Во Кривичен суд продолжува слушањето на „бомбите“ за „Титаник“


Скопје, 17 август, 2018 - 9:27 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кое се обвинети повеќе поранешни функционери за изборни нерегуларности.

На вчерашното рочиште почнаа да се слушаат „бомбите“ во присуство на јавноста, а Специјалното јавно обвинителство побара во седум од 1.063 „бомби“ поради приватни разговори да биде исклучена јавноста.
Одбраната бараше „бомбите“ воопшто да не бидат пуштени и ги оспори како валиден доказ.

Рочиштата за „Титаник“ заради мајчинските обврски на поранешната министерка Гордана Јанкулоска ќе се одржуваат во периодот од 10 до 12 часот по што ќе следи пауза од еден час, потоа од 13 до 15 часот со пауза од еден час и од 16 до 18 часот.

За предметот „Титаник“, СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.
Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.


Апелација на 30 и 31 август ќе одлучува за затворската казна на Груевски во „Тенк“


Скопје, 16 август, 2018 - 16:57 (META) 

Апелациониот суд на 30 и 31 август ќе расправа за жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за казната затвор од две години за случајот „Тенк“, за набавка на блиндиран луксузен мерцедес од 600 илјади евра, објави „СДК“.

Груевски на 23 мај годинава е неправосилно осуден на две години затвор за влијание МВР да купи блиндиран луксузен мерцедес од 600 илјади евра од средства на полицијата, по негова лична желба.

Судијката Добрила Кацарска од Основниот суд Скопје 1 во истиот предмет „Тенк“ го прогласи за виновен и обвинетиот поранешен помошник-министер за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски и го осуди на казна затвор од 6 години и 6 месеци.


Продолжува судењето за „Титаник“, Груевски и Јанкулоска повторно на обвинителна клупа


Скопје, 16 август, 2018 - 9:28 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска и утре се закажани рочишта на кои по судската ферија треба да продолжи судењето за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, а последната недела од август и судењата за „Т.Н.Т.“ и „Тврдина-Таргет“.

Минатото рочиште за „Титаник“ требаше да се одржи на 3 јули, но беше одложено поради неприсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска која, како што извести нејзината адвокатка Сања Алексиќ, се наоѓа во болница по породувањето.

Судијата Осман Шабани тогаш рече дека обвинетата Јанкулоска има право 45 дена да не биде повикувана на судски рочишта, поради што го одложи судењето за „Титаник“ за 16 август.

Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.


Продолжува судењето за „Титаник“, Груевски и Јанкулоска повторно на обвинителна клупа


Скопје, 13 август, 2018 - 9:49 (META) 

Во четврток, по еден месец пауза, продолжува рочиштето за случајот „Титаник“, а на обвинителна клупа се враќаат Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко и други 12 лица.

Според обвинението од СЈО, тие се товарат за злосторничко здружување, поткуп при избори, уништување на изборен материјал, но и злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања во 2012 година.

Претходното рочиште беше одложено поради бременоста на ексминистерката Гордана Јанкулоска, па рочиштето беше презакажано.

За време на судската ферија од 15 јули до 15 август во Кривичниот суд немаше закажано рочишта за случаите на СЈО.

Освен в четврток, рочиште за „Титаник“ е закажано и за в петок, а во последната недела од август ќе има рочишта за „Тврдина-Таргет“ и за „ТНТ“.


Фракција на ВМРО-ДПМНЕ: Неславно заврши епизодната улога на Мицкоски


Скопје, 24 јули, 2018 - 9:28 (META) 

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека вчерашната лидерска средба била дебакл на ВМРО-ДПМНЕ, поради однесувањето на преговарачите од партијата, во кои е и партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Порачуваат дека партијата мора да престане да биде заштитник на Никола Груевски.

