СОС: Нерегистрирана NGO, GONGO или PONGO?


Скопје, 15 февруари, 2017 - 10:32 (META) 

„Стоп операција Сорос“ (СОС), претставена на јавноста на 17 јануари годинава, чии единствени декларирани припадници засега се историчарот Никола Србов, кој честопати гостува во неколку медиуми како „политички аналитичар“, и новинарите Цветин Чилиманов и Ненад Мирчевски, во медиумите доби различни описи. Од една национална телевизија, на пример, тројцата беа оквалификувани како „иницијативен одбор за формирање граѓанско здружение, „Стоп операција Сорос“.  Во некои медиумски извештаи беа претставени како „граѓанско движење“, а некаде како „иницијативен одбор за формирање граѓанско движење“, па дури и како „невладина организација“.

Според правен експерт што го консултираше „Мета“, во принцип сите форми на дејствување, исто како во случајов, треба да бидат регистрирани. Интересен пример во таа насока е Движењето Беса, кое почна како движење, а потоа се регистрираше како партија, но во статутот сè уште како име стои „Движење Беса“, а е регистрирана според Законот за политичките партии. Експертот што го контактиравме посочува дека секоја форма за остварување некаква политичка цел, во принцип, без разлика под кое име функционира, треба да се регистрира, макар како здружение или организација. За такво нешто регулативата е дадена во Законот за здруженија и фондации.

CentRegSOS

Кликнете за поголема верзија

„Мета“ побара информација и од Централен регистар за тоа дали е регистриран субјект под името „Стоп операција Сорос“. Одговорот е дека до 8 февруари, до околу 14.30 часот, „не се евидентирани податоци за субјект со назив Здружение на граѓани „Стоп операција Сорос“.

„Во врска Вашето барање, а врз основа на упишаните податоци во Трговскиот регистар и регистар на други правни лица доставени преку едношалтерскиот систем во Централниот регистер на РМ и пренесени во Трговскиот регистар и регистар на други правни лица, во моментот на подготвување на известувањето во електронската база со податоци не се евидентирани податоци за субјект со назив Здружение на граѓани Граѓанско движење СТОП ОПЕРАЦИЈА СОРОС“, гласи информацијата што ја добивме.

На фејсбук-страницата „Стоп Операција Сорос/Stop Operation Soros“ преку која се обраќаат на јавноста, пишува дека станува збор за „Non-Governmental Organization“ (NGO), односно невладина организација. На веб-страницата „STOP OP SOROS“, која е со македонски домен, пак, пишува дека станува збор за „движење“, односно „глобална иницијатива“.

Инаку, здруженијата и организациите блиски до власта во светот се нарекуваат GONGO (Government organized NGO/невладина организација организирана од владата) или PONGO (Party organized NGO/невладина организација организирана од политичка партија). Тие се спонзорирани од власта или од политичка партија за да се борат за нивните политички интереси, а притоа, да глумат вообичаена невладина организација, да се претставуваат како дел од граѓанското општество и на територијата на земјата, но и на меѓународно ниво.

Термините GONGO/PONGO првпат се употребени уште во 1989 година, кога е откриено дека уникатната позиција што ја имаат невладините организации може да се злоупотреби и во теснополитички цели за задоволување на интересите на мали, но моќни специјални интереси.

GONGO/PONGO, значи, се основаат за да се остварат внатрешно-политички или надворешно-политички цели, понекогаш тоа се прави и за да може да се извлече меѓународна помош или за вистински хуманитарни цели или од коруптивни или други криминални причини, при што тогаш GONGO/PONGO се само маска за активности поврзани со подземјето.

За финансирањето на СОС, историчарот Србов за „Поглед“ вели се финансираат „од активисти кои секојдневно ни се приклучуваат во голем број“, како и дека ги „води идејата, а не финансиите“.

