!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Директорот на „МЖ – Транспорт“, Никола Костов поднел оставка


Скопје, 23 февруари, 2017 - 15:01 (META) 

Генералниот директор на „Македонски железници – Транспорт“, Никола Костов, си поднел оставка, јавува телевизија „Телма“. Информацијата за овој медиум ја потврдил неговиот колега, директорот на „МЖ – Инфраструктура“, Ирфан Асани.

„Мета“ се обиде да стапи во контакт со Костов, но тој не одговори на пораката со прашање за оставката.

Вработените во „Македонски железници“ штрајкуваат веќе шести ден, поради што патничкиот и товарниот железнички сообраќај е во прекин.

Владата вчера одлучи да ѝ исплати директна помош од 70 милиони денари на компанијата, за непречено функционирање и за надминување на проблемите.


Четири нови електрични локомотиви за обнова на возниот парк


Скопје, 10 јануари, 2017 - 14:22 (META) 

МЖ „Транспорт“ и кинеската компанија „ЦРРЦ Џуџоу“ потпишаа договор за набавка на четири нови електрични локомотиви за обнова на возниот парк. Инвестицијата од осум милиони евра е обезбедена од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

– Набавката на четирите нови електрични локомотиви практично значи обнова на возниот парк по 40 години и доближување до европските и до светските стандарди. Ќе се обезбеди поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај, поголем број патници, поголема брзина, енергетска заштеда, заштита на животната средина, ефикасно работење и поквалитетни услуги – истакна генералниот директор на МЖ „Транспорт“, Никола Костов, по потпишувањето на договорот.

Набавката на електричните локомотиви е втор проект за обнова на возниот парк, по набавката на шест нови возови.


„МЖ – Транспорт“ со загуба од пет милиони евра поради блокада на коридорот 10


Скопје, 13 јуни, 2016 - 13:39 (META) 

Директорот на „Македонски железници – Транспорт“, Никола Костов, изјави дека за овие три месеци директната и индиректна штета на компанијата од блокадата на бегалците и од штрајкот на работниците на пристаништето во Солун, изнесува пет милиони евра.

– Поради прекинот на железничкиот сообраќај меѓу Македонија и Грција преку коридорот 10, „Македонски железници“ трпат големи загуби. Директната штета е три милиони евра, а вкупно со индиректната штета од нереализирани или договори што треба да се реализираат од страна на компаниите, таа изнесува пет милиони евра. Од оваа блокада погодено е целото македонско стопанство, но најмногу металуршката и нафтената индустрија, односно компаниите кои тешко можат да најдат замена за железничкиот транспорт – изјави Костов.

Тој додаде дека најголемите корисници на железничкиот превоз веќе ги користат пристаништата во Драч, Бургас, Варна, Ријека, Бар, но алтернативниот превоз компаниите ги чини трипати поскапо, односно 20 долари повеќе по тон.

Тој предупреди дека поради нефункционирање на коридорот 10, може да се случи Македонија да биде заобиколена како дестинација за железнички транспорт и целиот превоз да се одвива преку коридорот 4, односно преку Србија, Бугарија и Грција.

Оттука тој бара побрзо завршување на кракот на коридорот 10 во правецот Битола – Лерин, како алтернативно решение за железнички превоз.