„По вчерашниот дебакл на лидерската средба по која го видовме вистинското лице и улога на преговарачите на ДПМНЕ сега е вистински и последен момент наметнатиот лидер Мицкоски да поднесе оставка, а партијата да свика вонреден партиски Конгрес. Итно е потребно Конгресот на ВМРО ДПМНЕ, како највисок партиски орган, да донесе Когресна одлука со која ќе се определи дали ВМРО ДПМНЕ и понатаму ќе функционира како злосторничко криминално здружение исклучиво за потребите и интересите на соборениот диктатор Груевски и неговата криминална „фамилија“ или во иднина ќе дејствува како современа демократска и патриотска политичка партија. Последиците од едното или другото ги знаат сите искрени и чесни членови, симпатизери и приврзаници на партијата“, се вели во реакцијата.

Партијата бара што побргу да се одржи конгрес на кој ќе се избере ново раководство.

„Што побрзо Мицкоски поднесе оставка и се одржи вонреден Конгрес последиците по државата и партијата ќе бидат помали. Членството на партијата, мора сторого да ја почитува партиската доктрина која јасно и децидно истакнува дека: „Значењето на татковината е огромно. ВМРО-ДПМНЕ е против општество во кое „владее егоизмот на интереси“. Без нација и национална свест нема еманципација од последиците на егоизмот“, се вели во реакцијата.


Во Кривичен нови рочишта за „Насилство во центар“ и „Тендери“


Скопје, 13 јули, 2018 - 9:53 (META) 

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Насилство во општина Центар“ и „Тендери“.

На минатото рочиште за предметот „Насилство во Центар“, во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште деветмина други лица, беа сослушани тројца поранешни советници во општина Центар.

На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев се води одвоена постапка.

Ново рочиште денеска треба да се одржи и за предметот „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.
Во овој случај обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на обвинителите од СЈО.


Судењето за „Траекторија“ продолжува на 4 септември


Скопје, 12 јули, 2018 - 14:35 (META) 

Со преслушување на уште 20-тина „бомби“, приложени како доказ, денеска се одржа уште едно рочиште од случајот „Траекторија“, односно за изградбата на автопатите Кичево -Охрид и Миладиновци -Штип со кинески кредити, во кој обвинети се екс премиерот Никола Груевски, поранешниот вице премиер Владимир Пешевски, екс министерот Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Следното рочиште ќе се одржи на 4 септември.

Досега се преслушани околу 300 разговори, а денеска се слушаа бомби од преговорите за апликацијата за кредит од Кина од период февруари 2013 година.

Во сите разговори се слуша гласот на поранешниот министер за транспoрт и врски Миле Јанакиески со соговорници, во кои се договара кои македонски компании да учествуваат во изградбата на патот.

– Ќе докажеме дека на 22.2.2013 година Пешевски и Јанакиески во нетранспарентна и неконкурентна постапка и за двете автопатски делници ја избрале понудата на „Синохидро“. Ќе докажеме дека обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки – рече обвинителката Лиле Стефанова.


Владата на Груевски потрошила најмалку 19 милиони евра за книги што не се користат (3 дел)


Скопје, 9 јули, 2018 - 10:38 (META) 

Илјадници лошо преведени книги од помпезно насловениот проект на владата на Груевски „1.050 книги“ скапуваат по влажни магацини. Деветнаесет милиони евра завршија во темните депоа во Скопје и Гостивар. Порталб.мк“ влезе во мемливите депоа полни со лошо преведени и преплатени книги за коо никој сега не презема одговорност и нема идеја што да прави.

Автор: Фатбарда Цури

1-от дел од сторијата.

2-от дел од сторијата.

Кои се издавачките куќи што добиле пари?

За една деценија речиси нема издавачка куќа во Македонија што не добила барем еден тендер од министерствата. Повеќе од 21 издавачки куќи биле вклучени во различни фази за превод и печатење на книги наменети за помпезниот проект. Во првата фаза, според податоците што ги имаме, само од 6 министерства, институциите имаат склучено договори со минимум 17 издавачки куќи, во втората фаза со 6 издавачки куќи а во последната фаза само со две издавачки куќи.

Според податоците од тендерите, најголем дел од парите добила издавачката куќа “Арс Ламина” – 636.860.579 денари.

Според податоците добиени од Централен регистар, во следната табела се покажани основачите на издавачките куќи кои добиле највеќе пари. Иако побарано неколку пати, од Централен регистар не ни обезбедија информации за сопственичката структурата на „Просветно дело“.