Еден од тројката основачи, Чилиманов, е новинар, потпретседател на Македонската асоцијација на новинари (МАН), која досега нема јавно објавено ниеден годишен финансиски извештај што е законска обврска на невладините организации. Асоцијацијата дејствува како пандан на Здружението на новинарите на Македонија, но за разлика од него, не дава отчет за своите финансии. Тој е уредник на сервисот на англиски јазик на Македонската информативна агенција (МИА), која е акционерско друштво во државна сопственост, што значи дека добива плата од државата. Според финансискиот извештај за 2015 година, доставен на 14 јули 2016 година до Македонска берза, вкупните приходи во таа година на агенцијата биле 49,61 милиони денари. Од буџетот на РМ, односно од Владата, која е сопственик на МИА, во таа година биле префрлени 40 милиони денари, а остатокот од 9,61 милион денари се други приходи на агенцијата.

Чилиманов претходно беше вработен во кабинетот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а потоа се вработи во МИА, од каде беше испратен како дописник во Вашингтон.

Другиот дел од „движењето“, Ненад Мирчевски и Никола Србов, се сврзани со магазинот и со веб-страницата „Република“, за кои до лани не се знаеше точно кој е сопственикот, оти издавачот, фирмата „Иресине лимитед“, беше регистрирана во даночниот рај Белизе до јули лани, кога нејзин сопственик стана дотогашниот директор Доне Доневски. Мирчевски е повеќе години новинар и уредник во „Република“, а Србов е колумнист.


Лавина барања за извинувања и деманти на тврдењата на Чилиманов и на СОС


Скопје, 6 февруари, 2017 - 15:58 (META) 

Деманти на нападите и на обвинувањата изречени од новинарот Цветин Чилиманов и од Никола Србов, кои заедно со новинарот Ненад Мирчевски, во саботата на прес-конференција изрекоа многу обвинувања и клевети, продолжуваат да стасуваат до медиумите и попладнево.

Уште шест невладини организации, НВО Инфоцентар, Младински културен центар – Битола, Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ – Велес, Центар за одржлив развој на заедницата –Дебар (ЦОРЗ), „Евротинк“ од Скопје и „Пактис“ од Прилеп, изречените тези од иницијативата „Стоп операција Сорос“ ги нарекоа груби лаги, клевети и манипулации. Тие побараа објавување на демантите во медиумите и извинувања.

„Граѓаните добро знаат дека НВО Инфоцентар непрекинато веќе 13 години работи независно, непартиски и транспарентно, залагајќи се за слобода на изразување, слободни медиуми, демократија и почитување на правата на сите граѓани во Република Македонија“, реагира НВО Инфоцентар.

Младинскиот културен центар – Битола вели дека се спомнати неточни високи суми на префрлени средства од страна на Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија на сметката на МКЦ-Битола, наводно за предизборни активности.

Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ – Велес тврдењата на „Стоп операција Сорос“ ги нарече груби лаги и манипулации.

„Згрозени сме од оркестрираниот напад на три лица кои под превезот на некаква независна граѓанска иницијатива се осмелија да ја вмрежат Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ – Велес во некаква шема со исто така граѓански здруженија, кои наводно работат надвор од законските прописи и по нечиј диктат“, се вели во нивната реакција.

Центарот за одржлив развој на заедницата –Дебар (ЦОРЗ), тврдењата на СОС ги нарече „гнасни лаги и невистини“.

„ЦОРЗ – Дебар ја демантира изјавата на СОС дека работи по наредба на Фондацијата „Отворено општество“, според агенда диктирана од Џорџ Сорос и на политички кампањи на СДСМ. Напротив, ЦОРЗ – Дебар работи на остварување на своите цели во согласност со статутот на програмските области: добро владеење, одржлив развој и младински прашања“, се вели во демантот.

Претходно со деманти реагираа и фондацијата „Метаморфозис“ и многу  други граѓански здруженија и организации.


Хелсиншкиот комитет бара од медиумите и од СОС да ги повлечат статиите и да се извинат


Скопје, 6 февруари, 2017 - 15:41 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ врши директен атак врз кредибилитетот и врз угледот на Хелсиншкиот комитет и на бранителите на човекови права, реагира Хелсиншкиот комитет за човекови права во својот демант на тврдењата изнесени на прес-конференцијата во саботата од Цветин Чилиманов, Ненад Мирчевски и од Никола Србов.

