Коѕиас: Сакаме нашиот мил северен сосед да биде дел од ЕУ и од НАТО, но да исполни услови


Скопје, 31 август, 2017 - 13:25 (META) 

Грција ги поддржува евроатланските аспирации на целиот регион, истакна министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, по средбата со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

– Сакаме да ѝ помогнеме на земјата, да ѝ ги пренесеме искуствата и слабостите. Одлуките од Букурешт мора да се реализираат за потоа земјата да стане членка на НАТО. Сакаме нашиот мил северен сосед да биде дел од ЕУ и од НАТО, но треба условите да се исполнат – рече Коѕиас, одговарајќи на прашање дали Грција е подготвена да го помогне влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО.

Тој рече дека се радува што Македонија ја надминала кризата како што и тие ја надминуваат финансиската криза.

– Ме радува што зборувавме и ќе продолжиме да зборуваме за тоа што го почнавме во Атина, за заедничките интереси на двете земји. Ме радуваат позитивните резултати од мерките за доверба кои се однесуваат на продлабочување на соработката и на односите преку градење гасоводи, соработка помеѓу универзитетите, академиите, истражувањата, како и полициската соработка и безбедност. За два месеци ќе има средба на четирите земји од регионот – Грција, Бугарија, Албанија и Македонија, посветена на економската и на безбедносната соработка – рече Коѕиас, истакнувајќи дека стабилноста на Македонија ја храни стабилноста на Грција, како што нивната економска стабилност ја потхранува нашата.

Коѕиас додаде дека влезот на Западен Балкан и на Македонија во НАТО ќе придонесе за развој на целиот регион, на економските врски и за надминување на проблемите со иредентизмот што ги прави односите тензични.

– Во срцето имаме љубов, но љубовта знае понекогаш да биде тешка. Да го победиме иредентизмот, да најдеме смелост за да се решат проблемите за да се развива љубовта – додаде Коѕиас.

Министерот Димитров рече дека имале долг и отворен разговор со неговиот грчки колега, на кој тој изразил надеж дека Грција ќе ја препознае новата реалност и очекува помош и поддршка на патот кон НАТО и кон ЕУ.

Тој рече дека не зборувале конкретно за спорот за името, туку за процесот за методите и за модалитетот, што се интересите и грижите на двете страни и како тие го перципираат проблемот.

На прашање дали новата влада ќе работи на отстранување на симболите кои предизвикуваат негативни чувства кај Грците, Димитров рече дека не може конкретно да каже кои ќе бидат идните чекори.

– Ние како Влада и како општество, се стремиме кон голема Европа. Не треба да се креира надворешна и внатрешна политика врз личности кои се од пред 2.000 години. Историјата не можеме да ја смениме, но можеме да ја смениме иднината. Ние ќе стоиме на нашите обврски преземени со Привремената спогодба – рече Димитров, додавајќи дека ова прашање постои подолго време и не може набрзина да се реши.


Коѕиас обвинува дека меѓународната заедница ја разгалила Македонија


Атина, 12 јули, 2017 - 17:05 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, во интервју за грчката телевизија „Антена“, ја обвини Македонија за иредентизам, неподготвеност, но и за разгаленост од меѓународната заедница.

– Бев, како што знаете, двапати во Скопје, разговаравме за прашањето, беа неподготвени. Дојдоа во Грција, пак неподготвени. Разгалени се од меѓународниот фактор. Овде си имаме работа со иредентизам кој не треба да го оставиме да се прошири на Балканот, но и генерално, не треба да го дозволиме национализмот во регионот – рече Коѕиас.

Коѕијас најави дека в понеделник во Брисел ќе се сретне со посредникот во спорот за името, Метју Нимиц, кој минатата недела беше во официјална посета на Македонија.

Утре во Солун грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе ги пречека српскиот претседател Александар Вучиќ и бугарскиот премиер Бојко Борисов. Ципрас и Вучиќ ќе учествуваат на грчко-српскиот Совет за соработка, по што ќе дадат и заедничка изјава.

По средбата со српскиот претседател, Ципрас попладнето ќе се сретне и со бугарскиот колега, по што е најавена е заедничка средба на лидерите на Грција, Бугарија и на Србија. По средбата, за која засега во грчките медиуми не се наведува за што ќе се разговараа, исто така е најавена заедничка прес-конференција.


Дачиќ не знае географија или провоцира: Србија немала територијални претензии кон Грција!


Атина, 11 јули, 2017 - 11:57 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по состанокот со неговиот грчки колега, Никос Коѕијас, во Атина изјави дека Србија направила грешка кога пред 20 години ја признала Македонија под уставно име.