Osnovaci

 

Што се однесува до издавачката куќа „Европа 92“ врската со поранешната партија на власт оди подлабоко, бидејќи Ратко Димитровски, како еден од основачите на “Европа 92“ бил и пратеник и градоначалник на општина Кочани.
„Арбериа Десигн“ донатор на ДУИ
Според договорот потпишан помеѓу МОН и издавачките куќи, во 2016 година, од две издавачки куќи со кои е потпишан договор, едната е „Арбериа Десигн“, која што е донатор на владејачката партија ДУИ, од чии што редови биле и двајца министри за образование, Абдулаќим Адеми и Пиштар Лутфиу, е сегашниот министер Арбер Адеми.

Издавачките куќи молчат

„Порталб.мк“ им испрати барање на издавачките куќи, на тие што сè уште им се валидни контакт информациите, да објаснат детално за јавноста: како биле избрани преведувачите, кои критериуми биле одлучувачки за да некој преведе и лекторира еден наслов.
Но, од повеќето одговор не добивме. Исто така, фактот што Законот за пристап до информации од јавен карактер не важи за нив, нема никаков начин како да се отворат овие издавачки куќи пред јавноста за критериумите за избор па и плаќање во однос на обврските што произлегуваат од потпишувањето на договорите со министерствата.

Контактиран од „Порталб.мк“, одговорното лице од „Арбериа Десигн“, Дашмир Адеми, не сакаше да ги открие условите на потпишаниот договор меѓу нив и преведувачите и лекторите. Адеми рече дека тие немаат некој одреден стандард врз основа на кој ќе се одреди кој, како и за колку ќе издаде книга.

Dashmir Ademi„Што се однесува на изборот на преведувачите, ние немаме постојани соработници, бидејќи нема многу работа, за да ги ангажираме редовно. За исплатата би рекол дека има практични норми, а не пишани, бидејќи пресметката се прави врз основа на дигиталните страни и бројот на карактери по страница. Дигиталната страница се разликува од книга до книга, бидејќи зависи од содржината на поимите од одредени области. Сме имале и преведувачи од Албанија. Но, договорите што сме ги потпишале не дозволуваат да се открие колку е платен еден или друг професор – не би било етички кон професорите да се објават износите. Тоа е исто како некој да ве праша колку ви е платата. Последните книги сме ги доставиле во ноември минатата година – вели Адеми.

Неговото презиме се совпаѓа со презимето на поранешниот, сега веќе покоен, министер за образование, Абдулаќим Адеми, но Дашмир објасни дека освен пријателството, ништо друго не го поврзува со министерот.

„Дата понс“ е единствената издавачка куќа која одговори на нашето телефонско јавување. Сепак, оттаму одбиваат да дадат изјава за било кое прашање или дилема што може да се постави за проектот „Превод на 1.050 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети“, со образложение дека во времето кога се реализирал овој проектот во ова издавачка куќа не бил сегашниот сопственик.

Одговорност не сноси никој

Од МОН, за „Порталб.мк“, потврдија дека нема намера проектот да се продолжи, меѓутоа не кажаа дека ќе бараат кривична одговорност за предизвиканата штета.

-Сигурно овој проект нема да се продолжи, бидејќи беше целосно промашен – одговори кратко поранешната министерка за образование и наука, Рената Дескоска. (10.04.2018)

Оваа новинарска истражувачка  сторија е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија FIOOM logo new 2011


Владата на Груевски потрошила најмалку 19 милиони евра за книги што не се користат (2 дел)


Скопје, 8 јули, 2018 - 23:20 (META) 

Илјадници лошо преведени книги од помпезно насловениот проект на владата на Груевски „1.050 книги“ скапуваат по влажни магацини. Деветнаесет милиони евра завршија во темните депоа во Скопје и Гостивар. „Порталб.мк“ влезе во мемливите депоа полни со лошо преведени и преплатени книги за коо никој сега не презема одговорност и нема идеја што да прави.

