!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп не ја исклучува можноста за воена акција во Венецуела


Вашингтон, 12 август, 2017 - 10:41 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази загриженост поради хуманитарната криза во Венецуела, додавајќи дека не ја отфрла можноста за воена акција како одговор на политичката ситуација во оваа земја, јавуваат светските агенции.

Трамп изјавил дека сите опции се на маса поради антидемократските случувања во Венецуела, вклучувајќи и воена интервенција.

Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино, пак изјавил дека заканите на Трамп се „акт на лудост и краен екстремизам“.

Белата куќа соопшти дека Трамп ќе разговара со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро тогаш кога во земјата повторно ќе биде воспоставена демократија.


Главната обвинителка на Венецуела поведе истрага за изборна измама


Каракас, 3 август, 2017 - 16:53 (META) 

Главната државна обвинителка на Венецуела, Луиза Ортега, отвори истрага за наводната измама за време на контроверзните избори одржани во неделата.

Изборите за уставотворно собрани, според опозицијата, се „проект на претседателот Никола Мадуро“.

Ортега, која е жестока критичарка на претседателот Мадуро, повика да се спроведе независна ревизија на изборите.
Овој потег доаѓа само неколку часа откако британската компанија што го креирала системот за гласање, „Смартматик“, наведе дека бројката за излезност на гласачите е „напумпана“.

Претседателот Мадуро ги отфрли ваквите тврдења.

Опозицијата, која ги бојкотираше изборите, смета дека социјалистичкиот претседател со планот за измена на Уставот планира да го заобиколи Конгресот, во кој опозицијата има мнозинство и да ги избегне претседателските избори што треба да се одржат кон крајот на 2018 година.


САД најавија брзи и одлучни мерки против Венецуела


Вашингтон, 31 јули, 2017 - 10:37 (META) 

Американските власти остро ги осудија изборите за членови на Уставотворното собрание во Венецуела и најавија „брзи и одлучни мерки“ против владата на социјалистичкиот претседател Николас Мадуро.

„САД ги осудуваат изборите што го загрозуваат правото на народот на самоопределување“, наведе американското министерство за надворешни работи и додаде дека САД ќе преземат „брзи и одлучни“ против Венецуела.

САД и претходно се заканија со санкции.

Повеќе од осум милиони гласачи, или 41,53 отсто, гласаа вчера за членови на Уставотворно собрание на Венецуела, кога почнаа насилствата во кои загинаа десет лица.

Опозицијата, која ги оспори изборите, смета дека Мадуро планира со измени на уставот за да го заобиколи избраниот Конгрес, каде опозицијата има мнозинство, но и за да ги избегне претседателските избори кои треба да се одржат кон крајот на 2018 година.


Десет загинати во хаосот на улиците во Венецуела откако Мадуро прогласи победа


Каракас, 31 јули, 2017 - 9:55 (META) 

Претседателот на Венецуела, Никола Мадуро, прогласи победа на изборите за Уставотворно собрание. Повеќе од осум милиони гласачи, или 41,53 отсто вчера гласаа за членови на Уставотворното собрание на Венецуела, а изборниот процес го обележа насилство во кое загинаа десет лица, соопштија властите на земјата.

– Имаме Уставотворно собрание – рече Мадуро, обраќајќи се пред стотина приврзаници во Каракас, откако изборната комисија соопшти дека излезноста на граѓаните изнесува 41,5 отсто.

Опозицијата, сепак, наведува дек изленоста била околу 12 отсто, додавајќи дека власта е подготвена да соопшти дека на изборите гласале 8,5 милиони гласачи.

– Тоа е најголемата победа што револуцијата ја оствари во својата 18-годишна историја – рече Мадуро.
За време на гласањето, демонстрантите се судрија со безбедносните сили, додека голем број Венецуелци го бојкотираа гласањето за Уставотворно собрание, за кое левичарскиот претседател Мадуро вети дека ќе почне „нова ера на борба“ во земјата која е погодена од криза.

Според наводите на властите, при судирите 10 лица загинаа, поради што вчерашниот ден е најсмртоносен откако во април почнаа протестите во земјата.

Мадуро, кој меѓу мнозинството Венецуелци е непопуларен поради економскиот колапс за време на четиригодишното претседателствување, инсистираше на вчерашното гласање да се оформи собрание кое ќе има широки овластувања, и покрај заканите од САД за санкции и повеќемесечните протести на опозицијата.

Критичарите предупредуваат дека собранието би му овозможило на Мадуро да го распушти Конгресот со кој раководи опозицијата, да ги одложи идните избори и да ги измени изборните правила за да го спречи тргањето на социјалистите од власт во оваа своевремено просперитетна земја членка на ОПЕК.


Малолетник убиен на протестите во Венецуела


Каракас, 27 јули, 2017 - 11:51 (META) 

Шеснаесетгодишно момче е убиено за време на демонстрациите против претседателот на Венеција, Николас Мадуро, соопшти обвинителството. Тоа е втора жртва во новиот бран протести.

Обвинителството не го објави името на настраданото момче ниту, пак, детали за околностите под кои го загубило животот.

Претходно беше убиен 30-годишен маж, за време на протестот во Ехида, на западот на земјата.