– Сметам дека Србија направи грешка пред 20 години кога го призна Скопје под името Република Македонија. Тоа не беше коректно спрема Грција, а Скопје секогаш имаше негативен став спрема прашањето за Косово и Метохија. Тие ја признаа независноста на Косово и гласаа за прием на Косово во УНЕСКО – изјави Дачиќ.

Тој додаде дека Србија нема да повлекува никакви потези кои би можеле да ја нарушат стабилноста на регионот и дека „за разлика од некои други народи, Србија нема територијални претензии кон делови на Грција“.

Дачиќ по средбата истакнал дека основата идеја во односите помеѓу Грција и Србија е тоа дека тие се „пријатели односно браќа“.

В четврток во Солун ќе биде одржан состанокот на Високиот совет за соработка помеѓу Србија и Грција, а делегацијата на Србија ќе ја предводи претседателот Александар Вучиќ.

На почетокот на годината српскиот шеф на дипломатијата во интервју за агенцијата „Бета“ имаше слична изјава во врска со признавањето на Македонија под уставното име и рече дека „биле будали“ што ја признале Македонија.

– Србија направи голема грешка. Цела Европа и целиот свет го користат називот Поранешна Југословенска Република Македонија, а ние им удривме шлаканица на нашите браќа Грци и сега очекуваме од Грците да не го признаат Косово, а Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, додека тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали – изјави Дачиќ.


Нимиц: За конструктивни преговори, неопходно е да има стабилни влади во двете држави


Њујорк, 9 јануари, 2017 - 19:27 (META) 

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, за спорот за името во Њујорк разговарал со посредникот Метју Нимиц, но и со новиот генерален секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, пренесува грчко-американскиот неделник „Грик њус“.

Главните разговори за македонско-грчките односи и преговорите за името, сепак биле со посредникот Нимиц. Според Нимиц, најважно во моментов е да има нова стабилна и функционална влада во Македонија за да може да продолжи преговарачкиот обид за наоѓање заеднички прифатливо решение. Тој изразил подготвеност за реактивирање на разговорите меѓу двете страни за да опипа до каде е пулсот за конструктивно продолжување на процесот, кој е во мирување речиси две години поради политичката криза во Македонија.

Во изјава за неделникот на грчката дијаспора, Нимиц изразил задоволство од средбата и од разговорот со Коѕиас, со кој се среќава третпат во последните неколку месеци.

„Разговарав неколкупати со министерот минатата година. Со зголемен интерес очекувам поголема активност за оваа тема. Се надевам дека ќе има влада во Скопје наскоро и се надевам потоа да дојдам во регионот и да видам дали може да се направи нешто конструктивно околу спорот за името“, истакнал Нимиц за „Грик њус“.

Во однос на политичката ситуација во Македонија, Нимиц посочил дека е неопходно во двете држави да има функционални и стабилни влади за да има конструктивни преговори.

„Важно е да имаме две функционални влади во двете држави и ако сте посредник, нема поента да се обидувате да посредувате ако една од двете страни нема влада“, подвлекол Нимиц.

Посредникот посочил дека и Гутереш има изразено интерес за спорот, како и дека веќе му има дадено материјали за да го запознае и да го подготви со деталите околу преговорите за името пред неговата средба со Коѕиас.

Коѕиас по средбите во Њујорк не даде никаква изјава поврзана со спорот за името и со состанокот со Нимиц, а детали за средбата не објави ниту грчкото министерство за надворешни работи.


Коѕиас денеска ќе се сретне со Нимиц


Њујорк, 6 јануари, 2017 - 13:47 (META) 

Шефот на грчката дипломатијата, Никос Коѕиас, денеска во Њујорк ќе се сретне со посредникот во спорот за името, Метју Нимиц. Средбата Нимиц – Коѕиас ќе биде во рамки на патувањето на грчкиот министер за надворешни работи во Њујорк на состаноци за кипарското прашање, чии преговори се особено интензивирани во овој период.

Главната цел на посетата на Коѕиас на Њујорк и на Обединетите нации е средбата со новиот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, на која двајцата политичари се очекува да се фокусираат главно на прашањето за Кипар пред новата рунда разговори во Женева.

Спорот за името ќе се најде попатно на агендата на Коѕиас, кој ќе го искористи присуството во ОН да поразговара и со посредникот Нимиц околу македонско-грчките врски и преговорите за името. Коѕиас и Нимиц минатата година се сретнаа двапати, еднаш во април во Луксембург, а вториот пат во Њујорк за време на Генералното собрание. Од средбите немаше некакви конкретни резултати, ако се има предвид дека преговорите се на стенд бај поради политичката криза во Македонија. Ова ќе биде нивна трета заедничка средба додека трае кризата во Македонија, а последната заедничка рунда преговори беше во 2014 година.

