слаб снег, вели прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР).

В четврток во утринските часови поради разведрувањето температурите ќе бидат многу ниски, на повеќе места ќе се спуштат под -10 степени. Кон крајот на денот во западните делови ќе има локални врнежи од снег, а во петок ќе поминуваат во дожд, но локално ќе има и услови за замрзнат дожд.


Времето денеска сончево со слаб ветер


Скопје, 26 јануари, 2018 - 9:23 (META) 

Времето во Македонија денеска ќе биде претежно сончево со слаб југоисточен ветер. Претпладне по одделни котлини има појава на слаба магла.

Температурите во текот на денот ќе се движат од 5 до 11 Целзиусови степени.

Во Скопје ќе биде претежно сончево со слаб југоисточен ветер, претпладне со појава на слаба магла. Највисоката температура на воздухот ќе достигне до 6 Целзиусови степени.

Во наредните денови продолжува периодот на стабилно време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст. До недела во претпладневните часови ќе има температурна инверзија, што по одделни котлини ќе ги зголеми условите за појава на магла и слана.


Вонредна состојба во САД, поларниот студ однесе 11 животи


Вашингтон, 3 јануари, 2018 - 19:04 (META) 

Најмалку 11 лица загинаа во изминатите неколку дена како последица на екстремните временски услови во САД. Смртоносниот поларен студ го зафати поголемиот дел на САД каде се забележани рекордно ниски температури.

За утре е издадено посебно предупредување за источното крајбрежје на кое му се заканува снежна бура со ветрови со јачина на ураган.

Експертите предупредуваат на можен прекин на елетричната енергија, поплави и снег 1,5 метри.
Властите објавија дека од вторникот утрината 11 лица загина како последица на екстремен студ.

Во Висконсин загинале 5 лица, по едно лице починало во Северна Дакота и Мисури, а четири лица го загубија животот во Тексас.


Времето денеска сончево и студено


Скопје, 21 ноември, 2017 - 9:37 (META) 

Времето во Македонија денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен северозападен ветер. Температурата ќе се движи од 3 до 13 Целзиусови степени.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен северозападен ветер. Дневната температурата ќе достигне 9 Целзиусови степени.

Во наредните денови следува период на стабилно и суво време со ниска утринска температура. Утринската и дневната температура ќе бидат во постепен пораст, па веќе в четврток дневната температура ќе достигне 18 степени во југоисточните делови од земјава.


Сончево време со дневна температура од 7 до 14 степени


Скопје, 31 октомври, 2017 - 9:08 (META) 

Времето во Македонија денеска ќе биде сончево и студено, со ниска утринска температура. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, особено долж Повардарието. Температурата ќе се движи од 7 до 14 Целзиусови степени.

Во Скопје ќе биде сончево и студено, со ниска утринска температура. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Температурата ќе достигне до 12 Целзиусови степени.

В петок се очекува умерено наоблачување и зголемување на утринската температура.