!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Таравари стана градоначалник на Гостивар, Бејта му ја честиташе победата


Гостивар, 29 октомври, 2017 - 21:49 (META) 

Кандидатот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, според првичните резултати од ДИК, го победи неговиот противкандидат од ДУИ, Невзат Бејта, и стана нов градоначалник на општина Гостивар.

Тој ги критикуваше премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека се мешале во изборите и изјави дека очекува во Владата на неговото место во Mинистерството за здравство да седне некој од Алијансата за Албанците.

– Оливер Спасовски се јавуваше на луѓе што пиеле кафе со мене и со Селa да ги прашува како можеле да пијат кафе со нас. Државата се мешаше во избори. Министерот и премиерот Зоран Заев беа активни во кампањата на ДУИ. Јас се надевам дека ова веќе нема да се повтори во Македонја – рече Таравари, кој му порача на Заев дека ако „толку многу си го сака Бејта, да си го земе во Муртино“.

Членови и симпатизери на Алијансата за Албанците во Гостивар се собраа и слават на градскиот плоштад.

Бејта на прес-конференција му ја честиташе победата на својот политички противник Таравари и им се заблагодари на тие што гласале за него.


Заев побара поддршка од гостиварци за кандидатот за градоначалник на ДУИ, Бејта


Гостивар, 21 октомври, 2017 - 10:16 (META) 

Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, синоќа побара поддршка од граѓаните на Гостивар за кандидатот за градоначалник на ДУИ, Невзат Бејта, во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи на 29 октомври.

– Дојдов во овој убав град на соживотот, да побарам поддршка за Невзат Бејта. Гостивар беше во незавидна состојба затоа што вашиот градоначалник знаеше да пофали и да искритикува кога треба и тоа го фрли во немилост од претходната власт. Мојот другар и добар пријател Невзат Бејта, знам колку си го сака Гостивар и со мала поддршка од централната власт, Гостивар ќе блеска – рече Заев, на синоќешната средба со граѓани на Гостивар.

Тој додаде дека целосно застанува зад програмата на Бејта за Гостивар, која, како што рече, ќе ги реши проблемите на граѓаните.

– Стоиме целосно зад потребите на Гостивар, а тоа е трајно решавање на депонијата, реконструирање на главната улица во булевар, со што ќе се растовари сообраќајот и ќе се овозможи Гостивар да дише. Вие граѓаните го полните буџетот на Општината, вие ќе кажувате за што ќе се наменуваат парите – додаде Заев, изразувајќи уверување дека граѓаните на Гостивар ќе ја дадат довербата на Невзат Бејта.


Петте кандидати за Гостивар ветија транспарентност и решенија за проблемите


Гостивар, 6 октомври, 2017 - 17:22 (META) 

На дебатата од карванот „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“, „Вистиномер“ и телевизијата „Арт“, во Гостивар петте кандидати за градоначалник на општината, секој посебно, ветија решавање на сите проблеми на граѓаните.

Во дебатата водена од новинарката Јета Џара, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Асаф Адеми од Беса, Невзат Бејта од ДУИ, Себајдин Изири од ДПА и Шпат Исеини од коалицијата на Национална демократска преродба и Унитети зборуваа за своите решенија за горливите проблеми во општината.

Беше ветено решавање на проблемите со депонијата Русино, но и на инфраструктурните проблеми, а за булеварот Браќа Ѓиновци беше кажано дека ќе се прошири. Беше нагласено и дека на Гостивар, наместо казина на секој чекор, му се потребни библиотека и театар во Домот на културата.

Речиси сите кандидати ветија дека ако го освојат мандатот, ќе работат транспарентно.

Дебатата од карванот „Живот во Македонија“ вечерва ќе се одржи во Кичево.


ЗЕЛС бара итен датум за локални избори за да не дојде до колапс на општините


Скопје, 9 мај, 2017 - 16:37 (META) 

Функционирањето на голем број општински јавни установи ќе се доведе во прашање, а околу 45.000 вработени во локалната самоуправа, оштинските претпријатија и во образованието ќе останат без плата.

