Невреме со поројни дождови вечерва


Скопје, 15 мај, 2018 - 13:25 (META) 

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предмалку издаде предупредување за невреме со пороен дожд и грмежи попладнево и вечерва. Според метеоролозите, со невремето ќе бидат зафатени главно западните и северните делови на земјава, вклучително и Скопската котлина.

Вистинскиот удар ќе биде вечерва, со пороен дожд на одредени места, силен ветер и грмежи, а можен е и град, особено во североисточните делови. На некои места се очекува да наврнат околу 25 литри дожд на квадратен метар.

Според прогнозата, во Скопската котлина невремето ќе почне попладнево, а целосниот интензитет ќе го постигне вечерва.


Облачно време, попладне со услови за локално невреме


Скопје, 15 мај, 2018 - 9:35 (META) 

Времето ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд, ќе дува умерен до засилен јужен ветер. Попладне, а особено во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, на места со поинтензивни процеси во форма на невреме.

За кратко време, претежно во западните и северните делови се очекува да наврне поголема количина воден талог. Утринската темепратура ќе се движи од 8 до 14, а дневната од 19 до 28 Целзиусови степени.

Во Скопје слично време, утринската температура ќе достигне до 14, а дневната до 26 Целзиусови степени.


Најмногу дожд во Куманово и Скопје, поплавени куќи и прекини на струјата


Скопје, 7 мај, 2018 - 9:27 (META) 

Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Куманово, 36 литри на метар квадратен и во Скопје – Петровец – 34 литри на метар квадратен, информираат од УХМР.

Во Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје пристигнале дојави за поплавени објекти во скопските села Црешево и Стајковци.

Невремето, во одредени делови од Скопје, предизвика проблеми и во одвивањето на сообраќајот, како и времени прекини на снабдувањето со електрична енергија.

Според најавата од УХМР, попладне поинтензивни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со можна појава на град.


Започна исплатата на земјоделците за штетите од 2017 година


Скопје, 26 април, 2018 - 16:13 (META) 

Исплатата на обештетувањата за земјоделците од временските непогоди што се случија во 2017 година започна денеска, извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска исплати близу 85 милиони денари (1,38 милиони евра) обештетувања за 2.355 земјоделци во Ресен, како регион каде што имаше најголеми штети.

Исплатата ќе продолжи континуирано во следните денови и за останатите региони кои беа погодени од временските непогоди во 2017 година.

Со исплатата ќе бидат опфатени сите 17.500 баратели кои претрпеле загуби во текот на сите пет временски непогоди што се случија минатата година и од сите региони кои беа зафатени со временските непогоди. Вкупната сума која што ќе се исплати по основ на претрпени загуби од петте временските непогоди е во износ од над 4 милиони евра.

Станува збор за временските непогоди што се случија во април, две временски непогоди во јуни, како и во јули и септември 2017 година, проследени со обилни дождови, пороен дожд, силен ветер, електрични празнења, град. Со временските непогоди беа зафатени вкупно 36 општини.


Петмина загинати во силното невреме што ги погоди Холандија и Германија


Амстердам, 18 јануари, 2018 - 19:33 (META) 

Пет лица загинаа во силното невреме што ги зафати Холандија и Германија, проследено со ветер кој дувал со брзина од 140 километри на час, соборувајќи стебла и превртувајќи камиони, пренесува „Би-би-си“.

Три лица загинале во Холандија и едно во Германија откако врз нив паднале соборени стебла и гранки. Вториот Германец загинал во сообраќајна несреќа откако поради силниот ветер преминал на спротивната коловозна лента и се судрил со друго возило.

Холандските власти поради силното невреме ги откажаа сите летови од и кон аеродромот „Шипхол“ во Амстердам, а бил прекинат и сообраќајот на повеќето железнички линии.

Во земјата е прогласено „црвено предупредување“ за опасност од невремето.

И германската железница го прекинала железничкиот сообраќај поради силното невреме.


Во поплавите во Калифорнија загинаа 15 лица, а најмалку 25 се повредени


Лос Анѓелес, 10 јануари, 2018 - 19:50 (META) 

Во Калифорнија продолжува потрагата по настраданите во големиот одрон кој уништи десетина домови во областа Санта Барбара, каде што засега има 15 загинати и најмалку 25 повредени.

Најмалку 50 лица мораа да бидат евакуирани со хеликоптер, поради невремето а бројот на жртви може да биде поголем при проширување на истрагата.

Спасувачките екипи пребаруваат дали има преживеани во некои од оштетените градби.

Најголем дел од одроните кои се случија по обилните врнежи од дожд, се последица на пожарот „Томас“ кој минатиот месец зафати најголем дел од територијата на Калифорнија и е најголем пожар во историјата на оваа држава.


