Двајца пратеници на „Независни Грци“ се спротивставија на Каменос


Атина, 19 септември, 2018 - 13:30 (META) 

Со различни позиции од оние на Панос Каменос, излегоа двајца пратеници од Независни Грци во однос на договорот од Преспа. Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис во одделни интервјуа за грчките медиуми открија дека не се на иста линија со нивниот претседател, кој не го прифаќа решението меѓу Македонија и Грција и најави дека „ќе направи сѐ, договорот да не дојде во грчкиот парламент“, јави дописничката на МИА од Атина.

Папахристопулос смета дека договорот задоцнил и требало да биде потпишан пред повеќе години, а Зурарис иако е против, смета дека Независни Грци нема да биде потребно да ја турнат владата, бидејќи за ратификација ќе има доволен број пратеници од другите партии.

Панос Каменос во периодот од потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција на 17 јуни, излезе со неколку различни предлози. Еден период бараше ратификација со зголемено парламентарно мнозинство, односно гласање со минимум 180, наместо 151 пратеник, потоа велеше дека за Договорот од Преспа треба да решат граѓаните, на избори или на референдум, а во понеделникот порача дека Независни Грци ќе се повлечат од владата пред договорот да дојде за ратификација во парламентот.


Каменос: Без разлика на референдумот, последниот збор ќе го има грчкиот народ


Солун, 12 септември, 2018 - 9:40 (META) 

Каков и да е исходот од референдумот, последниот збор за Договорот од Преспа ќе го има грчкиот народ или на референдум или на избори, рече коалициониот партнер во грчката влада Панос Каменос, уште еднаш повторувајќи ги неговите позиции, но и откривајќи ги следните негови чекори откако Македонија би ги завршила предвидените обврски.

– Мојот прв предлог до премиерот ќе биде да му се обратиме на грчкиот народ, да побараме референдум, од грчкиот народ да заземе став за оваа промена на одлуката на лидерите на политичките партии. Втората опција што ќе ја имаме е било која одлука и расправа во парламентот да се префрли по завршувањето на четиригодишниот мандат. И третата и последна ќе биде распишување избори – рече Каменос на прес-конференцијата во рамките на 83. Меѓународен саем во Солун и додаде дека немаат мандат од народот за да го отстапат на било кој начин терминот Македонија.

Лидерот на Независни Грци објасни дека било во интерес на соседите „да ги прифатат грчките позиции“, бидејќи Грција сака да помогнеме и економски, „но не може да се фалсификува историјата и да се употребува името Македонија“.

– Ниту македонска националност постои, ниту македонски јазик постои, говорите словенски – рече Каменос.


Каменос бара референдум во Грција за името


Атина, 14 јануари, 2018 - 13:59 (META) 

Лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, во неговата колумна за неделното издание на весникот „Димократиа“ порачува дека во Грција ќе мора да се одржи референдум за „новото име на северниот сосед“.

„Грчкиот народ ќе треба да одлучи за ова, без преседан во историјата на човештвото, отстапување на истријата и културата на друг народ“, пишува Каменос и објаснува дека секое е вклучување на термниот Македонија во името би значело пад на грчката култура и историја.

Коалицискиот партнер во грчката влада напоменува и дека сега владата говори за сложено име со географска одредница, но во предизборната програма на Ципрас никаде не е споменато дека сложеното име би го вклучило и терминот Македонија.


Седиштето на СИРИЗА нападнато со молотови коктели


Атина, 20 февруари, 2017 - 9:45 (META) 

Седум лица се уапсени и околу 30 се приведени поради напад на седиштето на владеjачката партија СИРИЗА во центарот на Атина. Според информациите од полицијата, седиштето на партијата беше нападнато вчера вечерта од група од околу 40 лица.

Напаѓачите биле маскирани со првоаприлски маски и со перики и ги нападнале објектот и полицијата околу него со молотови коктели, причинувајќи пожар и материјална штета.

Во нападот е повреден еден полицаец кој стражарел околу седиштето и веднаш е префрлен во болница. Полицијата сè уште трага по сите напаѓачи.

