Рекорд: Невработени се 33 доктори на науки и 866 магистри


Скопје, 13 декември, 2018 - 9:59 (META) 

Вкупно 33 доктори на науки се пријавени како невработени лица во Агенцијата за вработување, покажува последната статистика заклучно со месец октомври. Oва досега е најголемата бројка на невработени лица со оваа титула. Освен тоа, невработени се и 866 магистри на науки, како и безмалку 11.000 лица со завршено високо образование.

Најбројни се лицата од профилот магистер по правни работи, магистер по економски науки, магистер по фармација, магистер по политички науки, магистер од областа на финансии и финансово право, магистер по филолошки науки, магистер по меѓународни односи, магистер по науки во јавната администрација, магистер по европски студии за интеграција и комуникација, како и магистри на наука од други различни образовни профили односно области во кои лицата магистрирале.

Во 2008 година без работа биле 7 доктори на науки, во 2018 – 33 доктори на науки

Во 2008 година без работа биле 191 магистар, во 2018 – 866 магистри

Во 2008 година без работа биле 18.248 лица со високо образование, во 2018 – 10.952

Невработените доктори се доктори по педагогија, по социјални работи, доктори по политички науки, доктори по економски науки, доктори по филозофија како и доктори по филолошки науки.

На лицата со високи титули им се нуди работа преку различни програми за вработување, но, најчесто одбиваат бидејќи сметаат дека е понуденото не е соодветно за нивното образование.

Бројот на невработени лица со титули континуирано расте. Тоа е така затоа што високото образование низ годините стана подостапно, „паднаа“ критериумите при упис, а се зголеми проодноста на факултетите.


Бранителите од Прилеп бараат нивните семејства да имаат приоритет при вработување


Прилеп, 3 декември, 2018 - 12:21 (META) 

Во чест на 16-годишнината од формирањето на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година од Прилеп, како и во знак на почит кон своите загинати соборци, но и 30-ина бранители коишто поради пост-трауматски шок починаа подоцна, тие посадија зимзелени дрвја во Меморијалниот комплекс во селото Лениште –Прилепско.  Притоа ја искажаа својата загриженост, поради неповолната позиција во која се наоѓаат.

-Социјалните прашања, невработеноста и правото на адекватно здравствено згрижување се прашања коишто нè тиштат. Веруваме дека со оваа влада конечно ќе ги оствариме своите барања – велат дел од членовите на ова Здружение.

Бранителите побараа и нивните деца да имаат приоритет при вработување.

-Кога се објавуваат конкурси за вработување, доколку децата на бранителите ги исполнуваат условите, сметаме дека треба да имаат приоритет пред друтите кандидати. Ова особено во случаи, кога семејствата на бранителите се социјално загрозени – порачуваат бранителите.

Во прилепското здружение на бранители членуваат околу 1.000 луѓе.


РСС: Во Македонија во последните осум години отворени 103.000 нови работни места


Брисел, 5 јули, 2018 - 15:42 (META) 

Западен Балкан се враќа на патеките на порастот, бидејќи во земјите во регионот од 2010 досега се создадени 600.000 работни места,  (од кои дури 103.000 во Македонија!), а во работната сила во регионот се влезени дополнителни половина милион високообразувани луѓе, велат од Регионалниот совет за соработка (РСС).

Во Македонија во последните осум години се отворени 103.000 нови работни места, односно тоа е вториот најдобар резултат во Западен Балкан во оваа категорија.

EBU

Од РСС велат дека во земјава е забележан и импресивен раст на трговијата, односно македонската економија во последните осум години  речиси двојно го зголемила обемот на трговијата – од 6,9 милијарди евра на 12,5 милијарди евра.

Македонија е во врвот на статистиките и по тоа што во истиот период биле нововработени 71.062 висококвалификувани луѓе.

Во истиот период во Западен Балкан трговијата пораснала за дополнителни 33 милијарди евра, а трговскиот дефицит се намалил од 23,1 на 19,7 проценти од БДП. Тоа се должи на одличниот обем на извозот, што сигнализира за зголемена конкурентност на производите и услугите од регионот на меѓународните пазари.

Тоа беше соопштено на денешниот состанок на Управниот одбор на „Стратегијата за Југоисточна Европа 2020“ на РСС.

– Среќен сум што Западен Балкан се врати на патеките на растежот и постигнува добри резултати – вели Горан Свилановиќ, генерален секретар на РСС.


Грчките синдикати најавуваат 24-часовен штрајк на јавниот и приватниот сектор


Атина, 29 мај, 2018 - 10:38 (META) 

Најголемите грчки синдикати на вработените во јавниот и приватниот сектор за утре закажаа генерален 24-часовен штрајк, што ќе ја парализира цела Грција, јавува новинската агенција МИА.

