САД бараат итен состанок во ОН за ситуацијата во Иран


Њујорк, 3 јануари, 2018 - 10:13 (META) 

Соединетите Американски Држави го повикаа Советот за безбедност на Обединети нации и Советот за човекови права на ОН да одржат итен состанок за Иран, каде што повеќе од 20 лица загинаа, а стотина се уапсени по повеќедневните демонстрации.

„ОН мора да се огласат по тоа прашање“ смета американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли.

Истовреме, Белата куќа го повика раководството на Иран да го почитува правото на демонстрации на своите граѓани.

„САД го поддржуваат иранскиот народ и го повикуваат режимот да ги почитува основните права на своите граѓани мирно да ја изразат желбата за промени“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.


САД повикаа да се прекинат дипломатските и трговските односи со Северна Кореја


Њујорк, 30 ноември, 2017 - 14:18 (META) 

САД повикаа на прекин на дипломатските и на трговските односи со Северна Кореја, соопшти американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, заканувајќи се дека режимот во Пјонгјанг ќе биде целосно уништен во случај на војна.

На вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, Хејли истакна дека по последната проба на интерконтинентални ракети, Северна Кореја избра агресија, а не мирен процес.

Хејли ја повика Кина, како прв партнер на Северна Кореја, да ја прекине испораката на нафта во оваа земја.

Северна Кореја соопшти дека вчера успешно истрелала интерконтинентална балистичка ракета, „многу посилна“ од претходните, која може да понесе „нуклеарни глави со голема тежина“ и да погоди цели на американското копно.


Нема докази дека Русија се вмешала во изборите во Велика Британија, смета Џонсон


Лонодон, 1 ноември, 2017 - 20:11 (META) 

Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, денеска изјави дека нема докази дека Русија се мешала во изборите во Велика Британија.

„Не видов никакви докази. Колку што знам, Русија немаше никаква улога“, одговорил Џонсон на новинарско прашање во врска со улогата на Русија во британските избори.

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, неодамна ја обвини Русија дека се меша во изборите на другите земји за да ја поткопа нивната демократија.


Дипломатските средства за Северна Кореја се при крај, вели амбасадорката на САД во ОН


Вашингтон, 17 септември, 2017 - 19:48 (META) 

Доколку САД ги исцрпат дипломатските опции за да ја убедат Северна Кореја да ја запре нуклеарната програма, тогаш најверојатно работите во свои раце ќе ги преземе Пентагон, вели амбасадорката на САД во Обединетите нации, Ники Хејли, за „Си-ен-ен“.

– Ние сакавме да бидеме одговорни и да ги искористиме сите дипломатски средства за да го привлечеме нивното внимание. Ако тоа не успее, тогаш генералот Џејмс Матис (министер за одбрана на САД) ќе ги преземе работите во свои раце – вели Хејли.

Таа предупредува дека војна би значело уништување на Северна Кореја.

– Ако Северна Кореја продолжи со своето несовесно однесување и ако САД треба да се бранат себе и своите сојузници на секој начин, Северна Кореја ќе биде уништена. Сите го знаеме тоа, но никој од нас не го посакува – вели амбасадорката.

Советот за безбедност на ОН во понеделникот оваа недела усвои нов пакет санкции за Северна Кореја како одговор на шестиот и најголем нуклеарен тест на Пјонгјанг.

Американскиот претседател Доналд Трамп санкциите ги нарече „уште еден мал чекор“. Хејли вели дека тие се значајни, но се близу до границите на тоа што САД можат да го постигнат преку ОН.

– Исцрпевме речиси сè што Советот за безбедност засега може да направи – вели Хејли.


САД веќе не се фокусираат на заминување на Асад


Њујорк, 31 март, 2017 - 10:07 (META) 

САД повеќе не инсистираат на заминување на сирискиот претседател Башар ал Асад, изјави американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли.

– Наш приоритет таму не е да бидеме фокусирани на заминување на Асад. Наш приоритет е вистински да проучиме како да дејствуваме и со кого да соработуваме за да направиме нешто за сирискиот народ. Не може по секоја цена да се фокусираме на Асад на начин на кој тоа го правеше претходната администрација – изјави Хејли.


Косово заслужува полноправно членство, смета новиот амбасадор на САД во ОН


Њујорк, 22 февруари, 2017 - 13:24 (META) 

Новиот амбасадор на САД во ОН, Ники Хејли, се заложи за полноправно членство на Косово во ОН, пренесува„Коха нет“ (koha.net).

– САД веруваат дека меѓународната заедница треба да признае оти Косово направи големи чекори од прогласувањето независност. Косово заслужува да го заземе местото што му припаѓа во меѓународната заедница, вклучувајќи и полноправно членство во ОН – рекла Хејли на седницата на Советот за безбедност на ОН, која почна вчеравечер.

Таа, сепак, напоменала дека земјата треба да направи многу повеќе за засилување на владеењето на правото.