Никола Саркози приведен на распит поради парите од Гадафи


Париз, 20 март, 2018 - 10:16 (META) 

Поранешниот француски претседател Никола Саркози е приведен во полиција, поради истрагата поврзана со финансиските нерегуларности на неговата изборна кампања во 2007 година, јавија француските медиуми. Тоа е потврдено од Министерството за правда на Франција.

За време на 2014 година, француската телевизија „Франс – 3“ подигна бура откако ја емитуваше аудио снимката од разговорот со Моамер Гадафи. Покојниот либиски лидер тврдеше дека во 2007 година ја финансирал претседателската кампања на Саркози.

Во изминатата претседателска изборна кампања 2016/2017 година, Саркози категорично ги демантираше овие обвинувања.

Саркози беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година.

Еден бизнисмен во интервју за информативниот портал „Медиапарт“ изјави дека на крајот на 2006 или почетокот на 2007 година пренесол повеќе куфери со вкупно пет милиони евра, испратени од либискиот режим на Гадафи, во француското Министерство за внатрешни работи. Саркози во тоа време беше министер за внатрешни работи.

Париското обвинителство во април 2013 година поведе истражна постапка за случајот.


Саркози се соочува со судење за нелегално финансирање на кампањата во 2012 година


Париз, 7 февруари, 2017 - 11:35 (META) 

Поранешниот претседател на Франција, Николас Сакрози, треба да седне на обвинитела клупа во судски процес против него за нелегално финансирање на неговата изборна кампања во 2012 година, пренесува „Би-би-си“, повикувајќи се на судски извори.

Саркози се соочува со обвинение дека неговата партија ги фалсификувала сметките за да сокрие 22,5 милиони евра од трошоците за кампањата за претседателските избори во 2012 година.

Поранешниот франциски претседател неколкупати претходно изјави дека, наводно, не знаел за прекумерното трошење.

Тој на претседателските избори во 2012 година загуби од Франсоа Оланд, а неуспешен беше и неговиот обид за влез во изборната трка на претседателските избори што оваа година треба да се одржат во Франција.

Случајот за кој на Саркози му се заканува судење е познат и како афера „Бигмалион“, во чиј центар се тврдењата дека партијата на Саркози, тогаш позната како УМП, соработувала со пријателска компанија за да ги сокрие вистинските трошоци за неговата изборна кампања.

Франција има ограничувања за тоа колку пари смеат да се потрошат за потребите на изборна кампања, поради што фирмата „Бигмалион“ фактурирала средства на име на партијата на Саркози, а не за кампањата, со што ѝ овозможила на УМП да ги зголеми трошоците и да потроши повеќе пари во изборната кампања.

Вработени во „Бигмалион“, како што пренесува „Би-би-си“, признале дека знаеле за измамата, а против неколкумина членови на УМП веќе се поднесени обвиненија.


Саркози го призна поразот на внатрепартиските избори


Париз, 21 ноември, 2016 - 11:07 (META) 

Поранешниот француски претседател Никола Саркози, го призна поразот во првиот круг на внатрешните избори за претседателски кандидат на републиканците.
Тој порача дека во вториот круг на изборите ќе го поддржи поранешниот премиер на Франција, Франсоа Фијон.

– Многу го ценам поранешниот премиер Ален Жипе, но чувствувам дека поблиски ми се политичките избори на Франсоа Фијон. Затоа ќе гласам за него во вториот круг на внатрепартиските избори – рече Саркози.

Фијон освои 43,9 отсто од гласовите, Жипе 27,9, а Саркози 21,4 отсто, покажуваат прелиминарните резултати на основа на 7.948 обработени избирачки места од вкупно 10.229.

Во првата рунда на изборите за номинација на француската конзервативна партија на републиканците учествуваат седум кандидати, а една недела подоцна ќе се одлучува помеѓу двајца кандидати кои ќе добијат најмногу гласови во првата рунда.

Републиканците во одлучувачкиот круг за трката за претседател на државата најверојатно ќе се соочат со крајната десничарска партија Национален фронт, која ја предводи Марин Ле Пен.

Претседателските избори во Франција ќе се одржат на 23 април и на 7 мај.


Француските железници во штрајк на 9 дена пред „Еуро 2016“


Париз, 1 јуни, 2016 - 15:57 (META) 

Француските железници почнаа штрајк и делумно го парализираа транспортот во земјата се одвива со тешкотии, на само девет дена пред почетокот на Европското фудбалско првенство „Еуро 2016“, чиј домаќин е Франција, јавува „Би-би-си“.