Проблеми ќе има во авионскиот, железничкиот и бродскиот превоз, а нема да се емитуваат ниту вести и информативни емисии поради учеството на новинарите во штрајкот.

Грчките авиокомпании откажале или презакажале дел од летовите, а бродовите и возовите исто така нема да сообраќаат. Јавниот сектор нема да работи до четврток, а протести се закажани за утре во центарот на Атина.

Синдикатите ги повикуваат граѓаните да ги „обединат силите против мерките на штедење, невработеноста и прекумерните даноци“.


Невработеноста била 21,9 отсто во последното тромесечје на 2017 година


Скопје, 9 март, 2018 - 15:57 (META) 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2017 година, активното население во Република Македонија броело 953.692 лица, од кои вработени се 745.206, а 208.486 лица се невработени.

Стапката на активност во овој период изнесувала 56,8 отсто, стапката на вработеност 44,3, додека стапката на невработеност била 21,9 отсто.

Во однос на претходниот, третиот, квартал на 2017 година, невработеноста се зголемила за 0,8 проценти, а во однос на четвртиот квартал на 2016 година е пониска за 1,2 проценти.


Речиси половина од платите во Македонија не се пријавуваат реално


Скопје, 6 февруари, 2018 - 14:47 (META) 

Високата стапка на невработеност на корупција и на сиромаштија се ризици за појава на скриена економија во Македонија, Албанија и Косово се вели во истражувањето кое беше презентирано во рамките на Регионалниот форум за скриена економија, кој денеска се одржува во „Холидеј Ин“.

Скриените плати, се уште се еден од најголемите проблеми и подразбираат целосно или делумно непријавување на приходот кај речиси половина од испитаниците, односно 44 проценти од вработените во Македонија, 36 проценти во Албанија и  37 проценти во Косово.

– Една третина од испитаниците во Македонија изјавиле дека реалната плата е повисока од минималната наведена во договорот. Негативната перцепција кон социјалното и здравственото осигурување, придонесува кон тоа, вработените да прифатат платата да им биде исплатена во готово отколку за осигурување. Секој петти испитаник во Македонија и во Албанија попрво би бил непријавен работник доколку зема повисока нето-плата, отколку пријавен со пониска плата – изјави Ана Мицковска Ралева од Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ).

Корупцијата, како што се вели во истражувањето, е најважниот фактор за постоење на скриена економија. Една третина од анкетираните бизнисмени во Македонија, две третини во Албанија и Косово изјавиле дека постојано се случуваат манипулации со данокот на додадена вредност (ДДВ). Во истражувањето се вели дека, корупцијата е најважниот фактор за постоење на скриена економија според 45,7 проценти од анкетираните бизнисмени во Македонија, 72,9 проценти во Албанија, Косово 48,6 проценти.

Герши Гаши од организацијата Демократија за развој од Косово вели дека, голем проблем претставува недостатокот на соработка помеѓу институциите и министерствата. Тој го наведе и нетранспарентното трошење на јавните пари, кое влијае на избегнување на плаќање на даноци.

– Голем проблем е и правната несигурност. Честото менување на законите, прави даночните обврзници да не се сигурни, кој закон е на сила во однос на плаќањето на даноците – изјави Гаши.

Истражувањето „Мониторинг на скриената економија во Македонија, Албанија, Косово“ било спроведено во 2016 година, на 1.100 испитаници и 70 бизнисмени.


Во Каталонија затворени 15.000 работни места


Барселона, 3 ноември, 2017 - 10:40 (META) 

Во Каталонија во октомври, во екот на политичката криза околу прогласувањето на независноста на овој регион, затворени се 15.000 работни места, соопшти шпанското Министерството за вработување и социјална безбедност.

Политичката несигурност во Каталонија принудила 1.000 компании да ги преселат своите централи во други делови на Шпанија, од страв дека во случај на независност би можеле да останат надвор од заедничкиот европски пазар.

Каталонија е на прво место според бројот на загубени работни места во споредба со другите шпански региони.

Според податоците од централната влада во Мадрид, минатиот месец 58.000 лица во Шпанија останале без работа. Шпанија во моментов има 3,4 милиони невработени, што е најнизок степен во последните осум години.


Царовска: Во Македонија 21,5 отсто од населението живее во сиромаштија


Скопје, 17 октомври, 2017 - 11:22 (META) 

Во Македонија 21,5 отсто од населението живее во сиромаштија, а целта е на среден рок стапката на сиромаштија да се намали под 16 проценти во 2020 година, вели министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата (17 октомври).