Владеjачката партија го осуди нападот, нарекувајќи го удар и повреда на демократијата и на дражавата.

„Напаѓачите кои не се колебаа да стават во опасност човечки животи, немаат никаква врска ниту со народно движење ниту со каква било идеологија. Нема да се исплашиме, ниту да отстапиме. Непоколебливо ќе продолжиме со нашата борба против судирите на какви било интереси, за заштита на најкревките“, истакнаа од СИРИЗА во коментар за нападот.

Нападот го осудија коалициската Независни Грци, но и опозициската Нова демократија, од каде коментираат дека осудуваат секаков вид насилство, но истовремено го критикуваа и премиерот Алексис Ципрас дека дозволува ваков вид насилство, бидејќи е немоќен и нема стратегија да ги сузбие насилните групи во општеството, кои постојано создаваат инциденти и го нарушуваат јавниот ред и мир.

Ова е прв ваков напад на канцелариите на СИРИЗА, кои се наоѓаат во помалку безбеден дел од центарот на градот. Најчеста мета на напади на анархистичките групи во Атина е седиштето на ПАСОК, кое се наоѓа во анархистичката населба Ексархија.


СИРИЗА и Независни Грци со различни ставови за изградба на џамија во Атина


Атина, 4 август, 2016 - 11:17 (META) 

Коалициските партнери во грчката влада, СИРИЗА и Независни Грци, се судрија околу прашањето за градење џамија во Атина. Десничарите Независни Грци остро најавија дека ќе гласаат против одредбата за градење џамија, за која денеска ќе се гласа во грчкото собрание.

Одлуката да се изгради џамија во Атина ја поддржуваат СИРИЗА, Нова демократија, ПАСОК, Река и Комунистичката партија, така што сигурно е дека ќе биде изгласана и одобрена од собранието.

Покрај спорот за името и други прашања од надворешната политика, ова е една од клучните теми за кои двете партии што владеат со Грција немаат заеднички став. Независни Грци и неонацистичката Златна зора се единствените грчки партии кои сè уште имаат радикални ставови и не дозволуваат да се изгради џамија во Атина за муслиманите што живеат во градот.

За идејата да се изгради џамија инсистираше поранешниот премиер и лидер на ПАСОК, Јоргос Папандреу, а во 2013 година формално ја одобри претходниот премиер, десничарот Адонис Самарас. Џамијата ќе биде без минариња, ќе се гради во населбата Вотаникос, блиску до центарот на градот, на простор на стара касарна од воената морнарица. Просторот е 850 квадратни метри и ќе има капацитет за 350 верници. Делот за мажите ќе собира 300 луѓе, а делот за жените 50. Буџетот за проектот уште од 2013 година е фиксиран на 960.000 евра. Истата година пропаднаа три тендери за наоѓање изведувач за џамијата поради што проектот беше одложен.

Атина е единствената европска престолнина што нема џамија во помодерно време, иако постојат стари џамии од отоманскиот период кои сега се музеи. Муслиманите за големите празници обично имаа молитви на отворено, на атинските плоштади или на Олимпискиот стадион во градот, а како неформални џамии за молитва се користат во тајност подруми на згради низ градот.


Грчката влада не обезбеди поддршка за новиот изборен закон


Атина, 21 јули, 2016 - 13:20 (META) 

Грчкиот парламент денеска на полноќ ќе гласа за новиот изборен закон со кој се предлагаат клучни измени во начинот на кој владејачката партија влегува во законодавниот дом. Владејачката коалиција на СИРИЗА и на Независни Грци предлага укинување на бонусот од 50 пратеници за победничката партија на парламентарните избори и проширување на возрасната граница на гласачи со тоа што ќе им се дозволи на малолетниците на 17 години да гласаат.

Владата не успеа да добие поддршка од ниту една опозициска партија за овие измени, поради што извесно е дека законот нема да биде изгласан освен ако не случи некакво изненадување во последен момент.