Како што соопштиле од државната железничка компанија (СНЦФ) се очекува да сообраќаат 60 отсто од брзите возови и само дел од останатите транспортни услиги на железницата.

Трговските синдикати протестираат против измените на работното време, а штрајкот доаѓа среде масовните протести, против најавените измени во законот за работни односи.

Новиот закон треба да се најде пред Сенатот, овој месец, откако претходно помина во долниот дом, без гласање.

Францускиот претседател, Франсоа Оланд инсистира да нема повлекување на законот и покрај масовните протести кои траат неколку месеци и резултираа со судири меѓу демонстрантите и полицијата, минатиот четврток.

Лидерот на опозацијата, Никола Саркози, го обвини Оланд дека „прави грешки уште од самиот почеток“ во справувањето со кризата.

„Туркањето на законот со сила ја оневозможува дебата. Ако не ја прифатите дебатата во парламентот, тогаш таа се сели на улиците“, рекол Саркози, пренесува „Би-би-си“.


Шефицата на ММФ повикана на суд поради несовесно работење кога била министерка


Париз, 17 декември, 2015 - 20:36 (META) 

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, ќе мора да се појави пред францускиот суд под обвинение за несовесно работење во времето кога беше министерка за финансии во владата на претседателот Никола Саркози, јавува „Би-Би-Си“.

Лагард, како поранешна министерка во владата на Саркози, дозволила исплата на 404 милиони евра на бизнисменот Бернард Тапие во 2008 година, како наводна компензација за продажба на фирма.

Истрагата во случајот наведува на сомнеж дека исплата, всушност, била договорена зделка и контрауслуга за поддршката што Тапие му ја дал на Саркози за претседателските избори во 2007 година.

Францускиот суд на правдата одлучил дека на Лагард треба да ѝ се суди под обвинение за „небрежност од лице кое е на позиција во јавната власт“.

Адвокатот на Лагард ја нарекол одлуката на судот „несфатлива“ и рекол дека директорката на ММФ ќе поднесе жалба.

Лагард ги отфрлила обвинувањата, наведувајќи дека не сторила ништо противзаконски.

Бизнисменот Бернард Тапие е поранешен мнозински акционер во компанијата за спортска опрема „Адидас“. Тој ги продаде акциите во 1993 година за да може да стане министер во владата на претседателот Франсоа Митеран.


Саркози: Не е време за „војна“ со Русија


Париз, 10 септември, 2015 - 12:37 (META) 

Тоа што Западот подготвни сцена за нова студена војна со Русија е сериозна грешка во овој момент, смета поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози.

Како што изјави за „Фигаро“, Русија му е потребна на Западот за да можат да му стават крај на конфликтот во Сирија и да ја добијат битката против Исламска држава.

– Тоа, секако, не значи дека треба да се согласиме со Москва околу сè што се случува во Доњецк – рече Саркози.

Поранешниот претседател на Франција рекол дека Русија треба да се врати на маса со своите партнери од Европа и од САД.

– Русија треба да се врати во Г8 и да се откаже од забраната за увоз, а Европа би морала да го обнови заемно корисниот дијалог со Москва – смета Саркози.


„Л’Обс“: Франција била прислушувана, но и самата прислушувала


Париз, 1 јули, 2015 - 18:15 (META) 

Франција, која според неодамнешните откритија била цел на прислушување од САД, и самата ги прислушувала комуникациите меѓу Европа и остатокот од светот, преку подморски кабли, тврди францускиот неделник „Л’Обс“ (L’Obs).

„Од почетокот на 2008 година, тогашниот претседател Никола Саркози им дозволи на тајните служби при Општата управа за надворешна безбедност (ДГСЕ) да постават тајни инсталации на францускиот брег за прислушување на комуникациските кабли под морето“, пишува „Л’Обс“, цитирајќи неименувани поранешни и актуелни службеници.

Наследникот на Саркози, актуелниот француски претседател, Франсоа Оланд, им дозволил на тајните служби да ја прошират својата акција и ја легализирал оваа практика преку новиот закон за разузнавање, усвоен на 24 јуни, открива „Л’Обс“.

Петогодишниот план (2008 -2013), вреден 700 милиони евра, го покренала тајната служба за инсталирање станици за пресретнување информации, по нивното доаѓање во Франција, особено во Марсеј, Бретања и во Горна Норманидија, пишува неделникот.

Најмалку пет вакви станици, насочени кон САД, Индија, Јужна Азија и кон Западна Африка биле поставени во тој период, со помош на мобилни оператори.