!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Непрооден патот Македонски Брод – Здуње, отсечени 11 села


Скопје, 14 јануари, 2017 - 11:11 (META) 

Патниот правец Македонски Брод – село Здуње е непрооден за секаков вид сообраќај, соопштија од Автомото-сојузот на Македонија. На овој пат гравитираат 11 села кои сега се целосно отсечени.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови по претежно влажни коловози, наместа со остатоци од снег. Слаб дожд врне низ цела Македонија, додека снег со слаб интензитет паѓа на Попова Шапка, Стража, Маврово и во Буково.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.


На патот кон гостиварско Куново има половина метар снег, селото е отсечено


Гостивар, 11 јануари, 2017 - 13:46 (META) 

Гостиварско Куново е отсечено од градот бидејќи на патот кој води до нивното село има 50 сантиметри снег. Жителите велат дека се обратиле до сите институции надлежни за расчистување на патиштата, но не добиле позитивен одговор.

– Дваесетина жители во ова село се целосно отсечени од Гостивар, патот е прооден само за движење пеш или со теренски возила и со синџири за снег. Покрај овие жители, во селото има и животни и некои непостојани жители на селото ги чуваат и патуваат пеш до Гоствар за да ги нахранат. Ние сме свесни дека не може сите патишта да имаат ист приоритет, на тоа се спремни и жителите, па имаат резерви од продукти, но тоа не значи нашиот пат воопшто да не се се чисти – велат од месната заедница од Куново.

Републичкиот центар за управување со кризи Тетово (РЦУК) известува дека сообраќајот се одвива во зимски услови и отежнато, особено на повисоките планински села каде е неопходна употреба на зимска опрема.

– Има одредени забелешки од граѓани кои се жалат на несоодветно исчистени патни правци од страна на „Македонија пат“ – Тетово, а особено за патниот правец од село Калник до Палчишка Река и стариот пат Желино – Групчин. По разговорот со раководителот на „Македонија пат“ – Тетово, добиена е информација дека при првата можност посочените правци повторно ќе бидат исчистени и проширени од нивна страна – велат од РЦУК  Тетово.

Оттаму додаваат дека магистралниот пат Гостивар – Стража е прооден и проширен и има фрлено сол. На кракот Маврово – Дебар, има забрана за движење за тешки товарни моторни возила.

Кружниот тек околу Мавровското Езеро е исчистен и прооден во еден правец. Се очекува машина за целосно расчистување на патниот правец околу езерото во двата правца.

За Лазарополе и за Галичник засега не е планирано чистење на патот од наносите од снег, информираат Центарот за управување со кризи.


Патот до Драгоево и до Селце четврти ден непрооден


Штип, 9 јануари, 2017 - 16:05 (META) 

Жителите на двете штипски села Драгоево и Селце веќе четврти ден се завеани од снегот, кој на места, поради наносите, е со висина до еден метар. На помош е повикана механизацијата на „Македонија пат“, која денеска го расчистува патот. Се очекува до крајот на денот селата да бидат пристапни.

Во делови околу Штип има наноси од снег високи и до четири метри. Ветерот кој почна да дува по престанувањето на снежните врнежи, и понатаму прави проблем на сообраќајот. Дотраената механизација е дополнителен проблем.

Одговорниот за надзор во „Македонија пат“, Мите Митков, вели дека Штип и Свети Николе биле најпогодени од првиот снежен бран.

– Да не беше ветерот на територија на Штип и на Свети Николе, патиштата ќе беа целосно расчистени – изјави Митков.

Снежното време ги наполни болниците и лекарските ординации. Повеќе од 1.050 заболени од грип се регистрирани во Штип, а седум пациенти се хоспитализирани со скршеници. Најлошо на снегот поминале делчевци. Со скршеници на раце или нозе завршиле 15 жители на Делчево.