Таа вели дека за исполнување на целта, клучен е економскиот развој кој ќе значи повеќе средства и услуги за сите.

– За да успее борбата против сиромаштијата, на младите мора да им се гарантира перспектива, можност да работат и да напредуваат дома, за да запре нивното иселување, а треба многу да се работи и на подобрување на економската позиција на жените во нашето општество, како и на квалитетно и достапно образование и социјални услуги – вели Царовска.

Според неа, во Македонија, за жал, покрај тие што немаат работа, сиромашни се и голем број вработени и поради тоа е важно зголемување на минималните приходи.


Порастот на економијата во Кина ќе изнесува повеќе од 6,5 проценти


Пекинг, 10 октомври, 2017 - 12:02 (META) 

Порастот на економијата во Кина за оваа година ќе изнесува повеќе од 6,5 проценти, а владините мерки за сопирање на пазарот со недвижнини и понатаму ќе останат на сила.

Аналитичарите исто така проценуваат дека економскиот пораст на Кина за цела 2017 година може да ја надмине целта на владата, откако втората најголема светска економија во првата половина од оваа година остварила поголема економска експанзија од очекуваните 6,9 проценти, поттикната од силната инфраструктурна потрошувачка на државата и експанзијата на пазарот на недвижности.

Благодарение на тоа, кинескиот економски пораст би можел да забрза првпат по седум години, по минатогодишниот забавување на 6,7 проценти, што е најниска стапка во последните 26 години.


„Балкански барометар 2017“: Сиромаштијата и корупцијата и понатаму најголеми проблеми


Скопје, 9 октомври, 2017 - 18:09 (META) 

Незадоволството на жителите во регионот на Југоисточна Европа е сè уште над просекот, но полека се намалува, а невработеноста, сиромаштијата и корупцијата и понатаму се меѓу главните проблеми.

Ова се дел од заклучоците претставени во истражувањето „Балкански барометар 2017“, што се извршува по нарачка на Регионалниот совет за соработка (РCC) на повеќе од 8.000 испитаници во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора и во Турција.

Истражувањето беше презентирано денеска во Брисел, во присуство на претставници од РCC, високи претставници од Европската комисија, експерти и невладини организации.

Како најголем проблем и понатаму се гледа невработеноста, а околу 50 отсто од испитаниците би живееле и би работеле во странство, но надвор од Балканот.

На прашањето колку сте задоволни со тоа како се одвиваат работите во вашето општество, во просек, 58 отсто од жителите на Балканот се незадоволни, а само 14 отсто се задоволни. Во Македонија, според истиот извор, 49 отсто се или целосно или делумно незадоволни, 34 отсто се индиферентни по тоа прашање, а 14 отсто се делумно или целосно задоволни.

Но, на прашањето за финансиската состојба, дури 82 отсто од домаќинствата во регионот се соочиле со проблем да не можат да си дозволат храна, облека или други основни потреби, при што најсиромашни се Косово, Македонија и Босна и Херцеговина. Во Македонија дури 90 отсто од испитаниците признале дека се соочиле со проблемот на сиромаштијата.

Како главно прашање за загриженост е и владеењето, а во тие рамки како најголем проблем се перципира корупцијата.
Перцепцијата за корупција е најголема во БИХ, додека најмали индекси бележат Црна Гора, Косово и Македонија.

На Балканот најмногу поткуп се плаќа во здравството. Во просек, 12 проценти од жителите на Балканот платиле поткуп во здравството, додека во Македонија 9 отсто. По здравството, најмногу поткуп им се плаќа на полицијата и на судството, а Македонија се истакнува по плаќање поткуп и за образование и за добивање разни други услуги од институциите.

Притоа, масовна е недовербата во борбата против корупцијата, бидејќи високи 73 проценти од испитаниците сметаат дека нивните влади не се борат ефикасно.

Во барометарот се направени и споредби за разликите во погледите помеѓу бизнис-заедницата и јавното мислење на граѓаните, бидејќи паралелно беше објавен и барометар за мислењето на приватниот бизнис-сектор. Притоа, бизнис-заедницата е многу поголем оптимист од граѓаните во поглед на прогрес на земјите од регионот во наредните 12 месеци, при што дури 43 проценти веруваат во тоа, додека меѓу испитаните граѓани само 25 отсто имаат позитивен став во поглед на ова прашање.

Тоа се однесува и на зачленувањето во ЕУ. Околу 57 проценти од бизнисмените сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа“, додека кај граѓаните тој процент е само 42 отсто.

Регионалниот совет за соработка во ЈИЕ е оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, чиј основач и член е и Република Македонија. „Балкански барометар“ се објавува редовно во последните неколку години и се смета за алатка за остварување на Стратегијата 2020.