!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Судиите од Кривичен се сретнаа со Прибе, бараат да бидат вклучени во реформите


Скопје, 17 јули, 2017 - 17:48 (META) 

Судиите од Основниот суд Скопје 1 денеска имале средба со Рајнхард Прибе и со неговиот тим на експерти, на која било истакнато дека извештајот и препораките на работната група на Прибе од 2015 година „се основа за реформите во судството“.

Судиите на средбата истакнале дека е „потребно нивно поактивно вклучување во процесот на подготвување решенија за прашањата поврзани со финансирање на судството, условите за избор и напредување во кариерата, следењето на работата и оценувањето на судиите, разрешување на судии и други прашања“.

„Воедно судиите истакнаа и дека ги подржуваат процесите кои водат кон зајакнување на нивната независност и враќање на довербата на граѓаните во судството. Присутните на средбата се согласија дека само независно судство може да биде гарант на слободата и на правата на граѓаните“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје.

Прибе и неговиот експертски тим, кој од денеска до 21 јули престојува во земјава, денеска имаше средба и со со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. На средбата Вангеловски им ги презентирал неговите предлог-мерки за спроведување на реформите во судството.

Експертот на ЕУ и неговиот тим се ангажирани од Европската комисија да ѝ помогнат и да ја советуваат Владата во спроведувањето на системските реформи за владеење на правото во земјава.


НАТО: Политичката криза ја оддалечува Македонија од членство во Алијансата


Варшава, 9 јули, 2016 - 17:54 (META) 

Политичката криза во Македонија ја оддалечува државата од членството во НАТО. Ова е еден од заклучоците во завршниот извештај на Самитот на НАТО, кој се одржува во Варшава.

„Загрижени сме за развојот на политичките настани во поранешната југословенска Република Македонија, кои ја оддалечуваат земјата од вредностите на НАТО. Ги поттикнуваме политичките лидери во земјата целосно да ги исполнат своите обврски од Договорот од Пржино, донесен во јуни/јули 2015 година, како рамка за одржливо решение за политичката криза. Признавајќи ги првичните чекори за имплементација на договореното, го повторуваме нашиот повик до сите страни да се вклучат во демократски дијалог и да создадат услови за фер и демократски избори, како што е зајакнување на владеењето на правото, слобода на медиумите и независноста на судството“, пишува во извештајот.

Во заклучоците е повторен и ставот од 2008 година од Самитот во Букурешт дека Македонија ќе добие покана за членство во Алијансата, штом го реши проблемот со името.

„Од овие причини силно препорачуваме да се направат интензивни напори за да се најде решение за проблемот со името. Исто така, ги охрабруваме понатамошните обиди за развивање на добрососедските односи и градењето на целосно функционално мултиетничко општество кое се базира на Охридскиот договор“, наведено е во заклучокот.