Вработените во „Колска“ блокираа возови поради неисплатени плати


Велес, 16 април, 2018 - 12:22 (META) 

Вработените на фабриката за шински возила „Колска“ утрово од 7 до 9 часот ја блокираа Железничката станица во Велес, поради доцнењето на платите и тоа со месеци, јави СДК.

За време на двочасовниот штрајк беше блокиран патничкиот воз од Скопје за Битола, кој поради тоа доцнеше 90 минути. Работниците велат дека штрајкуваат и поради тоа што неодамна им било соопштено дека „Колска“ ќе се продава.

– Немаме плата за сите месеци од оваа 2018 година, како и за септември и октомври лани – вели Слободан Димитриевски претседател на синдикатот во „Колска“.


Железничарите го откажаа штрајкот, ќе почекаат на ноемвриската плата


Скопје, 25 декември, 2017 - 15:49 (META) 

Вработените во Македонски железници – Транспорт, се договориле да го одложат штрајкот кој претходно го договорија за утре, поради најавата од раководството на претпријатието и на Владата дека неделава ќе им биде исплатена целата плата за ноември.

Пред извесно време, со штрајкот кој траеше три дена, вработените во МЖ – Транспорт издејствуваа да им биде исплатена втората половина од платата за октомври, а тогаш најавија дека повторно ќе стапат во штрајк ако до 25 декември не им биде исплатена целата плата за ноември.

На седницата во петокот владата прифатила одлуки на двете државни енергетски претпријатија, ЕЛЕМ и МЕПСО, со кои му позајмуваат пари на АД Македонски железници – Транспорт, за исплата на ноемвриската плата.


Вработените во „Колска“ блокираа возови во Велес


Велес, 5 јули, 2017 - 11:59 (META) 

Вработените во фабриката за шински возила „Колска“ во Велес изутринава го блокираа железничкиот сообраќај. На железничката станица во Велес, утрово штрајкувачите блокираа четири патнички возови, три домашни и еден меѓународен, кои од 7 до 9 часот стоеја на станицата во Велес.

Вработените тврдат дека блокадата на сообраќајот е единствениот начин да извршат притисок врз „МЖ – Транспорт“ и врз Министерството за транспорт и врски за исплата на заостанатите плати.

– Остваривме средба со премиерот Зоран Заев, добивме ветување дека ќе ни се исплатат заостанатите плати, се сретнавме и со министерот Сугаревски и со директорот на „МЖ – Транспорт“, но решение нема. Денеска е десетти ден, пари нема, тоа ни го кажа и директорот на „МЖ – Транспорт“. Ние си ги бараме парите што ни се одработени, 6,5 милиони денари имаме одработено, тоа е доволно за една и пол плата – вели синдикалецот Слободан Димитриев.

Од синдикатот велат дека доколку во текот на денешниот ден не им бидат исплатени бараните плати, блокадата на железничкиот сообраќај ке продолжи и утре, но тогаш ќе трае 60 минути подолго, односно од 7 до 10 часот.


Заев вети дека ќе се реши проблемот со платите во „Колска“


Скопје, 27 јуни, 2017 - 13:47 (META) 

Премиерот Зоран Заев презел обврска уште денеска да почне решавањето на проблемот на вработените во фабриката „Колска“ во Велес, кои шест месеци немаат земено плата, а ќе се најде и трајно решение за статусот на компанијата, соопшти Владата.

На средбата со синдикатот на фабриката за шински возила „Колска“ од Велес, Заев ветил дека проблемот финансиски ќе биде решен, со што 125 вработени во најкус можен рок ќе можат да си ги земат одработените плати.

„Претставниците на синдикатот се пожалија дека досега се соочувале со несериозен однос од страна на државата, поради што освен што е загрозена егзистенцијата на вработените, тие немаат ни здравствено осигурување и поради тоа, дел од нивните колеги се соочуваат со сериозни здравствени последици. Претставниците на синдикатот на фабриката за шински возила „Колска“ велат дека проблеми со платите имаат со години поради несигурниот работен статус и проблемите поврзани со опстанокот на фабриката. Тие посочуваат дека фабриката ѝ е потребна на државата, но, според нив, од необјасниви причини не се користела, додека биле распишувани тендери со странски фирми за одржување на патнички и товарни вагони, што е нивна дејност. Тие како решение предложија враќање на фабриката „Колска“ во рамки на ЈП „Македонски железници“, соопшти Владата.