Новинар на „Телма“ нападнат пред зградата на МВР


Скопје, 20 октомври, 2016 - 23:11 (META) 

Новинарот на телевизијата „Телма“, Павле Беловски, вечерва бил физички нападнат од непознато лице пред зградата на Министерството за внатрешни работи (МВР), непосредно пред да се вклучи во живо во последното издание на вестите, јави телевизијата.

Напаѓачот му се доближил на новинарот и почнал да го удира со тупаници. Новинарот не бил повреден, а неколкумина полицајци кои биле во близина, веднаш притрчале и го привеле напаѓачот.

Телевизијата најави дека ќе поднесе пријава за напад на новинар во момент додека ја извршувал својата професионална задача.

Засега нема информации за причините и за мотивите за физичкиот напад.


Непознато лице пукало во полициска екипа во селото Чифлик, Тетовско


Тетово, 10 септември, 2016 - 15:44 (META) 

Непознато лице синоќа пукало во полициска екипа во селото Чифлик, која дошла да изврши проверка по претходна пријава дека во селото има две сомнителни возила, информираат од МВР.

Според полицијата, околу 23.30 часот, на влезот во селото биле паркирани две возила, едното „опел вектра“ со гостиварски регистарски ознаки, во кое имало едно непознато лице, а другото, марка „ауди а3“ со скопски таблички, во кое имало четири лица.

Кога се доближиле полицајците, лицето од „опелот“ истрелало неколку куршуми од огнено оружје кон нив, на што тие веднаш возвратиле. Лицето по пукањето успеало да побегне, а другите четворица од другото возило биле приведени во СВР Тетово и по извршениот разговор се пуштени.

Во инцидентот нема повредени, велат од МВР, а по извршениот увид на местото, во тек се мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.


Ловџија влегол и пукал во кругот на касарната „Еребино“


Тетово, 24 февруари, 2016 - 15:49 (META) 

Непознато лице во маскирен елек, со ловечка пушка и со ловечки кучиња вчера утро влегло во кругот на касарната „Еребино“, во тетовското село Сиричино и испукало неколку истрели, информираат од МВР.

Според полициските информации, вчера околу 7.15 часот, професионален војник во оградениот круг на касарната забележал непознато лице во маскирен елек, со црна капа на главата, ловечка пушка во рацете и ловечки кучиња, а потоа слушнал два истрели.

Непознатото лице било предупредено, но успеало да избега. По настанот бил извршен преглед на теренот и биле пронајдени 5 патрони, калибар 12 милиметри.

Од полицијата велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.