За потсетување, весникот „Катимерини“ пред извесно време пишуваше дека Нимиц е подготвен да ги реактивира преговорите со двете страни веднаш по македонските избори и штом се избере нова влада. Грчката страна исто така очекува стабилна влада која ќе може да биде силен преговарач околу решавањето на разликите за името. Нимиц на почетокот на 2016 година во интервју за грчката телевизија „Скај“ изрази разочараност што преговарачкиот процес е привремено принудно стопиран и апелираше веднаш по изборите и двете страни повторно активно да му се посветат на процесот за наоѓање заеднички прифатливо решение.

И грчката и македонската страна изминатава година отворено се посветија на зачестени средби за зајакнување на меѓусебната доверба и соработка, ставајќи го политичкиот спор во втор план.


Коѕиас на средба со Гутереш в петок


Атина, 3 јануари, 2017 - 11:36 (META) 

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, в петок во Њујрок ќе се сретне со новиот генерален секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Разговорите се очекува да се насочат главно на кипарското прашање, тема на која Грција, Кипар и Турција, како и меѓународната јавност, интензивно се фокусирани со можност наскоро да се најде решение.

Проценките се дека покрај кипарското прашање, на средбата со Гутереш извесно е да се разговара и за спорот за името, чии преговори поради македонската политичка криза и проблемите во Грција веќе две години се во застој.

Односите со Македонија, но и со Балканот, според грчкиот весник „Катимерини“, можно е следниот период да се најдат во фокусот на грчката влада. Весникот пренесува дека премиерот Алексис Ципрас планира да го посети Белград на 30 и 31 јануари, посета која симболично ќе означи ново поглавје за една поактивна грчка политика на Балканот.

Весникот, повикувајќи се на грчки дипломатски извори, пренесува дека со задоцнување од две години, во време кога границите за бегалците се затворени, а Грција има отворени проблеми со Македонија и со Албанија, Ципрас од Белград ќе се обиде да испрати јасна порака дека не прифаќа политики на иредентизам и на национализам, како и да ја засили својата политика на Балканот.

Проценките се дека Грција ќе планира да ги засили врските со Србија и со Бугарија, а ќе преземе и активности за зајакнување на стабилноста на Балканот.


Коѕиас и Могерини разговарале за Македонија


Брисел, 15 декември, 2016 - 16:04 (META) 

Шефот на грчката дипломатијата, Никос Коѕиас, и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, во Брисел разговараа за последните случувања во Македонија, јавува дописникот на „Мета“ од Атина.

Македонија била една од темите на разговор, а двајцата министри се фокусирале и на кипарското прашање за кое се водат интензивни преговори, грчко-албанските односи, како и на европската перспектива на Албанија.

Коѕиас од Брисел, по завршувањето на Советот за општи работи, испрати порака дека европските партнери позитивно ги гледаат состаноците и работата околу мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција. Грчкиот министер беше оптимист дека работите меѓу двете страни се движат во позитивна насока, посочувајќи дека дел од мерките почнуваат да се спроведуваат во практика, наведувајќи ги договорот за нов гасовод меѓу двете држави и железничката линија Лерин – Битола.


Коѕиас во Луксембург: Прво името, па потоа преговори


Луксембург, 20 јуни, 2016 - 16:11 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, на денешниот Совет на министри за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург истакнал дека треба да ѝ се понуди поголема помош на Македонија, но останал на ставот дека прво треба да се реши спорот за името, па потоа да ѝ се понудат пристапни преговори на Македонија.

Според Коѕиас, главниот проблем на македонскиот пат кон ЕУ не е Грција, туку недостигот од демократија во нашата земја, кој, според него, е поттикнат од начинот на кој странските партнери на Македонија ја имаат научено нашата власт како да се однесува.

– За настаните во БЈРМ имав долго излагање со кое ги објаснив искуствата што ги имавме со Турција во периодот од 1997 до 1999 година, кога беше прекинато нашето вето и кое покажа дека Турција продолжува да има отворени прашања во врска со нејзината перспектива за членство во ЕУ, одговарајќи со ова на честиот аргумент што се користи во ЕУ дека ако не го користевме нашето вето против БЈРМ, денес БЈРМ немаше да има проблеми. Објаснив дека главниот проблем на БЈРМ е дека има недостиг од демократска култура на дијалог и дека ова немање политичка култура на дијалог се должи на позицијата на одредени наводни пријатели на оваа држава, кои ја научија на таков начин власта да не е способна да прави ниту внатрешни компромиси и да има демократски постапки, односно однесување внатре во државата. Објаснив дека треба помалку да зборуваме јавно за внатрешната политика на БЈРМ и да помогнеме повеќе – истакна Коѕиас.