Автор: Фатбарда Цури

1-от дел од сторијата.

Лошиот квалитет на преводот е една од причините зошто овие книги не се користат од студентите, а реакции имаат и од професорите. Според извештаите на МОН, сите овие книги ги исполниле критериумите само од технички аспект (надворешен изглед). Одговорноста за квалитетот на преводите паѓа врз издавачките куќи. Што се однесува до контрола на тој квалитет, тоа не е побарано и не е направено од министерствата.

-Обврските и одговорностите за преводот им припаѓаат на издавачките куќ„ – ни потврди и екс министерката Дескоска. (10.04.2018)

Главниот критериум на министерствата за избирање на една издавачка куќа била најниската цена на понудувачот. Издавачките куќи професионалната способност требало да ја докажат само со документите: листа и примерок на издадена литература во последните 3 години со тираж над 1.000 примероци по издание, и изјава за бројот и квалификационата структура на вработените што ќе ги ангажира за реализација на предметниот договор, вклучувајќи ги и лицата кои ќе бидат ангажирани за стручната редактура, лектура и компјутерска обработка.

Во договорите склучени од министерствата со издавачките куќи, не е предвидена казна или раскинување договор во случај на неквалитетен превод. Од нив исто така не побарано да набројат јасни критериуми за избирање на преведувачи и лектори.

Подолу се договорите со издавачките куќи. Договорот е со издавачката куќа. „Нам Прес“. Со членовите 3, 14, 15, 16 се дефинираат сите должности на издавачите и на набавувачот, односно владината институција. Со членовите 18, 19, 20 се дефинираат условите за раскинување на договор:

Clenovi na dogovorot (3) Clenovi na dogovorot (14,15) Clenovi na dogovorot (16) Clenovi na dogovorot (20)
Според неофицијалните информации на „Порталб.мк“, преведувачи на книгите особено од првата фаза, освен професорите, биле и поединци кои држат настава по англиски јазик и литература во средни училишта. Имало и од тие кои имаат завршено само високо образование и употребувале Google Translate, но оваа информација јавно никој не сакаше да ни ја потврди. Покрај тоа, студент ни потврди дека една од книгите по хемија е делумно преведена од страна на студентите, на кои трудот им бил „исплатен“ со положен испит, а не со пари.

„Органска хемија” – еклатантен пример за научни невистини

Издавачката куќа „Просветно дело“ потпишала договор со МОН за објавување на книгата “Органска хемија” од авторот Џон Мекмури. Книгата не се користи од страна на студентите, бидејќи содржи научни невистини кои што се резултат на несоодветниот превод.

Научни и јазични грешки само во некои делови три страници на книгата „Органска хемија“.

kimia
Околу 50 јазични и професионални грешки ја има само една страница од книгата. Има моменти кога електронското оптоварување е означено со минус (-) а отсуството на електрони во хемиска врска со плус (+), како и случаи каде масата е заменета со тежина. Не дека книгата не е потребна, туку таа не нуди научни факти, а учениците сè уште учат од скрипта, преведена од професорот Агим Шабани, од Одделот за хемија на Универзитетот во Тетово.

Тука може да се најде книгата со грешките, и белешките на професорот.

-Книгата на Mекмури е една од десетте најдобри книги, но таа ни ден денес не се користи од страна на нашите студенти, бидејќи содржи бројни јазични грешки. Истата ја имам преведено од оригиналот и таа ја користам. Јас би препорачал книгата да се преведе од почеток, бидејќи мојата варијанта е скрипта, а не книга – вели професорот Шабани. Agim Shabani
Сличен проблем може да се најде и кај книгата „Етнографија“, на кој посочи емисијата „360 степени“.

 

Преведувачи: Немаме поим каде се наоѓаат книгите

„Порталб.мк“ најде двајца од преведувачите кои беа ангажирани за превод на книгите од македонски на албански јазик. Ни тие немаат повратна информации за тоа како изгледа финалната верзија на книгите што ги превеле.