На ова денеска предупредија градоначалниците на Скопје, Куманово и на Гостивар, но и членови на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Коце Трајановски, Зоран Дамјановски и Невзат Бејта, бидејќи нивниот и мандатот на советниците во општините им истекува на 15 мај, а нови локални избори не се закажани.

„Ќе се доведат во прашање функционирањата на општински јавни установи и тоа сите културни, образовни институции на локално ниво, како музеи, театри, домови на култура, на противпожарни служби, спортски објекти, зоолошки градини и слично. Градежни дозволи нема да се издаваат. Градежното земјиште, со кое управува локалната самоуправа, веќе нема да се оттуѓува или да се дава под закуп“, предупреди Трајановски.

Тој вели дека ќе престанат сите почнати и ќе се запрат планираните инвестиции, како во инфраструктурата на општините, така и во сите други објекти што се надлежност на локалната самоуправа.

„Нема да може да се врши исплата на комуналии, како струја, вода и слично, во сите институции на локално ниво, што ќе значи дека истите институции, а, пред сè, градинките и училиштата, ќе треба да се затворат, а децата да се испратат дома. Нема да можат да се склучуваат бракови во државава. Само да потсетам дека при секое склучување брак, официјални сведоци се претставници на општинските совети“, додаде Трајановски.

Поради тоа, ЗЕЛС денеска апелираше парламентот итно и без одложување, а најдоцна до петок оваа недела, да најде решение. Една од можностите е измена на Изборниот законик.

„Наместо првата половина на мај, како што стои во Изборниот законик, треба да се утврди нов датум за одржување на локалните избори. До Уставниот суд е доставена иницијатива од Министерството за локална самоуправа за да се разгледаат одредени членови на Изборниот законик и од Законот за локална самоуправа, а во однос на мандатите на градоначалниците и на претставниците на општинските совети“, истакна Трајановски.

Уставниот суд утре на седница треба да ги разгледува иницијативите за укинување на членови од Законот за локална самоуправа и на Изборниот законок, со што би се овозможило продолжување на мандатот на градоначалниците и на советите на општините.


Бејта – Тимоние: Поребно е брзо формирање нова влада


Гостивар, 13 февруари, 2017 - 14:16 (META) 

Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние и градоначалникот на општина Гостивар, Невзат Бејта по денешниот состанок кој го одржаа во зградата на Општина Гостивар, порачаа дека е потребно што побрзо формирање на нова Влада.

По средбата на која било разговарано за актуелната политичка состојба во земјава, амбасадорот Тимоние рече дека државата не е во криза, но не треба да се губи време.

– Нема потреба да се драматизираат работите, државата не е во состојба на криза. Сепак, ние како амбасада остануваме на ставот дека не треба да се губи време, треба да се формира Влада што побрзо и земјата да продолжи со напорите за зацврстување на мирот, демократијата и слободата. Водени од искуството од минатото, ние како општество не треба да поддржуваме креирање на кланови, туку да дадеме придонес граѓаните да бидат на прво место – изјави Тимоние.

Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта рече дека слободата, правдата и еднаквоста во Македонија зависат од формирањето на новата влада.

– Потребно е што побрзо да се формира влада, тоа го сакаа и мнозинството на граѓаните на Македонија. Тоа е потребно за правдата, слободата, рамноправноста на нашите граѓани да дојдат на свое место, да се зацврсти демократијата. Формирањето на владата е во прилог на нашето општество – изјави Бејта.

Аамбасадорот Тимоние и градоначалникот Бејта разговарааа и за позначајните проекти што ги реализира општина Гостивар. Ова е прва посета на Тимоние на Гостивар, откако во август минатата година е назначен за амбасадор на Франција во Македонија.