Комитетот побара од медиумите што објавиле статија под наслов „Организациите на Сорос со години наназад добивале милионски суми пред изборите во Македонија“ во рок од 48 часа да ја повлечат статијата, да го објават демантот и јавно да се извинат.

– Преку објавување на навредите и клеветите на СОС, вашиот медиум ги прекрши етичките вредности и професионалните стандарди на чесност, објективност и на веродостојност при пренесувањето на информациите. Иако сте биле во можност, статијата сте ја објавиле без претходно да ја потврдите веродостојноста на објавените тврдења. Во отсуство на потврда на изнесените наводи, вие сте биле должи и сте можеле да знаете дека тие се невистинити, но сепак сте ја објавиле статијата со невистинити факти што се штетни за угледот и за честа на Хелсиншкиот комитет и на неговите членови, со што е сторена навреда и клевета согласно членовите 6 и 8 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“, се вели во писменото барање.

Хелсиншки комитет нагласува оти е неточно дека, според СОС, првите луѓе на организацијата – Гордан Калајџиев, Уранија Пировска и Мирјана Најчевска – биле секогаш први на протестите организирани од СДСМ. Ваквите тврдења, како што велат од комитетот, не само што не се точни, туку се насочени и кон омаловажување на угледот на организацијата и кон повреда на честа и на угледот на нејзините членови.


Серија деманти и најави за тужби од НВО и од граѓански организации за клеветите на СОС


Скопје, 6 февруари, 2017 - 11:38 (META) 

Реакциите, демантите и најавите за тужби од голем број граѓански здруженија и асоцијации против тврдењата и клеветите на „Стоп операција Сорос“ (СОС) изнесени во саботата, продолжуваат. По реакциите од вчера, денеска со барања за извинување и со деманти се јавија и здружението „Регионален центар за одржлив развој“ од Кратово, Организација на жени од Струмица, Здружението „Факултет за работи што не се учат“ и Центар за современи уметности – Скопје. Обвинуваат дека без основа и спротивно на вистината се оцрнува нивната работа, која е транспарентна и може да се провери.

Од Регионален центар за одржлив развој – Кратово велат дека од формирањето во 2003 година со средства од програмата на Европската агенција за реконструкција, досега реализирале поголем број проекти самостојно и во партнерство со други организации од Македонија и od Европа. За сите активности подетални информации можат да се најдат на www.regionalencentar.org.mk, велат од организацијата и бараат извинување од СОС, најавувајќи дека ако тоа не се случи, ќе поднесат тужби за навреда и за клевета.

Слична реакција стаса и од Здружението „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ). Тие велат дека тврдењата на Цветин Чилиманов на прес-конференцијата во саботата, се „злонамерни клевети, неточни, непрофесионални, нечесни и малициозни лаги, наменети за наштетување на угледот на ФРУ и на соработниците“.

Здружението побара јавно извинување во рок од седум дена, а во спротивно ќе поднесе тужби за навреда и за клевета.

Од Здружението на жени од Струмица исто така порачуваат дека груби клевети и навреди се тврдењата дека на нивната сметка легнувале милионски суми кои биле користени за партиски активности и за цели на СДСМ.

„Организација на жени на општина Струмица не е ниту „дел од партијата СДСМ“ ниту, пак, „партиски клуб на партијата“, како што наведуваат од движењето СОС. Организација на жени на општина Струмица не е наменски основана за нечии цели. Ние сме граѓанска организација основана во 1991 година, со една и единствена цел –  да ги промовира, застапува и да ги штити правата и интересите на граѓаните“, се вели во реакцијата.
Организацијата побара извинување од Цветин Чилиманов и од Никола Србов во рок од седум дена, а во спротивно ќе поднесе тужби за навреда и за клевета.

Со остра реакција се огласи и Центарот за современи уметности – Скопје, негирајќи дека е „дел од организации на чии сметки легнувале милионски суми кои биле користени за партиски активности и за цели на СДСМ“. Велат дека парите што тие ги добиваат од донатори никогаш не биле и нема да бидат користени за целите на која било партија.