Поранешниот професор по Методологија на Педагошкиот факултет, сега во пензија, Азиз Шеху вели дека преводот го добил откако бил контактиран од фирмата „Арт Студио“, фирма која што не фигурира во списокот на издавачките куќи кои склучиле договор со МОН. Тој вели дека покрај него, во преводите била вклучена и неговата сопруга, на негова иницијатива и без паричен надомест – тој само сакал преводот да биде направен како што треба.

Шеху, исто така вели дека од четирите наслови што ги превел, ниту еден од нив не можел да го најде во библиотеката со 1.000 книги во Трговскиот центар во Скопје, и ниту пак му била дадена некоја копија. Тој вели дека дури не знае како изгледа конечната верзија на ниту една од нив.

Азиз Шеху-Јас работев од професионален, а мојата сопруга од јазичен аспект. Јас го сторив тоа за да бидам сигурен дека преводот ќе биде во ред, бидејќи не знаев кој ќе го лекторира подоцна. Требаше да ми кажат дека завршила првата верзија на контрола. За време на лектурата нешто може да се промени, со што можеби јас не би се согласувал. Сè уште немам информации дали излегла и првата книга која што сум ја превел пред четири години. Од издавачката куќа, ми се јавија по телефон, и ми рекоа дека се заинтересирани да им преведам книги. Прифатив, иако плаќањето беше минимално – вели Азиз Шеху.

Во меѓувреме, друг професор по математика, Музафер Беќири вели дека не успеал да ги препорача книгите од овој проект на своите колеги или студенти, бидејќи тој самиот не бил поканет на нивните промоции.

-Веќе 16 години сум пензиониран и искрено немав прилика да се видам со универзитетските професори за да им ги препорачам овие книги. За нивното промовирање биле ангажирани други луѓе и за жал во овие промоции, јас како преведувач не бев поканет. Можам да кажам дека сум превел околу 40 наслови, и дека имам планирано оваа година да преведам уште една книга која што има околу 600 страници. За жал, објавените книги ги немам – рече Беќири.

Овој владин проект сите обврски за квалитет им ги довери на издавачките куќи, што, според професорот Шеху, не требаше да се случи. Тој предлага дека за такви проекти првично треба да бидат формирани комисии во МОН и книгите да бидат преведени директно од англиски, а не од македонски, како што беше досега.

Magazina në Gostivar 2
-Работата треба да биде многу поорганизирана и да не биде оставена на било кого. Не треба да се остави на издавачките куќи, затоа што тие не можат да ги најдат соодветните луѓе за превод, а уште помалку за лекторирање и уредување. Треба да се види кој е преведувачот, кој знае англиски, а кој македонски и албански. Јас сум преведувал од македонски. Имаше случаи кога се мешаа поимите за м­­аса и сила. Брзината и забрзувањето исто така беа измешани -, вели професорот Шеху.

Утре ќе читате: КОИ СЕ ИЗДАВАЧКИТЕ КУЌИ КОИ ДОБИЛЕ ПАРИ?

Оваа новинарска истражувачка  сторија е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.FIOOM logo new 2011


Владата на Груевски потрошила најмалку 19 милиони евра за книги што не се користат и скапуваат во магацини (I дел)


Скопје, 8 јули, 2018 - 13:55 (META) 

Илјадници лошо преведени книги од помпезно насловениот проект на владата на Груевски „1.050 книги“ скапуваат по влажни магацини. Деветнаесет милиони евра завршија во темните депоа во Скопје и Гостивар. „Порталб.мк“ влезе во мемливите депоа полни со лошо преведени и преплатени книги за кој никој сега не презема одговорност и нема идеја што да прави.

Автор: Фатбарда Цури

770 наслови се печатени во тираж од 1.000 примероци по книга и најмалку 19 милиони евра народни пари се потрошени преку десетгодишниот владин проект „Превод на 1.050 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети“ реализиран од Владата на Република Македонија во периодот 2008 – 2017 година, покажува истражувањето на „Порталб.мк“.

Иако целта на проектот беше литературата да ја користат студентите во Македонија, таа намерно или ненамерно е промашена – повеќето од книгите не се користат поради спорниот превод и бројните грешки.