Бејта: ДУИ се залага во најкраток можен рок да се формира влада


Гостивар, 8 февруари, 2017 - 15:50 (META) 

Потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта, денеска изјави дека неговата партија се залага Собранието да почне да функционира и во најкраток можен рок да се формира влада.

– Ние се залагаме Собранието да почне да функционира и што поскоро да биде формирана влада, која ќе ги исполни барањата на сите граѓани на Македонија. Онаа влада што ќе ги исполни сите барања на граѓаните, ќе биде успешна и со таа влада ќе се врати правдата во земјава, а сите граѓани тоа и го сакаат – рече Бејта при посета на фабрика во селото Неготино во Гостивар.

Бејта додаде дека одлуката на ДУИ за преговорите ќе биде објавена наскоро.


Арифи, Бејта и Меџити заминале, но ДУИ сè уште заседава во Мала Речица


Тетово, 28 јануари, 2017 - 20:50 (META) 

Тројцата потпретседатели на ДУИ, Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити заминале, но другите членови на партијата сè уште се на средба во Мала Речица каде што централното претседателство на ДУИ во проширен состав решава за можната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за состав на влада.

Раководството на ДУИ ги негира шпекулациите дека потпретседателите на партијата го напуштиле состанокот поради несогласувања со ставот на лидерот Али Ахмети за да се коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, туку дека заминале на ручек.

Неофицијално, возилото на Бејта било забележано пред партиското седиште на СДСМ во Скопје.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, претходно изјави дека за ДУИ е важна платформата на Албанците и важен е начинот како тој договор ќе се реализира.

Неизвесно е дали одлука за евентуална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ќе се донесе денеска или утре. Можно е средбата да трае и по полноќ.

Османи го повтори ставот од синоќа, дека не е важно одлуката да биде навремена, туку да биде правилна.


По две децении часовниците на Саат-кулата во Гостивар повторно се во функција


Гостивар, 20 јануари, 2017 - 15:17 (META) 

Сите четири часовници на Саат-кулата во Гостивар, по две децении, од денеска повторно се во функција, откако Конзерваторскиот центар постави нови механизми.

Часовниците кои воопшто не работеа или покажуваа различно време, ги пуштија во употреба градоначалникот на Општина Гостивар, Невзат Бејта, државниот секретар во Министерството за култура, Бехиџудин Шехапи, и директорот на Конзерваторскиот центар во Гостивар, Аднан Фејзулаи.

За механизмите на часовниците, кои беа набавени од Србија, и за нивна монтажа, потрошени се 520.000 денари (околу 8.500 евра), кои ги обезбеди Министерството за култура.

Саат-кулата во Гостивар датира од 17 век. Таа претставува симбол на градот и ја има на грбот на Општина Гостивар.


Нема конкретно решение за проблемот со комуналниот отпад во Полошко


Гостивар, 1 јуни, 2016 - 15:51 (META) 

Денешната средба меѓу градоначалникот на Општина Гостивар, Невзат Бејта и министерот за животна средина Башким Амети, не понуди конкретно решение за настанатиот проблем со отпадот од Полошко, кој жителите од гостиварските села со блокади на патот до Русино, не дозволуваат да се транспортира во оваа регионална депонија.

На средбата одржана во Гостивар, присуствуваа и жителите кои го блокираа патот до Русино. Тие бараат да се уреди депонијата, која сега работи без никакви стандарди, но и да се асфалтира патот по која се транспортира полошкиот отпад. Но, во изјавите изјавите дадени по средбата, немаше ништо конкретно.

– Знаете дека министерството сака да помогне во забрзување на овој процес и затоа ќе оствариме средба со претседателот на Полошкиот плански регион, Теута Арифи. На ниво на Полошки плански регион се предвидува решавање на овој проблем – изјави министерот Амети.

Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта смета дека треба да се забрза постапката за уредување на Русино, односно таму да се направи современа фабрика за рециклирање на комуналниот смет.

Жителите од гостиварските села, изјавија дека блокадите се уште ќе траат, се додека не се започне со конкретни активности во врска со нивните барања.