Со ова вкупниот број на жртвите од почетокот на демонстрациите против Мадуро пред четири месеци достигна 105 лица.
Во земјата во моментов се одвива дводневен национален штрајк по повод планот на власта за одржување гласање за основање уставотворно собрание.

Опозицијата одбива да учествува на таквото гласање и смета дека Мадуро со измените на уставот сака да ја зацврсти својата власт.

САД воведоа санкции против 13 високи претставници на Венецуела, вклучувајќи и мерки за замрзнување на имот и забрана за работење со нив.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела најави воведување на поостри економски санкции доколку Мадуро го одржи гласањето, закажано за 30 јули.


Мадуро смета дека ЦИА сака да го симне од власт


Каракас, 25 јули, 2017 - 10:34 (META) 

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, побара од владите на САД, Мексико и на Колумбија објаснување за нивната наводна улога во заговорот на ЦИА против него.

– Барам од претседателот на САД, Доналд Трамп, да ги разјасни навредливите зборови на директорот на ЦИА, кој себеси се смета за светска сила – изјави Мадуро на воена церемонија.

Тој го обвини директорот на ЦИА, Мајк Помпео, дека знае дека Вашингтон соработува со мексиканската и со колумбиската влада за да се промени власта во Венецуела.

И Мексико и Колумбија ги отфрлија наводите за мешање во внатрешните работи на Венецуела.


Собранието на Венецуела гласаше за разрешување на Мадуро


Каракас, 10 јануари, 2017 - 10:11 (META) 

Парламентот на Венецуела вчера гласал против претседателот на земјата Николас Мадуро поради прекршување на должностите, односно поради одговорност за „кризата без преседан“ во која се наоѓа земјата, јавуваат светските агенции.

Според текстот на одлуката на венецуелскиот парламент, „Мадуро предизвикал криза без преседан во Венецуела“ и „занемарувајќи го Уставот“, предизвикал „економска стагнација“, „уривање на уставниот поредок“ со „насилство врз правата“ на граѓаните на Венецуела.

Сепак, гласањето по бурната седница, е само симболично бидејќи одлуката на парламентот ќе биде поништена од Врховниот суд на Венецуела, кој уште пред почетокот на расправата предупредил дека народното собрание не е надлежно за разрешување на претседателот на земјата.


Опозицијата во Венецуела бара референдум и отповикување на Мадуро


Каракас, 26 септември, 2016 - 20:45 (META) 

Опозицијата во Венецуела повика на протести на 12 октомври низ целата земја за да се забрза одржувањето на референдумот за отповикување на претседателот Николас Мадуро.

Лидерите на опозицијата бараат референдумот да се одржи оваа година, а не следната, како што предложи изборната комисија.

Опозицијата ги поттикнува граѓаните на Венецуела да протестираат секој ден поради неуставната одлука на комисијата, која одлучи дека услов за одржување на референдумот е да мора да бидат потпишани 20 отсто од избирачите во секоја сојузна држава, а не само на ниво на Венецуела.

Во случај референдумот да се одржи оваа година и Мадуро да изгуби, ќе се распишат нови избори.


Во Венецуела се продолжува вонредната економска состојба


Каракас, 14 јули, 2016 - 11:09 (META) 

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ја продолжи за два месеци т.н. економската вонредна состојба, која во земјата е воведена во средината на јануари годинава поради економската и политичката криза.

Вонредната состојба се продолжува за 60 дена поради околностите што влијаат врз националната економија, се наведува во претседателскиот указ потпишан во вторникот, а објавен вчера во службен весник.

Првиот таков указ беше потпишан 14 јануари, кога беше воведена економска вонредна состојба, која оттогаш двапати е продолжена.

Венецуела, која беше голем производител на нафта со најголеми резерви на тој енергент во светот, падна во сериозна криза поради падот на цената на нафтата, која придонесува со 96 проценти во нејзиниот вкупен приход.

Венецуела лани имаше инфлација од 180 проценти и пад на домашниот бруто-производ (БДП) од 5,7 отсто.

– Живеевме како луѓе, денес немаме пари за ниту еден оброк, а камоли за три. Мораме да се снаоѓаме, храната ја бараме во отпад – изјавил граѓанин на Каракас.


Мадуро: Ако ме сменат, почнете бунт


Каракас, 2 мај, 2016 - 13:48 (META) 

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ги повика неговите поддржувачи да почнат генерален штрајк и бунт доколку опозицијата успее да го смени на референдумот.

Мадуро одржа жесток говор по повод Денот на трудот, а истовремено венецуелската опозиција се подготвува утре да предаде 10 пати повеќе од 200.000 потписи кои беа потребни за да се одржи референдум за смена на непопуларниот претседател, кого го обвинуваат за длабоката економска криза во земјата.

– Доколку олиграхијата еден ден направи нешто против мене и успее да се всели во претседателската палата, ви наредувам да прогласите бунт и траен генерален штрајк – им порача Мадуро на своите поддржувачи, кои беа собрани пред претседателската палата.

Тој на своите поддржувачи им рекол дека референдумот е опција, а не обврска и дека единствената обврска се претседателските избори закажани за 2018 година.

Најновите анкети покажуваат дека повеќе од две третини од граѓаните на Венецуела сакаат Мадуро да ја напушти претседателската функција.