Коѕиас и Рама разговарале за политичката криза во Македонија


Атина, 7 јуни, 2016 - 16:34 (META) 

Политичката криза и случувањата во Македонија се најдоа на агендата на разговори меѓу шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, и албанскиот премиер Еди Рама. Во изјава за грчката информативна агенција АПЕ, по средбата, Коѕиас посочил дека главни теми на разговор биле билатералните прашања, но и ситуацијата во поширокиот регион, со фокус на состојбата во Македонија.

Рама и Коѕиас разговарале за поддржување на иницијативите за решавање на отворените прашања. Средбата на Коѕиас со Рама доаѓа по вчерашниот состанок на грчкиот министер со неговиот албански колега Дмитри Бушати, на кој беше изразена заедничка волја за соработка, надминување на заедничките и на регионалните проблеми, како и за грчката поддршка за прием на Албанија во Европската Унија. Двајцата министри потпишаа и заедничка спогодба за механизам и еден вид патоказ за решавање на заедничките проблеми.

Коѕиас денеска се обрати и пред Универзитетот во Тирана, говорејќи за грчко-албанските врски. Коѕиас потенцираше дека не треба да останат нерешени старите отворени проблеми меѓу двете држави кои создаваат пречки за европската перспектива на Албанија. Зајакнувањето на врските меѓу двете држави, како што потенцираше Коѕиас, ќе го олесни обидот на Албанија за прием во ЕУ, но и нејзиното идно учество во европските институции.

Грчкиот министер посочи дека Грција на минатонеделниот Процес за соработка на Југоисточна Европа потегнала иницијатива за соработка меѓу Грција, Бугарија, Романија и Хрватска, сите регионални членки на ЕУ, односно идеја за мал балкански сојуз кој ќе проба да има погласна улога во ЕУ околу европската перспектива на балканските држави кандидати. Ваква слична идеја Коѕиас имаше и се обиде да спроведе само со Бугарија и со Романија минатата година.


Коѕиас негира дека Германија размислува да ја исклучи Грција од шенген-зоната


Атина, 24 јануари, 2016 - 11:26 (META) 

За ситуацијата со бегалската криза, вчера во Берлин разговараа шефовите на грчката и на германската дипломатија, Никос Коѕиас и Франк Валтер Штајнмајер. Грчкиот министер од Берлин ги демантираше информациите за привремено грчко исклучување од шенген-зоната и идејата да се затвори македонската граница и бегалците да останат заглавени во Грција, тврдејќи дека неговите контакти со Штајнмајер покажале дека Германија воопшто не размислува во таа насока.

Во изјава за грчката државна агенција АПЕ, Коѕиас од Берлин истакнал дека од германска страна не се разгледува некаков словенечки предлог за засилување на контролата на македонско-грчката граница.

Индиректно упати критика до дел од државите кои предлагаат подигнување ѕидови и огради, за да не се дозволи протек на бегалците од Грција кон другите западноевропски земји, забележувајќи дека дел од поновите членки на ЕУ изгледа сè уште целосно ги немаат прифатено и усвоено европските вредности.

Според него, држави кои се осмелуваат да говорат за кршење на правилата на шенген-зоната се држави кои во суштина немаат проблеми со бегалци и со илегални мигранти и не ја разбираат потребата за почитување на одлуките на ЕУ.

– Политиката на министерството за надворешни работи е да спречи погрешни идеи да се реализираат како политички предлози – посочил Коѕиас.

Грчкиот министер во Берлин говорел дека големиот проблем е кај Турција, која треба прва да врши евиденција и селекција на бегалците што се пропуштаат кон Грција, а со тоа и кон ЕУ.

Според Коѕиас, ЕУ мора да ја засили соработката со Турција. Меѓутоа, грчкиот министер стои на ставот дека Грција не се согласува за заеднички крајбрежни контроли со Турција, бидејќи смета дека тоа ќе се вмеша во други билатерални отворени проблеми кои постојат меѓу Анкара и Атина и проблемот со контрола на морските граници, според него, може да се реши најефективо со засилени бродови и со единици на Фронтекс.

Коѕиас утре заминува на средби со турските власти во Истанбул, а во Грција владата останува будно да ја следи ситуацијата со пропуштањето бегалци на македонско-грчката граница.