Хамнеи ги обвини „непријателите на Иран“ за поттикнување на антивладините протести


Техеран, 2 јануари, 2018 - 16:01 (META) 

Иранскиот врховен верски лидер, aјатохалот Али Хамнеи ги обвини „непријателите на Иран“ за поттикнување на насилните антивладини протести кои изминативе неколку дена се случуваат во земјата и во кои досега настрадаа 22 лица, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Во својот прв коментар од почетокот на протестите на 28 декември, минатата година, Хамнеи ги обвини „непријателите на Иран“ за мешање во внатрешни работи на земјата преку пари, оружје, политика и разузнавачки служби.

„Непријателите секогаш бараат прилика и било каква пукнатина да се инфилтрираат и да ја нападнат иранската нација“, е цитатот на Хамнеи објавен денеска на официјалната веб-страница на врховниот верски лидер на Иран.

Инаку, протестите се одржуваат во десетина градови во Иран, меѓу кои главниот град Техеран, каде според заменик-гувернерот Али Асгар Насербахт, досега се уапсени 450 лица.

Некои од демонстрантите, како што се наведува, кинеле слики со ликот на ајатолахот Хамнеи, кој е врховен верски лидер на Иран од 1989 година.


ССНМ: Македонија не смее да биде земја во која нема слобода на медиуми


Скопје, 3 мај, 2017 - 9:39 (META) 

„На Денот на слободата на медиумите, за жал, Македонија спаѓа во земјите во кои не постојат слободни медиуми. Тоа го покажува индексот на „Фридом хаус“ за 2017 година, според кој се мерат слободата на изразувањето и слободата на медиумите. И оваа година на скалата на „Репортери без граници“ Македонија е последна во регионот“, се вели во соопштението на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Од синдикатот велат дека само неколку дена пред одбележувањето на Денот на слободата на медиумите, по речиси 20 години опстојување, се затворија неколку весници кои некогаш беа бедем на слободното новинарство.

„Зад таквиот поразувачки резултат, стои долгогодишното создавање атмосфера на страв, закани од отпуштања новинари од работа, затворање на слободните медиуми и нивно прогласување за државни непријатели. Етикетирање, шиканирање, физички напади, а во некои случаи и затвор за новинарите кои критички ги опсервираат политичките, економските и општествените состојби во земјата. Од друга страна, се негуваат и се создаваат пропагандистички машинерии, кои шират лаги и невистини затскривајќи се зад новинарската професија“, велат од ССНМ.

Оттаму додаваат дека подметнувањето и ширењето на лажните вести, на пропагандата и користењето на медиумите за манипулација е проблем што демократскиот дел од светот почна да го препознава неодамна, но во Македонија новинарите и медиумските работници веќе со години го сведочат.


Трамп ги нарече „Си-ен-ен“, „Ен-би-си“, „Еј-би-си“ и „Си-би-ес“ непријатели на Американците


Вашингтон, 18 февруари, 2017 - 17:33 (META) 

Претседателот на САД повторно ги нападна американските медиуми, нарекувајќи ги непријатели на американскиот народ.

Трамп од својата викендичка во Калифорнија објави твит во кој се наведуваат медиуми како што се „Њујорк тајмс“, „Си-ен-ен“, „Ен-би-си“, „Еј-би-си“ и „Си-би-ес“ дека не се негови, туку непријатели на Американците.

Трамп за време на претседателската кампања ги обвинуваше медиумите дека се пристрасни. Тој ги обвини новинарите дека не покажуваат доволно почит кон неговите успеси.

Американскиот претседател на конференција за медиуми одржана во четвртокот ги обвини медиумите дека се виновни за неуспесите на неговата администрација.

За четири недели на власт, на Трамп му се случи оставка на советникот за национална безбедност, повлекување на кандидат за член на кабинетот и пропаст на политиката за имиграција.