Неколку десетици илјади примероци се наоѓаат во нечист и неуреден магацин на Министерството за образование и наука во Гостивар и уште десетици илјади други во исти услови во магацините на Министерството за култура во Скопје.
За неколку стотици примероци нема ни трага ни глас, не се знае ни што се е објавено затоа што нема соодветна евиденција.

Исто така, постои сомнеж за бројни прекршувања на Законот за јавни набавки. На тендерите добивале фирми кои биле партиски донатори.

„Порталб.мк“ открива дека првично била планирана само една фаза за превод на 500 наслови, но како минувале годините, бројот на наслови се зголемил.

Проектот, кој низ годините е преименуван во различни имиња поминал низ три фази:
• Прва фаза: чини околу 323.167.240 денари (5.254.752 евра), бројката може да биде поголема бидејќи недостига тендерската документација за 280.000 книги;
• Втора фаза: 678.411.405 денари (10.984.656 евра)
• Трета фаза: 182.500.000 денари (2.954.991 евра)
• Вкупно три фази: 1.184.078.640 денари или 19,172,284.89 евра.

ПРВА ФАЗА – Многу министерства, фали тендерската документација Како што дознава „Порталб.мк“, проектот започнал во 2008-та година кога Секретаријатот за европски прашања на чело со Ивица Боцевски (сега амбасадор во Бразил) се обврзал да го координира процесот. Според планот на Боцевски, морало да се спроведат тендерски процедури во 16 министерства, но иако побаравме од сите, документи од тендерите добивме само од 6 министерства. Планот бил да се објават 500 наслови во 1.000 примероци, вкупно 500.000 книги, но досега, документи има за само 220.000 објавени примероци од книги од ова фаза. Никој од Секретаријатот, Владата и министерствата, иако ги контактиравме повеќе пати, нема информации што се случило со останатите планирани 280 наслови. На нашите прашања зошто се објавени 220 а не 500 наслови, дали имало тендерска постапка, дали се потрошени пари, ни одговорија дека „немаат документи“ и „немаат евиденција“, а од Бирото за јавни набавки ни кажаа дека немат информации во нивниот систем за тендери направени за ова намена.

Преку Законот за пристап до информации од јавен карактер на кои позитивно одговорија овие 6 институции, „Порталб.мк“ дозна дека само за 220 наслови (од вкупно 500) се потрошени 323.167.240 денари или 5,254.752 евра. Најскапиот наслов е финансиран од МОН со 2.625.165 денари, а најевтиниот од Министерството за екологија (МЕ) со 495.705 денари.

ВТОРА И ТРЕТА фаза: Владата нарачател, МОН изведувач

Според документите кои што ги обезбеди „Порталб.мк“ втората фаза на владиниот проект „Превод на 1.050 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети“ започнала во 2009 година и се реализирала само од МОН. Ова фаза опфаќа две тендерски постапки, едната во 2009 година, а втората во 2010. Преведени и печатени се 500 наслови во 1.000 примероци, вкупно 500.000 книги. За ова намена, МОН потрошил околу 700 милиони денари за двата тендери, поточно 673.905.398 денари. Иако со помал број на наслови во споредба со претходните фази, третата фаза чини 182.500.000 денари или околу 3 милиони евра (2.977.161 евра). Преведени и печатени се 50 наслови во 1.000 примероци, вкупно 50.000 книги.

Во ова фаза променет е и пристапот во однос на насловите кои требале да се преведат. Ако во првите фази се преведоа книги од Франција и Велика Британија, тендерот на последните 50 наслови предвидува: „Превод со откупени авторски права, стручно редактирање, лектура, компјутерска обработка, печатење и дистрибуција на 50 книги на кои се користат во 10 најдобри универзитети во светот според Шангајската листа за 2015 година“.

Од вкупната бројка на насловите од сите три фази 205 наслови се на албански јазик.