За да биде изгласана промената за укинување на бонусот од 50 пратеници, неопходно е за неа да гласаат 200 пратеници, бројка која владиното мнозинство не успеа да ја собере. Засега само 179 пратеници се имаат изјаснето дека ќе ги поддржат промените на изборниот закон. До последен момент беше можно законот да го поддржат пратениците на Златна зора, кои одлучија сепак да гласаат воздржано. Одлуката директно ѝ помогна на владата на СИРИЗА, која со недели беше на удар на опозицијата дека владее со државата со помош на неонацистичка партија.

Според грчките закони, доколку денеска не бидат изгласани овие промени, тие ќе почнат да се применуваат не од следните, туку од изборите по нив. Најголемата опозиска партија Нова демократија се закани дека законот никогаш нема да се примени, тврдејќи дека следната влада ќе биде десничарска и таа ќе ги укине овие измени што ги предлага СИРИЗА.

Од кабинетот на премиерот Алексис Ципрас, кој изминативе недели за законот разговараше тет-а-тет со сите лидери на партиите во грчкиот парламент, вчера испратија последен апел до левичарските ПАСОК и Река за тие да размислат дали сакаат да го одбијат овој предлог и да гласаат против него.

„ПАСОК и Река имаат можност да одлучат дали ќе го отворат патот за влада на напредна соработка или, пак, ќе одлучат да бидат опашка на Нова демократија, со што ќе ги урнат сите мостови со напредниот политички свет. Дилемата сега останува кај ПАСОК и Река. Дали ќе помогнат државата да заврти нова страна или, пак, ќе ѝ се вратат на Нова демократија“, велат извори од грчката влада.

Ципрас, според информациите во Грција, се очекува следниот период да го отвори и прашањето за уставни промени, фокусирајќи се на едно клучно прашање, односно измена на начинот на кој се избира претседателот во Грција.

Претседателот во Грција го избираат грчките пратеници, а Ципрас планира да предложи претседателот, како и парламентот, да се избира на народни избори.


Грчките пратеници вечерва ќе гласаат за нови даночни поскапувања


Атина, 22 мај, 2016 - 13:23 (META) 

Грчкиот парламент вечерва ќе гласа за новите закони од програмата за штедење кои ќе донесат нови даночни поскапувања. Пратениците ќе гласаат и за автоматскиот механизам за стопирање на финансиите во јавната администрација доколу Грција до 2018 не ги исполни договорените реформи и цели.

Законите е извесно дека ќе поминат во парламентот со поддршка на пратениците од владејачката коалиција Сириза и Независни Грци. Со нив се очекува веднаш да се спроведат даночни поскапувања во сите сектори во Грција, како и на храната и услугите, но и на таксите за имот.

Покрај даночните поскапувања кои се очекува во државната каса да внесат 1,8 милијарди евра, се предвидува и создавање на нова независна даночна организација под чија капа ќе биде генералниот секретаријат за јавни трошоци, како и нов независен фонд за приватизација.

Народот и синдикатите реагираат против сите овие мерки поради што вечерва, за време на гласањето на законите пред парламентот се закажани протести на сите работнички синдикати.

Во знак на револт против законите кои предвидуваат и приватизација на јавниот транспорт штрајкуваат вработените во овој сектор, поради што Атина е без метро, автобуси, тролејбуси и трамвај.

Законите мора да поминат во собранието за да може грчката влада подготвена да оди на состанокот на Еврогрупата во вторник на кој ќе се одлучува за исплаќање на нова рата од кредитот за Грција.


Не би имал проблем ако името биде само Македонија, вели грчки пратеник


Атина, 28 март, 2016 - 14:54 (META) 

Пратеникот на СИРИЗА, Макис Балаурас одново ги разгоре страстите во Грција околу спорот за името. Само две недели по случајот со министерот Јанис Музалас кој во телевизиско интервју нашата држава ја именуваше како Македонија, Балаурас денеска во интервју за радиото „Параполитика“ истакна дека лично не би имал проблем да останеме именувани само како Македонија, без никакви географски одредници.

– Не би имал против ни името „Северна“, ни „Славомакедонија“. Не би се противел ни на географска или друг тип на одредница. Лично не би го одбил ни само Mакедонија, бидејќи сметам дека работите и контекстот се јасни, но треба и од другата страна да се направат чекори за средување на одредени работи кои не само што не ги средуваат туку и ги влошуваат. Смешно е што секој може да облече тога и да вели дека е потомок на Александар Велики – вели Балаурас.