Се зголемува бројот на загинати во невремето на Мадагаскар


Антананариве, 9 јануари, 2018 - 11:06 (META) 

Бројот на загинати во налетот на циклонот „Ава“ во источниот дел на островот Мадагаскар се зголеми на 25 лица, а повеќе десетици се водат како исчезнати, соопштиле властите на островот, јавуваат светските агенции. Поради невремето евакуирани се повеќе од 17.000 лица.

Од владата на Мадагаскар соопштиле дека опасноста поминала и дека се укинати сите предупредувања за појава на невреме. Силното невреме го погоди Мадагаскар во петокот, минатата недела, а вчера го зафати источниот дел на островот.

Силните ветрови и дождови погодија повеќе градови од кои дел се најдоа под вода, како што Таматаве и некои квартови од главниот град Антананариве, а голем дел од патиштата беа поплавени и затворени за сообраќај.

Мадагаскар, која е една од најсиромашните земји во светот и се наоѓа во Индискиот океан во близина на источниот брег на Африка, редовно го погодуваат тропски бури, а во последното големо невреме во март 2017 година загинаа 78 лица.

Во последните 10 години островот го погодиле 45 тропски бури.


Големо невреме во БиХ, урнати дрвја и бандери, летале покриви и фасади


Бања Лука, 12 декември, 2017 - 10:55 (META) 

Во налетот на силните ветришта што ноќеска ја погодија БиХ, претежно нејзиниот источен дел, нанесени се бројни штети, со многу урнати дрвја и бандери и одлетани покриви и парчиња од фасади.

Според Хидрометеоролошкиот завод на Република Српска, во текот на ноќта ветерот во Бања Лука дувал со брзина од 115 километри на час, а претпладнево ослабнал до брзини од 60 до 70 километри на час. Пожарникарите интервенирале 26 пати, главно за отстранување паднати дрвја и гранки на сообраќајниците. Голем број оштетени возила и скршени прозорци има во населбата Обилиќево, а во други населби е сопрена водата.

Три лица се полесно повредени во куќа во која одлетал дел од покривот и пропаднал плафонот, а покривите од ламарина на голем број згради се истргани.

Забранет за сообраќај е патот Бања Лука – Кнежево, поради можноста да паѓаат стебла и да се јават одрони.

Во Зеничко-добојскиот кантон има големи штети во Зеница, Маглај и Тешањ. Во Зеница паднато парче од фасада оштетило автомобил, а има и голем број срушени дрвја. Исто така се забележани и проблеми со пропаѓање на покриви, а во Тешањ ветрот срушил минаре на џамија.

Во општина Соколац 25 села останаа без струја поради штетите што ветриштата ги нанесоа на електропреносната мрежа. Кај болницата во Зворник паднато дрво оштетило три автомобили. Штети има и во општините Скелани и Сребреница, како и во Бајина Башта во Србија.


Поради снежното невреме, откажани се голем број на летови од аеродромите низ Европа


Лондон, 11 декември, 2017 - 12:19 (META) 

Снежното невреме предизвика големи проблеми во авиосообраќајот во Велика Британија, Германија и во Франција, поради што голем број на летови се откажани или одложени, јавуваат светските медиуми.

Најмалку 50.00 патници останале заглавени на аеродромот „Хитроу“, бидејќи стотина летови доцнат или се откажани.

Проблеми со невремето има и во Германија, а на аеродромот во Франкфурт откажани се повеќе од 300 летови.

Портокалово метеоролошко предупредување е издадени во речиси цела Европа, па така, во Португалија и Шпанија дуваат ветрови со огромна јачина, поради што се апелира на внимателност.


Сè поголем бројот на загинати во поплавите во Атина


Атина, 15 ноември, 2017 - 19:59 (META) 

Најмалку 14 лица загинаа во големите поплави кои се случија во близина на Атина, пренесуваат грчките медиуми.

Спасувачките екипи во текот на денот пронашле 12 тела – осум мажи и четири жени во атинско предградие Мандра, додека двајца мажи биле пронајдени мртви во морето.

Според грчките власти, во поплавите повредени се најмалку 13 лица, кои се пренесени во болница, а дека уште неколкумина се водат како исчезнати. Најголемиот број од загинатите се повозрасни лица, чии тела биле пронајдени во нивните полавени домови.

После силната бура која минатата ноќ ја зафати Атина, водата навлегла во домовите, а патиштата ги претоворила во реки од кал и ѓубре. Сообраќајот беше потполно во прекин на делот од автопатот помеѓу Атина и Коринт.

За вечерва се предвидени нови временски непогоди во атинската област.

Грчката пожарникарска служба наведе дека примила повеќе до 600 повици за помош за испумпување на вода од домовите и дека спасила 86 лица заробени во атомобилите или куќите. Во спасувачките акции учествувале повеќе од 190 пожарникари и 55 возила.