Магацинот во Гостивар: илјадници книги се чуваат во нечист и влажен простор

„Порталб.мк“ на 9 март оваа година го посети магацинот во Гостивар каде што се чуваат примероците од книгите на албански јазик. Магацинот е во многу лоша состојба, има влага и прашина, валкан е и пренатрупан со книги од 2009 до 2017 година за кои не се води никаква евиденција. Книгите се речиси ставени на земја и не се наредени по никаква основа, ниту алфабетска, а нема ни ознаки која книга на која фаза припаѓа. Обичниот граѓанин не може да знае дека во овој магазин се чува еден „капитален проект” и дека му припаѓа на една државна институција, која троши народни пари – нема табела со ознаки. Во него има околу 25.000 примероци од насловите кои не се распределени во ниедна институција. Од МОН кои ни ги отворија вратите на магацинот, немаат одговор зошто овие книги се неупотребливи и оставени на овој начин и за одговорноста што треба да се сноси за оваа штета. Тие не известија дека уште десетици илјади други книги во исти услови се наоѓаат во магацините на Министерството за култура во Скопје.

Неколку десетици книги биле испратени на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ), ни потврди портпаролот Селам Сулејмани, но не прецизираше колку точно наслови биле дадени од МОН. Книги од овој проект нема ниту Универзитетот „Мајка Тереза“, ниту Универзитетот на југоисточна европа, ниту на Балканскиот Универзитет, ни потврдија портпаролите од овие три универзитета.

Ревизорот: МОН продолжил да ги крши законските одредби за јавни набавки

За проект што траел 10 години, се направени само две ревизии, и тоа генерално за работата на Министерството за образование и наука, едната во 2010 година, а втората во 2016 година. Ревизијата наведува дека МОН ги прекршило законските одредби како што се: обезбедување конкуренција, еднаков третман на конкурентите, недискриминација, транспарентност, рационално и ефикасно користење на средствата, како и распределба на средствата според договорот за јавната набавка.

„За време на ревизијата беа забележани повреди на тендерските одредби од страна на издавачките куќи, особено во делот на доставување на објавените книги. Издавачките куќи не се третирани исто, на некои им е даден подолг временски период, а на некои пократок. Исто така, увидено е дека го се надминал двомесечниот рок за откупување на авторските права, иако МОН за тоа платило однапред. Согласно член 27 од Законот за јавни набавки, се гледа дека МОН го прекршил на законот бидејќи потпишал договор за јавна набавка со пониска вредност. Набавките беа направени и преку склучување договор со издавачките куќи без јавен конкурс во износ од 2.368.000 денари“ се вели меѓу другото во ревизорскиот извештај за работата на Министерството за образование во периодот 2008 – 2009.

Во ревизијата направена во 2016 година, кога на чело на Министерството за образование и наука беа Абдулаќим Адеми (2014 – 2016) и Пиштар Луфтиу (2016 – 2017), се вели дека препораките од ревизијата направена во 2010 година не биле земени предвид и дека МОН продолжил да ги крши законските одредби за јавни набавки.

„Не се води евиденција за примените и издадените книги/учебници од проектот 500 научни и професионални книги, нема склучено договор за примопредавање со државните институции, органи и установи на РМ на кои што истите им се издадени, не е обезбедена доверлива документација врз основа на која би се евидентирале трошоците на проектот, не е почитуван во целост Законот за јавни набавки при набавка на книги и услуги не бил целосно почитуван и за 2009 година не е дадена јасна слика за финансискиот извештај“, се вели во ревизорскиот извештај.

Исто така, проблемот со неуредниот магацин во Гостивар е наведен и во извештајот на Државната ревизија за 2016-та година.

„Во магацинот каде што се доставуваат книгите/учебниците не се води целосна евиденција за примените и издадените наслов/учебници на државните институции, органи и установи на РМ, со што Министерството нема податок за вкупниот број на примени и издадени наслов/учебници“.

Сепак, и по две години од МОН нема никаков список на институциите кои добиле книги и од која издавачка куќа.

„Порталб.мк“ побара став од Министерството за образование и наука за наодите на ревизијата, оттаму поранешната министерка Рената Дескоска изјави кратко дека „Се прави внатрешна ревизија. Но, тоа е внатрешно. Ако откриеме нешто, тогаш ќе ја известиме јавноста„. (10.04.2018)

Оваа новинарска истражувачка сторија е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.