Во меѓувреме се уште е нејасно што ќе се случува со министерот за миграција Музалас. Независни Грци останаа на ставот дека тој ја нема нивната поддршка и бараат да биде повлечен од владата, но за сега од кабинетот на премиерот Алексис Ципрас нема конкретен чекор.


Ципрас ќе одлучува за Музалас по Самитот на ЕУ за бегалската криза


Атина, 16 март, 2016 - 13:33 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе одлучи дали министерот за миграција, Јанис Музалас, ќе остане во владата по завршување на Самитот на Европската Унија за бегалската криза. Самитот е закажан за утре и, како што истакна портпаролот на грчката влада, Олга Геровасили, приоритет за грчката влада во моментов е успешно справување со бегалската криза и наоѓање решение на европско ниво.

Поради ова, темата со Музалас се враќа во сенка на клучното прашање за справување со бегалците и не се очекува да има разврска пред завршувањето на утрешниот самит.

Кратко по тет-а-тет средбата меѓу Ципрас и неговиот коалициски партнер и министер за одбрана, Панос Каменос, на брифинг со новинарите, Геровасили истакна дека Музалас веќе се извинил и признал дека се работи за грешка, додавајќи дека именувањето на нашата држава како Македонија не е ниту став на Музалас, ниту став на грчката влада.

Таа посочи дека Ципрас ја разбира чувствителноста и на Каменос и на Независни Грци, како и на народот за користење на терминот Македонија за нашата држава и останува на познатите грчки позиции, кои ги следат сите грчки влади околу спорот за името.

Околу дилемата дали оваа владина криза го става под знак прашалник коалицирањето со Независни Грци и одржување на владината стабилност, Геровасили беше децидна дека врските меѓу СИРИЗА и Независни Грци функционираат без проблем и Каменос ја поддржува владата, но не и министерот Музалас.

Таа ги демантираше и гласините дека Музалас ја има депонирано својата оставка, коментирајќи дека Музалас од рано изутрина отпатувал кон Брисел, каде има обврски на состанокот на министри за миграции.

Геровасили неколкупати посочи дека Музалас одлично ја врши работата и дава сè од себе за најдобро справување со бегалската криза.


Ципрас и Каменос на тет-а-тет средба: Независни Грци инсистираат на оставка од Музалас


Атина, 16 март, 2016 - 12:54 (META) 

Продолжува тензијата во грчката влада и неизвесноста што ќе се случува со министерот за миграција, Јанис Музалас, кој синоќа во интервју ја нарече нашата држава со името Македонија. Министерот за одбрана и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, во врска со ова прашање имаше едночасовна средба со својот коалициски партнер, премиерот Алексис Ципрас.

Засега нема официјална потврда дали Музалас останува или ќе мора да се повлече од владата иако во грчките медиуми кружат шпекулации дека Музалас можно е веќе да поднел оставка.

Каменос по средбата истакна дека Независни Грци инсистираат Музалас веднаш да си даде оставка. Посочи дека Ципрас изразил разбирање за нивните позиции. Според информацијата на Каменос, се чека да заврши состанокот на министрите за миграција на Европската Унија во Брисел, на кој во моментов присуствува и Музалас, и потоа премиерот ќе разговара со него за да се донесе одлука.

„Независни Грци стои на позицијата и бараме оставка од Музалас. За нас ова е сериозно прашање. Нашата партија веќе не го поддржува и нема доверба во Музалас“, изјави Каменос.

Тој не сакаше да одговори на прашањето што ќе направат ако Музалас не се повлече од позицијата и дали е под знак прашалник останувањето на Независни Грци во владата. Каменос изјави само дека партијата ја поддржува владата на СИРИЗА, но не и Музалас.

За кратко време почнува брифингот на владиниот потпарол, на кој се очекува да се слушне нешто повеќе околу позицијата на Ципрас за ситуацијата со Музалас.

Од грчката влада доцна ноќеска соопштија дека барањата за оставка на Музалас поради оваа ситуација е претерување.